Господине Максути со порастот на температурите порасна и ризикот за појава на пожари. Дали авионите се подготвени за гаснење на пожари?
Ние и досега, но и сега интензивно во овие денови веќе привршуваме, односно веќе сме спремни за каков било одговор во однос на справувањето со пожарите. Можам да кажам дека постапката за сервисирање на авионите е започната, но имаме и жалби и некои компликации во однос на процедурите, оти знаете дека таа спаѓа во она што се нарекува критична инфраструктура и е постапка, односно работа којашто не трпи импровизации.
Тоа значи дека иако летото почна авионите се уште не се сервисирани?
Да, авионите се уште не се сервисирани, затоа што постапка за сервисирање на авионите била спроведена и лани, односно во текот на 2020, неуспешна и на некој начин ни се појавува отворено временски рок во кој авионите не можат да летаат, затоа што се уште се сервисираат.
Околу 400 илјади евра годишно чини сервисирањето на авионите, барем во оние години кога тие беа сервисирани. Зошто секоја година со истата шпанска фирма се склучува овој тендер?
За жал, можам да кажам сега, не би било коректно и убаво да спомнуваме имиња, меѓутоа шпанската фирма Титан, која и порано постоела но со различно име, успеала да биде, можеби, единствената фирма којашто учествувала на јавната набавка. Тоа по сите прописи не би требало да биде така, бидејќи ние така зависиме само од еден оператор, ние не можеме да го одбереме и најповолното и најевтиното и најдоброто за нас. Од друга страна тие се единствените понудувачи на резервните делови во Европа и се застапници на американската фирма која ги произведува деловите за овој тип на авиони. И на некој начин, скоро секоја година, сме условени со тоа што од овој оператор се зголемува енормно цената за сервисирање за 30 до 40 отсто секоја година ни стигаат покачување на побарувањето од нивна страна и покрај тоа што планираните средства, според потребите, се драстично помали од тоа што вистински има потреба.
- Државата сè уште чека на модернизација на противпожарниот систем
Единствениот европски број 112 на кој граѓаните ќе може да побараат итна помош се најавува веќе десет години, но тој централизиран систем никако да профункционира во реалност. Зошто толку се доцни со активирањето на тој систем?
Не би сакал да вперам прст, но искрено и од позиција претходно на заменик министер за одбрана и претходно мојот ангажман во Министерството за одбрана беше во однос на член на владата за решавање на проблемот, односно на релациите ЦУК – ДЗС, законското поклопување и кој на кого му одговара и ред други работи. Во однос на бројот 112 навистина е проблематично, затоа што многу одамна се добиени пари од Европска унија и на неколку наврати се најавува готово е, готово, меѓутоа не се гледаат резултатите од истото. Не би сакал да вперам прст кај кого е вината, но секако ние треба да бидеме дел од овој систем, значи Дирекцијата за заштита и спасување треба да биде интегрален дел на овој систем за да може да профункционира како што треба. Мислам дека единствениот проблем е во однос на некои надлежности и законски решенија на релација ЦУК и МВР, во тоа сум сигурен, затоа што го знам тој проблем од поодамна, уште во претходните влади, и овој проблем треба да се надмине само во однос на тоа дека треба да гледаме во интерес на граѓаните, а не да навлеземе во тоа кој на кого му газдува, односно кој на кого му наредува.
Сакате да кажете дека суетата е проблем меѓу ЦУК и МВР, кој на кого ќе му биде надреден?
Не би сакал така да го формулирам прашањето, меѓутоа мислам дека ние губиме време во однос на решавање на ова прашање и секојдневно си имаме проблеми на терен токму во однос на неисполнување на оваа обврска која сите ние треба да ја исполниме. Можам да кажам најодговорно дека Дирекцијата за заштита и спасување во ист момент кога ќе биде побарано од нас ние ќе пристапиме кон тоа, ние сме веќе спремни и ќе пристапиме и ќе бидеме на ниво на исполнување на задачите и обврските.