Откако американскиот претседател Џо Бајден ја поддржа неговата потпретседателка, Камала Харис, да го замени како кандидат за претседател на Демократската партија, не прекинуваат шпекулациите за тоа дали таа и официјално ќе биде кандидатка на демократите.
Заедно со Бајден, својата поддржка за Харис ја дадоа и поранешниот претседател Бил Клинтон и неговата сопруга, поранешна државна секретарка и неуспешна демократска претседателска кандидатка за 2016 година Хилари Клинтон.
Но, неколку други големи функционери на Демократската партија се воздржаа да ја поддржат - вклучително и поранешниот претседател Барак Обама, поранешната претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, лидерот на малцинството во Претставничкиот дом Хаким Џефрис и лидерот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер, бидејќи многу партиски лидери мислат дека има други кандидати кои имаат поголеми шанси да го победат републиканскиот кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп на изборите на 5 ноември.
Самата Харис во изјавата рече дека иако е почестена што ја добила поддршката од Бајден, нејзината намера била „да ја заработи и да ја освои оваа номинација“, сугерирајќи дека не ја исклучува можноста да се соочи со други за да ја добие номинацијата, што пак официјално ќе биде направено на Демократската национална конвенција во Чикаго, Илиноис, од 19 до 22 август.
Повици за „отворен процес“
Некои аналитичари сугерираат дека ќе се одржат „мини-примарни избори“ меѓу Харис и сите други можни претседателски кандидати за да се утврди кој ќе биде номиниран. Нејасно е како тој процес би функционирал. Но, одборот за правила на Демократскиот национален комитет, кој треба да се состане два дена откако кандидатот кој победил на првичните избори се повлече од претседателските избори, ќе одреди како партијата ќе оди напред.
Обама рече дека има „извонредна доверба дека лидерите на нашата партија ќе можат да создадат процес од кој ќе произлезе извонреден кандидат“.
Ако се одржат мини-примарни избори, тоа најверојатно ќе го одреди победникот многу пред конвенцијата на демократите и конечниот избор ќе биде формално објавен во Чикаго. Но, други велат дека во наредните денови би можел да започне натпревар меѓу Харис и другите кандидати и дека изборот сепак ќе го направат илјадниците делегати кои ќе бидат на партиската конвенција.
Поранешниот функционер од администрацијата на Обама, Дејвид Акселрод, политички консултант и висок политички коментатор за Си-Ен-Ен, рече дека главните лидери во Демократската партија размислуваат пред да застанат зад Харис, затоа што прашуваат „како и кој може да го победи Доналд Трамп во ноември“.
Во најновата национална анкета, спроведена од CBS News, Трамп имаше предност од 52 наспроти 47 отсто пред Бајден и 51 отсто наспроти 48 отсто предност пред Харис. Трамп, исто така, е во предност во анкетите во повеќето сојузни држави, кај оние каде гласовите меѓу демократите и републиканците се многу тесни и честопати непредвидливи.
И покрај повиците за одржување на отворен процес со повеќе кандидати, никој „не ја фрли капата во рингот“ неколку часа по најавата на Бајден.
„Тоа кажува дека никој не објавил, барем не веднаш, дека ќе ја предизвикаат. И така, во моментов Харис е фаворит да биде номинирана“, изјави за РСЕ Метју Далек, професор по политички науки и историчар на Универзитетот Џорџ Вашингтон.
Можни „предизвикувачи“ на Харис
И покрај тоа, следните се некои од имињата кои се предложени како можни предизвикувачи на Харис.
Гретчен Витмер (52 години), гувернерка на Мичиген: популарна гувернерка во клучна држава, Витмер е релативно млада и има одредено национално признание бидејќи нејзиното име често се споменуваше како можна замена за Бајден доколку тој се повлече. Трамп во моментов победува во анкетите во Мичиген и Витмер би можела да помогне демократите да ја освојат оваа држава.
Џо Манчин (76), сенатор од Западна Вирџинија: лут законодавец кој често налути многу демократи затоа што не гласаше секогаш со своите колеги демократи, Манчин се регистрираше како независен претходно оваа година. Тој на 21 јули рече дека размислува да се пререгистрира како демократ и да се кандидира против Харис.
Џош Шапиро (51), гувернер на Пенсилванија: слично како Витмер, Шапиро е популарен млад гувернер на важна свинг државa. Бајден победи во Пенсилванија на претседателските избори во 2020 година, но сега е зад него во анкетите. Меѓутоа, Шапиро на 21 јули рече дека ја поддржува Харис за претседател.
Гавин Њусом (57), гувернер на Калифорнија: Њусом нашироко се сметаше за главен кандидат кој би можел да го замени Бајден поради шпекулациите за негово повлекување, па дури и одржа национална дебата со гувернерот на Флорида Рон ДеСантис во ноември, кога ДеСантис го предизвикуваше Трамп за номинација. Меѓутоа, Њусом претходно изјави дека нема да се кандидира против Харис.
Други можни кандидати кои се споменуваат се гувернерот на Илиноис, Џ.Б. Прицкер (59), гувернерот на Кентаки, Енди Бешеар (46), гувернерот на Мериленд, Вес Мур (45), сенаторот од Њу Џерси, Кори Букер (55), поранешниот градоначалник на Њу Орлеанс, Мич Ландрие (63) и поранешната прва дама Мишел Обама (60).
Кој би можел да биде потпретседател?
Ако лидерите на Демократската партија на крајот ја поддржат Харис како кандидатка, тогаш во центарот на вниманието ќе биде кој ќе се кандидира за нејзин потпретседател.
„Има многу силни, помлади демократи. И под претпоставка дека тоа ќе биде Харис, мислам дека таа ќе има многу опции. И тоа би било точно за секој кандидат. Но, очигледно дека таа би сакала да ја балансира листата на демократите“, вели професорот Далек.
Ако Харис навистина се обиде да постигне некаков баланс, малку е веројатно дека би избрала жена за нејзин партнер. Тоа најверојатно ќе ги елиминира Гречен Витмер и Мишел Обама како опции. И бидејќи таа е и афроамериканка и азискаамериканка, аналитичарите велат дека исто така не е веројатно таа да избере припадник на малцинство за нејзин потпретседател. Тоа би можело да ги елиминира луѓето како Мур и Букер.
Но, другите можни предизвикувачи на Харис за претседателската номинација тогаш веројатно ќе бидат меѓу водечките кандидати за нејзин потпретседател. Исклучок може да биде Њусом, бидејќи тој е од Калифорнија, истата држава како Харис. Тоа е затоа што постои клаузула во 12-тиот амандман на Уставот на САД, според кој не се дозволува двајца кандидати од иста држава да се кандидираат на иста листа.
„Ако е Харис, тогаш мислам дека некои од овие гувернери од црвените (држави во кои републиканците го имаат мнозинството) или „свинг државите“ (државите во кои двете главни политички партии имаат приближно ист број на приврзаници) би и биле политички многу привлечни. Тука влегуваат гувернерот на Кентаки, Башеар, гувернерот Рој Купер од Северна Каролина, Шапиро, популарниот гувернер на Пенсилванија, потенцијално Витмер од Мичиген, што би значело две жени на листата и сенаторот од Аризона, Марк Кели кој има навистина силни ингеренции во националната безбедност“.
Поранешен астронаут, Марк Кели е од Аризона, друга важна „свинг“ држава. Бајден ја освои таа држава на претседателските избори во 2020 година, но во последните анкети таму Трамп води пред Бајден.
Доколку комисијата за правила на Демократската национална конвенција не ја промени временската рамка, виртуелното гласање на делегатите на партиската конвенција треба да започне на почетокот на август. Тоа не би оставило многу време за партијата да донесе конечна одлука за тоа дали да ја номинира Харис или некој друг и кандидатот (без разлика дали е Харис или некој друг) да избере кандидат за потпретседател.