Вести
За пет години, десет фирми добиле тендери во вредност од милијарда евра
Во последните пет години во земјава се склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 5,8 милијарди евра, а 36 % од нив, односно 2,1 милијарда евра им припаднала само на 50 фирми.
Само првите 10 фирми на врвот од оваа листа добиле тендери во вредност од 1 милијарда евра.
Во листата на најголеми добитници на тендери се градежни компании, веледрогерии, дистирбутери на нафтени деривати итн. На дел од компаниите кои се на листата 50 најголеми добитници на тендери, речиси целиот бизнис им почива на договори за јавни набавки.
Во првите 10 фирми се Марковски Компани Битола, Д-р Пановски, Пуцко Петрол, Алкалоид Конс, Енерџи Деливери Солушнс, Макпетрол, Илинден Струга, Гранит, Македонски телеком и Стентон Градба Битола.
Ова го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за 50-те фирми кои добиле најмногу пари во јавните набавки во последните пет години (2019-2023 година) и отворената база на податоци за нив.
Според истражувањето, фирмите кои добиле најголема вредност на тендерите во изминатите 5 години, во најголем дел се од земјава и ним им припаднале 95 отсто од вредноста на тендерите. Само 5 отсто земале фирми од странство. Притоа, убедливо најголем удел имаат скопските фирми, а по нив битолските.
„Прворангираната фирма, Марковски Компани, за 5 години има склучени вкупно 77 договори за јавни набавки во вредност од 151 милион евра. Дури 66 тендери им се склучени со државното претпријатие АД Електрани, во вредност од 141 милион евра. Второпласираната Д-р Пановски во анализираниот петгодишен период има склучено 1 491 договор во вредност од 144 милиони евра. Трета е Пуцко Петрол од село Пласница со склучени 1 776 договори во вредност од 137 милиони евра“, наведува Центарот за граѓански комуникации.
Според дејноста, дури 39 отсто од вредноста на договорите отпаѓа на градежништвото кадешто припаѓаат и договорите на АД Електрани за користење на механизација и работници за ископ на јаглен. На второ место се тендерите за набавка на лекови и медицинска опрема во вредност од 559 милиони евра и удел од 27 отсто. На трето се нафтените деривати со вредност од 297 милиони евра и удел од 14 отсто.
Сите други фирми, согласно дејноста, имаат удел под 10 проценти.
види ги сите денешни вести
Српската Влада почна да објавува документација поврзана со падот на настрешницата во Нови Сад
На веб-страницата на Владата на Србија на 12 декември започна објавувањето на документите за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад.
Владата претходно соопшти дека на седницата одржана на 12 декември донела одлука Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура во следните 24 часа „јавно да ги стави на располагање информациите во врска со можното извршување на кривично дело поради пропаѓање на настрешница на зградата на станицата во Нови Сад на 1 ноември 2024 година“.
Во падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад загинаа 15 лица, додека двајца тешко ранети, по повеќе од еден месец, сè уште се борат за живот. Станицата беше официјално отворена во јули по тригодишна реконструкција.
Во соопштението се додава дека на истата седница Владата донела одлука за зголемување на износот на средствата за материјалните трошоци на високообразовните установи утврдени со Законот за Буџетот на Србија за 2025 година за 20 отсто во однос на износот на средствата утврдени со Законот за Буџетот на Република Србија за 2024 година.
Одлуката на Владата доаѓа неполни 24 часа откако претседателот на Србија ги најави овие потези на 11 декември во обраќање пред медиумите во зградата на Претседателството во Белград.
Додека Вучиќ зборуваше за медиумите, голем број студенти протестираа пред зградата на Претседателството, блокирајќи ги факултетите, инсистирајќи на исполнување на нивните барања, меѓу кои и објавување на целата документација за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад и повеќе средства за материјалните трошоци на високообразовните институции.
Блокадите на високообразовните институции траат од крајот на ноември по нападот врз студентите за време на протестот поради несреќата на железничката станица во Нови Сад. На блокадите се приклучија повеќе од 40 факултети и виши школи во Белград, Нови Сад, Крагуевац, Ниш и Суботица.
Властите ги осудуваат блокадите и протестите.
Изгласан Законот за извршување на Буџетот за 2025
Собранието денеска со 61 глас „за“ го изгласа Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година, по скратена постапка, по усвојувањето на Буџетот на седницата на 10 декември.
Со Законот се определуваат начинот и условите за извршување на Буџетот за тековната фискална година.
И со овој закон се воведува обврска за реализација на 15 проценти од капиталните расходи во првиот квартал, од 40 проценти заклучно со вториот квартал, 65 проценти заклучно со третиот квартал и 70 проценти заклучно со третиот квартал, со исклучок на Програмата-Интеграција во ЕУ и потпрограмите Интеграција во НАТО и Инфраструктурни прокети во општините.
Со Буџетот за 2025 година вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиони денари, односно на 4 проценти од БДП, а планираниот раст на економијата е 3,7 проценти. Инфлацијата се очекува да се намали на 2,2 процента.
За капитални инвестиции се планирани 50,5 милијарди денари, како и 349,6 милијарди денари за тековни расходи, како исплата на плати, на пензии, социјални права, субвенции во земјоделството, поддршка на мали и средни претпријатија, на ранливи категории граѓани и за стопанството.
Расходите за плати се на ниво од 48,1 милијарда денари и бележат раст од 8 проценти, а за стоки и услуги 26,2 милијарди денари со намалување од 0,5 проценти во структурата на вкупните расходи.
За исплата на пензии се планирани 105,5 милијарди денари со кои се обезбедуваат средства за најавеното зголемување на пензиите за 2.500 денари од март следната година. За надоместоци за социјална заштита околу 14,5 милијарди денари, за паричен надомест во случај на невработеност 1,6 милијарди денари, а за спроведување активни политики и мерки за вработување 2,3 милијарди денари. Повеќе средства се обезбедени за здравствена заштита, односно 52,5 милијарди денари или за 10,7 проценти повеќе. Поддршката во земјоделството е планирана на ниво од 8 милијарди денари, додека трансферите до единиците за локална самоуправа на ниво од 33,2 милијарди денари или за 2,5 милијарди денари повеќе.
Предметот за „Беса Транс“ вратен на повторно судење
Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда за случајот „Беса Транс“ и предметот е вратен на повторно судење.
Од Апелација за МИА, потврдуваат дека има одлука по предметот и дека веќе е вратен во првостепен суд.
„Одлуката е укината, жалбите на обвинетиот како физичко и правно лице се уважени. По жалбите и по службена должност пресудата е укината и предметот е вратен на повторно судење“, информираат од Апелација.
За случајот, кој се однесуваше на продолжено кривично дело „фалсификување на исправа“, Кривичниот суд во март годинава изрече една година и осум месеци казна затвор за сопственикот на „Беса Транс“, Беким Хаџиу, и парична казна од 800 000 денари, како и четиригодишна забрана за вршење на меѓународен превоз на правното лице.
Автобусот на „Беса Транс“, на враќање од Истанбул се запали и изгоре на автопатот Струма во Бугарија на 23 ноември минатата година. Во несреќата загинаа 45 лица, а седуммина преживеаја.
Заклучокот од истрагата на бугарското обвинителство е дека единствена причина за несреќата е човечка грешка на возачот. Бугарскиот тим истражители, исто така, ја отфрли верзијата дека ознаката на патот можеби е причина за трагичната несреќа.
„Репортери без граници“: Годинава убиени 54 новинари, најмногу во Газа
Најмалку 54 новинари се убиени годинава ширум светот, од кои речиси една третина во Појасот Газа, јавува организацијата за човекови права „Репортери без граници“ во својот годишен извештај.
Засега бројот на убиени новинари останува на исто ниво како лани, покажуваат податоците од крајот на ноември собрани од организацијата.
Сепак, таа рече и дека секоја година дознава за повеќе смртни случаи кои се додаваат во статистиката, па веројатно е дека бројот на убиени новинари ќе се зголеми.
Во извештајот се вели дека покривањето на воените конфликти е особено ризично, при што 31 од 54 новинари биле убиени во конфликтните зони, најмногу во последните пет години. Најопасна област е Газа, каде Израел војува со Хамас и други палестински групи.
Гледајќи ги податоците од почетокот на војната, кога Хамас и други групи го нападнаа Израел, повеќе од 145 новинари загинаа во Појасот Газа до крајот на ноември, се вели во документот. Најмалку 35 од нив загинале на должност.
Во Израел од почетокот на војната се убиени двајца новинари, а во Либан петмина. Репортери без граници побараа од Меѓународниот кривичен суд да ги истражи убиствата на медиумските работници како можни воени злосторства.
Урош Блажиќ осуден на 20 години затвор за масовните убиства во две српски села
Урош Блажиќ, кој на 4 мај 2023 година уби девет и рани 12 лица во селата Мало Орашје и Дубона во Србија, е осуден пред Специјалниот суд во Белград, јавија српските медиуми.
Судењето заврши во експресниот рок за српското правосудство и по неполни четири месеци колку што траеше процесот.
„Виновни се обвинетите Урош Блажиќ и обвинетата Радиша Блажиќ“, рече претседавачкиот судија Лидија Јовановски и посочи дека судскиот совет ја донел одлуката едногласно.
Со оглед на тоа дека во моментот на делото немал 21 година, законот го оквалификува како малолетник, па за убиството на деветмина може да добие најмногу 20 години затвор.
Дури во последните зборови Урош Блажиќ јавно го изрази своето каење за злосторството што го направил за првпат и дури изјави дека му е жал што „нема смртна казна затоа што ќе му одговара“, јавија белградските медиуми.
Обвинителот побара казна затвор од 20 години за Урош Блажиќ и неговиот татко Радиша.
Граѓанските организации бараат стопирање на иницијативата за измена на Законот за јавни набавки
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара веднаш да се стопира иницијативата за измена и дополнување на Законот за јавните набавки, поднесен во Собранието по скратена постапка на 5 декември 2024 година, од група пратеници.
Од Платформата велат дека предложените законски измени со кои се укинува управната контрола на јавните набавки што ја спроведува Бирото за јавни набавки претставуваат сериозно уназадување на заштитата од корупција во услови кога според оценките на сите релевантни меѓународни и домашни чинители корупцијата во јавните набавки е широко распространета.
„Наместо, според препораките, да се зајакнува управната контрола и да се проширува опфатот на тендери кои ќе бидат контролирани врз основа на постојните „црвени знаменца“ за ризици од корупција, оваа контрола се укинува без каков и да е аргумент. Воведувањето на т.н. административна проверка наликува на стариот механизам кој веќе се применуваше и беше предмет на многу контроверзи и критики од сите релевантни институции“, велат во реакцијата од Платформата на граѓански организации.
Оттаму додаваат дека, дополнително, иако еднаш веќе беше повлечен предлогот, повторно се предвидува престанок на мандатите на претседателот и на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, без да бидат исполнети услови за разрешување и без какви и да се јавни консултации.
„Ваквиот упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт, претставува опасен преседан и води кон дополнителна партизација на институциите. Особено загрижува моментот кога се предлагаат овие и низа други измени во Законот, односно при историски највисок буџет, нови задолжувања и секојдневни индиции за злоупотреба на јавните пари, со што ваквите измени се чекор назад во градење на систем кој може да ја спречува и ефективно да ја санкционира корупцијата“, се наведува меѓудруготот во реакцијата на граѓанските организации.
Оттаму додаваат дека практиката на донесување законски измени во скратена постапка, без консултативен процес, особено за решенија кои може да влијаат негативно врз борбата против корупцијата, е неприфатлива и спротивна на европските заложби за демократско, инклузивно и стручно креирање на јавните политики.
ОБСЕ најави дека ќе започне со подготовка на Украина за прием во ЕУ и НАТО
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ќе започне со подготовка на Украина за прием во ЕУ и НАТО, изјави специјалниот претставник на ОБСЕ за Украина, Петр Мареш.
Петр Мареш во разговор за рускиот весник „Известија“ отворено изјави дека неговата мисија ќе биде да ја подготви Украина за влез во ЕУ и НАТО.
„Имаме 24 проекти во Украина. Сите тие се барани од украинската страна. Моја задача ќе биде да ги координирам тие проекти и да подготвам уште еден нов. Разговарав со министерката за надворешни работи на Финска, таа нагласи дека морам да бидам во најблизок контакт со украинските власти. Нема да им испратам Ф-16 и Абрамс, ниту ракети, но ќе ги подготвам за идното партнерство и членството на Украина во ЕУ и НАТО - тоа се мои задачи“, рече тој.
Одлуката за именување на специјален претставник за Украина од група земји членки на ОБСЕ беше донесена на последниот состанок на министрите за надворешни работи на организацијата во Малта, што се одржа на 5 и 6 декември.
Чешкиот дипломат Петр Мареш беше избран за таа функција на работната вечера на која беа поканети партнерите на Киев - претставници на 55 од 57 земји на ОБСЕ. Отсутни беа делегатите од Русија и Белорусија.
„Министрите за надворешни работи на земјите од НАТО на состанокот во Брисел, што се одржа од 3 до 4 декември, едногласно не се изјаснија за покана на Украина за членство во Алијансата, бидејќи тоа би значело конфликт меѓу НАТО и Русија“, изјави тогаш унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Европската унија официјално ги отвори преговорите за членство со Украина на 25 јуни, давајќи и на земјата политички поттик среде руската инвазија. Сепак, земјата се соочува со долг пат на реформи пред официјално да се приклучи на Унијата.
Од први јануари Бугарија и Романија целосно влегуваат во Шенген
Советот на ЕУ денеска (12 декември) одлучи проверките на копнените шенгенски граници на Бугарија и Романија да бидат укинати од 1 јануари следната година. Ова го соопшти унгарското претседателство со Советот на ЕУ.
„Ова е голема победа за Бугарија, Романија и цела Европа“, објави унгарското претседателство со ЕУ.
Овој потег доаѓа откако австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер претходно оваа недела објави дека Виена конечно се откажува од своето противење на двете земји да се приклучат на зоната од 29 членки, која опфаќа повеќе од 450 милиони луѓе и опфаќа 4,6 милиони квадратни километри.
Претходно оваа година, проверките на воздушните и поморските шенгенски граници на двете земји беа укинати со одлука донесена за време на шпанското претседателство со Советот на ЕУ на 30 декември лани.
Целосното приклучување на Романија и Бугарија во Шенген доаѓа откако Хрватска стана најновата членка во јануари 2023 година.
Се очекува граничните контроли да бидат укинати од 1 јануари, но случајните проверки треба да се вршат до 1 јули, според одлуката донесена од амбасадорите на ЕУ на 27 ноември, која треба да ја потврдат министрите за правда и за внатрешни работи на 12 декември.
На изборите во Косово се пријавиле 28 партии, меѓу кои и Српска листа
Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) соопшти дека 28 политички субјекти поднеле барање за учество на парламентарните избори на 9 февруари, а меѓу нив е и водечката српска политичка партија Српска листа.
Српска листа претходно најави дека ќе учествува на косовските избори. Инаку, пратениците на Српската листа, која од ноември 2022 година ги бојкотира седниците на Собранието на Косово, еднаш на шест месеци се појавуваат во Собранието за да го задржат мандатот и да обезбедат продолжување на нивните плати.
Според соопштението на ЦИК, меѓу 28-те политички субјекти пријавени за учество на изборите до официјалниот рок се 20 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат.
Меѓу политичките субјекти се и партиите од албанската, српската и другите помали заедници во Косово.
ЦИК мора да ги потврди списоците најдоцна до 25 декември.
Изборите на 9 февруари ќе бидат првите редовни парламентарни избори што ќе се одржат во Косово од неговото прогласување независност во 2008 година.
Опозициските партии долго време бараа предвремени избори, но на почетокот на годинава не успеаја да постигнат договор за тоа како да се одржат изборите.
На крајот на мај пропадна иницијативата на најголемата опозициска партија Демократската партија на Косово за распуштање на Собранието и одржување избори.
На оваа можност се спротивставија уште две опозициски партии, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово, кои побараа владата предводена од Албин Курти да поднесе оставка или да биде сменета.
Сепак, на овие две барања се спротивстави движењето Самоопределување на Курти.
Полицијата повторно се обидела да ја претресе канцеларијата на јужнокорејскиот претседател
Полицијата утрината (12 декември) се обиде повторно да ја претресе канцеларијата на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол, како дел од кривичната истрага против него за воведување вонредна состојба минатата недела, еден ден откако беше спречен претходниот обид за претрес, соопштија официјални лица.
Националната истражна агенција (НОИ), што го води случајот, испратила истражители да прибават документи и материјали поврзани со воведувањето на воена состојба на 3 декември, јавија јужнокорејски медиуми.
Полицијата вчера се обиде да ги пребара клучните канцеларии, вклучително и салата за состаноци на кабинетот, Претседателската служба за безбедност и бункерските простории во штабот на армијата.
Првата потрага беше завршена за неколку часа, со полициско обезбедување, а беше изнесена ограничена документација бидејќи безбедносните служби одбија да соработуваат.
Второто парламентарно гласање за импичментот на Јун се очекува в сабота, една недела откако првото гласање не успеа бидејќи повеќето пратеници од владејачката партија го бојкотираа гласањето.
Против Јун беше покрената кривична истрага за бунт затоа што на 3 декември воведе воена состојба, која беше укината неколку часа подоцна, откако првпат беше отфрлена во Парламентот.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете