Вести
Путин вели дека е подготвен за мировни преговори, но не со Зеленски

Рускиот претседател Владимир Путин повторно ја отфрли можноста за директни мировни преговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски, нарекувајќи го „нелегитимен“. Тоа, пак, го натера украинскиот лидер да го обвини Путин дека се „плаши“ од преговори за ставање крај на речиси тригодишната војна.
„Можете да преговарате со кој било, но поради неговата нелегитимност, тој [Зеленски] нема право да потпише ништо“, изјави Путин за државната телевизија „Русија 1“ доцна вечерта на 28 јануари.
Доколку Зеленски биде присутен, рускиот претседател вели дека тој нема директно да учествува во преговорите, туку на негово место ќе назначи свои претставници.
Путин неколку пати изјави дека не го смета Зеленски за легитимен лидер бидејќи петгодишниот мандат на украинскиот претседател, како што наведе, требаше да заврши минатата година на 20 мај.
Изборите требаше да се одржат на 31 март 2024 година, но беа одложени бидејќи земјата сè уште е во воена состојба поради сеопфатната инвазија од Русија.
Зеленски, кој според Уставот мора да продолжи да ги извршува претседателските должности додека не се избере нов шеф на државата, на тврдењето на Путин одговори дека рускиот лидер е пречка за преговорите за прекин на огнот.
„Денеска Путин уште еднаш потврди дека се плаши од преговори, дека се плаши од силни лидери и дека прави се за да ја продолжи војната. Сега гледаме дека постои можност да се постигне вистински мир, но Путин е тој што прави се за – или да продолжи со убивањето луѓе наместо со мир, или да направи пауза за да се подготви за нова целосна инвазија во иднина, со хибридни напади“, напиша Зеленски во објава на социјалните мрежи.
Украина е во воена состојба откако Русија ја започна својата инвазија во февруари 2022 година, а за организира избори во воена состојба мора да направи законски измени.
Додека во јавноста излегуваат информации дека заткулисните разговори за ставање крај на конфликтот се забрзани по инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп на 20 јануари, Зеленски побара од САД да извршат притисок врз Москва да стави крај на војната против Украина.
Откако ја презеде функцијата, Трамп се закани дека ќе воведе високи даноци, царини и санкции за сите стоки кои доаѓаат од Русија во САД и другите земји, доколку Москва не седне на преговарачка маса.
„Ако не постигнеме ’договор‘ и тоа наскоро, немам друг избор освен да воведам високи даноци, тарифи и санкции за сè што Русија продава на САД и на разни други земји учеснички“, порача Трамп на 22 јануари.
Речиси една година Украина постојано го губи теренот на бојното поле, додека поголемата и подобро вооружената руска армија ја уништува украинската одбрана и нанесува големи загуби.
Еден од најголемите проблеми на Киев беше да регрутира доволно мажи за да ги надополни исцрпените единици. Владата го ревидираше својот систем за мобилизирање минатата година, но украинските сили на фронтот сè уште се помалубројни.
Зеленски, исто така, се спротивстави на намалувањето на старосната граница за регрутирање мажи од 18 години, велејќи дека тоа демографски ќе ја десеткува земјата.
види ги сите денешни вести
Зеленски се сретна со Келог, откако Трамп го нарече „диктатор“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 20 февруари се сретна со американскиот пратеник Кит Келог, откако Доналд Трамп го нарече украинскиот лидер како „диктатор“ и рече дека Русите „имаат карти“ во какви било разговори за ставање крај на војната, јавува новинската агенција Франс Прес.
На тавките коментари Зеленски возврати со забелешка дека Трамп, подлегнал на руската „дезинформација“ повторувајќи ги точките за разговор во Кремљ.
По средбата меѓу Зеленски и Келог во Киев, портпаролот на кабинетот на Зеленски соопшти дека нема да има изјави по разговорите.
Вообичаено, претставниците кои доаѓаат во посета на Киев, до сега одржуваа заедничка прес-конференција по разговорите.
„На барање на американската страна, форматот на состанокот предвидува протоколарно снимање и не вклучува изјави или прашања“, изјави за новинарите портпаролот на Зеленски, Сергиј Никифоров.
Во Соединетите Држави, главниот советник на Трамп за безбедност во четвртокот рече дека критиките на Зеленски кон американскиот претседател се „неприфатливи“ и го повика да потпише договор со кој се дава преференцијален пристап до клучните минерали и природните ресурси на Украина.
„Тие треба да го намалат тонот и внимателно да погледнат и да го потпишат тој договор“, изјави советникот за национална безбедност Мајк Волц за американскиот медиум Фокс њуз.
Според американскиот претседател Доналд Трамп, Зеленски ја урнал демократијата во неговата земја.
„Диктатор без избори, Зеленски е подобро да се движи брзо или нема да му остане земја“, напиша тој на својата платформа Truth Social.
Зеленски беше избран во 2019 година за петгодишен мандат и остана лидер во согласност со украинските правила според воената состојба, која настана по руската инвазија во врз Украина во 2022 година. Тензиите меѓу Зеленски и Трамп почнаа да растат по новата позиција на САД за војната.
Но, Зеленски даде попозитивен тон пред средбата со Келог во четврток, велејќи дека „за нив е многу важно средбата и нашата соработка со САД да бидат конструктивни“.
„Заедно со Америка и Европа, мирот може да биде посигурен и тоа е нашата цел“, додаде тој.
Русија, која со години се противи на американското воено присуство во Европа, сака реорганизација на безбедносната рамка на континентот како дел од каков било договор за ставање крај на борбите во Украина, јавува Франс прес.
Русија и Белорусија на заедничка воена вежба во септември

Русија и Белорусија ќе одржат заедничка воена вежба во септември, изјавија официјални лица на 20 февруари. Ова се дел од напорите на двата соседа и сојузници да ги прошират своите воени врски во услови на борби во Украина.
„Во воената вежба ќе учествуваат над 13 илјади војници“, изјави претставникoт на белоруската одбрана Валериј Ревенко.
Тој додаде дека набљудувачите од Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ќе бидат поканети да ги следат вежбите.
Авторитарниот белоруски претседател Александар Лукашенко, кој владее со Белорусија со железна рака повеќе од 30 години и се потпира на субвенциите и поддршката на Кремљ, и дозволи на Русија да ја користи територијата на неговата земја за испраќање војници во соседна Украина во 2022 година и да биде домаќин на дел од нејзиното тактичко нуклеарно оружје.
Руските трупи влегоа во Украина од Белорусија на 24 февруари 2022 година, по заедничката вежба со белоруската армија. Украина и Белорусија делат 1.084 километри граница.
Претходно украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руското воено засилување во Белорусија, која се граничи со членките на НАТО со Латвија, Литванија и Полска, може да ја подготви сцената за потенцијален напад. Русија постојано ги негираше обвинувањата дека би можела да ги нападне членките на НАТО.
Ревенко рече дека Белорусија е отворена за меѓусебни воени инспекции со Полска долж 80 километри длабоко во една на друга територија, нешто што, како што вели тој, ќе ја сигнализира намерата на Полска да продолжи со „добрососедските врски“.
„Ако Полска ја отфрли или игнорира таквата акција, ние ќе имаме поинакво мислење“, изјави Ревенко.
Соединетите Американски Држави и Европската Унија воведоа низа санкции против Белорусија поради нејзиното масовно задушување на протестите по претседателските избори во 2020 година и потегот на Лукашенко да и дозволи на Русија да ја користи територијата на неговата земја за испраќање војници во Украина.
Во декември, Лукашенко и рускиот претседател Владимир Путин потпишаа договор со кој се даваат безбедносни гаранции за Белорусија, најблискиот сојузник на Москва, вклучително и можната употреба на руско нуклеарно оружје за да се помогне да се одбие каква било агресија.
Во тоа време, Лукашенко побара од Путин да распореди понапредно оружје во Белорусија, вклучително и балистичката ракета со среден дострел Орешник, способна за нуклеарно оружје, која Русија првпат ја употреби во ноември против Украина.
Путин одговори дека ракетите Орешник би можеле да бидат распоредени во Белорусија во втората половина на 2025 година, додавајќи дека тие ќе останат под руска контрола, но Москва ќе му дозволи на Минск да ги избере целите.
Потпишувањето уследи по ревизијата на Москва на нејзината нуклеарна доктрина, која за прв пат ја стави Белорусија под руски нуклеарен чадор среде тензиите со Западот поради конфликтот во Украина.
Русија не откри колку тактичко нуклеарно оружје има распоредено во Белорусија, но Лукашенко во декември рече дека неговата земја моментално има неколку десетици од нив. Распоредувањето ја проширува способноста на Русија да гаѓа неколку сојузници на НАТО во Источна и Централна Европа.
Европол предупредува на насилни онлајн култови кои регрутираат малолетници

Агенцијата за спроведување на законот на Европската унија (Европол) на 20 февруари издаде предупредување за криминалните мрежи кои користат сајбер методи за поттикнување на терористички дејствија и насилство екстремно насилство.
Според предупредувањето колку повеќе се споделуваат таквите содржи на социјалните платформи меѓу членовите, толку повисоко се рангираат во групата.
„Овие криминални или насилни екстремистички групи се натпреваруваат меѓусебно за споделување на најнасилната содржина“, се вели во соопштението.
„Ширењето на екстремни содржини служи како средство за десензибилизација на ранливите луѓе, со цел да се прекршат општествените норми и да се нормализираат насилството врз корумпираните малолетници и да се подготват кон идните насилства, се вели во сооопштението од Европол.
Овие дела честопати беа поврзани со заедници со насилни десничарски екстремистички врски.
„Нивните лидери се залагаат за колапс на модерното општество преку акти на терор, хаос и насилство, ширејќи идеологии кои инспирираат масовни престрелки, бомбашки напади и други акти на тероризам“, соопшти Европол , посочувајќи дека жртвите се бараат на платформи за игри, услуги за стриминг или социјални медиуми
Во некои случаи, сторителите се инфилтрирале во групи за поддршка на интернет за да ги идентификуваат и регрутираат ранливите млади луѓе.
Јаневска најави големи промени во законот за високото образование

Големи промени ќе претрпи законот за високо образование, најави на 20 февруари министерката за високо образование Весна Јаневска. Таа најави дека е предвидена реорганизација со која Агенција за квалитет во високото образование ќе биде заменета за Одбор за акредитација и евалуација,што ќе работи со поинакви правила и принципи. Таа очекува овие измени да донесат зголемување на квалитетот на образованието.
„За Националниот совет сметаме дека и натаму треба да постои и ги договараме неговите ингеренции и на другите институции, како што се Министерството за образование и наука (МОН), Одборот за акредитација и сите други“, изјави министерката Јаневска.
Таа по средбата со претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) истакна дека во подготовката на новиот закон се вклучени експерти од МОН и претставници од сите државни и приватни универзитети.
„Сега се при крај со решенијата за да излезе новиот закон, кој кога ќе биде дефинитивно готов ќе оди на подолготрајна јавна расправа и нема да биде само 20 дена на ЕНЕР. Ќе го доставиме до сите универзитети и ќе го оставиме подолго на електронска јавна расправа, а ќе организираме и јавна расправа со физичко присуство по што ќе ги анализираме и сублимираме препораките од вработените во високото образование и тогаш ќе излеземе со конечна верзија“, истакна Јаневска.
Таа посочи дека ни еден студент кој што добил стипендија за студирање на престижните универзитети во странство, а не го исполнил условот да се врати во државата, не и ги вратил парите за стипендијата на државата зпоради лошите услови во потпишаниот договор за стипендија со државата.
„Ако треба да вратите десеткратно од она што ви го дала државата и до крајот на животот ако исплаќате една третина од платата каде и да сте вработени и колкава и да ви е платата не можете тоа да го постигнете. Затоа ги направивме промените во договорот да бидат реални, она што е вложено да биде вратено, но и обврска подолго да бидат во земјата и да пренесуваат знаења дури ди да се во странство, прецизира Јаневска.
Претходно на 19 февруари, Јаневска изрази очекување дека со новото раководство во Одборот за акредитација ќе може да се воведат нови студиски програми, некои да се стават во мирување, дел да се укинат.
Инаку, новиот Закон за високо образование треба да биде усвоен во текот на оваа година. Јаневска за ова информираше од собраниската говорница за време на седницата за пратенички прашања на 28 ноември лани.
Шпанскиот поранешен претседател на фудбалската федерција Рубиалес осуден за присилен бакнеж

Шпанскиот Врховниот суд во четвртокот објави дека поранешниот претседател на шпанската фудбалска федерација Луис Рубиалес е прогласен за виновен за сексуален напад затоа што ја бакнал фудбалерката Џени Хермосо без нејзина согласност на завршната церемонија на Светското првенство за жени во август 2023 година.
Рубиалес беше казнет парично со над 10.000 евра, но беше ослободен од обвиненијата за принуда.
Обвинителите побараа затворска казна за Рубиалес во случај што предизвика дебата во Шпанија за сексизмот во женскиот фудбал и поширокото општество.
„Пресудата му забранува на Рубиалес да се приближува до Хермосо на 200 метри и да комуницира со неа една година“, се вели во соопштението на судот.
47-годишниот Рубиалес беше обвинет за сексуален напад бидејќи го бакнал Хермосо во уста.
Тој, исто така, беше обвинет, заедно со уште тројца поранешни функционери на Фудбалската асоцијација, дека се обидел да ја принуди да каже дека бакнежот на церемонијата на доделување на наградите на Светското првенство во 2023 година во Сиднеј бил консензуален.
Адвокатката Џени Хермосо не беше веднаш достапна за коментар, објави Ројтерс.
Рубиалес поднесе оставка како претседател на Шпанската фудбалска федерација во септември 2023 година, како и потпретседател на Извршниот комитет на УЕФА.
Републиканци се спротивставија на критиките на Трамп кон Зеленски

Високи претставници на Републиканската партија на САД се спротивставија на последните изјави на претседателот Доналд Трамп за напад на неговиот украински колега, Володимир Зеленски.
Трамп ги засили своите критики кон Зеленски во последните денови, опишувајќи го како „диктатор без избори“ и сугерирајќи дека Украина сноси одговорност за тековната руска инвазија на нејзиниот сосед.
Коментарите на претседателот предизвикаа загриженост кај традиционалните членови на Републиканската партија. Тие се загрижени дека сигнализирањето на подготвеноста да се прекине поддршката за Киев може да го охрабри рускиот претседател Владимир Путин.
Инсистирањето на Трамп да го опишува Зеленски со негативни термини е во целосна спротивност со многу републиканци во Сенатот кои продолжуваат да ја гледаат Украина како жртва на руска агресија.
Клучните сенатори на Републиканската партија изразија силна поддршка за Украина на 19 февруари и предупредија да не се смирува руската агресија.
Сенаторот Џон Кенеди кој е републиканец од Луизијана не штеди на критики во осврт на заканата од Путин, опишувајќи го како „ганстер со црно срце“
„Владимир Путин е тој што ја започна војната. Исто така, преку горко искуство верувам дека Владимир Путин е гангстер... Тој има вкус на Сталин за крв,“ вели Кенеди.
Сенаторот Роџер Викер кој е републиканец од Мисисипи ја повтори загриженоста на Кенеди, велејќи дека разговорите за ставање крај на руската инвазија на Украина мора да се одржат со учество на Украинците, а истовремено да се земат предвид и европските интереси.
„Путин е воен злосторник и треба да биде во затвор до крајот на својот живот, ако не биде погубен“, рече тој.
Во интервју за украинскиот сервис на РСЕ, шефот на украинската Централна изборна комисија, Олех Диденко, рече дека разговорите за избори во Украина ѝ користат само на Русија.
„Ова прашање се поставува со цел да се поткопа легитимитетот на владата во Украина, да се ослабне довербата во владата, да се ослабне поддршката за Украина од меѓународните партнери“, рече тој.
„Ова е елемент на хибридна војна, според мое мислење, што активно го користи нашиот непријател“.
Коментарите уследија по објавата на Трамп за Вистината на социјалните мрежи претходниот ден, каде што напиша „успешно преговараме за крај на војната со Русија“. Тој додаде дека Зеленски „подобро да се движи брзо или нема да му остане земја“.
Забелешките на Трамп дојдоа откако Зеленски го обвини Трамп дека живее во руски „балон на дезинформации“ и рече дека би сакал тимот на Трамп да биде „повистинит“.
Сенаторот Том Тилис , републиканец од Северна Каролина не се согласи со карактеризирањето на Трамп за Зеленски како „диктатор“, иако избегнуваше директно да го критикува Трамп.
„Тоа не е збор што би го употребил“, рече тој, додавајќи дека „нема морална еквивалентност меѓу Владимир Путин и претседателот Зеленски“.
„Јасно е дека Владимир Путин е одговорен за оваа војна“, им рече Тилис на новинарите во Вашингтон на 19 февруари. „Неговата одлука резултираше со убиство, силување, тортура и киднапирање на невиден број Украинци. Тој ја поседува одговорноста за оваа војна“.
Водачот на мнозинството во Сенатот Џон Тун кој е републиканец од Северна Дакота, исто така, одби да го критикува Трамп за неговите забелешки.
„Претседателот зборува за себе“, им рече тој на новинарите.
„Мислам дека она што го поддржувам е мирен исход и резултат во Украина... И мислам дека токму сега, администрацијата, претседателот и неговиот тим работат на тоа да го постигнат“.
Иако претседателскиот мандат на Зеленски требаше да истече во мај 2024 година, Украина не можеше да одржи избори бидејќи останува под воена состојба, која беше воведена кога Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година и која се уште трае.
Две жени избодени до смрт во трговски центар во Чешка

Маж избодел до смрт две жени во трговски центар во чешкиот град Храдец Кралове, објавија локалните медиуми, повикувајќи се на полицијата.
Полицијата за новинската агенција ЦТК изјави дека го привела наводниот напаѓач, 16-годишен чешки државјанин, околу 10 минути по нападот.
Со оглед на тоа што мотивот на мажот останува нејасен, чешката агенција за контратероризам и екстремизам моментално е вклучена во истрагата, соопшти полицијата.
„На двете жени веднаш им била укажана прва помош, но не можеле да се спасат“, изјави портпаролката на спасувачката служба.
Како што се наведува и двете жени биле продавачки во продавници.
Од полицијата велат дека сè уште не е јасно дали сторителот ги познавал жртвите или ги избодел по по случаен избор.
Според портпаролката, полицијата го пронашла наводното оружје за убиство, нож со сечило од 20 сантиметри, недалеку од местото на злосторството.
Од полицијата велат дека нема понатамошна опасност за јавноста.
Чешкиот премиер Петр Фиала го опиша нападот како „неразбирлив и ужасен чин“ во објава на плаформата X. Други политичари, исто така, го изразија својот шок и изразија сочувство до семејствата на жртвите.
ЕУ по коментарите на Трамп: „Украина е демократија, Путиновата Русија не е“

Европската Унија возврати на обвинувањата на американскиот претседател Доналд Трамп дека украинскиот лидер Володимир Зеленски е „диктатор“.
Трамп го нападна Зеленски откако Вашингтон започна мировни напори со рускиот претседател Владимир Путин за ставање крај на тригодишната војна во Кремљ.
„Имаме прилично јасна позиција за ова: претседателот Зеленски е легитимно избран на слободни, фер и демократски избори“, изјави портпаролот на ЕУ Стефан де Керсмакер за новинарите.
„Украина е демократија, Путиновата Русија не е“, додаде тој.
Коментарите на Трамп против украинскиот лидер ги поттикнаа стравувањата во Европа дека Вашингтон го напушта својот сојузник во Киев за да обезбеди брз договор со Москва.
ЕУ инсистира на тоа дека и Украина и Европа мора да имаат збор за време на какви било преговори.
„Не може да има решение за Украина без учество на Украина, ниту без вклучување на Европската Унија“, изјави Де Керсмакер, додавајќи дека „безбедноста на Украина е безбедност на Европската Унија“.
Американскиот претседател Доналд Трамп остро го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски, нарекувајќи го „диктатор“ кој ризикува да ја изгуби својата земја доколку „не се замине брзо“. Украинскиот претседател Зеленски возврати дека американскиот претседател е под влијание на руски дезинформации.
Пицула за евроинтеграциите на Србија: Ограничен или никаков напредок

Србија изминатите години нема вистински напредок на нејзиниот пат кон Европска Унија, изјави известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, пред европратениците од Парламентарната комисија за надворешни работи.
„Постигнат е ограничен или никаков севкупен напредок во исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ во сите поглавја од преговорите. Посебни недостатоци има во критичните области како што се владеењето на правото, реформата на јавната администрација и усогласувањето со политиките на ЕУ“, рече Пицула.
Тој, исто така, додаде дека корупцијата е „широко распространета“ и дека не е постигнат напредок во поглавјето 31, кое се однесува на надворешната политика.
Пицула меѓудругото истакна дека во документот се изразува загриженост за прашањата што ги иницираа студентските демонстранти во Србија, кои бараат транспарентност, одговорност и почитување на граѓанските права.
„Целосно е неприфатливо да се поведуваат правни постапки против демонстрантите, како и обвинувања од српските власти против земјите од ЕУ за поттикнување на протестите“, наведе Пицула.
Според него, клучна е имплементацијата на препораките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и на Советот на Европа за законски измени пред одржување на нови избори.
„Исклучително е важно да се обезбеди независност на институциите, вклучително и во однос на регулацијата на медиумите“, потенцира Пицула, додавајќи оти се пријавени недостатоци во владеењето на правото, административните реформи, спроведувањето на политиките на ЕУ и борбата против корупцијата.
Пицула ги повика Белград и Приштина да вложат напори за намалување на тензиите и почитување на постигнатите договори.
„Нормализирањето на односите со Косово е клучно за напредокот на Србија на патот кон ЕУ,“ истакна Пицула.
Тој наведе дека Србија мора јасно да покаже дека е стратешки ориентирана кон ЕУ.
Извештајот на Пицула се очекува следните недели да биде дополнет и изгласан во Парламентарната комисија.
Србија има кандидатски статус за пристап од 2012 година, а преговорите ги почна во 2014 година, при што досега се отворени 22 од 35 преговарачки поглавја. Две од поглавјата се затворени.
Меџити: Нема преговори за химната и грбот, но нема ни табу теми

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити изјави дека не се водат преговори во однос на химната и грбот, но и дека нема ни табу теми, и се разговара за се што е во интерес на граѓаните и државата.
„Во фокус ни е владината програма каде што има утврдени столбови, нема преговори во однос на химната, грбот, но нема ни табу теми, значи разговараме. Политички договор има за Владината програма која што има утврдени столбови како што се економскиот развој, живиотниот стандард, ЕУ-интеграцијата, враќање на правната држава, децентрализацијата, се секојдневно во нашиот фокус и целосно сме посветени на овие столбови. За другото нема преговарање, нема политички договор, но како Влада се што е во интерес на граѓаните и државата, разговараме, дебатираме, про и контра, тоа е на ниво на разговори, нема табу теми. Не сакам да навлегувам во нешто за што нема преговори, нема политички договор. Не криеме ништо“, изјави Меџити.
На прашањето дали има проблеми во коалицијата по однос на прашањето околу грбот и химната поради различни ставови на партнерите во власта, тој рече дека има една Влада и оти таа има демократски и политички капацитет да изнајде решенија на маса на база на аргументи.
Во однос на тоа дали со владиниот партнер разговараат за тоа кој ќе биде нов државен обвинител, вицепремиерот Меџити рече дека во принцип не зборуваат за име, туку дека тоа треба да биде професионалец кој треба да ја врати довербата на граѓаните во правосудството.
Тој потврди и дека доколку Министерството за правда го изготви предлогот за разрешување на актуелниот државен обвинител на кој забрзано се работи, тој ќе се најде на следната владина седница.
Во однос на тоа до каде е изработката на законот за правична застапеност и кога може да се очекува во Собрание, Меџити одговори дека се при крај, но не прецизираше датуми.
„При крај сме, нема да нагаѓаме денови. Се очекува последниот состанок, да се форматира Предлог законот и ќе бидете известени“, одговори Меџити, на новинарско прашање пред обраќањето на завршниот настан на проектот „Градење капацитети кон одржлив развој на човечкиот капитал во Северна Македонија“.
Антикорупциската комисија во јануари годинава поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на таканаречената алатка „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата. Уставниот суд на 9 октомври го укина „балансерот“, по што од „Вреди“ најавија дека наскоро и официјално ќе биде предложен нов Закон за правична застапеност.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете