Апел за помош на Мартин Талевски, четиригодишно дете од Велес за лекување во САД, е последниот од низата барања за донации на кој деновиве се одзиваат граѓаните. Во апелот се вели дека поради тумор, потребно е тој да се лекува во болница во САД каде би имал од три до шест интервенции.
Цената за три интервенции е 52.500 долари.
Семејството на Мартин поднело барање Фондот за здравствено осигурување(ФЗОРСМ) да се лекува на државна сметка.
„За осигуреникот Мартин Талевски поднесено e барање на 6 јуни 2024 година“. Предметот уште е во процедура“, ни потврдија од Фондот.
Но, Мартин нема време за чекање - болеста прогресира, секој ден е ризик, па за 2 јули веќе е закажана првата операција во болницата во САД. Затоа, истовремено се собираат и донации - апели за помош испратија и поединци и институции од Велес, меѓу кои градинката „Димче Мирчев“, градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски, игротеки, гостилници... на повеќе локации се поставени кутии за донации, а се отворија и телефонски броеви.
Малиот Мартин е еден од многуте луѓе за кои секојдневно се бара помош од граѓаните за лекување во странство. Активни се десетици апели за истата цел, за деца и за возрасни и за најразлични дијагнози. Многумина од нив не ни поднесуваат барања до Фондот, поради обемната документација што треба да ја соберат и роковите за одлучување.
И бројките покажуваат - минатата 2023 се намалил бројот на барања до ФЗОМ за лекувања во странство, во споредба со годината претходно – од 347 барања во 2022 година, на 307 барања во 2023.
Притоа, 44 барања биле одбиени од Фондот.
Намален е и бројот на извршени лекувања – од 264 во 2022, на 243 во 2023 година. За нив, лани Фондот исплатил 335 милиони денари (околу 5,4 милиони евра). Тоа е зголемување од 3,2 отсто во споредба со парите исплатени во 2022 година.
Просечниот износ за едно лекување во 2023 година изнесува 1,38 милиони денари по пациент.
Турција, Германија и Австрија се земјите во кои најчесто се испраќаат македонски граѓани на лекување во странство.
Граѓаните, пак, само преку платформата за донации eCrowd.mk донирале 100.000 евра во последните три месеци. Дополнителни се донациите преку телефонски броеви, трансакциски сметки или други начини на собирање пари за помош на оние на кои им се потребни.
И второстепената комисија го одби лекувањето на Леонид Индов
Иако министерот за здравство, Илир Демири, во февруари изјави дека „Владата и Министерството за здравство се комплетно посветени и ќе се изнајде решение со кое ќе му се помогне на Леонид Индов, односно ќе му бидат покриени трошоците за лекување во Виена“, такво решение досега не е најдено.
Младиот Леонид минатото лето доживеа тешка несреќа на летување во Грција што предизвика сериозна повреда на рбетниот мозок. Во февруари со хелихоптер за медицински транспорт од хелихоптерската единица на МВР беше испратен во Виена, во присуство на државни функционери, но државата не го плати неговото лекување.
И второстепената комисија на Фондот ја одбила жалбата што ја поднесе Бранко Индов, татко на Леонид.
Според неговото семејство, Леонид ќе се лекува во Виена до август - што потоа, не се знае.
„Второстепената комисија на ФЗОРСМ донесе негативно решение по однос на жалбата на осигуреникот Л.И. Одговорот на Центарот во Австрија каде што престојува осигуреникот не соодвествува со барањето на Фондот, а нема доставено понуди од други здравствени установи во странство за дијафрагмален стимулатор со кој ќе му се олесни дишењето и ќе се намали механичката вентилација“, ни одговорија од Фондот.
Бирократијата при собирање на потребните документи, долгата процедура и стравот дека Фондот ќе им го одбие барањето, се причините поради кои граѓаните се одлучуваат да не губат време и да бараат донации за лекување.
Некогаш сумите се собираат и за 24 часа, особено ако станува збор за деца.
„Случаи многу, барања има секојдневно. Можам да кажам дека навистина се траорни. Од прва до последна, сите се во тешка ситуација, секаде има потреба од помош. Овој тип на платформа и овој тип на донаторство, и ова развивање на филантропијата е нешто што треба да постои во иднина. Единствениот начин за некои случаи да видат светло, е ваков тип на донации“, рече д-р Бојан Трајковски во интервју за РСЕ.
Според него, и Фондот мора да прави „тријажа“ на одредени случаи бидејќи здравствениот систем не може толку многу да постигне на сите да им се помогне.
„Има ситуации кога е несфатливо неприфаќање на одреден случај кој можеле да го решат. Видовме одреден простор каде ние како поединци се обидуваме да направиме нешто и тоа е некој почеток каде ќе успееме да направиме големи разлики кај многу луѓе“, вели Трајковски.
Германска болница поднела 12 тужби против Фондот
Болница од Германија во 2021 и 2022 година поднела 12 тужбени барања против Фондот, з аплаќање на трошоците за лекување направени од 2017 до 2019 година во износ од над 430.000 евра, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работата на Фондот за 2022 година, а кој беше објавен деновиве.
За дел од тужбите, има и пресуди од германски суд со кои ФЗОМ е задолжен да ги плати трошоците за лекување, утврдиле ревизорите.
Државниот завод за ревизија во неколку последователни извештаи укажа дека има слабости во начинот на кој Фондот одобрува лекувања во странство.
„Во постапката за упатување за лекување во странство на осигурените лица постојат слабости и неправилности, при што не е обезбедена соодветна правна заштита на барателите и не е воспоставена контрола и систем на следење на успешноста на лекувањето во странство. Побарувањата за дадени аванси за лекување во странство нецелосно се евидентирани и не се воспоставени соодветни контроли за потврдување на фактурите од странските болници. Ваквата состојба резултирала со тужбени барања од странска болница, за кои постои неизвесност за крајниот исход“, се вели во извештајот на ДЗР за 2022 година.
И во претходниот извештај за 2021 година, ревизорите препорачаа да се поедностават процедурите, точно да се дефинираат роковите и да се намали обемот на документација.
Исто така, препорачаа Фондот да воведе контрола на содржината на доставените фактури од странските болници како и да се пропише начинот на кој ќе избираат странските болници во кои се упатуваат пациентите кои во својата земја не можат да ја добијат потребната здравствена нега.
Во Северна Македонија, годишно се одвојуваат низок процент од околу 7,5 отсто од БДП за здравствена заштита. Со тоа е една од земјите во Европа која најмалку троши од средствата за јавно финансирање на здравствената заштита, па граѓаните се оптоварени со висок степен на приватни плаќања и покрај плаќањето на придонесите за здравствено осигурување.