Достапни линкови

Ало 112, колку е часот? – необични повици за итни случаи


Илустрација - Диспечерската служба на „112“
Илустрација - Диспечерската служба на „112“

Од паднати бандери, барање за промена на пукната гума, до ситуации кога операторите сведочат на љубовни афери, но и објаснуваат дека тие не се гласовен часовник. Ова се дел од необичните повици на 112, кои се само мал дел од илјадниците јавувања со кои се справуваат операторите во системот на единствениот европски број за итни случаи.

Од 1 500 до 2 000 повици дневно примаат операторите на европскиот број за итни случаи 112 кој пред неполни две години беше ставен во функција и во Северна Македонија. Системот ги обединува сите служби за итни случаи, како што се полицијата, брзата помош и противпожарната.

Операторите во овој центар работат долги смени од по 12 часа. За најкритичните и најпредизвикувачките ситуации во кои граѓани се обратиле за помош кај нив, јавноста изминатиот период во повеќе наврати сведочеше благодарение на соопштенијата, видеата и фотографиите што ги споделуваа од Центарот за управување со кризи (ЦУК), но во долгите работни часови има и случаи кога ќе се најдат затечени од необични јавувања.

Од повици кои и не се баш итни, јавувања на кои адресата не е 112, лажни пријави, до ситуации кога завршуваат во рубриката анегдоти. Дел од нив, операторите од ЦУК ги раскажаа за Радио Слободна Европа.

„Ало, ве молам, ми се дупна гума. Ќе чекам да пратите човек да ја смени“, се барањата за помош што неколкупати се слушале од другата страна на линијата.

Во вакви ситуации, операторите објаснуваат дека тоа не е животозагрозувачка состојба и им даваат број од АМСМ за да се обратат за помош. Понекогаш наидуваат на разбирање, а некогаш и на одговор: „Ама тие ќе ми наплатат“.

„Ова не е мојот стан“

Некогаш се сведоци и на љубовни афери. Еден од поинтересните случаи е кога момче завршило во станот на неговата партнерка со друга девојка, а не бил свесен за тоа. Партнерката не била во градот, а тој имал клуч од нејзиниот стан, па по грешка таму ја однел втората девојка. Веројатно, претпоставуваат операторите, биле под дејство на алкохол, поради што момчето во еден момент се јавил за да побара лекарска помош, бидејќи девојката не се чувствувала добро. Од центарот 112 се поврзале на конференциска врска со докторка од брза помош. Таа ги советувала да јадат нешто за да може полесно да го исфрлат алкохолот.

Несвесен дека не е во неговиот дом, се пожалил дека фрижидерот му е празен. Додека траела конференциската врска, успеал да пронајде некое јадење, ама тоа требало да се зготви. Но, сега проблем било што не може да пронајде тава за готвење.

Лекарката наместо медицински совети, телефонски му давала инструкции каде да побара тава во кујната. Успешно завршила потрагата, па потоа нов предизвик – каде е зејтинот.

Низ слични „патешествија“, дечкото со помош на операторите и лекарката го наоѓа зејтинот, но шишето било празно. Во тие моменти доаѓа и тој кога му станува јасно дека не е дома.

„Оф, па ова не е мојот стан“, и рекло момчето на лекарката и на операторите и им објаснил дека станот всушност е на неговата партнерка која е надвор од градот.

Операторите се нашле и во „средина“ на несогласувања помеѓу пар кој бил во бракоразводна постапка. Двајцата, сè уште живееле на исто место, а за помош кај нив се обратила жената. Таа го пријавила мажот дека не ѝдозволува да носи пријатели и пријателки за да се забавуваат.

Ја пријавил полицијата за криволов

Од ЦУК прераскажуваат и повици кои навидум изгледале сериозно, но на крај биле „лажна тревога“. Така, на пример, повозрасен човек од внатрешноста пријавил дека во шумата во негова непосредна близина има криволов – се ловел дивеч во денови кога тоа е забрането.

„Си пукаат и ич не им е гајле“, вознемирено раскажувал.

Операторите од ЦУК реагирале и ги контактирале останатите надлежни служби за да увидат дека всушност некоја од единиците на безбедносните служби имала вежба со пукање, а човекот што пријавил не знаел дека во негова близина има стрелиште.

Во центарот 112, се соочуваат и со ситуации кога повозрасни граѓани мислат дека тие се „гласовен часовник“ како што во минатото беше бројот 95 на кој се кажуваше точно време.

„Колку е часот“, прашувале граѓани, па операторите им објаснувале дека тоа не е таква служба.

Во овие случаи, раскажуваат, му велат на соговорникот да го вклучи телевизорот и да погледне во бројките во еден од аглите.

„Таму може да видите колку е часот, сега точно време може да се види и на телевизорот“, објаснувале операторите.

Локацијата позната, хотелот го нема

Неодамна, тие „спасиле“ и странец заглавен во бања од хотелска соба. Туристот се јавил за помош бидејќи во околните соби и на катот од хотелот немало никој, но ги ставил операторите на мака за да го пронајдат хотелот.

Преку мобилен телефон им ја испратил локацијата, но проблемот настанал бидејќи хотелот што го кажал туристот не постои. Всушност, во меѓувреме се променил газдата на хотелот кој го сменил и името. Среќа било што еден од операторите на смена го знаел поранешниот сопственик, па преку него стапиле во контакт со новиот кој интервенирал кај вработените кои го спасиле „заглавениот“ странец.

Меѓу илјадниците повици, операторите во центарот 112 решаваат и помагаат и во ситуации со паднати дрвја, бандери итн.

Тие се распоредени во осумте регионални центри на ЦУК, ги опслужуваат граѓаните на македонски, албански и англиски јазик. Често, иако немаат обврска, ако се јави некој што зборува друг јазик, тие комуницираат и на тој јазик доколку некој од оние што се на смена го познава.

Системот за итни повици се пушти во употреба во 2022 година, симболично на 11 февруари.

Овој европски број функционира во земјите од ЕУ и е проект кој секоја земја аспирант за членство треба да го имплементира. Тој обезбедува вклучување на сите служби за итна помош и асистенција на полиција за спроведување на ред и мир, за обезбедување редовен сообраќај, како и комуналните служби, кои по потреба се активираат, поради опасности по животот на граѓаните и поради загрозување на материјалните добра.

Досегашното искуство покажува дека најчесто повиците добиени на 112 се за полицијата или итната помош. Просекот од 2 000 јавувања дневно, пак, е минимум во сезоната на пожари.

Воведувањето на европскиот број за итни случаи предвидува и укинување на броевите на итните служби кои се користеа претходно – 192, 193, 194. Нивното укинување беше најавено етапно, што не значи дека тие броеви одеднаш ќе станат непостоечки туку повиците кон нив постепено се пренасочуваат кон 112.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG