Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, во Лондон го претстави планот од четири чекори за поддршка на Украина договорен со европските лидери и највисоките претставници на НАТО и ЕУ во време кога Европа се наоѓа на крстопат.
Британскиот лидер порача дека е „време да се дејствува“ за Европа во осигурувањето на безбедноста на Украина.
Ваквиот повик од самитот на европските лидери во Лондон денеска (2 март) тој го поткрепи со ветување за помош од 1,6 милијарди фунти (2 милијарди долари) за испорака на 5.000 ракети за противвоздушна одбрана на Киев.
На самитот беше договорено дека воената помош за Украина мора да продолжи, дека Киев мора да биде на масата за какви било мировни преговори со Русија, дека Европа работи на одвраќање на какви било идни руски потези против Украина и на формирање на „коалиција на подготвени“ која ќе го брани и гарантира мирот во Украина по постигнувањето на договорот.
„Денес сме на крстопат во историјата“, рече Стармер на прес-конференција по самитот на 19 лидери од цела Европа, Канада и од воената алијанса на НАТО.
„Ова не е момент за повеќе разговори – време е да дејствуваме и да се обединиме околу нов план за праведен и траен мир“, додаде Стармер.
Денешниот самит во Лондон доби на важност и итност откако во петокот (28 февруари) се случи катастрофалната посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Вашингтон што ја зголеми загриженост за посветеноста на САД на европската одбрана под раководство претседателот Доналд Трамп.
Стармер укажа дека верува оти Вашингтон ќе остане „сигурен сојузник“ кој сака да види траен мировен договор за крај на руската инвазија на Украина, која влезе во нејзината четврта година.
САД не учествуваа на состанокот во Лондон. Самитот беше планиран уште пред Зеленски и Трамп да се судрат на тензичниот состанок во Овалната соба во петокот.
Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанската премиерка Џорџија Мелони се меѓу повеќе од десетина европски лидери кои им се придружија на Стармер и Зеленски на разговорите во Лондон.
Пред самитот, Стармер одржа билатерални разговори со италијанската премиерка Џорџија Мелони. Таа може да биде важна фигура во тековните обиди на Европа да го убеди Вашингтон во потребата да ја поддржи Украина.
Како силен поддржувач на Украина, таа е и идеолошки блиска со Трамп, а тој срдечно упати пофалби кон неа.
Појавувајќи се покрај Стармер, Мелони изјави дека Лондон и Рим би можеле да „играат клучна улога во градењето мост“ по судирот Трамп-Зеленски во Овалната соба. Таа потенцираше дека е „многу, многу важно“ за западните партнери да избегнат раскол.
На самитот за безбедност присуствуваа и канадскиот премиер Џастин Трудо и турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.
Во пресрет на состанокот, британскиот премиер Кир Стармер го пречека Зеленски во неговата резиденција на Даунинг стрит, по што следуваше објава за заем од 2,26 милијарди фунти (2,84 милијарди долари) за Украина.
„Овој заем ќе ги зајакне одбранбените способности на Украина и ќе биде отплатен со помош на приходите од замрзнатите руски средства“, објави Зеленски на социјалните мрежи по разговорите.
Оживувањето на односите меѓу Трамп и Зеленски беше клучна точка на агендата на самитот на лидерите кои бараат начин тие да се обноват откако американскиот претседател рече дека Зеленски може да се врати во Белата куќа „кога ќе сака мир“.
Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по состанокот рече дека „ние сме подготвени заедно со вас [Соединетите Држави] да ја браниме демократијата, да го браниме принципот дека постои владеење на правото – дека не можете да го нападнете вашиот сосед или не можете да ги менувате границите со сила“.
„Во наш заеднички интерес е да ги спречиме идните војни“, додаде таа.
Зеленски одби да се извини за прекинот на разговорите, но рече дека верува оти односот со САД сепак може да се спаси.
Дури и пред патувањето на Зеленски во Вашингтон, европските лидери покажаа чувство на итност да се покажат релевантни за администрацијата на Трамп.
Ова беше поттикнато од изјавите на високи американски функционери кои сугерираа дека Европа нема да биде директно вклучена во мировните преговори за Украина, како и и од знаците кои укажуваа на затоплување на односите на САД со Москва.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги обвини европските земји дека бараат продолжување на војната.
Во коментарите што ги објавија руските медиуми на 2 март, Лавров го пофали Трамп како „прагматичар“.
Претходните кризни разговори како денешните во Лондон се одржаа минатата недела во Париз и се фокусираа на тоа дали Европа би можела да обезбеди веродостојни воени сили за распоредување во Украина по примирјето или мировниот договор, како и на постигнување на долгорочната цел за зголемување на трошоците за одбрана.
Предизвикот за денешните разговори во Лондон, по дебаклот во Овалната соба, беше да се постигне нешто поопипливо и повпечатливо.
Покрај ова, некои европски лидери сметаат дека ова оди подалеку од самодокажување на нивната вредност пред Вашингтон. Се работи за подготовка за можно сценарио во кое тие не би можеле да сметаат на безбедносниот чадор на САД.
Победникот на неодамнешните германски избори, Фридрих Мерц, пред една недела изјави дека Европа треба да стекне „независност“ од САД.
По посетата на Зеленски во Вашингтон, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок рече дека ќе ги поддржи мерките за помош на Украина со цел земјата „да се спротивстави на руската агресија дури и ако САД ја повлечат поддршката“.
„Европа стои пред историски тест. Таа мора да се грижи за сопствената безбедност“, рече чешкиот премиер Петр Фиала на 1 март.
Во Велика Британија, позицијата на Стармер преовладува и низ целиот политики спектар. Истакнати личности кои биле блиски до Трамп, го повикаа да не урива мостови со Зеленски.
Најџел Фараж, лидер на партијата Реформа во Обединетото Кралство и гласен обожавател на Трамп, рече: „Ова не е крајот на приказната, далеку од тоа. Мировниот договор е од суштинско значење, а на Украина и се потребни вистинските безбедносни гаранции“.
Поранешниот премиер Борис Џонсон порача: „Најдобар начин да се оди напред сега е договорот за минерали да биде потпишан што е можно поскоро. Сè уште постои пат до мирот“.
Тој мислеше на договорот што требаше да биде големата дипломатска награда за САД за време на патувањето на Зеленски во Вашингтон.
Но големите надежи добија силен удар. Лидерите во Лондон очајно бараат одговор.