Вести
Зеленски - Откажувањето на Украина од нуклеарките беше „апсолутно глупаво“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека е оптимист во врска со притисокот на САД врз Москва да стави крај на руската сеопфатна војна против Украина, според новото интервју, иако тој додаде дека мисли оти на претседателот Доналд Трамп не му е јасно како да го направи тоа.
Во коментарите објавени на 25 јануари за италијанскиот весник Ил Фољо, Зеленски исто така ги отфрли повиците за повеќе промени во системот за мобилизација во земјата, сугерирајќи дека тоа ќе резултира со масовни дезертирања.
Интервјуто го водеше Сесила Сала, новинарка и популарна подкастерка, која беше ослободена од затворот во Техеран претходно овој месец по 21 ден во притвор.
Коментарите на Зеленски доаѓаат додека преговорите зад сцената за решавање на речиси тригодишната инвазија се зголемуваат по инаугурацијата на Трамп.
Трамп вети дека брзо ќе стави крај на сеопфатната руска инвазија започната на 24 февруари 2022 година, а двајца негови врвни соработници за безбедност, Кит Келог и Мајк Волц, изнесоа различни начини на кои велат дека Русија може да се искористи за да поттикне прекин на огнот или мировен договор. Трамп изјави дека сака што поскоро да се сретне со рускиот лидер Владимир Путин.
Зеленски ги пофали заканите на Трамп за зголемени економски санкции за притисок врз Русија. Сепак, тој исто така рече дека му кажал на Трамп за претходните преговори со Путин кој, како што рече, „даде збор, а потоа да не го одржа“.
Зеленски рече дека го потсетил Трамп за Меморандумот од Будимпешта од 1994 година, договорот според кој Украина се согласи да се откаже од своите мали поседувања на нуклеарно оружје во замена за безбедносни гаранции - од Русија, САД и Велика Британија. Некои Украинци велат дека Киев ќе можеше да ја одврати Русија од инвазија доколку го чуваше оружјето.
Откажувањето од оружјето беше „апсолутно глупаво, нелогично и многу неодговорно“, рече украинскиот лидер.
„Кога би можел да се вратам во 1994 година, само би го заменил нашето нуклеарно оружје за нешто што навистина може да го одврати секој агресор, без оглед на нивната политичка моќ, територијална големина или воена сила“, рече тој. „Трамп рече: „Да, разбирам што велиш. Не можете да ја направите истата грешка три пати“.
Украина постојано го губи теренот на бојното поле веќе речиси една година, бидејќи поголемата и подобро вооружена војска на Русија ја уништува украинската одбрана и нанесува огромни жртви.
види ги сите денешни вести
Белгија доби нова Влада-предводена од десничарска партија
Белгија доби нова коалициска влада предводена за прв пат од десничарската партија Нова фламанска алијанса (Н-ВА), објави јавува германската новинска агенција ДПА. Коалицискиот договор „падна “ по шест месеци преговори.
Нов премиер на земјата ќе биде Барт Де Вевер, лидер на антиимиграциската фламанска националистичка партија Н-ВА, која победи на парламентарните избори во јуни.
Де Вевер, кој претходно беше градоначалник на пристанишниот град Антверпен, ќе ја предводи петпартиска коалиција.
Тој ќе владее заедно валонското либерално Реформско движење (МР), валонската центристичка партија Посветените (ЛЕ), фламанската социјалдемократска партија Напред (Вуројт) и десноцентристичката Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ).
Една од главните цели на новата влада е да ги намали огромниот долг и новите задолжувања. Се очекуваат драстични социо-економски реформи, вклучително и сериозни намалувања на трошоците за социјалната држава.
Владата го доби прекарот „Коалиција Аризона“, бидејќи боите на партиите, имено портокалова, жолта, црвена и сина, одговараат на знамето на американската држава.
Формирањето влада во Белгија често е комплицирано и трае долго време, бидејќи повеќето партии на националните избори настапуваат или во Валонија во која се зборува француски или во Фландрија каде што се зборува холандски и немаат федерална организација.
Десетици илјади луѓе ги пречекаа белградските студенти на улиците на Нови Сад
Белградските студенти по два дена пешачење пристигнаа во Нови Сад, каде на улиците беа пречекани од десетици илјади граѓани со аплаузи и овации.
На мостот Дуга студентите со црвен тепих беа пречекани од нивните колеги од Нови Сад, со кои разменија знамиња на двата града и знамињата на универзитетите во Белград и Нови Сад.
Оттаму тие заедно пешачеа низ централните градски улици до Железничката станица, каде што со петнаесетминутно молчење им оддадоа почит на загинатите во уривањето на настрешницата во Нови Сад.
На 30-ти јануари, студентите од Белград тргнаа пеш кон Нови Сад за да им се придружат на своите колеги во блокирањето на три моста на реката Дунав на 1-ви февруари.
На овој начин ќе одбележат три месеци од загинувањето на 15 лица во уривањето на реконструираната бетонска настрешница на Железничката станица.
Десетици илјади граѓани направија линија по целиот центар на Нови Сад каде поминуваа студенти.
Со аплаузи, огномети и конфети, прегратки и солзи, граѓаните фрлаа цвеќиња пред учениците и им закачуваа медали на врат.
Тие ги пречекаа со транспарент „Па каде сте белграѓани“, а ги носеа и пораките „Не сте сами“, „Студенти, добредојдовте“, „Вие сте љубов, вера и надеж“.
На чело на колоната студенти стоеше транспарент на кој пишуваше „Некои нови деца, Белград - Нови Сад“ со срце меѓу имињата на двата града и знамето на Универзитетот.
Студентите во првите редови од поворката од Белград носеа венци со имињата на 15-те загинати во уривањето на настрешницата што ги положија пред Железничката станица.
Откако им оддадоа почит на жртвите, белградските студенти се упатија кон новосадските факултети каде што ќе преноќат.
Група студенти кои тргнаа од Белград со велосипед претходно пристигнаа во Нови Сад, а пред Железничката станица ги пречекаа новосадски велосипедисти.
Владата на чело со српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека барањата на студентите се исполнети.
Студентите во блокадата порачаа дека Вучиќ не е одговорен за исполнување на нивните барања, дека барањата не се исполнети и дека ќе продолжат со протестите.
Русија означи два новинари на РСЕ и пет други како „странски агенти“
Русија додаде седум лица, вклучително и двајца новинари на Радио Слободна Европа/Радио Либерти на својата долга и растечка листа на „странски агенти“, потег што претседателот на РСЕ рече дека е дел од „брутален напад врз независните медиуми“.
Руското министерство за правда на 31 јануари соопшти дека седуммината биле назначени за учество во странски медиумски платформи и во некои случаи за, како што се тврди во соопштението, ширење на „лажни информации“ за рускиот изборен систем.
Министерството не го поткрепи тоа тврдење со докази.
Поширокото обвинение што ги поврзува сите седуммина е она што Министерството го посочи, како нивно противење на руската војна против Украина, која беснее речиси три години откако претседателот Владимир Путин нареди целосна инвазија во февруари 2022 година. Неговата влада не толерира критики на војна и го искористува своето сè порестриктивно законодавство за „странски агенти“ како еден од многуте инструменти за потиснување на несогласувањето.
Новите именувани на руската листа странски агенти ги вклучуваат Дмитриј Сухарев, новинар во Система (Systema), руската новинарска истражувачка редакција на РСЕ, и Андреј Новашов, соработник на рускиот сервис на РСЕ и севернокавкаскиот сервис. И двајцата новинари живеат надвор од Русија.
Останатите се Елизавета Фохт и Илја Абишев од рускиот сервис на британскиот Би-Би-Си, потоа соработникот на невладината Медуза Владимир Рајевски, како и едукаторот, писател и блогер Дима Зицер; и Антон Суворкин, видео блогер кој покрива руски шоубизнис.
Русија ја воведе ознаката „странски агент“ во 2012 година и оттогаш го прошири законодавството што се однесува на тоа кој се треба да биде таргериран под таа етикета.
Критичарите на Кремљ и западните влади велат дека руската држава го користи тој закон како алатка за прогон на независни новинари, медиуми, активисти и граѓански групи.
„Означувањето на новинарите на РСЕ како странски агенти е последниот доказ за бруталниот напад на Русија врз независните медиуми“, рече претседателот и извршен директор на РСЕ, Стивен Капус во изјавата на 31 јануари.
„И покрај обидите на Кремљ да ја криминализира слободата на говорот. „Дома и во странство нашите храбри новинари нема да бидат заплашени“, додаде тој.
Претходно во јануари тројца дописници за Current Time, ТВ и дигиталната мрежа на руски јазик управувана од РСЕ - Ирина Ромалијска, Олексиј Продајвода и Орина Федорових, беа етикетирани како странски агенти.
Тековно време, рускиот сервис на РСЕ и неколку други информативни сервиси на руски јазик на РСЕ беа ставени на таа листа во 2017 година.
Трамп бара од Мадуро безусловно да ги прифати депортираните Венецуелци
Американскиот претседател Доналд Трамп на 31 јануари испрати специјален пратеник во Венецуела за да го предупреди левичарскиот лидер Николас Мадуро да прифати безусловно враќање на депортираните Венецуелци или ќе се соочи со последици, јавува новинската агенција Франс прес.
Специјалниот американски пратеник Ричард Гренел, отпатува во Каракас за да разговара со Мадуро додека новата администрација вети дека ќе ја исполни својата идеја.
„Посетата на Гренел на Венецуела не значи дека САД го признава Мадуро за венецуелски претседател,“ соопшти Белата Куќа, јавува новинската агенција Ројтерс.
Портпаролот на Белата куќа, Каролин Левит, на 31 јануари изјави дека Гренел бара од Венецуела да дозволи летови за репатријација на членовите на Трен де Арагуа, венецуелската криминална банда која Трамп ја означи како терористичка група.
„Претседателот Трамп очекува Николас Мадуро да ги врати назад сите венецуелски криминалци и членови на банди кои се извезени во Соединетите држави и тоа да го стори недвосмислено и без услов“, рече Маурицио Клавер-Кароне, специјален претставник на САД за Латинска Америка.
Клавер-Кароне рече дека Гренел исто така ќе бара „американските заложници да бидат ослободени - веднаш, недвосмислено“.
„Се што би направил на овој повик е да ја повикам владата на Мадуро, режимот на Мадуро во Венецуела, да го послуша специјалниот пратеник Гренел и неговите барања и она што го става на маса, бидејќи на крајот, во спротивно ќе има последици“, изјави Клавер-Кароне.
Министерот за комуникации на Венецуела, Фреди Нанез, потврди на социјанлната платформа Телеграм дека Мадуро прифатил средба со Гренел, но посочи дека венецуелската страна не очекува договори.
Тоа би било една од првите познати средби на втората администрација на Трамп со влада што ја смета за непријателска од инаугурацијата.
Мадуро неодамна положи заклетва за трет мандат и покрај широката меѓународна загриженост за нерегуларности на изборите.
Претходната администрација на Џо Бајден се согласи да ги ублажи санкциите за нафтата како дел од договорот за американските затвореници и слободни избори.
Венецуела ослободи 10 Американци во размена. Но, Бајден повторно воведе санкции откако Мадуро не го следеше примерот на барањата за демократија.
Администрацијата на Трамп ја прекина заштитата од депортација за повеќе од 600.000 Венецуелци кои живеат во Соединетите држави под заштитен статус.
Претходно администрацијата на Бајден им дозволи да останат поради стравот за нивната безбедност доколку се вратат во Венецуела.
Црна Гора: Да се вклучи Венецијанската комисија во решавањето на парламентарната криза
Владејачкото мнозинство во Собранието на Црна Гора, откако не изнајде решение за парламентарната криза на 31 јануари и понуди на опозицијата предлог со кој ќе се побара мислење од Венецијанската комисија за тоа дали донесена одлуката за пензионирање судии на Уставниот суд е противуставна.
Имено, опозицијата од средината на декември го спречува одржувањето на седниците бидејќи Уставната комисија на Собранието ја презеде надлежноста на Уставниот суд во постапката за пензионирање на судиите на тој суд.
„Ова е добро решение и верувам дека опозицијата ќе го прифати“, изјави претседателот на Собранието Андрија Мандиќ.
Опозицијата не го коментираше предложениот договор.
Што нуди владата?
Во понудениот договор се предвидува Собранието да поднесе официјално барање до Венецијанската комисија за мислење за одлуката на Уставниот комитет што доведе до пензионирање на судијката на Уставниот суд Драгана Ѓурановиќ.
Мислењето на ова советодавно тело на Советот на Европа за уставни прашања би било обврзувачко за Парламентот и би се имплементирало во рок од една недела.
Парламентарното мнозинство бара опозицијата по потпишувањето на договорот да престане да го спречува одржувањето на собраниските седници за да се донесе буџетот за 2025 година, како и други акти.
Имено, Министерството за финансии донесе одлука за привремено финансирање откако опозицијата предводена од Демократската партија на социјалистите спречи неколку седници на кои на дневен ред беше буџетот.
Европската Унија загрижена за одлуката на Собранието
Одлуката на Собранието да му го прекине мандатот на судијата на Уставниот суд предизвика загриженост кај Европската комисија кон средината на декември.
Вклучување на Венецијанската комисија за решавање на парламентарната криза предложи еврокомесарката за проширување Марта Кос за време на нејзината посета на Подгорица во средината на јануари, изјави портпаролот на Европската Комисија Гијом Мерси.
„Европската унија ги повикува сите власти и политички лидери да обезбедат целосна функционалност на Уставниот суд како суштинска гаранција за владеењето на правото и демократската стабилност“, рече Мерси на 22 јануари.
ЕУ ги повика сите институции во Црна Гора да ги почитуваат законите и Уставот на земјата, бидејќи тоа е клучно за европскиот пат на Црна Гора.
Црна Гора е лидер во процесот на пристапување во ЕУ, со сите 33 преговарачки поглавја отворени и шест затворени.
За 40 отсто намален приходот на маркетите во Хрватска за време на бојкотот
За најмалку 40 отсто е намален приходот на маркетите во Хрватска на 31 јануари поради општиот бојкот на продавниците и услугите потикнат високите цени, покажуваат најновите податоци на Даночната управа.
Хрватската даночна управа соопшти дека бројот на издадени фискални сметки во малопродажбата од полноќ до 15 часот е намален за 31 отсто, додека вкупната вредност на издадените сметки е за 42 отсто помала во споредба со петокот, 17 јануари, кога немаше бојкот.
Во однос на претходниот петок, кога се одржа првиот еднодневен бојкот, бројот на издадени сметки во малопродажбата е за 18 отсто поголем, а вкупната вредност на издадените сметки за 15 отсто повисока.
Хрватската платформа за заштита на потрошувачите „Ало, инспекторе“ денеска повторно повика на бојкот на сите продавници, производи и услуги поради високите цени.
Одзивот на граѓаните е евидентен низ празните продавници и трговски центри во Загреб, каде што ретко кој влегува, а фотографии од празни маркети низ целата земја се објавуваат на хрватските портали и на социјалните мрежи на „Ало, инспекторе“.
Еднодневниот бојкот на маркетите беше успешен и покажа дека хрватските потрошувачи можат да го променат своето однесување, но, ќе видиме дали ќе го претворат во навика, вели во интервју за РСЕ професорот на Економскиот факултет во Загреб, Шиме Смолиќ.
„Точните ефекти ги видовме врз основа на податоците за падот на продажбата на мало. Според податоците на Даночната управа, за време на бојкотот на продавниците во петокот, 24 јануари, бројот на издадените фактури е намален за 44% во однос на претходниот петок (17.01.2025), додека вкупниот износ на фактури е намален за 53 %. Со оглед на тоа, можеме да кажеме дека еднодневниот бојкот беше успешен“,вели Смолиќ.
Бојкотот доби поддршка од здруженија на потрошувачи, политички партии, синдикати и Владата. Хрватската влада го вклучи алармот. Ги ограничи цените на 70 основни производи, кои мораат да бидат истакнати на посебни рафтови. Иницијативата која почна во Хрватска, за брзо време се прелеа и во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија.
АстраЗенека се откажа од планот за нова фабрика во Британија
Британскиот фармацевтски гигант АстраЗенека (AstraZeneca) на 31 јануари објави дека се откажува од плановите за изградба на фабрика за вакцини вредна 560 милиони долари во Британија, што може да биде сериозен удар врз очекуваниот економски раст во земјата.
„По долги дискусии со владата, ние повеќе не ја продолжуваме нашата инвестиција, планирана во Ливерпул, северозападна Англија“, изјави портпаролот на компанијата за новинската агенција Франс Прес.
Како причини за оваа одлука компанијата ги наведе проблемите со „тајмингот“ и „намалувањето“ на јавните субвенции понудени од лабуристичката влада во споредба со понудата од нејзиниот претходник, конзервативците.
Според изводите на Франс Прес, владата на британскиот премиер Кир Стармер, која дојде на власт во јули, предложил 40 милиони фунти субвенции во споредба со понудените 90 милиони фунти од неговиот претходник.
„Сите владини грантови треба да покажат вредност за даночниот обврзник и за жал, и покрај обемната работа од владините претставници, не беше можно да се постигне решение“, вели владиниот портпарол за Франс прес.
Оваа компанија веќе има фабрика во Англија и нема да биде засегната од последната одлука и ќе продолжи да произведува вакцини против грип.
Британската министерка за финансии Рејчел Ривс, во средата го претстави планот за закрепнување на економијата, чија главна мерка беше одобрување од владата на трета писта на Хитроу, најголемиот аеродром во Велика Британија и Европа.
Таа, исто така, најави олеснување на правилата за планирање и мерки за дерегулација за зголемување на инвестициите, како и поддршка на неколку инвестициски проекти за да се направи оската Оксфорд-Кембриџ таканаречена „Европска силиконска долина“.
Британскиот брутодомашен производ откако застана во третиот квартал, а потоа падна во октомври, се врати на помалку од очекуваните 0,1 отсто во ноември. Меѓународниот монетарен фодн во средината на јануари годинава ја ревидираше нагоре својата прогноза за британскиот економски раст на 1,6 отсто.
Пронајдени телата на повеќе од 40 жртви од несреќата во Вашингтон
Продолжуваат операциите во Вашингтон за извлекување на посмртните останки на жртвите по судирот на патнички авион на „Американ ерлајнс“ и воен хеликоптер во средата навечер. Во несреќата загинаа 67 лица, а, како што изјави официјален претставник за новинската агенција Асошиејтед прес, досега се пронајдени телата на повеќе од 40 жртви.
Спасувачите ги пронашле таканаречените „црни кутии“ од авионот кој се распаднал на неколку делови по судирот со хеликоптерот кои по тоа се урна во реката Потомак во близина на националниот аеродром „Роналд Реган“. Нуркачите планираат да го извлечат делови од авионот во реката и трагаат по дополнителни компоненти на авионот.
Националниот одбор за безбедност на транспортот соопшти дека ќе собира информации од црната кутија, рекордерот на податоци за летот, со цел откривање на можните причини за несреќата.
Одборот додаде дека е премногу рано да се шпекулира за причините за несреќата и вети дека ќе објави прелиминарен извештај во рок од 30 дена. Официјалните лица велат дека условите за летање биле добри, а авионот, кој пристигнал од Вичита, Канзас, правел рутинско слетување кога хеликоптерот влетал на неговиот пат.
На 31 јануари, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека пилотот на воениот хеликоптер летал превисоко.
„Тој беше многу над границата од 60 метри. Тоа не е толку комплицирано за разбирање, нели?“, изјави Трамп.
Двата авиони се урнаа во реката Потомак во близина на националниот аеродром Роналд Реган во во близина на главниот град на САД. Во авионот на Американ ерлајнс имало 64 патници и членови на екипажот, додека во воениот хеликоптер УХ-60 Блек Хок имало три лица.
Поранешните руски светски шампиони во уметничко лизгање, Вадим Наумов и неговата сопруга Евгенија Шишкова, се меѓу загинатите.
Во САД немало фатална несреќа на патнички авион од февруари 2009 година, но серија инциденти во последниве години покренаа сериозна загриженост за безбедноста.
Фицо обвинува: Обидот за дестабилизација на Словачка е поврзан со Украинци
Словачкиот левичарски премиер Роберт Фицо на 31 јанури изјави дека има докази дека „одредени мрежи“ поврзани со Украина се обидуваат да ја дестабилизираат Словачка и да ја соборат неговата влада, јавува германската новинска агенција ДПА.
Фицо изјави дека еден украински државјанин кој е поврзан со ова е во притвор, очекувајќи депортација. Тој додаде дека повеќе луѓе би можело да бидат протерани од земјата.
„Словачка, исто така, воведе неколку забрани за влез,“ додаде премиерот Фицо кој не го откри идентитетот на уапсениот Украинец.
Според него, словачките служби имале докази дека организаторите на неодамнешната серија масовни протести против словачката влада не само што биле тесно поврзани со делови од словачката опозиција, туку и со таканаречената Грузиска легија.
Тоа е доброволно здружение формирано од Грузијци кои се борат на украинската страна против Русија, која ја нападна Украина пред речиси три години.
Фицо посочи дека претставниците на Грузиската легија ги користат украинските разузнавачки служби за активности во странство.
„Воведена е забрана за влез на водачот на здружението Мамука Мамулашвили и на неколку други неименувани лица“, рече тој.
Советник на словачката влада претходно објави фотографија на која се гледа либералната опозициска политичарка Луција Стаселова заедно со Мамулашвили на презентација на книга.
Стаселова е водечки претставник на граѓанската иницијатива Мир за Украина (Mier Ukrajine), и официјалниот организатор на неодамнешните антивладини демонстрации во Словачка. Иницијативата е посветена на воена поддршка за Украина и повика на оставка на Фицо.
Претставниците на опозицијата ја отфрлија изјавата на Фицо како „теории на заговор“.
Фицо, еден од ретките сојузници на Кремљ во Европската унија, ја приближи Братислава до Москва откако се врати на власт во 2023 година.
Десетици илјади граѓани на Словачка изминатиов период протестираа ширум земјата искажувајќи го гневот против владата на премиерот Роберт Фицо кој инсистира да одржува поблиски врски со Русија. Во се понапнатата политичка атмосфера, протестите во главниот град Братислава и во градовите низ земјата траат со недели. Фицо ја засили својата реторика во последните негови изјави, обвинувајќи ги демонстрантите за обид за „државен удар“.
Украина погоди руска нафтена рафинерија во Волгоград, тврди Киев
Украинските сили погодија голема нафтена рафинерија во регионот на Волгоград, како дел од операциите насочени кон руската инфраструктура поврзана со воената инвазија на Украина за време на војната, објави Киев.
Украинските вооружени сили во соопштение на 31 јануари соопштија дека нападите биле насочени кон Лукоил-Волгограднефтоперобка, една од 10-те најголеми нафтени рафинерии во Русија по капацитет и главен снабдувач на нафтени деривати на руската војска.
„Борбените акции против стратешката инфраструктура, кои директно влијаат на способноста на руските вооружени сили да ја продолжат борбата против Украина, ќе продолжат“, се вели во објавата на Генералштабот на вооружените сили на социјалните мрежи.
Видеото и фотографиите објавени на социјалните мрежи, потврдени од Радио Слободна Европа, покажуваат експлозии и голем пожар во областа на рафинеријата, која преработува околу 14 милиони тони нафта годишно за производство на бензин, дизел и авионско гориво.
Регионалниот гувернер на Волгоград, Андреј Бочаров, потврди дека рафинеријата била погодена од напад со украински беспилотни летала, велејќи дека пожарот бил предизвикан од паѓање остатоци од одбранбените системи што ги исфрлиле беспилотните летала од небото.
Рафинеријата беше цел на претходни напади, вклучувајќи го и оној во мај минатата година.
Украина го зголеми интензитетот на нападите со беспилотни летала врз руските рафинерии во последните месеци. Претходно оваа недела, украински беспилотни летала нападнаа рафинерија за нафта во регионот Нижни Новгород.
Аналитичарите велат дека овој потег влијае на способноста на Москва да ги снабдува војниците со гориво за да се борат во речиси тригодишната војна против Украина, како и да ја намали употребата на нафта и горива што се користат за финансирање на воените напори.
Украина, исто така, тврдеше дека уништила руска воена команда во областа Курск во напади со беспилотни летала во текот на ноќта.
Москва не го коментираше тврдењето на Киев
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете