Достапни линкови

Вести

Нордиско-балтичките држави и Полска ќе ја зголемат воената помош за Украина

Кинескиот товарен брод „Ји Пенг 3“ во близина на Данска.
Кинескиот товарен брод „Ји Пенг 3“ во близина на Данска.

Нордиско-балтичките земји и Полска ветија дека ќе ја засилат поддршката за Украина, вклучително и во обезбедување на повеќе муниција за зајакнување на капацитетите за одвраќање и за одбрана од хибридни напади.

Лидерите на Данска, Естонија, Финска, Латвија, Норвешка, Полска и Шведска, кои се состанаа денеска (27 ноември) во близина на Стокхолм, како што наведоа во заедничко соопштение, се подготвени да ги засилат и санкциите против Русија и поддржувачите на нејзината инвазија во Украина.

Тие разговарале и за истрагата за прекинот на подводните комуникациски кабли што се случи претходно овој месец во Балтичкото Море.

Состанокот беше прв на шефовите на влади на нордиско-балтичките земји од 2017 година. Полска присуствуваше за првпат. Средбата беше организирана со цел да се разговара за трансатлантските односи, регионалната безбедносна соработка и заедничката политика за војната во Украина.

Пред состанокот полскиот премиер Доналд Туск предложи заеднички мониторинг на Балтичкото Море од страна на морнариците на балтичките земји откако беа оштетени двата подморски комуникациски кабли, што се истражува како хибриден напад.

„Веќе постои балтичка воздушна полиција за воздушниот простор над Балтичкото Море. Ќе ги убедам нашите партнери во неопходноста веднаш да се создаде аналогна формула за контрола и безбедност на водите на Балтичкото Море, за поморски надзор“, рече Туск.

Подводните кабли, едниот што ги поврзува Финска и Германија, а другиот Шведска и Литванија, беа оштетени на 17-18 ноември, што предизвика сомнежи за саботажа.

Шведска, Германија и Литванија започнаа истрага, но причината за оштетувањето сè уште не е позната.

Финската полиција соопшти дека верува оти инцидентот бил предизвикан од кинески брод што влечел сидрото, а и шведските инспектори во истрагата се фокусирале на кинескиот товарен брод „Ји Пенг 3“, за кој се смета дека ги поминал двете локации во моментите на прекин на каблите.

Бродот сега стои неактивен во меѓународните води, но е во ексклузивната економска зона на Данска.

Шведска побара од бродот да се врати во нејзините води за да се олесни истрага, рече премиерот Улф Кристерсон на 26 ноември нагласувајќи дека со ова тој не упатува никакви обвинувања.

Тој рече дека се надева оти Кина позитивно ќе одговори на барањето.

„Од шведска страна имавме контакт со бродот и контакт со Кина и рековме дека сакаме бродот да се движи кон шведските води“, рече Кристерсон.

Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека комуникацијата со Шведска и другите релевантни страни била „непречена“.

Мао Нинг на редовниот брифинг за медиумите на 27 ноември изјави дека Кина покажала „конзистентна поддршка“ во работата со другите земји за одржување на безбедноста на меѓународните подводни кабли и другата инфраструктура.

„Ји Пенг 3“ го напушти руското пристаниште Уст-Луга на 15 ноември. Русија минатата недела оцени дека сугестиите дека таа има некаква врска со инцидентот се „апсурдни“.

Волстрит журнал на 27 ноември објави дека бродот во меѓународните води веќе една недела е опкружен со европски воени бродови. Инспекторите се сомневаат дека екипажот на „Ји Пенг 3“, кој е натоварен со руско ѓубриво, намерно ги пресекол каблите влечејќи го сидрото повеќе од 160 километри, пишува весникот.

Истрагата се фокусира на тоа дали капетанот на бродот бил наведен од руското разузнавање да ја изврши саботажата, пишува Волстрит журнал.

види ги сите денешни вести

Уште една блокада на обвинителството и судот во Нови Сад

Зградата на Вишото јавно обвинителство и судот во Нови Сад, 28 ноември 2024
Зградата на Вишото јавно обвинителство и судот во Нови Сад, 28 ноември 2024

Здружената опозиција и денеска, 28 ноември, се обиде да го блокира влезот пред новосадскиот суд и обвинителство. Овој пат опозицијата бара истрага против полицајците кои го претепаа 74-годишниот Илија Костиќ.

Тој беше уапсен седум дена претходно при претходната блокада на судот и обвинителството. После тоа тој бил тешко повреден и итно бил опериран при што му бил изваден дел од телото.

Сите опозициски советнички групи во градското собрание претходно му дадоа рок од 24 часа на Обвинителството да покрене постапка ден претходно.

Рано утрото припадниците на жандармеријата зазедоа позиции пред зградата. Како дополнителна пречка беше поставена метална заштита. Жандармеријата направила тесен премин и со помош на судската стража ги пуштила вработените во зградата.

Опозицијата најави дека во рок од 24 часа ќе бара оставка од министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ доколку не ги објави резултатите од работата на Секторот за внатрешна контрола.

Ова е четврти пат во последните две недели зградата на Палатата на правдата во Нови Сад да биде блокирана.

Минатата недела три дена по ред народните избраници и пратеници во Собранието на АП Војводина, како и советниците во Градското собрание на Нови Сад го блокираа влезот во зградата во која се наоѓаат новосадските судови и обвинителствата.

Миран Погачар, градски советник од движењето „Браво“ на средбата порача дека граѓаните нема да се откажат од барањето уапсените на протестот да бидат ослободени.

Мариника Тепиќ, пратеничка од опозициската Партија на слободата и правдата, рече дека полицијата завчера во Белград „пуштила орда насилници да ги малтретираат луѓето на мирниот протест во Савамала, во забранетиот град, во Белград на вода“.

„И тепаа стари луѓе“, посочи таа, алудирајќи на случајот со 74-годишниот Илија Костиќ.

За време на протестот и блокадата на граѓаните во Белград, на 27 ноември, кои се противат на уривањето на Стариот Савски мост, група луѓе ги нападна учесниците на блокадата. Според изјавите на учесниците на протестот, полицијата по половина час се појавила и ги одвоила учесниците на протестот од граѓаните кои ги напаѓале.

Опозицијата побара кривично гонење на одговорните за падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица, а други двајца се во тешка состојба. Таа, исто така, побараа ослободување на приведените во апсењата што следеа по масовните демонстрации на улиците на Нови Сад на 5 ноември.

Сиљановска-Давкова во официјална посета на Црна Гора

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на РСМ
Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на РСМ

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова од денeска (28 ноември) ќе престојува во дводневна официјална посета на Црна Гора, каде ќе има средби со државниот врв на земјата, соопштија од нејзиниот кабинет.

Како што е најавено, македонската претседателка во Цетиње, со највисоки државни и воени почести ќе биде пречекана од нејзиниот црногорски колега, Јаков Милатовиќ, по што ќе следи тет-а-тет средба на двајцата претседатели, како и пленарен состанок на делегациите на двете земји.

Претседателката во Подгорица ќе оствари средба и со претседателот на парламентот на Црна Гора, Андрија Мандиќ, а според агендата, утре (29 ноември) е предвидена средба и со премиерот на земјата, Милојко Спајиќ.

Во рамки на официјалната посета, Сиљановска-Давкова, како што информираат од нејзиниот кабинет, ќе одржи предавање на Правниот факултет при Универзитетот на Црна Гора, на тема „Западнобалканскиот демократски и евроинтеграциски маратон“.

Романската Агенција за телекомуникации бара суспензија на „Тик-Ток“

Прв круг претседателски избори во Романија, 24 ноември 2024 година
Прв круг претседателски избори во Романија, 24 ноември 2024 година

Заменик-шефот на романската агенција за телекомуникации, Павел Попеску, рече дека официјалниот процес за суспендирање на платформата Тик-Ток низ цела Романија ќе започне денеска, во очекување на истрага за улогата што таа мрежа ја одигра во првиот круг од претседателските избори одржани во неделата.

„Повикувам платформата Тик-Ток да биде суспендирана во Романија од 28 ноември додека државните институции не ја завршат истрагата поврзана со манипулацијата со изборниот процес“, изјави Попеску.

Тој додаде дека официјалниот процес за таа цел ќе почне денеска (28 ноември).

Првиот круг од претседателските избори во Романија се одржа во неделата, но ниту еден кандидат не освои мнозинство од гласовите.

Кандидатот на десницата Калин Ѓорѓеску и лидерката на опозицијата Елена Ласчони се пласираа во вториот круг од претседателските избори во Романија.

Ѓорѓеску освои 22,95 отсто од гласовите, а Ласиони 19,2 отсто.

Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 декември.

Голем руски напад врз украинската енергетска инфраструктура

илустрација
илустрација

Украинските власти рано утринава (28 ноември) јавија за масовен напад на руските сили врз енергетската инфраструктура на земјата, поради што има прекин на електричната енергија во голем дел од државата.

„Со температури околу нулата, уште еднаш, енергетскиот сектор беше подложен на масовен напад од непријателот“, соопшти украинското Министерство за енергетика на Фејсбук.

Русија врши напад од големи размери против енергетската инфраструктура на Украина, објави украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко.

„Напади на енергетските капацитети се извршуваат низ цела Украина. Операторот на електропреносниот систем Укренерго итно воведе вонредни прекини на струја“, напиша министерот на Фејсбук, додавајќи дека висината на штетата ќе биде проценета штом дозволи безбедносната ситуација.

Рано утринава Русија истрела крстосувачки ракети кон Украина, предизвикувајќи воздушна тревога низ целата земја.

Снабдувањето со електрична енергија во градовите Киев, Одеса и Днипро е прекинато, прецизираше операторот на мрежата ДТЕК. Воздушна тревога беше прогласена низ целата земја, при што украинските воздухопловни сили известија за ракетни напади насочени главно кон регионите Одеса, Кировохрад, Херсон и Николаев.

Во вторникот, Русија го објави својот „одговор“ на двата нови украински напади со американски ракети ATACMS врз нејзината територија во последните денови.

Од почетокот на нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година, Русија ги напаѓа цивилните области во Украина, а како што се приближува зимата, таа ги засилува нападите, главно врз енергетската инфраструктура, јавија западни медиуми.

Руското Министерство за одбрана, пак, соопшти дека синоќа (27 ноември) уништило 25 украински беспилотни летала над областа Брјанск, Крим, Краснодарската и Ростовската област.

ЕУ подготвува нов пакет санкции против Русија

илустрација
илустрација

За нов пакет санкции на ЕУ против Русија, вклучително и мерки за таргетирање на кинеските компании што произведуваат беспилотни летала за руската војна против Украина, за првпат се разговараше вчера, јави ДПА.

Претставниците на 27-те земји-членки разговараа за новите предлози на Европската комисија во рамки на 15-тиот пакет санкции на ЕУ против Русија по руската инвазија врз Украина.

Според ДПА, предлозите вклучуваат и преземање построги дејствија против т.н руска флота во сенка што се користи за транспорт на нафта и нафтени деривати.

Претседателката на Мексико до Трамп: Не планираме да ја затвориме границата

Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум
Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум

Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум одговори на тврдењето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека ќе ја „запре“ миграцијата во Соединетите Држави нагласувајќи дека државата не планира да ја затвори границата.

„Позицијата на Мексико не е да ги затвора границите, туку да гради мостови меѓу владите и заедниците“, напиша Шејнбаум на X.

Трамп тврдеше дека се согласила „да ја запре миграцијата низ Мексико и во САД, практично затворајќи ја нашата јужна граница“.

Неодамна Трамп исто така најави дека ќе воведе нови големи царини за производите од Мексико, Канада и Кина штом ќе ја преземе функцијата, како дел од напорите за сузбивање на илегалната имиграција и трговијата со дрога.

Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“ напиша дека на 20 јануари ќе ги потпише сите потребни документи за воведување царина од 25 отсто за сите производи од Мексико и Канада што се увезуваат во САД и царина од 10 отсто за производите од Кина.

СДСМ избра нови секретари и потпретседатели

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со новото партиско раководство.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со новото партиско раководство.

Александар Димитриевиќ ќе биде новиот генерален секретар на СДСМ, одлучи вечерва, 27 ноември, Централниот одбор на партијата, кој избра и двајца организациски секретари и четворица потпретседатели.

Димитриевиќ е од редовите на општинската организација на СДСМ во Гази Баба и е актуелен советник во оваа општина. Тој доаѓа на позицијата генсек на местото на Миле Зечевиќ.

Во новото раководство на СДСМ отсега ќе има двајца наместо еден организациски секретар, можност која беше воведена со измените на статутот на партијата на конгресот одржан на 24 ноември.

За оваа функција, како што соопшти партискиот лидер Венко Филипче, се избрани поранешниот пратеник од Куманово, Мартин Костовски, и Љупчо Фармаковски од Општина Центар.

На четирите потпретседателски места, пак, Централниот одбор ги избрал: поранешната министерка за животна средина Каја Шукова, универзитетската професорка Ана Чупевска од Правниот факултет во Скопје, Кристина Костова од општинската организација на СДСМ во Штип и Менде Илиевски од Битола.

По седницата на ЦО, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека таа поминала во позитивна атмосфера, а новите лица во раководството се „луѓе со силен личен интегритет и знаење и искуство во своите области“.

„Оваа енергија и атмосфера што ја имавме вечерва е доказ дека консолидација не само што е започната туку и одлично се одвива на сите нивоа во партијата“, рече Филипче.

Тој најави дека веќе од утре новото раководство ќе започне со работа и ќе се има посети и средби по сите општински организации.

„Направен е план за посети, некои насоки за промена на делувањето, комуникацијата со луѓето, начинот на кој ќе допреме до членовите и симпатизерите, оние кои од некакви причини не гласаа – останаа дома или гласаа за друг политички субјект, веќе пристапуваат поради тоа што сме спремни да ги слушнеме сите нивни предлози и во широк процес да ги вклучиме во креирањето на политики“, рече Филипче.

ЦО на СДСМ вечерва избра и членови на Извршниот одбор за кој партискиот лидер рече дека воделе сметка да има соодветна застапеност од сите региони во државата.

Промената на раководството кај социјалдемократите следува по најтешкиот изборен пораз што партијата го доживеа во својата историја на парламентарните и претседателските избори во мај годинава.

По поразот, поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, како и останатото раководство на партијата, си поднесоа оставки.

За нов лидер беше избран Венко Филипче на внатрепартиски избори на 30 јуни.

Новиот состав на Централниот одбор, пак, беше избран конгресот на 24 ноември кога по предлог на Филипче за заменик-претседателка на СДСМ беше изгласана Фани Каранфилова Пановска, поранешна директорка на Фондацијата Отворено општество.

Владејачката партија номинираше поранешен фудбалер за претседател на Грузија

Премиерот од Грузиски сон Иракли Кобахиџе, почесниот претседател на партијата Бидзина Иванишвили и претседателскиот кандидат Михаил Кавелашвили на промоцијата на поранешниот фудбалер како кандидат за шеф на државата.
Премиерот од Грузиски сон Иракли Кобахиџе, почесниот претседател на партијата Бидзина Иванишвили и претседателскиот кандидат Михаил Кавелашвили на промоцијата на поранешниот фудбалер како кандидат за шеф на државата.

Грузиската владејачка партија го избра поранешниот фудбалер на Манчестер Сити, Михаил Кавелашвили, за свој претседателски кандидат на изборите на 14 декември, објави денеска (27 ноември) претседателот на Грузиски сон, Бидзина Иванишвили.

Грузиски сон, партија која противниците го обвинуваат дека за заземање проруски авторитарен став, победи на парламентарните избори на 26 октомври, но опозицијата не ги прифати резултатите.

Демонстранти го оспорија новиот состав на парламентот во пресрет на неговата прва седница одржава во понеделникот, а изборниот исход не го прифаќа ниту прозападната претседателка Саломе Зурабичвили, која го повика Уставниот суд да ги поништи резултатите.

И покрај тоа, грузиските парламентарци се состанаа во вторник за да го одредат 14 декември како датум за следните претседателски избори.

„Нашиот тим едногласно одлучи да го номинира Михаил Кавелашвили за функцијата претседател на земјата“, рече во средата почесниот претседател на Грузиски, сон Бидзина Иванишвили, нарекувајќи го поранешниот фудбалер „инкарнација на грузискиот човек“.

Таткото на четири деца, 53-годишниот поранешен фудбалер, кој играше за англискиот тим Манчестер Сити меѓу 1996 и 1999 година, влезе во политиката во 2016 година кога стана пратеник од партијата Грузиски сон.

Откако го напушти Грузискиот сон во 2022 година, тој ја основа својата десничарска евроскептична партија „Моќта на народот“.

За време на неговата фудбалска кариера, покрај за Манчестер Сити, играше и за грузиската репрезентација и за Динамо Тбилиси.

По спорните парламентарни избори на 26 октомври на кои владејачката партија извојува убедлива победа, Грузија ја тресат протести.

Зурабичвили, опозициските партии и независните набљудувачи велат дека изборите биле наместени.

Претседателските избори треба да се одржат на 14 декември.

За прв пат, идниот претседател ќе го избира избирачкиот колеџ наместо граѓаните во непосредно гласање. Ваквите измени беа воведени од партијата Грузиски сон со промена на Уставот во 2017 година.

Овие избори, се смета дека имаат за цел да ја зајакнат контролата на владејачката партија во време кога поранешната советска република минува низ период на политички турбуленции.

Инаугурацијата на идниот претседател ќе се одржи на 29 декември.

Австралија на чекор да ги забрани социјалните мрежи за помлади од 16 години

Илустрација.
Илустрација.

Долниот дом на австралискиот парламент со големо мнозинство го поддржа законот со кој на децата до 16 години им се забранува користење на социјалните мрежи.

Предлог-законот што денеска (27 ноември) го усвои Претставничкиот дом ги таргетира платформите на социјалните медиуми како ТикТок, Фејсбук, Инстаграм и Икс и предвидува казни до 50 милиони австралиски долари доколку не ја почитуваат забраната.

Откако беше усвоен со 103 гласа „за“ и 13 „против“, законот сега оди во Сенатот, каде исто така се очекува да помине со поддршка од најголемите партии во Австралија.

Опозицискиот пратеник Ден Техан рече дека владата се согласила со амандманите поднесени во Сенатот со кои ќе се зајакне заштитата на приватноста на корисниците на социјалните мрежи, вклучително и забрана за платформи кои ги принудуваат корисниците да се идентификуваат со личен документ од владата.

Ако се изгласа законот, социјалните мрежи ќе имаат една година да размислуваат како да се придржуваат до наредбата.

Иако забраната наиде на широка поддршка во парламентот, некои опозициски пратеници тврдат дека законот не решава многу од основните проблеми со социјалните медиуми, а во исто време ги ограничува правата на Австралијците.

„Вистинската цел на овој предлог-закон не е да ги направи социјалните медиуми безбедни, туку само родителите и гласачите да почувствуваат дека владата прави нешто во врска со тоа“, смета независната пратеничка Зои Даниел.

Технолошките компании, пак, ја повикаа австралиската власт да го одложи гласањето најмалку до јуни следната година, кога треба да бидат објавени резултатите од направената студија за технологиите за верификација на возраста.

„Во отсуство на такви резултати, ниту индустријата ниту Австралијците нема да ја разберат природата или степенот на верификација на возраста што го бара законот, ниту влијанието на таквите мерки врз Австралијците“, се вели во соопштението на компанијата Мета, која управува со Фејсбук и Инстаграм.

„Во сегашната форма, предлог-законот е неконзистентен и неефикасен“, додаваат оттаму.

Забраната на социјалните мрежи беше критикувана и од Амнести интернешенел и од австралиската комесарка за човекови права, Лорејн Финлеј, која рече дека тоа ќе ги лиши ранливите деца од социјална сигурност.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG