Достапни линкови

Вести

Трамп може да ја заврши војната во Украина за неколку месеци, вели неговиот претставник

Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот специјален претставник за Украина Кит Келог, 20 февруари 2017 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот специјален претставник за Украина Кит Келог, 20 февруари 2017 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп има „цврста“ стратегија да стави крај на војната во Украина во рок од неколку месеци, изјави неговиот специјален претставник за Украина и Русија, Кит Келог.

„Би рекол дека зборуваме за месеци, а не за години. Имаме солиден акционен план“, изјави Кит Келог за Fox News во петокот.

Наведувајќи дека Трамп е одличен во склучувањето договори, Келог рече дека американскиот претседател работи на лостовите на влијание и врз Киев и врз Москва, бидејќи „знае каде да притиска, а каде не“, објави Украинската служба на РСЕ.

Келог, пензиониран генерал-полковник задолжен да ги води преговорите за завршување на војната, нагласи дека „решавањето на руско-украинската војна е во национален безбедносен интерес на САД“.

Трамп во петокот рече дека тој и рускиот претседател Владимир Путин наскоро би можеле да разговараат и да објават нешто значајно за ставање крај на конфликтот во Украина.

„Ќе разговараме и мислам дека можеби ќе направиме нешто што ќе биде значајно“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа. „Сакаме да ставиме крај на оваа војна.

Тој додаде дека неговата администрација веќе имала „многу сериозни разговори за таа војна“ во обид да ја прекине. „Тоа е само бесмислена ситуација и мора да престане.

Трамп не кажа кој во неговата администрација е во контакт со Русите, но инсистираше на тоа дека двете страни „веќе разговараат“. Тој одби да каже дали е вклучен во тие разговори.

Трамп минатата недела рече дека би сакал веднаш да се сретне со Путин за да обезбеди крај на руската инвазија на Украина. Тој додаде дека врз основа на она што го слушнал, Путин сакал да го види.

„Секој ден додека не се сретнеме, војниците умираат на бојното поле“, рече тој минатата недела.

Трамп за време на минатогодишната предизборна кампања рече дека би можел да стави крај на конфликтот во Украина во рок од 24 часа по преземањето на функцијата. Сега тој вели дека се надева дека ќе ги прекине борбите во рок од шест месеци.

Тој, исто така, за време на кампањата тврдеше дека Русија никогаш немаше да ја нападне Украина доколку тој беше претседател и тоа тврдење го повтори во своето обраќање во петокот.

Трамп беше многу критичен за помошта што Вашингтон му ја даде на Киев и рече дека Украина требаше да направи отстапки на Путин во месеците пред Русија да ја започне инвазијата пред речиси три години.

Во неодамнешното интервју за руската државна телевизија, Путин го пофали Трамп како „паметен и прагматичен човек“ кој е фокусиран на интересите на САД.

„Отсекогаш сме имале деловен, прагматичен, но и доверлив однос со актуелниот американски претседател“, рече Путин.

Путин оваа недела ја отфрли можноста за директни мировни преговори со Зеленски, велејќи дека не го смета за легитимен лидер на Украина, бидејќи минатата година не беа одржани избори.

Претседателските избори во Украина требаше да се одржат на 31 март 2024 година, но тие беа одложени бидејќи земјата се уште е во вонредна состојба поради војната.

види ги сите денешни вести

Трамп ја предупреди Русија со санкции додека Москва го разгледува договорот за прекин на огнот

Американскиот претседател Доналд Трамп.
Американскиот претседател Доналд Трамп.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Русија да се согласи на 30-дневен прекин на огнот, предупредувајќи дека ќе ѝ воведе дополнителни санкции на земјата доколку таа го одбие предлогот на САД.

„Русија нема излез освен прекин на огнот. Доколку е потребно, ќе ја санкционираме, но се надевам дека нема да има потреба“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа на 12 март.

„Во финансиска смисла можеме да направиме многу непријатни, многу лоши работи, погубни за Русија, но јас не го сакам тоа“, рече тој.

Неговите коментари доаѓаат еден ден откако Киев се согласи на привремен прекин на огнот по деветчасовните разговори со претставници на Трамп во Саудиска Арабија.

Трамп го стави како главен приоритет крајот на повеќе од тригодишната руска инвазија на Украина откако ја презеде функцијата пред помалку од два месеци, брзо испраќајќи ги највисоките функционери во Москва и Киев за да ја подготват основата за разговори.

Тој го искористи значајното влијание на Вашингтон врз Украина - воената помош и размената на разузнавачки информации - за да го натера Киев да се согласи со предлогот за прекин на огнот.

Но, Трамп нема таков тип на потпора со Русија, која веќе е под огромни американски и европски санкции.

Експертите велат дека Путин најверојатно ќе се обиде да ги одолговлекува разговорите за прекин на огнот за да ја подобри својата позиција на бојното поле, а оттука и на преговарачката маса за постигнување мир.

Руските сили не само што напредуваат во источна Украина, туку и ги туркаат украинските сили од нејзиниот регион Курск.

Украина изврши упад во Курск во август, заземајќи дел од руската територија што се надеваше дека ќе ја замени за своја земја откако ќе започнат мировните преговори. Русија сега врати повеќе од половина од територијата што првично ја загуби во Курск.

Москва засега одби да ги коментира спецификите на предлогот за 30-дневен прекин на огнот и не е јасно дали рускиот претседател Владимир Путин се одлучил за договорот.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Москва „внимателно ја проучува“ заедничката американско-украинска изјава објавена по разговорите во Џеда и дека ќе чека да коментира додека руските преговарачи не добијат подетални информации од Вашингтон.

Американскиот државен секретар Марко Рубио, кој ги претставуваше Соединетите држави на разговорите, рече дека Вашингтон „ќе има контакт со Русите“ денеска.

Кремљ вели дека ги чека деталите за договорот за прекин на огнот во Украина

Американските и украинските преговарачи позираат пред новинарите по завршувањето на разговорите во Џеда, Саудиска Арабија, на 11 март.
Американските и украинските преговарачи позираат пред новинарите по завршувањето на разговорите во Џеда, Саудиска Арабија, на 11 март.

Русија реагираше претпазливо на предложениот договор за прекин на огнот објавен од украинските и американските преговарачи и ја задржа можноста за телефонски разговор меѓу претседателите Владимир Путин и Доналд Трамп во наредните денови.

Говорејќи еден ден по објавувањето на договорот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 12 март рече дека руските власти „внимателно ја проучуваат“ објавата, но чекаат да слушнат повеќе детали од американските преговарачи пред да коментираат дополнително.

Во меѓувреме, реакцијата на улиците на Москва беше измешана, а еден човек рече дека „да се согласи на примирје сега, кога непријателот е ослабен, е сосема несоодветно и погрешно“.

Но, други ја поздравија веста. „Ние само сакаме ова да заврши што е можно поскоро за луѓето да престанат да умираат“, рече една жена од главниот град на Русија. „Толку многу веќе загинаа.

Договорот, постигнат во Џеда, Саудиска Арабија, на 11 март конкретно бара 30-дневен прекин на огнот меѓу Киев и Москва, а исто така е нотирано дека тоа ќе биде предмет на одобрение од Русија. Исто така, се вели дека Вашингтон се согласил да продолжи да споделува разузнавачки информации со Украина.

Американската суспензија на размена на оружје и разузнавачки информации со Киев дојде по спорниот состанок во Белата куќа на 28 февруари, на кој Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс го прекоруваа украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Ќе ја дадеме оваа понуда сега до Русите и се надеваме дека тие ќе кажат да, дека ќе кажат да за мирот“, изјави државниот секретар Марко Рубио за новинарите во Џеда.

„Топката сега е кај нив“, рече тој.

Мајк Волц, советникот за национална безбедност во Белата куќа, требаше да се сретне со својот руски колега оваа недела, а специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, исто така, планираше да отпатува во Москва, најверојатно за да се сретне со Путин.

Руското Министерство за надворешни работи не даде коментар, иако портпаролката рече дека во наредните денови се можни разговори со американски претставници.

Коментаторите поврзани со Кремљ, пак, го прикажаа договорот како позитивен исход за Русија. Константин Косачев, пратеник во Горниот дом на рускиот парламент, тврди дека резултатите од разговорите се строго американски и тврди дека тие ја покажуваат слабоста на Зеленски.

„Русија напредува, и затоа ќе биде поинаку со Русија“, рече тој во објавата на Телеграм.

„Секој договор (со целосно разбирање за потребата од компромис) ќе биде по наши услови, а не американски“, рече тој.

„И ова не е фалење, туку разбирање дека вистински договори се уште се пишуваат таму, на фронтот, кои и Вашингтон треба да ги разбере.

„Најважно е да не се мешате во руско-американските преговори со коментари од трета страна. Оставете ги преговарачите да работат“, напиша тој: „Победата ќе биде наша.“

Сергеј Марков, поранешен советник во Кремљ, рече дека руските власти би можеле да одговорат со контрапонуда: суспендирање на западните испораки на оружје за Киев за истиот период од 30 дена, од САД и од европските сојузници исто така.

„Европа мора да го поддржи примирјето во Украина не со зборови, туку со дела -- ембаргото за испорака на оружје во зоната на конфликтот е добро позната формула во дипломатијата“, рече тој во објавата за Телеграм.

Иако Вашингтон е најголемиот единствен снабдувач на оружје за Украина, европските сојузници колективно обезбедуваат исто толку оружје и друга опрема.

Иран - Делегат од ОАЕ достави писмо на Трамп до Хамнеи

Анвар Гаргаш, дипломатски советник на претседателот на Обединетите Арапски Емирати.
Анвар Гаргаш, дипломатски советник на претседателот на Обединетите Арапски Емирати.

Анвар Гаргаш, дипломатски советник на претседателот на Обединетите Арапски Емирати, достави писмо од американскиот претседател Доналд Трамп до иранскиот ајатолах Али Хамнеи.

Иран објави дека делегација предводена од висок претставник од Емиратите доставила писмо од американскиот претседател Доналд Трамп до врховниот лидер на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Бакаи, на 12 март за новинската агенција ИСНА изјави дека писмото го доставил Анвар Гаргаш - дипломатски советник на претседателот на Обединетите Арапски Емирати.

Трамп минатата недела рече дека му пишал на иранскиот ајатолах Али Хамнеи предлагајќи преговори за постигнување договор за нуклеарната програма на Техеран која се проширува.

„Не можеме да им дозволиме да имаат нуклеарно оружје“, рече тој, додавајќи дека „нешто ќе се случи многу наскоро“.

„Се надевам дека ќе постигнеме мировен договор“, рече тој, очигледно мислејќи на мирно решавање на тензиите околу нуклеарната програма на Техеран.

Хамнеи се спротивстави на директните преговори со администрацијата на Трамп и по минатонеделната најава на претседателот рече дека Техеран нема да преговара со „насилнички влади“.

„Таквите преговори немаат за цел да ги решат проблемите. Нивната цел е да ја постигнат својата доминација и да го наметнат она што го сакаат“, рече Хамнеи за време на говорот на 8 март.

Без експлицитно именување на САД, тој рече дека „насилните влади“ не се фокусирани само на иранската нуклеарна програма, туку и „поставуваат нови барања“ насочени кон одбранбените способности на Исламската Република и регионалните активности.

„Преговорите се средство за наметнување нови барања. Иран дефинитивно нема да ги исполни овие нови барања“, рече Хамнеи.

Иранскиот лидер го обвини Трамп дека е недоверлив откако ги повлече САД од клучниот нуклеарен договор во 2018 година и повторно ги воведе санкциите кои биле укинати според неговите услови.

По откажувањето на договорот во 2018 година, Трамп ја поздрави понудата на тогашниот јапонски премиер Шинзо Абе да посредува и во 2019 година побара од јапонскиот премиер да достави писмо до Хамнеи. Иранскиот лидер го отфрли писмото, велејќи дека „не е достојно“ за одговор.

Русија, која е една од потписниците на првичниот нуклеарен договор, изрази интерес да посредува во разговорите меѓу Техеран и Вашингтон, иако многумина се сомневаат дали Москва може да биде непристрасен посредник.

Коментирајќи ги разговорите на Москва со Вашингтон, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на 12 март рече дека се разговарало за иранската нуклеарна програма и дека Трамп на своите претставници им го претставил крајот на поддршката за Техеран како „предуслов за нов нуклеарен договор“.

Во меѓувреме, Кина објави дека на 14 март ќе биде домаќин на трилатерален состанок со Иран и Русија за „размена на мислења за иранското нуклеарно прашање“, меѓу другите теми.

Зеленски: Сега е на Русија да одлучи дали ќе се приклучи на мировниот процес

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека 30-дневниот прекин на огнот потпишан од Киев на разговорите во Саудиска Арабија со посредство на Соединетите Држави (САД) може да се искористи како план за поширок договор и дека сега е на Русија да одлучи дали ќе се приклучи на мировниот процес или не.

„Сега зависи од Русија што ќе следи“, рече тој на прес-конференција на 12 март, „дали сака да ја продолжи својата агресија против Украина или не“.

Украинскиот лидер ги поздрави разговорите што доведоа до предлогот за прекин на огнот и рече дека е потребно да се наведат понатамошни чекори кои потоа би можеле да постигнат долгорочен мировен договор со безбедносни гаранции за Украина да стави крај на тригодишната војна.

Зеленски им порача на Украинците да се подготват за, како што рече, „силен информативен притисок“ и рече дека „Русија ќе направи се за да ги натера Украина и САД да се скараат“.

Москва засега одбива да ги коментира спецификите на предлогот за 30-дневен прекин на огнот, а не е јасно дали рускиот претседател Владимир Путин се одлучил за договорот.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Москва ќе почека додека не добие подетални информации од Вашингтон, а американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Вашингтон денеска „ќе има контакт со Русите“.

Американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, рече дека ќе разговара со Путин во наредните денови за да ја обезбеди неговата посветеност, додека Сергеј Наришкин, директорот на руската служба за надворешно разузнавање, исто така имаше телефонски разговор со директорот на ЦИА Џон Ретклиф доцна на 11 март, објави новинската агенција Интерфакс.

Рубио на 12 март во своите први коментари по завршувањето на разговорите во Џеда рече дека САД се надеваат на позитивен одговор од Русија на договорот за прекин на огнот и дека „силно ги повикуваат Русите да ги прекинат сите непријателства“.

На Украина ќе и треба силно одвраќање за да спречи идни напади, рече Рубио, како и дека Европејците „ќе мора да бидат вклучени во тоа“. Тој додаде дека понатамошните дискусии треба да се однесуваат на темата за укинување на санкциите на Европската унија за руската економија.

Москва досега беше против европските мировни сили во Украина, а рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го повтори ставот на Москва за време на интервјуто со тројца десничарски американски блогери дека под никакви околности нема да прифати присуство на силите на НАТО во Украина.

Рубио, исто така, предупреди дека „нема да го толкува договорот за минерали како безбедносна гаранција“, мислејќи на предложениот договор на САД со Киев за критичните минерални ресурси на Украина, кој останува непотпишан по жестоката размена на зборови во Белата куќа меѓу Трамп и Зеленски.

Но, тој додаде дека „ако Соединетите Држави имаат свој економски интерес што генерира приходи за нашиот народ, како и за народот на Украина, ние би имале интерес да ги заштитиме доколку тие се оспорени или загрозени“.

Коментарите дојдоа откако Русија и Украина разменија воздушни напади во текот на ноќта, само неколку часа откако Киев се согласи да го прифати предлогот за прекин на огнот.

Поставен камен-темелник за граничниот премин „Маркова Нога“

Поставен камен-темелник за изградба на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“. 12.03.2025.
Поставен камен-темелник за изградба на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“. 12.03.2025.

Денеска на брегот на Преспанско Езеро, во близина на селото Долно Дупени, беше поставен камен-темелник за изградба на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“. Проектот, кој е финансиран од Европската унија и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), има за цел да го заживее регионот преку зајакнување на културната, економската и туристичката соработка меѓу двете земји, истакнаа учесниците на денешната свеченост.

Градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, нагласи дека овој проект ќе има значајно влијание врз развојот на Преспа.

„Се надевам на многу позитивни приказни во иднина – развој на туризмот, поголем проток на луѓе и економски бенефити за локалното население. Покрај овој проект, заедно со ЕУ работиме на проектот 'ЕУ за Преспа', кој е во завршна фаза и вреди околу 20 милиони евра. Тој опфаќа изградба на канализациони системи со пречистителни станици, повици за култура, туризам, земјоделие и заштита на животната средина“, изјави Тозиевски.

Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека отворањето на граничниот премин претставува чекор кон подобро поврзување на двете преспи, што ќе донесе позитивни резултати за граѓаните од двете страни на границата.

„Ваквите примери се одличен пат за градење подобри односи меѓу нашите држави. Со вакви проекти можеме да бидеме во фокусот на поголемите европски држави“, изјави Мицкоски. Запрашан за неговиот став во врска со Преспанскиот договор, тој нагласи дека неговиот став останува непроменет, но додаде: „Тоа е реалност и ако сакаме да бидеме реални политичари, мора да ја прифатиме.“

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас, го оцени денешниот настан како историски чекор за Преспанскиот регион и за земјата во целина.

„Визијата на ЕУ за Преспа е визија која ги вклучува граѓаните од трите страни на езерото. Овој проект ќе поттикне економски развој, одржливост и зачувување на Преспанското Езеро, кое не е само природно богатство за регионот, туку и европско наследство“, изјави Рокас.

Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, потенцираше дека ќе се заложат градежните работи да бидат завршени навреме.

„Изградбата на овој граничен премин ќе покаже дека економскиот напредок и заштитата на животната средина можат да одат рака под рака“, рече Григорјан.

Граничниот премин „Маркова Нога“ се очекува да биде отворен во 2028 година, што ќе овозможи нови можности за соработка меѓу Македонија и Грција. Преминот беше затворен повеќе од 50 години, а неговото повторно отворање беше најавено со потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година.

Канада воведува контрамерки на царините на Трамп

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Канадската влада најави дека ќе одговори на американските царини од 25 отсто за увоз на челик и алуминиум, кои стапија на сила на почетокот на 12 март.

Министерот Доминик Лебланк објави дека од 13 март во 12:01 часот по локално време, Канада ќе воведе реципрочна царина од 25 отсто, на дополнителни 29,8 милијарди канадски долари на увоз од САД.

Канада е најголемиот странски снабдувач на челик и алуминиум од САД.

Инаку, на 11 март Трамп се повлече од најавеното удвојување на царините на 50 отсто за канадскиот алуминиум и челик откако канадската провинција Онтарио ја суспендираше својата одлука да воведе давачка за електричната енергија за САД.

Ескалацијата на трговската војна меѓу САД и Канада дојде додека премиерот Џастин Трудо се подготвуваше да ја предаде власта оваа недела на неговиот наследник Марк Карни, кој минатиот викенд победи во трката на владејачките либерали.

Канада испорачува околу 4 милиони барели сурова нафта дневно во САД преку гасовод, главно до рафинериите во Средниот Запад.

Поголемиот дел од американско-канадската трговија останува без царина според трговскиот договор USMCA што Трамп го потпиша во 2020 година, но високите царини на Канада за млечни производи остануваат.

Отава минатата недела доби едномесечно одложување за извозот во рамките на USMCA поради сеопфатните царини од 25 отсто на Трамп за Канада, поради шверцот со фентанил.

Но, од почетокот на април Канада исто така се соочува и со реципрочните царини на Трамп кои имаат за цел да ги зголемат царините на САД за да се усогласат на стапките на другите земји и да се спротивстават на нетарифните бариери.

Канада, со ибилни хидроенергетски ресурси кои го направија примарното производство на алуминиум попрофитабилно отколку во САД, изгради водечка позиција на американскиот пазар на алуминиум.

Фокусот на Трамп на царините по преземањето на функцијата во јануари ја разниша довербата на инвеститорите, потрошувачите и деловните луѓе на начини за кои економистите се повеќе се загрижени дека може да предизвика рецесија во САД.

Додик порача дека нема да одговори на повиците за сослушување

Босна и Херцеговина -- Премиерот на РС Радован Вишковиќ, претседателот на РС Милорад Додик и претседателот на Собранието на РС Ненад Стевандиќ. 12 март 2025 година
Босна и Херцеговина -- Премиерот на РС Радован Вишковиќ, претседателот на РС Милорад Додик и претседателот на Собранието на РС Ненад Стевандиќ. 12 март 2025 година

Претседателот на ентитетот Република Српска (РС), Милорад Додик на 12 март во Бања Лука изјави дека е започната „хајка од Сараево против РС“, обраќајќи се по издадената наредба за негово приведување на распит.

Обвинителството на БиХ денеска издаде наредба за приведување на Додик, за премиерот на РС Радован Вишковиќ и за претседателот на Националното собрание на ентитетот, Ненад Стевандиќ, информација која беше потврдена за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Во наредбата за нивно приведување на распит е наведено дека тие се осомничени за кривично дело нарушување на уставниот поредок, за што Кривичниот законик на БиХ предвидува затворска казна од пет години, како и можност за забрана за вршење должност.

Говорејќи за новинарите во Бања Лука, Додик повтори дека нема да одговори на поканата на Обвинителството на БиХ за сослушување, обвинувајќи ги Судот и Обвинителството за „инквизиција“.

„Еве, приведете не, да видиме како ќе го направите тоа. Ако мислат дека решението е да го видат Додик со лисици, тоа им е на дофат, но тоа не значи дека можат тоа да го направат. Јас ќе си ја работам мојата работа и никогаш нема да ја напуштам РС“, рече тој на прес-конференција, на која се обратија и Вишковиќ и Стевандиќ.

Обвинителството на БиХ на 6 март соопшти дека од декември минатата година води истрага поради постоење основи на сомнение дека е сторено кривично дело „напад врз уставниот поредок“. Обвинителството тогаш не соопшти за што конкретно се однесува истрагата и кои се осомничените.

Наредбата за приведување на Додик, Вишковиќ и Стевандиќ ја добила судската полиција на Судот на БиХ на 12 март, а побарала и помош од Државната агенција за истраги и заштита (СИПА).

Минатата недела тој на социјалните мрежи објави дека Обвинителството на БиХ го повикало да дојде во петок на 7 март да даде изјава „како осомничен за уривање на уставниот поредок“. Тогаш, исто така, тој рече нема да одговори на повикот.

Тој во новото појавување во медиумите изјави дека повторно е повикан да дава исказ за понеделник, 10 март, а потоа изјави дека не добил покана од Обвинителството на БиХ.

„Не би препорачал СИПА да дејствува и верувам дека нема. Имам доверба и во полицијата на РС“, им рече Додик на новинарите во Бања Лука.

Обвинителство тврди дека Јахоски добил куќен притвор бидејќи немало ризик од бегство

Јавно Обвинителство Скопје.
Јавно Обвинителство Скопје.

Судија на претходна постапка донел одлука да му одреди домашен притвор на Асмир Јахоски бидејќи бил старател на четири деца, од кои три малолетни, поради нарушена здравствена состојба и бидејќи немало ризик од бегство, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Јахоски беше меѓу 11-мина приведени од вкупно 13 осомничени за набавка на мазут со сомнителен квалитет и за перење пари, заедно со сопствениците на компанијата РКМ Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски кои веќе добија мерка притвор, а јавноста бараше одговори зошто на Јахоски му е одреден домашен притвор.

Иако надлежните органи не ги соопштија имињата на лицата опфатени во овој случај, од почетоков на неделава медиумите ги објавија со име и презиме.

Во денешното образложение на Обвинителството се вели дека судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности коишто биле „на страна на осомничениот“ дека бил старател на неговите четири деца, од кои три малолетни, дека имал оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба била нарушена за што доставил документација.

„Сите овие околности, како што е истакнато во решението, одат во прилог на намален ризик од бегство и во насока на оправданост за определување на поблага мерка за обезбедување на присуство. Така, Судијата на претходна постапка не прифаќајќи го предлогот на обвинителството одлучил на осомничениот да му изрече мерка куќен притвор, а воедно оценил дека се исполнети условите да му биде изречена и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа“, се вели во соопштението.

Претходно на 11 март Судот соопшти дека јавниот обвинител се согласил „за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор“ за Јахиски, што бил прифатено од Судијата на претходна постапка.

Инаку, Обвинителството за гонење на организиран криминал поднесе кривична пријава против 13 лица и една компанија од Скопје, поврзани со перење пари и злоупотреба на службена положба.

Осомничените, меѓу кои има сопственици на нафтени компании и поранешен директор на ЕСМ, се товарат дека набавувале гориво со сомнителен квалитет и го оштетиле државниот буџет за над 167 милиони евра. Полициската акција била спроведена во Скопје, Битола и Кичево.

Премиерот Христијан Мицкоски на 12 март изјави дека нема да ги коментира судските одлуки, но нагласи дека осомничените остварувале огромни профити на штета на граѓаните преку незаконска употреба на штетни горива, загрозувајќи го нивното здравје и уставно загарантираното право на живот.

Тој изрази поддршка за акциите на МВР во борбата против организираниот криминал и истакна дека правната држава мора да важи подеднакво за сите. Во однос на сомнителниот квалитет и потекло на мазутот, Мицкоски повика на трпение додека не заврши истрагата.

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, ја критикуваше одлуката на Обвинителството за организиран криминал, кое за осомничениот сопственик на „Пуцко Петрол“ побарало куќен притвор, додека за Ратко Капушевски притвор.

Таа го постави прашањето зошто обвинителот го преиначил барањето, иако станува збор за ист случај, особено имајќи ги предвид претходните бегства на осомничени функционери и бизнисмени.

Мојсоска оцени дека селективниот пристап се должи на фактот што со Обвинителството раководи Ислам Абази, кој е близок до лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Рокас: Постои интензивна дипломатска активност за решавање на прашањето со Бугаријa

Евроамбасадорот Михалис Рокас на граничниот премин „Маркова нога“ на македонско-грчката граница, 12 март 2025 година
Евроамбасадорот Михалис Рокас на граничниот премин „Маркова нога“ на македонско-грчката граница, 12 март 2025 година

Постои интензивна дипломатска активност за решавање на прашањето со Бугарија, во таа насока лидери на Европската Унија ќе го посетат Скопје во следните месеци, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас, по поставување камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“.

„На ниво на ЕУ напорно работиме во тесна соработка со Владата на Северна Македонија да се надминат сите преостанати прашања пред да ги отвориме преговорите. Има интензивна дипломатска активност за решавање на ова прашање, високи претставници на ЕУ ќе го посетат Скопје во следниве два до три месеци и се надевам дека ќе можеме да продолжиме напред“, рече Рокас во одговор на новинарско прашање какво е расположението во ЕУ за потпишување изјава од страна на Европскиот совет, Европската комисија или од бугарска страна, за тоа дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ.

Во исто време, додаде Рокас, додека се работи на решавање на ова прашање, треба да се продолжат напорите за имплементирање на реформите што се наоѓаат во реформската агенда, усвоена согласно Планот за раст за Западен Балкан.

На истото новинарско прашање, премиерот Христијан Мицкоски, рече дека досега слушнал многу изјави, но оти треба да се гледаат делата.

„Треба да видиме дела, а дела според мене претставуваат признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница во Бугарија. Јасно и недвосмислено признавање на многувековниот македонски идентитет и јасно и недвосмислено признавање на многувековната македонска култура, традиција, обичаи и јасно и недвосмислено признавање на македонскиот јазик кој е официјален јазик во ОН од 1945. Мораме да ги почитуваме принципите, во спротивно имаме сериозен проблем“, рече Мицкоски.

Известувачот на Европарламентот за земјава Томас Вајц, при посетата на Скопје на крајот на февруари, во интервју за Агенда 35 на МРТ, рече дека се потребни јасни изјави од ЕК, Советот на ЕУ и од Владата во Софија, како гаранции што земјава ги бара, дека по усвојување на уставните амандмани, нема да има нови непринципиелни вета од Бугарија.

Повторно прекината седницата на собраниската Комисија за социјална политика

Седница на собраниската комисија за труд, социјална политика и млади, 12 март 2025 година
Седница на собраниската комисија за труд, социјална политика и млади, 12 март 2025 година

Комисијата за социјална политика останува блокирана, иако претседателот на Собранието Африм Гаши за претседавач ја назначи пратеничката од владејачката коалиција „Вреди“ Имрлије Сали Фетаи. Пред два дена пратеникот Бејџан Иљас одби да ја извршува оваа функција.

Ни на Фетаи не ѝ успеа да го стави на гласање дневниот ред на седницата откако пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ побара дополнување на дневниот ред со Законот за бранителите. По ова, Фетаи ја затвори седницата на неопределено време.

Фетаи ѝ одговори на Тренчевска дека претседателот Гаши ја назначил да претседава со Комисијата само за Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

„Кажав дека има само една точка на дневен ред и ве молам да гласаме. За Законот за бранителите поминати се сите рокови и јас треба да го разгледам само Законот за пензиско и инвалидско осигуривање. Вие од СДСМ не правете тенденции. На седницата за интерпелација ја напуштивте салата за да не бидете обвинети за влошување на меѓуетничките односи. Јас ќе ја заклучам седницата на неопределено време. Мислам дека дебата не е потребна. Вреди нема да дозволи да се стави Законот за бранителите на дневен ред без припадниците на УЧК. Нема потреба од дебата. Се надевам дека Илире Даути ќе се врати во Комисијата за претседателка“, рече Фетаи.

Проблемот во Комисијата за социјална политика почна во ноември минатата година, откако пратеничката од Алијансата за Албанците, Илире Даути одби да го стави на дневен ред Предлог-законот за бранители доколку не се стави законско решение и за припадниците на УЧК.

Собранието на пленарна седница на 10 јануари со поддршка од 61 пратеник и 22 „против“ изгласа интерпелација на Илире Даути. Интерпелацијата за Даути во ноември ја поднесе пратеничката група на „Левица“ поради тоа што Даути, како што беше посочено на пленарната седница, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители поднесен од опозициската СДСМ со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава.

Една недела подоцна Даути поднесе оставка од претседателската позиција во Комисијата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG