Вести
Зеленски ја потврди втората испорака на ловци Ф-16 од Данска
Данска го испорача вториот контингент повеќенаменски борбени авиони Ф-16 на Украина, потврди украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во пораката на Телеграм, Зеленски ја пофали Данска и изрази жалење за недостатокот на посветеност од другите сојузници, јави агенцијата АФП.
„Првите авиони што ги даде Данска веќе соборуваат руски ракети, спасувајќи го нашиот народ и нашата инфраструктура. Сега нашата воздушна одбрана е дополнително зајакната. Доколку сите партнери беа толку решени, ќе можеме да го направиме рускиот терор невозможен“, напиша Зеленски.
Зеленски денеска, 7 декември, треба да се сретне со светските лидери на церемонијата по повод повторното отворање на реновираната катедрала Нотр Дам во Париз по катастрофалниот пожар што ја зафати катедралата во 2019 година.
Домаќин на церемонијата е францускиот претседател Емануел Макрон.
Меѓу присутните ќе бидат и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, како и европски лидери, кои, како што јави агенцијата АП, сакаат да го убедат да ја задржи поддршката за Украина против тригодишната руска инвазија.
Не е наведено дали Трамп ќе се сретне со Зеленски.
Нордиско-балтичките земји и Полска ветија дека ќе ја засилат поддршката за Украина, вклучително и во обезбедување на повеќе муниција за зајакнување на капацитетите за одвраќање и за одбрана од хибридни напади.
Лидерите на Данска, Естонија, Финска, Латвија, Норвешка, Полска и Шведска, кои се состанаа на 27 ноември, во близина на Стокхолм, во заедничко соопштение наведоа дека се подготвени да ги засилат санкциите против Русија и против поддржувачите на нејзината инвазија во Украина.
види ги сите денешни вести
Од први јануари Бугарија и Романија целосно влегуваат во Шенген
Советот на ЕУ денеска (12 декември) одлучи проверките на копнените шенгенски граници на Бугарија и Романија да бидат укинати од 1 јануари следната година. Ова го соопшти унгарското претседателство со Советот на ЕУ.
„Ова е голема победа за Бугарија, Романија и цела Европа“, објави унгарското претседателство со ЕУ.
Овој потег доаѓа откако австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер претходно оваа недела објави дека Виена конечно се откажува од своето противење на двете земји да се приклучат на зоната од 29 членки, која опфаќа повеќе од 450 милиони луѓе и опфаќа 4,6 милиони квадратни километри.
Претходно оваа година, проверките на воздушните и поморските шенгенски граници на двете земји беа укинати со одлука донесена за време на шпанското претседателство со Советот на ЕУ на 30 декември лани.
Целосното приклучување на Романија и Бугарија во Шенген доаѓа откако Хрватска стана најновата членка во јануари 2023 година.
Се очекува граничните контроли да бидат укинати од 1 јануари, но случајните проверки треба да се вршат до 1 јули, според одлуката донесена од амбасадорите на ЕУ на 27 ноември, која треба да ја потврдат министрите за правда и за внатрешни работи на 12 декември.
На изборите во Косово се пријавиле 28 партии, меѓу кои и Српска листа
Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) соопшти дека 28 политички субјекти поднеле барање за учество на парламентарните избори на 9 февруари, а меѓу нив е и водечката српска политичка партија Српска листа.
Српска листа претходно најави дека ќе учествува на косовските избори. Инаку, пратениците на Српската листа, која од ноември 2022 година ги бојкотира седниците на Собранието на Косово, еднаш на шест месеци се појавуваат во Собранието за да го задржат мандатот и да обезбедат продолжување на нивните плати.
Според соопштението на ЦИК, меѓу 28-те политички субјекти пријавени за учество на изборите до официјалниот рок се 20 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат.
Меѓу политичките субјекти се и партиите од албанската, српската и другите помали заедници во Косово.
ЦИК мора да ги потврди списоците најдоцна до 25 декември.
Изборите на 9 февруари ќе бидат првите редовни парламентарни избори што ќе се одржат во Косово од неговото прогласување независност во 2008 година.
Опозициските партии долго време бараа предвремени избори, но на почетокот на годинава не успеаја да постигнат договор за тоа како да се одржат изборите.
На крајот на мај пропадна иницијативата на најголемата опозициска партија Демократската партија на Косово за распуштање на Собранието и одржување избори.
На оваа можност се спротивставија уште две опозициски партии, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово, кои побараа владата предводена од Албин Курти да поднесе оставка или да биде сменета.
Сепак, на овие две барања се спротивстави движењето Самоопределување на Курти.
Полицијата повторно се обидела да ја претресе канцеларијата на јужнокорејскиот претседател
Полицијата утрината (12 декември) се обиде повторно да ја претресе канцеларијата на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол, како дел од кривичната истрага против него за воведување вонредна состојба минатата недела, еден ден откако беше спречен претходниот обид за претрес, соопштија официјални лица.
Националната истражна агенција (НОИ), што го води случајот, испратила истражители да прибават документи и материјали поврзани со воведувањето на воена состојба на 3 декември, јавија јужнокорејски медиуми.
Полицијата вчера се обиде да ги пребара клучните канцеларии, вклучително и салата за состаноци на кабинетот, Претседателската служба за безбедност и бункерските простории во штабот на армијата.
Првата потрага беше завршена за неколку часа, со полициско обезбедување, а беше изнесена ограничена документација бидејќи безбедносните служби одбија да соработуваат.
Второто парламентарно гласање за импичментот на Јун се очекува в сабота, една недела откако првото гласање не успеа бидејќи повеќето пратеници од владејачката партија го бојкотираа гласањето.
Против Јун беше покрената кривична истрага за бунт затоа што на 3 декември воведе воена состојба, која беше укината неколку часа подоцна, откако првпат беше отфрлена во Парламентот.
Генералното собрание на ОН усвои резолуции за прекин на огнот во Газа и поддршка за УНРВА
Генералното собрание на Обединетите Нации со големо мнозинство одобри две резолуции со кои се бара итен прекин на огнот во Појасот Газа и поддршка на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), која Израел ја забрани.
Од 193 земји, 158 гласаа за резолуцијата за прекин на огнот во Газа, а 13 беа воздржани, додека 159 земји гласаа за поддршка на УНРВА со 11 воздржани.
Гласањето беше одржано по дводневна дебата, за време на која претставниците на земјите-членки на ОН главно повикаа на прекин на 14-месечната војна меѓу Израел и милитантната група Хамас и бараа пристап до целата територија на Појасот Газа со цел за да се спречи хуманитарна катастрофа.
ЕУ одлучува за укинување на контролите на копнените граници на Бугарија и Романија кон Шенген
Укинувањето на контролите на внатрешните копнени граници на Романија и Бугарија со останатите земји од Шенген зоната ќе биде една од главните теми на денешното (12 декември) заседание на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ.
Покрај ова, министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ на заседанието на Советот ќе расправаат и за состојбата во Шенген зоната, со фокус на зајакнување на севкупната безбедност преку дигитализација, како и за потенцијалниот датум за почеток на примената на системот за влез/излез во Унијата (ЕЕС).
ЕЕС е автоматизиран ИТ систем за регистрирање на државјаните на земји кои не се членки на ЕУ при нивното патување на краток престој во Унијата. Согласно овој систем, граничните службеници ќе земаат отпечатоците од прстите или ќе ги фотографираат лицата при нивниот прв премин на границата на ЕУ и овие податоци ќе биде зачувани во дигитална датотека.
На седницата на Советот за правда и внатрешни работи на 10 октомври, Еврокомисијата најави дека планира фазен начин на воведување на ЕЕС.
Министрите ќе ја разгледаат и предложената регулатива за спречување и борба против сексуалната злоупотреба на деца, а ќе разменат мислења и за состојбата со борбата против трговијата со дрога и организираниот криминал.
Со предложениот закон на ЕУ за спречување и борба против сексуалната злоупотреба на деца се предвидува интернет компаниите да бидат обврзани да ги алармираат властите за секоја форма на онлајн сексуална злоупотреба на деца на нивните платформи. Планирано е и формирање на центар кој ќе им помага на властите во акциите по извештаите за сексуална злоупотреба на деца и кој ќе собира и споделува експертизи и најдобри практики за превенција и поддршка на жртвите.
Предвидено е еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Маркус Брунер пред министрите да поднесе извештај за состојбата со имплементацијата на Пактот за миграција и азил на ЕУ, по што за време на работниот ручек ќе се разговара за надворешната димензија на миграцијата и начините за зголемување на ефикасноста на политиката на ЕУ за враќање на мигрантите. Целосната имплементација на Пактот за миграција и азил, што беше усвоен во мај годинава, треба да започне од јуни 2026 година.
Утре (13 ноември), Советот ќе ја продолжи работата на ниво на министри за правда, кои се очекува да усогласат заеднички пристап на земјите членки кон Директивата за минимални правила за спречување на криумчарењето мигранти и за измените на Директивата за борба против сексуалната злоупотреба и сексуална експлоатација на деца.
Филков: Благодарност до сојузниците, но институциите мора сами да ја завршат работата
Министерот за правда Игор Филков е благодарен на помошта од сојузниците во откривањето на случаи на корупција, но смета дека претстои надлежните институции во наредниов период до крај да ја завршат својата работа.
„Јас сум благодарен на нашите партнери што ни помагаат во процесите, но некои работи ќе мораме сами да ги истераме до крај. Во периодот што следи да видиме што ќе се случува, да не брзаме со заклучоци, вели Филков кој одговараше зошто од македонските надлежни институции нема истраги за корупција за Груби и судијата Беџети дека сториле корупција, а во САД веќе процениле дека има.
На прашање зошто македонските институции не можеле да ги откријат и гонат за сторена корупција лицата кои се на „црната листа“ во САД за кои процениле дека кај нив има дејства на корупција, Филков смета дека се потребни усогласувања.
„Јас не би рекол дека не можат. Тоа значи дека ние имаме многу пред нас за усогласување. Така да почекаме да видиме што ќе се случи“, рече Филков.
Поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и членовите на неговото најблиско семејство и судијата од Апелациониот суд Енвер Беџети се најдоа на црната листа на американскиот Стејт департмент, објавена на 9 декември.
Во образложението се наведува дека тие примиле мито влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
Во официјалното соопштение објавено на веб - страницата на Стејт департментот, се истакнува дека на Меѓународниот ден за борба против корупцијата и во пресрет на Денот на човековите права, Соединетите Држави ги преземаат активности за промовирање на одговорност за сторителите на корупција и злоупотреба на човековите права ширум светот.
Американската амбасадорка Анџела Агелер изјави дека доказите за нив се достапни и дека македонските институции можат да ги најдат.
Колиција на романските прозападни партии за да се спротивстават на десницата
Четирите прозападни партии во Романија се согласија да формираат парламентарно мнозинство за да ги спречат екстремно десничарските групи да формираат влада, во услови на политички превирања откако Уставниот суд на земјата ги поништи претседателските избори во земјата.
Во пресрет на вториот круг од изборите, кој беше откажан, беа објавени податоци за влијание на Русија, што доведе до поништување на првиот круг од претседателските избори, во кој победи проруски политички аутсајдер.
Четирите партии кои заедно освоија најмногу гласови на парламентарните избори на 1 декември - левичарската Социјалдемократска партија (ПСД), централно-десничарската Национал-либерална партија (ПНЛ), реформистичката Унија за спас на Романија (УСР) и етнички унгарската УДМР, постигнаа договор доцна на 10 декември во Букурешт.
„Денес, проевропските партии ПСД, ПНЛ, УСР и УДМР плус парламентарната група на национални малцинства ја изразуваат својата цврста посветеност да формираат проевропско мнозинство во романскиот парламент, проевропска влада и евентуално да поддржат заеднички проевропски кандидат на претседателските избори“, се вели во заедничката изјава на четирите партии, објавена доцна на 10 декември.
Договорот доаѓа откако четирите партии минатата недела ѝ дадоа поддршка на претседателската кандидатка на УСР Елена Ласкони пред вториот круг закажан за 8 декември. Во вториот круг таа требаше да се соочи со прорускиот независен кандидат Калин Георгеску, кој извојува неочекувана победа во првиот круг на 24 ноември.
Сепак, на 6 декември Уставниот суд на Романија ги поништи резултатите од првиот круг и нареди повторување на претседателските избори. Сето тоа дојде откако Врховниот совет за одбрана на таа земја членка на Европската унија (ЕУ) и НАТО, декласифицираше документи кои наводно докажуваат дека претседателската кандидатура на Џорџеску била поддржана од кампања предводена од неименуван „државен актер“ со помош на социјален медиумска платформа TikTok во сопственост на Кина.
Москва ги предупреди Русите да не патуваат на Запад
Русија на 11 декември соопшти дека односите со Соединетите Држави се толку спротивставени што руските граѓани не треба да патуваат во САД, Канада и некои земји од Европската унија, бидејќи ризикуваат да бидат прогонувани од американските власти.
Говорејќи на прес-конференција во Москва, портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова рече дека односите со САД се на работ на прекин.
„Во контекст на растечката конфронтација, патувањата во Соединетите држави, приватни или за официјални цели, носи сериозни ризици“, рече Захарова, пренесува Ројтерс.
„За време на ови празници ве повикуваме да продолжите да се воздржувате од патување во Соединетите Држави и нивните сојузнички сателитски држави, вклучително пред се Канада и земјите од Европската унија, со некои исклучоци“, рече Захарова.
Руски и американски дипломати велат дека односите меѓу двете земји се полоши од кога било од Кубанската ракетна криза во 1962 година, поради несогласувањата околу војната во Украина.
Тие го достигнаа врвот на кризата минатиот месец, кога САД и Велика Британија ѝ дозволија на Украина да ги користи своите ракети за напад на руска територија.
Како резултат на тоа, Русија го намали прагот за употреба на нуклеарно оружје.
Русија и САД постојано меѓусебно се обвинуваат за апсење на нивните граѓани под лажни обвиненија.
Тошковски: Полицијата ќе стори сè за Ковачевски да го изведе пред правдата
Министерот за внатрешни работи (МВР) Панче Тошковски денеска изјави дека ексдиректорот на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски не е достапен за домашните органи на прогон, но дека полицијата ќе стори сè за тој да биде изведен пред лицето на правдата.
Тошковски зборуваше за шпекулациите во јавноста за тоа каде се наоѓа Ковачевски, кој е еден од осомничените во акцијата „Адитив“.
„Посоченото лице е во рамките на регистарот на државјани на Македонија и е македонски државјанин. Согласно информациите што ги поседувам, не побарало отпуст. Не би сакал да шпекулирам каде се наоѓа и би оставил органите на прогонот да постапуваат“, рече Тошковски.
Денеска обвинителството побарало притвор за 9 лица, додека за 13 е побарана мерка обезбедување, како и 5 времени мерки за замрзнување имот, според информациите кои Обвинителството ги објави денеска на брифонг со новинарите.
Биле реалзирани вкупно 77 претреси, а одземени се 208 илјади евра, 30 мобилни телефони, УСБ стикови, компјутери, лап топи и мотороно возило БМВ од понов датум. Обвинителите рекоа и дека бил замрзнат поголем имот на 5 лица.
Во акцијата „Адитив“ се сомничат 23 луѓе за кривични дела прење пари, злоупотреба на службена должност и злоупотреба на постапката за јавен повик.
Обвинители, истражители и полицајци извршиле претреси во Битола, Неготино, Велес, Кичево и Скопје.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на 10 декември соопшти дека издадени се и три наредби до Управата за финансиско разузнавање и низа наредби за обезбедување на податоци до надлежните инститиции и МВР.
Според соопштението од Обвинителството, во период од април минатата година до август годинава, дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и Пошта на Северна Македонија, создале криминална група.
Тие се сомничат дека свесно ги изиграле правилата за јавни набавки за адитив за јаглен за потребите на РЕК Битола.
Косово го одликуваше амбасадорот на САД Ховениер
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, му додели орден „Д-р Ибрахим Ругова“ на амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер.
Ховениер, кој одлучи да се пензионира, ќе ја напушти мисијата на Косово овој месец.
Османи рече дека овој американски дипломат во Косово бил повеќе од амбасадор.
„Тој беше со нас кога луѓето во Косово беа жртви на страшни злосторства, беше со нас кога известуваше за масакрот во Рачак, беше со нас кога ги поставивме темелите на нашата независна држава и цело време беше со нас неколку години во одбраната на независноста, суверенитетот и нераскинливото сојузништво со САД“, рече Османи во објава на Фејсбук, каде што објави и видео од церемонијата на доделување на орденот.
Овој орден се доделува на лица чие животно дело се смета за особен придонес во градењето на мирот, развојот на демократијата и негувањето на хуманизмот.
Ховениер е во амбасадорска мисија на Косово од почетокот на 2022 година.
„Оваа награда ми значи многу, бидејќи ја претставува колективната работа и посветеноста на сите кои беа дел од овој напор да се обезбеди мир и стабилност во Косово и да се унапреди нашата заедничка визија за суверена, демократска и мултиетничка земја. Беше голема привилегија да служам како американски амбасадор овде во Косово“, напиша Ховениер во објавата на мрежата Х.
Иако постојано ја изразуваше својата поддршка за Косово, во некои прилики и критикуваше, особено Владата, за некои постапки кои САД ги окарактеризираа како еднострани и некоординирани.
Во интервју за Радио Слободна Европа во август, Ховениер рече дека партнерството со Косово „не е она на што се надевале“.
Критикуваните процедури се однесуваа на неколку одлуки на косовските власти во однос на северот на земјата, населен со српско мнозинство, а кои Владата на премиерот Албин Курти ги опиша само како обид за ширење на власта на целата земја, во територијата каде делувале паралелните српски институции кои ги финансираат властите на Србија.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете