Вести
САД ги осудија „лажните и недемократски“ избори во Белорусија

Соединетите Држави ги осудуваат „лажните“ парламентарни и локални избори на режимот на Александар Лукашенко што се одржаа вчера во Белорусија во „атмосфера на страв во која ниту еден изборен процес не може да се нарече демократски“, соопшти Стејт департментот.
„Режимот сè уште држи повеќе од 1400 политички затвореници, сите независни политичари се или во притвор или во егзил, а на сите независни политички партии им беше одбиена регистрацијата“, се наведува во соопштението на Стејт департментот.
Исто така, се наведува дека Белорусите кои живеат во странство може да гласаат само доколку се вратат во Минск, каде што „најверојатно ќе се соочат со репресии“ од режимот.
Освен тоа, „режимот ја спречи Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) да ги набљудува изборите, дополнително ограничувајќи ја транспарентноста која е клучна за слободни и фер избори.
„САД ја препознаваат силата, издржливоста и храброста на белоруското граѓанско општество и демократското движење, кои бараат глас во одредувањето на иднината на нивната земја. САД уште еднаш го повикуваат режимот на Лукашенко да ја прекине својата репресија, да ги ослободи сите политички затвореници и да отвори дијалог со своите политички противници. Белорускиот народ заслужува подобро“, се нагласува во соопштението.
Во Белорусија вчера (25 февруари) се одржаа парламентарни и локални избори на кои граѓаните избраа 110 пратеници во националниот парламент и околу 12 000 претставници на локалните собранија.
Изборната комисија во Минск по затворањето на гласачките места соопшти дека изборите поминале без инциденти и дека излезноста била 72,98 отсто.
На вчерашното гласање Лукашенко изјави дека планира повторно да се кандидира за претседател во 2025 година. Лидерката на опозицијата во егзил Светлана Тихановскаја повика на бојкот на изборите.
„Денешните таканаречени избори на белорускиот режим не исполнуваат никакви демократски стандарди, тие се повеќе како воена операција против сопствените граѓани, Уставот и здравиот разум“, објави Тихановскаја на Х.
види ги сите денешни вести
Во израелските воздушни напади загинаа најмалку 100 луѓе во Газа

Во израелските воздушни напади загинаа најмалку 100 Палестинци низ Појасот Газа во текот на ноќта, соопштија во неделата локалните здравствени власти, додека посредниците организираа нова рунда разговори за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
Засега нема коментар од израелската војска, која ги прошири своите напади врз енклавата, убивајќи стотици луѓе од четвртокот, како подготовка за нова копнена офанзива за постигнување „оперативна контрола“ во делови од Газа.
„Имаме најмалку 100 мртви од синоќа. Цели семејства се избришани од граѓанскиот регистар со израелските бомбардирања“, изјави телефонски за Ројтерс Калил Ал Декран, портпарол на Министерството за здравство во Газа.
Израел го блокираше влезот на медицински и прехранбени резерви, како и гориво, од почетокот на март во Газа, во обид да изврши притисок врз Хамас да ги ослободи израелските заложници и да одобри планови кои би можеле да вклучуваат заземање на целиот Појас Газа и контрола на помошта.
Хамас вели дека ќе ги ослободи заложниците само во замена за израелски прекин на огнот.
Зеленски се сретна со папата откако Русија почна голем напад со дронови врз Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со папата Лав XIV на денот на неговата инаугуративна миса на плоштадот Свети Петар во Ватикан на 18 мај.
Украинскиот лидер побара од поглаварот на Римокатоличката црква да помогне во напорите да се запрат борбите во речиси 39-месечната војна на Русија против Украина.
Папата Лав Четиринаесетти се сретна со Зеленски на 18 мај, откако беше официјално поставен, и тоа беше една од неколкуте приватни состаноци што ги одржа по церемонијата.
„Измачената Украина чека конечно да се случат преговорите за праведен и траен мир“, рече папата во молитвата по мисата.
Канцеларијата на Зеленски подоцна објави фотографии од украинскиот лидер и папата, заедно со сопругата на Зеленски, Олена и неговите министри за надворешни работи и за одбрана.
„Му благодариме на Ватикан за неговата подготвеност да стане платформа за директни преговори меѓу Украина и Русија. Подготвени сме за дијалог во кој било формат заради вистински резултати“, рече Зеленски.
Претходно, украинскиот лидер се сретна и со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на маргините на церемонијата во Ватикан. Тоа беше нивна прва средба по исклучително жестоката расправија во Овалната соба во Белата куќа во февруари.
Сепак, ниту еден официјален претставник не објави детали за средбата.
Средбата на Зеленски со папата доаѓа неколку дена откако руските и украинските преговарачи ги одржаа своите први разговори лице в лице по повеќе од три години, во обид да ги запрат борбите.
Сепак, немаше голем напредок во овој поглед, но страните се договорија да извршат голема размена на воени заробеници.
Русија ги отфрли повиците од Украина, европските земји и Соединетите држави за 30-дневен прекин на огнот во војната, која сега е четврта година.
Москва започна голем напад со беспилотни летала врз Украина во текот на ноќта, а најновите напади погодија област во близина на Киев и регионот Суми, иако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека ќе разговара со руските и украинските лидери во одделни повици со надеж дека ќе се постигне прекин на огнот.
Украинската војска соопшти дека Русија истрелала 273 беспилотни летала врз украински цели во текот на ноќта на 18 мај, што е еден од најголемите напади од почетокот на инвазијата во 2022 година. Војската тврди дека пресретнала или соборила најмалку 88 беспилотни летала и дека околу 130 не успеале да ги погодат своите цели.
Една 28-годишна жена е убиена, а едно четиригодишно дете е меѓу повредените во напад со беспилотно летало во област надвор од главниот град Киев, изјави регионалниот гувернер.
Еден ден претходно, напад со руско беспилотно летало погоди минибус со цивили во регионот Суми, во близина на руската граница, при што загинаа девет лица, а неколку беа ранети, соопштија украинските власти.
Трамп ќе разговара со Путин и Зеленски за „запирање на крвопролевањето“

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе разговара со лидерите на Русија и Украина на одвоени разговори утре (19 мај 2025), откако во смртоносниот напад на руско беспилотно летало вчера загинаа девет патници во минибус во Украина, еден ден откако првите директни мировни преговори во последните три години не постигнаа напредок.
Во објавата на својата мрежа „Truth Social“ на 17 мај, Трамп рече дека ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин по телефон, а темите на повикот ќе бидат „запирање на крвопролевањето“ што во просек убива повеќе од 5.000 руски и украински војници неделно и трговија.
Тој додаде дека потоа ќе разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски и ќе има групна дискусија со Зеленски и „разни членки на НАТО“.
„Да се надеваме дека ќе биде продуктивен ден, дека ќе има прекин на огнот и дека оваа многу насилна војна, војна што никогаш не требаше да се случи, ќе заврши“, напиша тој.
Еден ден пред украинските и руските делегации да одржат разговори во Истанбул на 16 мај, Трамп рече: „Ништо нема да се случи додека Путин и јас не се сретнеме“, а откако тие разговори завршија без напредок кон мирот, Трамп рече дека бара средба со Путин.
Руски напад врз цивили во Украина
Претходно, на 17 мај, напад со руско беспилотно летало погоди минибус со цивили во регионот Суми, во близина на руската граница, при што загинаа девет лица, а уште четири беа ранети, соопштија украинските власти.
Нападот на 17 мај се случи еден ден откако првите директни мировни преговори по повеќе од три години завршија без напредок, при што Киев ја обвини Москва дека поставува „неприфатливи“ барања.
Русија ги отфрли повиците од Украина, европските земји и САД за 30-дневен прекин на огнот во војната, која сега е во четврта година откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.
Нападот е извршен со беспилотно летало, соопшти воената управа на регионот Суми.
Украинската национална полиција ги обвини руските сили дека намерно го гаѓале минибусот, кој се користел како меѓуградски автобус. Беше погоден во близина на градот Билопили, недалеку од руската граница.
Сликите објавени на Телеграм од Националната полиција покажуваат уништен минибус Мерцедес и остатоци расфрлани на патот.
Немаше непосреден коментар од Русија, која тврди дека не е насочена кон цивили и покрај многуте докази за спротивното. Регионот Суми е место на чести руски напади.
По кратките и неуспешни преговори меѓу украинската и руската делегација во Истанбул на 16 мај, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека е потребна средба со рускиот претседател Владимир Путин за да се постигне напредок во ставањето крај на најдолгиот конфликт во Европа од Втората светска војна.
Русија бара Украина да се повлече од четири свои региони и да се откаже од воена отштета, објави Ројтерс

Руските преговарачи на мировните преговори во Истанбул побараа Украина да ги повлече своите сили од сите украински територии за кои претендира Москва пред да се согласи на прекин на огнот, изјави за Ројтерс висок украински функционер запознаен со разговорите.
Тоа барање, заедно со другите поставени во петокот, ја надминува рамката на нацрт-мировниот договор предложен од САД минатиот месец по консултациите со Москва.
Првите директни разговори во Истанбул меѓу двете страни по три години завршија со договор за размена на воени заробеници, без договор за прекин на огнот.
Според украински функционер, Русите предложиле повлекување на украинските трупи од Доњецк, Запорожје, Херсон и Луганск како услови за мировен договор и дури тогаш ќе дојде до прекин на огнот.
Русија ги контролира повеќето од овие региони, но украинската армија се уште се бори во некои делови. Москва дополнително бара меѓународната заедница да признае пет региони на Украина како руски. Покрај Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, се бара и признавање на Крим, анектиран во 2014 година, како дел од руската територија.
Американскиот предлог вклучува „де јуре“ признавање само за Крим и „де факто“ признавање за делови од други региони под руска контрола.
Москва побара од сите страни да се откажат од правото на воени отштети, додека САД бараат Украина да добие компензација. Украинскиот функционер рече дека руските преговарачи ги поставиле овие барања усно, а не писмено, објави Ројтерс.
Украина оцени дека руската преговарачка позиција во Истанбул покажала дека Москва не е сериозна за постигнување мир, а европските сојузници на Киев бараат од американскиот претседател Доналд Трамп да воведе нови санкции кон Русија.
Киев и неговите европски сојузници подготвија алтернативен предлог според кој прво би се случило прекин на огнот, а дури потоа би почнале преговорите. Тие исто така одбиваат да разговараат за територијални прашања до подоцнежна фаза.
Израел почна нова голема офанзива во Појасот Газа

Израелската армија (ИДФ) во петокот доцна вечерта објави дека започнала нова голема офанзива во Појасот Газа.
„Во текот на изминатиот ден, ИД започна со големи напади и мобилизација на силите за да постигне оперативна контрола во Појасот Газа. Ова е дел од подготовките за проширување на операциите и исполнување на целите на војната, вклучително и ослободување на заложниците и разбивање на терористичката организација Хамас“, се вели во соопштението на армијата на платформата Х.
Израелските медиуми објавија дека проширувањето на операциите ќе започне по завршувањето на патувањето на американскиот претседател Доналд Трамп во регионот на Персискиот Залив, доколку дотогаш не биде постигнат нов договор за Газа.
Трамп оттогаш го заврши своето повеќедневно патување, а нов договор сè уште не е на повидок.
Во петокот, палестинската новинска агенција ВАФА објави дека најмалку 100 луѓе се убиени во северниот дел на Појасот Газа од четвртокот вечерта по повеќекратните израелски воздушни напади, додека здравствените власти контролирани од Хамас соопштија дека се убиени 93 лица, а повеќе од 200 се повредени.
Бројките не прават разлика меѓу цивилни и воени жртви и не можат независно да се проверат.
Израелската влада веќе два месеци ја блокира сета помош за територијата, додека меѓународните хуманитарни организации предупредуваат на катастрофални хуманитарни услови.
Макрон се надева дека ќе се обнови дијалогот Косово - Србија

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека се надева оти дијалогот меѓу Косово и Србија ќе биде рестартиран „во наредните недели“.
Тој оваа изјава ја даде на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, откако беше прашан за критиките на косовската претседателка Вјоса Османи дека Европската унија го губи кредибилитетот.
„Поминавме многу време во дијалогот меѓу Белград и Приштина. ЕУ има легитимитет да бара конкретен напредок за политичките прашања“, рече Макрон за време на неговата посета на Албанија, на еднодневниот самит на Европската политичка заедница.
Тој ја спомена загриженоста на ЕУ за „политичките и социјалните тешкотии“ во Косово и Србија и рече дека овие позиции на ЕУ се познати и не се ништо ново.
„Не е добра идеја кога се обидуваме да ги поделиме линиите или да се обидеме да го доведеме во прашање процесот“, додаде Макрон.
Поради кризата на северот на Косово, која ги зголеми тензиите меѓу двете земји, од септември 2023 година во Брисел не се одржува рунда политички дијалог, туку се водат само разговори на ниво на главни преговарачи.
Ден претходно Османи ја повика Европската унија да ги укине казнените мерки против Косово пред да продолжи дијалогот меѓу Косово и Србија за нормализација на односите.
„Прво треба да разговараме за укинување на мерките од страна на ЕУ, бидејќи тоа го нарушува самиот кредибилитет на ЕУ“, рече Османи во Тирана.
Соопштени детали за договорот со Лондон: Ќе се градат железници, болници, студентски дом...

Со документот за стратешко партнерство, двете влади испраќаат силна порака дека интересите на граѓаните се најважни, а дека политиката е моќен инструмент кога создава вредности, а не поделби, истакна денеска, 17 мај, премиерот Христијан Мицкоски на заедничката пресконференција со британскиот амбасадор Метју Лосон по повод согласноста за договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.
Премиерот нагласи дека договорот ќе биде основата за инвестициски циклус којшто „ќе има вкупна рамка од 5 милијарди фунти, односно 6 милијарда евра, при што дел од овие пари ќе бидат употребени за инвестиции во инфраструктурата, изградба на модерна карго и брза патничка железницата од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството и нови болници, завршување на проектот на клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот медицински факултет, студентски дом со капацитет од двестотини легла, изградба на болницата во Кичево заедно со здравствен дом, реконструкција на клиничката болница во Тетово...“.
„Партнерството што го формализираме, ќе придонесе за модернизација на нашите вооружени сили и подлабока интеграција во НАТО стандардите. Ќе ни овозможи да ја зголемиме безбедноста на границите и да се спротивставиме на трговијата со луѓе и шверцот“, изјави Мицкоски.
Според премиерот, стратешкото партнерство не е награда туку е признание за нашата досегашна доследност.
„Ова што се постигна претставува втор клучен столб на нашата меѓународна позиционираност, по стратешкото партнерство со САД. Овој договор е голема потврда дека нашата држава чекори по патот на стабилноста, безбедноста, развојот и европската иднина“, нагласи премиерот.
Амбасадорот Метју Лосон оцени дека договорот е врвен момент во билатералната врска меѓу двете земји, изградена на заеднички вредности, заедничко членство НАТО и мошне богата трговска врска.
„Ние сме големи инвеститори и британската Влада реши да го надградува тоа преку договор меѓу двете влади кој се фокусира на трговија и инвестиции за да се креира поголем раст и стотици милиони фунти од кои граѓаните на оваа земја ќе имаат корист заедно со граѓаните на нашата земја“, рече Лосон.
Тој демантираше дека со договорот државава се обврзала на прифаќање мигранти, појаснувајќи дека станува збор за соработка на полициски сили и подобро справување со криминални групи.
Руски дрон погоди цивилен минибус, загинаа деветмина, соопшти Киев

Во напад на руско беспилотно летало е погоден минибус со цивили во регионот Суми, во близина на руската граница, при што загинаа девет лица, а четворица беа ранети, соопштија украинските власти.
Нападот на 17 мај дојде еден ден откако првите директни мировни преговори по повеќе од три години завршија без позитивен резултат и кога Киев ја обвини Москва за „неприфатливи“ барања. Русија ги отфрли повиците на Украина, европските земји и Соединетите Држави за 30-дневен прекин на огнот во војната, сега веќе во нејзината четврта година од целосната инвазија на Русија на Украина во февруари 2022 година.
Нападот е извршен со дрон, соопшти регионалната воена управа на Суми. Националната полиција на Украина обвини дека руските сили намерно го гаѓале комбето, кое се користело како меѓуградски автобус. Беше погоден во близина на градот Билопиља, недалеку од руската граница.
Сликите објавени од Националната полиција на Телеграм покажаа извалкан минибус Мерцедес и остатоци расфрлани на патот.
Немаше моментален коментар од Русија, која тврди дека не цели цивили и покрај многуте докази за спротивното. Регионот Суми е место на чести руски напади.
По видливите и неубедливи разговори меѓу украинската и руската делегација во Истанбул на 16 мај, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека е потребна средба со рускиот претседател Владимир Путин за да се постигне напредок во ставањето крај на најдолгиот конфликт во Европа од Втората светска војна.
„Мораме да се собереме“, изјави Трамп во интервју за Фокс њуз. Тој рече дека е оптимист за ангажман со Путин, но е подготвен да изврши притисок врз Русија доколку е потребно.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 16 мај рече дека средбата Трамп-Путин на која ќе се разговара за билатералните врски, Украина и други прашања е „сигурно неопходна“, но ќе биде потребно време за да се подготви и не треба да се одржи освен ако не даде резултати.
На разговорите во Истанбул, кои траеја околу 90 минути, преговарачите се согласија да разменат по 1.000 затвореници од секоја страна во блиска иднина, изјавија шефовите на двете делегации. Тоа би била најголемата поединечна размена од почетокот на целосната инвазија.
Но, немаше индикации дека големите јазови меѓу Русија и Украина за прашања како територијата и прекинот на огнот беа намалени. Европските лидери му се придружија на украинскиот претседател Володимир Зеленски во осудата на Москва.
„Руската позиција е јасно неприфатлива, и тоа не е првпат“, рече британскиот премиер Кир Стармер во заедничката изјава со лидерите на Полска, Германија и Франција на самитот во Тирана, Албанија.
Тој рече дека по состанокот со Зеленски, кој исто така беше на самитот, и заедничкиот телефонски разговор со Трамп на кој разговараа за разговорите во Истанбул, „сега тесно ги усогласуваме и координираме нашите одговори и ќе продолжиме да го правиме тоа“.
Мајнл-Рајзингер: Билатералните прашања не треба да бидат камен на сопнување

Вие сте делот од кој Европа не може да се откаже и навистина сме сериозни кога велиме дека не сме комплетни без вас, порача денеска шефицата на австриската дипломатија, Беате Мајнл-Рајзингер, на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски.
„Оваа држава има направено многу, секако дека сте имале и фрустрирачки моменти на тој пат, процесот е навистина многу долг и ние забележуваме од страна на ЕУ дека имаме обврска да почувствуваат граѓаните на оваа држава дека сме сериозни на овој пат и поради тоа се залагаме за градуелната интеграција во ЕУ и сакаме да почувствувате дека ве поддржуваме“, рече австриската шефица на дипломатијата која е во официјална посета на Скопје.
Таа сепак додаде дека Северна Македонија треба да изоди уште неколку чекори до нејзината цел- отворање на пристапниот процес на преговори со ЕУ.
„Исто така ЕУ треба да има интерес да го поддржи овој процес, да го забрза, да биде искрена и да не става уште некои камења за сопнување. Долг пат е ова, но е искрена цел за заедничка европска иднина и ние ќе направиме сè за да не ви ставаме нови сопки“, рече Мајнл-Рајсингер.
Нејзиниот македонски колега Тимчо Муцунски пак истакна дека Планот А е полноправно членство во ЕУ и од тој план државата нема да скршне.
„Меѓутоа, она што го очекуваме од Унијата е предвидливост, односно билатералните прашања да останат билатерални и не прифаќаме решение по секоја цена. Ние сме прва земја во регионот којашто потпиша Партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ, нешто што сега во актуелниот контекст се покажува како многу значајно. Земја лидер согласно став на високи претставници на ЕУ во делот на имплементација на Реформската агенда која е интегрален дел од Планот за раст. Значи, ние на дело покажуваме дека план А е полноправно членство во ЕУ, рече Муцунски.
Тој повтори дека како држава од Брисел очекуваме предвидливост и билатералните прашања да останат настрана од процесот на пристапување и оти се во постојана комуникација и со претставници на ЕУ, на змеји-членки, како и со претставници од Бугарија, при што некои средби се формални, а некои се неформални.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта за време на посетата на Скопје порача дека процесот на евроинтергација на земјава се одвива многу долго и оти сега е време да се испорачаат резултати.
На новинарско прашање дали има план Б за тоа да се надминат барањата од страна на Бугарија, Кошта истакна дека не треба да се потценува планот А и дека треба да се фокусираме на негова испорака. Премиерот Мицкоски, пак, на заедничката прес-конференција со Кошта, изрази надеж дека во периодот што следи заеднички ќе го одблокираме овој процес.
Затворска казна од година и пол за поранешните директори на тетовската модуларна болница

Порашните директори Флорин Бесими и Артан Етеми се осудени на една година и шест месеци затвор за пожарот на Модуларната болница во Тетово. Тетовската болница како правно лице е казнета со парична казна од 1 милион денари.
Бесими по пресудата нагласи дека судскиот процес немал за цел да ги открие вистинските виновници за пожарот во Модуларната болница.
„Од длабочините на мојата душа, изразувам сочувство до семејствата на жртвите. Судењето немаше за цел да ја открие вистинската одговорност за пожарот во модуларната болница. Ова судење се претвори во судење против оние кои не беа виновни. Бев обвинет дека немам противпожарни апарати. Јас не го потпишав приемот-предавањето на објектот и за ова сведочев на суд, но ова не беше земено предвид. Ова не е правда, туку отстапување од вистината“, рече Бесими.
Судскиот процес се повтори, а во истиот беа обвинети двајцата директори и тетовската болница.
Во пожарот во модуларната болница на 8 септември 2021 година животот го загубија 14 луѓе.
Тогаш Етеми и Бесими како обвинети за тешки дела против општата сигурност добија условна казна од година и пол.
Во време на пожарот, министер за здравство беше актуелниот лидер на опозициската СДСМ, Венко Филипче, кој веднаш по настанот си даде оставка од морални причини, но тогашниот премиер Зоран Заев не ја прифати.
Модуларната болница ја градеше фирмата „Брако“, во која пак удел имаше поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете