Белорускиот авторитарен лидер Александар Лукашенко кој е на власт од 1994 година, го освои седмиот последователен мандат на изборите на 26 јануари, кои ги осудија Европската Унија(ЕУ) и белоруската опозиција во егзил, јави агенцијата АФП.
Со оглед на тоа што неговите противници се во затвор или во егзил, 70-годишниот владетел освоил 86,8 отсто од гласовите, покажуваат прелиминарните резултати на изборната комисија.
Овојпат, кандидатите избрани да се кандидираат против него всушност водеа кампања во негова корист, пренесе АФП.
Протераната опозициска лидерка Светлана Циханускаја ги нарече изборите „фарса“, додека ЕУ ги опиша како „измама“.
Лукашенко, сепак, рече дека не му е грижа дали блокот ги признава резултатите или не.
Унгарија ја блокира заедничката изјава на ЕУ за претседателските избори во Белорусија
Според информациите од извори на Радио Слободна Европа во Брисел, унгарските претставници ја блокираа заедничката изјава на земјите од Европската Унија за отфрлање на претседателските избори во Белорусија.
Во недостиг на потписи од претставници од сите 27 земји на ЕУ, шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, даде своја изјава, велејќи дека гласањето на 26 јануари не било слободно и фер и ги повика белоруските власти да ги ослободат сите политички затвореници.
Одлуката на режимот да покани независни набљудувачи на изборите од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) само 10 дена пред изборите ги спречи да добијат пристап до клучните фази од изборниот процес, рече Калас.
„Ова е уште еден доказ за целосниот недостиг на доверба во овие избори“, рече таа.
Калас додаде дека од овие причини и поради вмешаноста на белорускиот режим во војната на Русија против Украина и нејзините хибридни напади врз нејзините соседи, „ЕУ ќе продолжи да воведува ограничувања и санкции против режимот и ќе обезбедува финансиска поддршка за граѓанското општество, белоруската демократска силите во егзил и белоруската култура“.
„Европската Унија е подготвена да ја поддржи земјата во стабилизирање на нејзината економија и реформирање на институциите штом Белорусија ќе ја започне својата демократска транзиција“, додаде Калас.
Унгарија минатата недела одби да потпише нацрт-изјава во врска со „недемократските претседателски избори“ во Белорусија во име на 27-те земји на ЕУ. Но, таа не беше единствена во своето противење на нацртот. Словачка исто така одби да го потпише.
Во текстот, до чија копија РСЕ имаше увид, се вели дека „немилосрдното и невидено ниво на репресија“ во комбинација со кршењето на човековите права и ограничувањата на опозицијата и пристапот до независните медиуми во Белорусија „го лишиле изборниот процес од секаков легитимитет.
Претставниците на Словачка подоцна се согласија да ја потпишат изјавата, но унгарските власти продолжија да одбиваат да ја потпишат.
Инаку Унгарија, на чело со премиерот Виктор Орбан, постојано се спротивставуваше на проширувањето на санкциите против Русија и зголемувањето на европската помош за Украина.
Гласањето се одржа пет години по бранот на засилена репресија во Белорусија, за кое време групите за човекови права велат дека Белорусија затворила повеќе од 1200 политички затвореници.
Сите политички противници на Лукашенко се или во затвор или во егзил заедно со десетици илјади Белоруси кои избегаа откако Лукашенко организираше безмилосно задушување на противниците по огромните протести против него по изборите во 2020 година.
На последната изборна победа во неделата, Лукашенко освои повеќе гласови отколку во 2020 година, кога имаше 81,04 отсто гласови.
Доколку го заврши својот мандат, кој би завршил во 2030 година, тој ќе биде на власт 36 години.
Познат како „последниот диктатор на Европа“- прекар што тој го прифаќа - Белорусија на Лукашенко задржа голем дел од традициите и инфраструктурата на Советскиот Сојуз.
Додека Лукашенко претходно внимателно ги балансираше односите меѓу Европската Унија и Москва, од 2020 година тој политички и економски се потпира на Русија.
Обединетите Нации проценуваат дека околу 300 000 Белоруси ја напуштиле земјата од 2020 година, главно во Полска и Литванија, од вкупно девет милиони жители на Белорусија. Тие не можат да гласаат, бидејќи Белорусија го укина гласањето во странство.