Како што ќе ви кажат опозициски настроените Белоруси, претседателските избори во Белорусија на 26 јануари не се вистински избори. Независните медиуми се уништени, нема кредибилни опозициски кандидати, а гласањето е само вежба за консолидирање на власта на Александар Лукашенко. Тоа ќе биде сè друго освен слободни или фер избори.
Откако на двајца политичари им беше одбиена регистрација за изборната трка, се натпреваруваат само пет кандидати, вклучувајќи го и Лукашенко кој е на власт од 1994 година. Од нив, тројца ги претставуваат провладините партии, а едната - Хана Канапакаја е формално независна, но обвинета од многумина во опозицијата дека е заштитник на режимот.
Што е со белоруската опозиција?
На последните претседателски избори во 2020 година се случи нешто што со години не беше видено. Откако неколку опозициски лидери беа затворени пред изборната кампања, се појави друг лидер, Свјатлана Циханускаја. На фер поле за натпревар, се сметаше дека има пристојни шанси за победа.
На крај загуби, на изборите кои меѓународната заедница ги осуди како измамнички. Но, нејзината кампања доби извонредна видливост, ревитализирајќи ја болната белоруска опозиција и изведе десетици илјади луѓе на улиците да протестираат против изборниот резултат.
Протестите беа брутално задушени. Илјадници луѓе беа уапсени, а многумина тврдеа дека биле малтретирани или мачени во притвор. Циханускаја била принудена да побегне и да ја продолжи својата работа од Литванија.
Сега, соочена со сигурно апсење доколку се врати во Белорусија, рацете на Циханускаја ѝ се врзани. Таа ги повика граѓаните да се воздржат од протести, стравувајќи дека ќе се повтори репресијата. Наместо тоа, ги повика Белорусите да гласаат „против сите“ на гласачките ливчиња или целосно да се воздржат од гласање.
Долга сенка на бруталната акција
Репресијата имаше застрашувачки ефект врз белоруската опозиција, згаснувајќи ги и најмалите надежи за либерализација на земјата.
Многу опозициски демонстранти ја напуштија Белорусија или беа затворени. Независни медиуми, вклучително и Радио Слободна Европа(РСЕ), беа затворени, блокирани или принудени да работат од странство.
Според мониторингот спроведен од белоруското набљудувачко тело „Лаутренд“, 1161 невладини организации биле принудени да престанат да работат од 2020 година.
Во Белорусија моментално има околу 1300 политички затвореници, меѓу кои и активистот - добитник на Нобеловата награда за мир, Алес Бјалјатски и тројца новинари кои работеа за белорускиот сервис на РСЕ.
Држени се во непристојни услови, оневозможен им е пристап до медицинска нега или контакт со нивни роднини.
Во пресрет на изборите се зголеми притисокот врз опозицијата. Во ноември 2024, властите извршија над 100 рации поврзани со опозицискиот Координативен совет. Дваесет академици, новинари и активисти беа прогласени за виновни за наводни врски со Циханускаја и осудени во отсуство.
Владата е нервозна
Владата несомнено е загрижена да не се повторат протестите од 2020 година, па во своите пораки го форсира наративот дека изборите се остварен факт, а не референдум со високи влогови за популарноста на Лукашенко.
Државните медиуми и провладините профили на социјалните медиуми често ги прикажуваат наводните квалитети на Лукашенко како обичен човек, со снимки од претседателот како игра хокеј на мраз или цепи дрва.
Дури и Лукашенко изгледа не мисли дека претседателските избори се толку важни. Во едно провладино видео на ТикТок каде режимот претпазливо се обидува да придобие млади луѓе, Лукашенко ги спомнува изборите, но отворено вели: „Нема потреба да се ангажираме“.
Сепак, властите преземаат мерки на претпазливост, емитувајќи и програми на државната телевизија за опсежните безбедносни мерки за гласањето, во обид да ги задржат младите демонстранти дома. Во случај на масовни протести, Лукашенко се закани дека ќе го исклучи интернетот, а властите им забранија на луѓето да фотографираат пополнети гласачки ливчиња. Таа можност граѓаните широко ја користеа во 2020 година за да ја истакнат изборната измама.
Годинава, исто така, нема да има гласачки места во странство, што веројатно е обид да се замолчи дијаспората која главно е против Лукашенко.
Што може да направи Западот?
На 17 јануари, тогашниот американски државен секретар Ентони Блинкен рече дека белоруската „репресивна средина“ спречува легитимни демократски претседателски избори. На 22 јануари, Европскиот парламент усвои резолуција со која ги осуди изборите како лажни. Ваквите изјави, сепак, имаат мала последица за Лукашенко.
Во текот на последните неколку децении, белорускиот лидер повремено правеше увертира кон Западот, при што дипломати и експерти периодично зборуваа за тоа дека Белорусија ги прекинала врските со својот главен сојузник Русија.
Тие денови одамна ги нема. Од 2020 година, Минск ги продлабочи своите врски со Москва, особено во воената сфера со обезбедување на своја територија за руски напади врз Украина и како домаќин на заеднички воени вежби.
Додека ЕУ и САД воведоа санкции кон Белорусија, вклучително и замрзнување на имот, забрани за патувања и трговски ограничувања, белоруската економија ја преброди бурата, помогната од руската поддршка, вклучувајќи евтин гас, олеснување на долгот и приоритетен пристап до рускиот пазар.
Сега, на 70-годишна возраст, Лукашенко со постојани гласини за неговото лошо здравје, зборуваше за потребата од промена на генерациите во белоруската политика, што доведе до претпоставка дека ова може да биде неговиот последен претседателски мандат.
Прашањето од 64000 долари е кој, или што е следно?
Имаше шпекулации дека еден од синовите на Лукашенко ги презема уздите во свои раце, особено неговиот најмлад син Николај, кој има само 20 години.
Исто така, се зборуваше за тоа дека Лукашенко ќе му даде повеќе овластувања на Советот за безбедност или на Себелоруското народно собрание, советодавно тело со кое претседава Лукашенко, а кое беше претворено во уставно тело во 2022 година.
Каков и да е аранжманот, освен ако не дојде до драматична промена на раководството во Русија, Минск најверојатно ќе продолжи да ги продлабочува врските со Москва, како едностран аранжман според кој Белорусија се повеќе може да стане само вазал на руската држава.