Вести
Се стравува за повеќе од 60 загинати по судирот меѓу авион и воен хелихоптер над Вашингтон

Се стравува дека загинаа повеќе од 60 луѓе откако патнички авион на компанијата „Американ ерлајнс“ се судри со хеликоптер на американската армија над Вашингтон и се урна во реката Потомак во близина на националниот аеродром „Роналд Реган“, јави агенцијата Ројтерс.
„Во овој момент не веруваме дека има преживеани“, рече Џон Донели, началник на пожарникарскиот округ Колумбија на прес-конференција на 30 јануари.
Донели рече дека досега 28 тела биле извлечени од реката, што се покажува како најсмртоносна воздушна катастрофа во Соединетите Американски Држави (САД) по повеќе од една деценија.
„Ќе работиме да ги најдеме сите тела и да им ги дадеме на нивните најблиски“, рече тој.
Американ ерлајнс потврди дека во авионот биле 60 патници и четворица членови на екипажот. Хеликоптерот превезувал тројца војници на тренинг лет, изјави официјален претставник на САД.
Поранешните руски светски шампиони во уметничко лизгање, Вадим Наумов и неговата сопруга Евгенија Шишкова, се меѓу загинатите.
Руската државна новинска агенција ТАСС и спортскиот портал Sports.ru цитираат извори дека Наумов и Шишкова, освојувачи на двојни златни медали на Светското првенство во 1994 година, биле во авионот.
Клубот за уметничко лизгање од Бостон, каде Наумов и Шишкова тренираат од 2017 година, соопштија дека двајцата руски тренери, кои го освоија златниот медал за парови на Светското првенство во уметничко лизгање во 1994 година, се меѓу шесте членови на клубот кои загинаа во несреќата.
„Нашиот спорт и нашиот клуб претрпеа ужасна загуба во оваа трагедија“, рече извршниот директор, Даг Зегибе.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за ТАСС изјави дека во авионот што се урна имало и други Руси.
„Во авионот имаше и други наши граѓани. Денес има лоши вести од Вашингтон. Жал ни е и испраќаме сочувство до семејствата и пријателите“, изјави Песков.
Двојката, која исто така го освои финалето од серијата на шампиони 1995-1996, се пресели во Соединетите Држави по кариерата во лизгање и станаа тренери.
Службеници за итни случаи кои работеа во текот на ноќта известија дека нуркачки тим открил една од двете таканаречени „црни кутии“ на авионот.
Американскиот секретар за транспорт, Шон Дафи, рече дека и хеликоптерот и авионот летале со стандардни шеми на летот и дека немало дефект во комуникацијата.
Пентагон соопшти дека започнува истрага.
Авионот се судрил со хеликоптер Сикорски Х-60 на средна височина додека се приближувал кон аеродромот за слетување.
Во САД немало фатална несреќа на патнички авион од февруари 2009 година, но серија инциденти во последниве години покренаа сериозна загриженост за безбедноста.
види ги сите денешни вести
Врховниот суд на САД ја потврди наредбата за ослободување на замрзнатите пари за странска помош

Врховниот суд на САД, денеска (5 март) ја потврди наредбата на понискиот суд до администрацијата на претседателот Доналд Трамп да ги ослободи замрзнатите средства за странска помош поврзани со веќе завршената работа, иако не е јасно колку брзо парите ќе почнат да се исплаќаат.
Судот со тесно мнозинство - пет наспроти четири, ја отфрли жалбата на републиканската администрација, а на окружниот судија Амир Али му посочи да ја разјасни својата претходна наредба која бара брзо ослободување на речиси 2 милијарди долари помош за веќе завршените проекти.
Судијата Самуел Алито ја предводеше групата од четворица конзервативни судии кои не се согласија со одлуката наведувајќи дека Али нема овластување да нареди плаќања.
Алито напиша дека е изненаден што судот „ќе наметне казна од 2 милијарди долари за американските даночни обврзници“.
Мнозинството судии посочија дека администрацијата не ја оспорува наредбата на Али туку само рокот, кој секако веќе истече.
Врховниот суд бара од судијата Али да „разјасни кои обврски мора да ги исполни владата за да обезбеди усогласеност со привремената забрана“.
Главниот судија Џон Робертс и судијката Ејми Кони Барет, двајцата конзервативци, се приклучија на тројца други либерални судии во создавањето мнозинство за денешната одлука на Врховниот суд.
Администрацијата на Трамп тврди дека ситуацијата се променила откако го заменила целокупното замрзнување на средствата со индивидуални проценки што доведоа до откажување на 5.800 договори на УСАИД и 4.100 други грантови на Стејт департментот, во вкупна вредност од речиси 60 милијарди долари.
Федералната влада ја замрзна меѓународната помош по извршната наредба потпишана од Трамп која се однесуваше на програмите што тој ги опиша како некорисни и неконзистентни со неговите надворешнополитички цели.
Во тужбата што следуваше потоа се тврдеше дека оваа суспензија е направена со кршење на федералниот закон и се прекинало финансирањето дури и за најитните, хуманитарни и спасувачки програми надвор од САД.
Окружниот судија Али нареди финансирањето да биде привремено обновено на 13 февруари, но скоро две недели подоцна откри дека владата не покажува знаци на усогласеност.
Администрацијата на Трамп поднесе жалба, нарекувајќи ја наредбата на Али „неверојатно наметлива и длабоко погрешна“ и протестирајќи за временската рамка за ослободување на средствата.
Суспендираниот обвинител Хајрулахи поднесе кривична против државниот обвинител

Суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје денеска (5 март) поднел кривична пријава неколку обвинители, вклучително и државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Неговата пријава ги опфаќа и шефовите на основното и вишото обвинителство во Штип, Татјана Кацарова и Ристо Бојаџиски, како и Ермон Незири, обвинител кој во моментов е член на Советот на јавни обвинители.
Ова доаѓа во период кога власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ тера постапка за разрешување на Коцевски од функцијата.
Хајрулахи беше суспендиран од неговата позиција откако против него и уште еден обвинител оф ВЈО Скопје се водеше дисциплинска постапка, а група вработени во ВЈО Скопје поднесоа и кривична против шефот за делата малтретирање во вршење на службата и за злоупотреба на службената положба и овластувања. Предметот беше проследен за постапување токму во штипското обвинителство.
Контра-пријавата против државниот обвинител и останатите обвинители, Хајрулахи ја поднел бидејќи смета дека, како што пренесе МИА, постапката против него била тенденциозна. Тој во пријавата ги товари за дело злоупотреба на службената положба и овластувања.
По информацијата дека поднел кривична пријава, од Обвинителството се огласија дека досега не ја примиле, а ако тоа се случи ќе биде распоредена кај надлежен обвинител за постапување.
Во меѓувреме, од штипското Основното јавно обвинителство известија дека во постапката против осомничениот обвинител Хајрулахи се постапува целосно согласно закон, а истрагата е во финална фаза.
„Надлежниот јавен обвинител не подлегнува на притисоци и испрати покана до осомничениот тој да даде исказ во своја одбрана, меѓутоа поканата е вратена со забелешка дека тој се иселил од адресата наведена за лицето во полномошното и во системот на МВР“, посочија од Обвинителството споделувајќи ја поканата која не успеале да ја достават.
Суспензијата на Хајрулахи и наводното незаконско назначување на в.д. шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје е и една од причините што владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги наведува како образложение за постапката за разрешување на државниот обвинител Коцевски од функцијата.
САД воведоа санкции за членови на Хутите

Соединетите Американски Држави (САД) денеска (5 март) воведоа санкции за седум водачи односно високи членови на Хутите, како и уште еден поединец поради испраќање јеменски цивили да се борат за Русија во Украина.
Санкциите објавени од американското Министерство за финансии, следуваат еден ден откако САД повторно ја прогласија оваа јеменска милитантна група за терористичка организација, пренесува агенцијата Франс прес (АФП).
Овие бунтовници, поддржани од Иран, контролираат голем дел од Јемен, вклучително и главниот град Сана, започнаа со ракетни и беспилотни напади врз Израел од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година.
Седумте санкционирани водачи, според соопштението од Министерството, шверцувале предмети од воена природа и системи за оружје во областите во Јемен кои се контролирани од Хутите, а исто така преговарале и за набавка на оружје од Русија.
Министерот за одбрана, Скот Бесент, посочи дека „барајќи оружје од сè поголем број меѓународни добавувачи, водачите на Хутите ја покажале својата намера да продолжат со своите непромислени и дестабилизирачки акции во регионот на Црвеното Море“.
„Американската влада е посветена да ги повика на одговорност Хутите за набавка на оружје и компоненти на оружје од добавувачи во Русија, Кина и Иран со цел да ја загрозат безбедноста на Црвеното Море“, порача портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус.
Покрај седумте водачи, другото лице кое заврши на „црната листа“ е Абдулвали Абдох Хасан ал-Џабри, кој се обвинува за регрутација на јеменски цивили да се борат за Русија во Украина, како и дека како човек близок до Хутите генерирал приходи за поддршка на милитантните операции на групата.
Според американските власти, преку неговата приватна компанија „Ал Џабри“ тој го олеснувал трансферот на цивили за борба во Украина во замена за пари во готовина, пишува АФП.
Вчера, Стејт департментот соопшти дека го прогласува јеменското движење Хути, за „странска терористичка организација“ откако претходно на ваков потег повикуваше и претседателот на САД, Доналд Трамп.
За време на својот прв мандат, Трамп ги прогласи Хутите за терористичка организација, но таа одлука беше променета од страна на администрацијата на Џо Бајден поради загриженост дека тоа би можело да спречи потребната помош да стигне до Јемен.
Во 2014-та година, Хутите зазедоа поголем дел од северозападниот дел на Јемен и неговиот главен град Сана, што доведе до војна во која загинаа десетина илјади луѓе, но создаде и хуманитарна катастрофа во најсиромашната земја во арапскиот свет.
Романија прогласи двајца руски дипломати за непожелни

Романија денеска (5 март) прогласи двајца руски дипломатски службеници за непожелни (персона нон грата) поради активности спротивни на дипломатските правила, пренесува Ројтерс.
Станува збор за военото аташе и неговиот заменик.
Русија најави дека ќе одговори на ваквиот потег на романските власти.
Овој чекор е последниот показател на тензичните односи меѓу Букурешт и Москва поради војната во Украина и обвинувањата за руско мешање во романските избори.
За потсетување, Романија го откажа вториот круг од претседателските избори во декември поради обвинувања дека Русија се мешала во изборната кампања, нешто што Москва го негираше.
„Романските власти одлучија да го прогласат за персона нон грата военото воздухопловно и поморско аташе во Букурешт на Руската Федерација, како и неговиот заменик за дејствија што се косат со Виенската конвенција за дипломатски односи“, соопшти Министерството за надворешни работи.
Романското МНР не соопшти повеќе детали за одлуката.
Руската новинска агенција РИА пренесе дека Русија најавила оти ќе даде соодветен одговор на ваквиот потег на Букурешт.
Во јули лани Русија прогласи официјално лице од романска амбасада за персона нон грата. Букурешт тогаш реагираше дека тоа е неоправдан одговор на претходниот потег на романските власти од мај кога руски дипломат беше прогласен за непожелен во Романија.
Полска депортира 17 грузиски мигранти

Полска во средата соопшти дека депортира 17 грузиски мигранти како дел од ветувањето на премиерот Доналд Туск дека ќе ги спречи криминалните активности на мигрантите, јави агенцијата Франс прес (АФП).
Полската полиција тврди дека грузиските банди стојат зад неколку неодамнешни брутални злосторства, што ја направија миграцијата клучна тема и за претседателските избори во мај.
„Депортациите започнаа. Ги разбиваме грузиските банди“, напиша Туск на социјалната мрежа Икс.
Портпаролот на полската гранична полиција, Анджеј Јозвијак изјави дека 17-те грузиски граѓани биле вратени назад во нивната земја со воен авион.
„Сите беа мажи на возраст меѓу 24 и 58 години со криминална историја или лица кои беа во Полска без законски дозволи за престој. Ова е прва операција од ваков вид“, рече Јозвијак.
Туск, чиј центристички табор се соочува со притисок од националистите пред претседателските избори во мај, минатиот месец најави серија рестриктивни мерки за мигрантите, вклучително и депортации.
Парламентот на Полска, исто така, усвои закон со кој се дозволува привремено суспендирање на правото на азил.
Владата објави план за укинување на одредени мерки за помош за украинските бегалци, кои пристигнаа во Полска во огромен број по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Исто така, Полска се противи и на Новиот пакт на Европската унија за миграција и азил, тврдејќи дека тој ќе ги обврзе да примаат мигранти.
САД ја суспендираа размената на разузнавачки информации со Украина

САД го „суспендираа“ споделувањето разузнавачки информации со Украина, изјави директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Џон Ретклиф.
Соопштението доаѓа по драматичното влошување на односите меѓу Киев и Вашингтон.
Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела имаа вербален судир во Овалната соба, а САД објавија дека ја прекинуваат клучната воена помош за Украина.
Ретклиф потврди дека споделувањето разузнавачки информации е замрзнато бидејќи Украина продолжува да се бори против инвазијата што ја започна Русија во 2022 година.
„Претседателот Трамп имаше легитимно прашање дали претседателот Зеленски е посветен на мировниот процес“, изјави Ретклиф за Фокс њуз.
Тој рече дека суспензијата што ја прават „на воениот и на разузнавачкиот фронт“ е привремена и оти САД повторно ќе работат „рамо до рамо со Украина“.
Додека Украина се обидува да го премости ќор-сокакот од Овалната соба, Трамп на 4 март изјави дека Зеленски му рекол дека Киев е подготвен да разговара со Москва и да го финализира договорот за минерали со САД.
Зеленски се обиде да ги подобри односите со Трамп, пишувајќи на социјалните мрежи дека неговиот судир со американскиот лидер е „за жалење“ и додаде дека сака да ја подобри ситуацијата.
Во своето обраќање пред американскиот Конгрес на 4 март, Трамп го прочита писмото од Зеленски.
„Во писмото се наведува ‘Украина е подготвена да седне на преговарачка маса што е можно поскоро за да се доближи траен мир. Никој не сака мир повеќе од Украинците’“, прочита Трамп пред американските пратеници.
Северна Македонија потпиша договор за грант за заеднички железнички премин со Србија

Северна Македонија потпиша Договорот за инвестициски грант од 2,4 милиони евра со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за проектот за изградба на заеднички железнички граничен премин „Табановце“ со Србија.
Договорот денеска (5 март) во Скопје го потпишаа вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и шефот на канцеларијата на ЕБОР Фатих Туркменоглу. Тој е дел од инвестицискиот пакет од 7,6 милиони евра за изградба на овој премин меѓу Северна Македонија и Србија.
Претходно Европската банка за обнова и развој за овој проект одобри и заем од пет милиони евра и грант од 250 илјади евра.
„На овој начин ќе ја подобриме комуникацијата помеѓу двете држави зашто ќе имаме ONE STOP SHOP и во железничкиот дел, кога се патува со воз. Се надевам дека ова ќе биде вовед кон повторно воспоставување редовна патничка железничка линија помеѓу Скопје и Белград за што се потребни секако напори од двете страни. Се работи за проект во вредност од вкупно 7,4 милиони евра во градежниот дел и 250 000 евра во делот на консултантски услуги и надзор“, изјави Николоски.
Проектот предвидува нова заедничка зграда за потребите на граничната полиција, Царината и инспекциски служби на Северна Македонија и Србија, како и реновирање на постојните објекти во Табановце. Исто така предвидена е изградба и на нова патна и комунална инфраструктура.
Според планираната динамика, проектот треба да биде имплементиран за две години. Изградбата се очекува да почне оваа година откако прво ќе се избере изведувачот.
Оваа железничка линија меѓу Србија и Северна Македонија е дел од Коридорот 10.
Проектот, според претставникот на ЕБОР Туркменоглу, е доказ дека Европската банка дава континуирана поддршка за земјава да ја подобри својата инфраструктура. Тој рече дека воспоставувањето на заеднички граничен премин помеѓу двете држави е „клучна инвестиција за поттикнување на регионалниот раст и за подигнување на свеста за придобивките кои произлегуваат од цврсти железнички врски во Западен Балкан“.
Сашо Дранго повеќе не е заменик-директор во „Македонија пат“, обвинителството води предистрага

Сашо Дранго повеќе не е заменик-директор на Јавното претпријатие „Македонија пат“, а на негово место е назначен Александар Шуковски, економист од Ресен.
Информацијата ја објавија повеќе медиуми, а и самиот Шуковски објави за новата функција на социјалните мрежи.
„Дадената доверба е голема обврска, но и одговорност, затоа можам да ветам, дека напорно ќе работам за да ја оправдам довербата која ми е дадена“, напиша Шуковски.
Покрај тоа што не е на функцијата во „Македонија пат“, Основното јавно обвинителство отвори и предистрага за Дранго откако пред околу два месеци беше објавена фотографија на која тој позира со убиена мечка.
„Извршен е распит на пријавеното лице, а во тек е вештачење на неговиот мобилен телефон. Надлежниот јавен обвинител издаде и повеќе наредби до Министерството за внатрешни работи од кои по дел сè уште се постапува. Кај пријавениот по барање на јавен обвинител и врз основа на судска наредба беше извршен и претрес“, соопштија од ОЈО Битола.
Фотографијата со мечката, предизвика лавина реакции во јавноста и од здруженијата за заштита на животните.
Дранго, пак, тврдеше дека не ја убил мечката туку тој и вработените во „Македонија пат“ само ја тргнале од коловозот на патот Битола-Ресен, по што тој се сликал со неа. Тој уверуваше и дека за инцидентот има записник и во полициската станица во Битола, но од таму негираа дека има пријава.
Најавена заедничка посета на Макрон, Зеленски и Стармер во Вашингтон

Портпаролката на француската Влада денеска (5 март) изјави дека е планирано заедничко патување на францускиот и украинскиот претседател и британскиот премиер во Вашингтон.
Таа истакна патувањето на Емануел Макрон, Володимир Зеленски и Кир Стармер треба да се реализира за краток рок, но не прецизираше датум.
Макрон претходно најави дека вечерва ќе се обрати до нацијата, а за утре е закажан посебен Самит на европските лидери посветен на одбраната на Украина.
Во обраќањето во Конгресот, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека украинскиот претседател Володимир Зеленски го информирал дека е подготвен за разговори со Русија за ставање крај на војната во неговата земја и понудил да потпише договор за минералните ресурси на Украина „во секое време“.
По една недела метеж што кулминираше со објавата на САД за прекин на воената помош за Украина по жестоката размена меѓу двајцата лидери, Трамп на заедничката седница на Конгресот на 4 март рече дека Зеленски му испратил писмо во кое изразува подготвеност да седне на преговарачка маса.
Кремљ го оцени писмото на Зеленски до Трамп како „позитивен чекор“

Русија позитивно го оценува изразеното расположение на украинскиот претседател Володимир Зеленски за преговори околу војната, но сè уште не е јасно со кого Русија би можела да разговара, соопшти Кремљ.
Зеленски го изрази својот став во писмо, кое вчера (4 март) јавно го обелодени претседателот на САД, Доналд Трамп.
„Украина е подготвена да седне на преговарачка маса што е можно поскоро, со цел постигнување траен мир. Никој не го посакува тоа повеќе од Украинците“, изјави Трамп, цитирајќи го писмото на Зеленски за време на обраќањето во Конгресот на САД.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека оваа најава е „позитивен сигнал“, но нагласи дека сè уште има правни и политички пречки.
„Прашањето е со кого би седнале на преговарачка маса. Според украинскиот закон, претседателот Зеленски сè уште нема овластување за директни разговори со Русија“, додаде Песков, алудирајќи на декретот од 2022 година со кој Киев забрани можност за преговори со рускиот претседател Владимир Путин.
Песков, исто така, изјави дека идните разговори меѓу Москва и Вашингтон ќе вклучуваат и дискусии за иранската нуклеарна програма.
„Оваа тема беше спомената за време на минатомесечните контакти со САД“, изјави портпаролот на Кремљ.
„Блумберг“ веќе објави дека Русија се согласила да посредува во комуникацијата меѓу администрацијата на Трамп и Иран, особено во однос на нуклеарната програма на Техеран и неговата поддршка за антирежимски групи во регионот.
Кремљ не ја потврди оваа информација, но укажа дека Иран е важна тема во руско-американските односи.
„Нашиот став е дека иранското нуклеарно прашање мора да се реши исклучиво со мирни, дипломатски средства. Иран е наш партнер и сојузник, и Русија е подготвена да даде свој придонес за решение на ова прашање“, изјави Песков.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете