Вести
Демонстранти поставија камп во главниот град на Грузија и бараат нови избори
Демонстрантите во понеделникот поставија шатори во грузискиот главен град Тбилиси, ветувајќи дека нема да ја напуштат се додека не се одржат новите парламентарни избори, објави грузискиот сервис на Радио Слободна Европа.
Студенти, опозициски групи и грузискиот претседател Саломе Зурабишвили тврдат дека парламентарните избори на 26 октомври биле наместени. Официјалните резултати покажаа дека проруската партија Грузиски сон го освои мнозинството од гласовите, обезбедувајќи го својот четврти мандат на власт.
По изборите во Тбилиси се одржуваат протести. Во неделата демонстрантите маршираа низ центарот на главниот град, блокирајќи една од главните авении.
Студентски групи објавија и манифест во кој ги осудија спорните парламентарни избори на 26 октомври.
Во манифестот објавен во неделата се вели дека „систематското местење на изборите од страна на владата открива груб обид на партијата Грузиски сон да ја преземе контролата врз земјата“.
Во манифестот се осудуваат, како што се наведува, нападите врз образовниот систем преку „дискриминаторски и селективни одлуки во процесот на одобрување“ за влез во образовните институции и „наметнување цензура во наставата“.
„Во светлината на репресивните дејствија на наметнување на „руски“ закони и закони за цензура и други права и слободи, фактот на систематско местење на изборите открива груб обид на Грузискиот сон да ја преземе земјата“, се наведува во манифестот.
Документот го потпишаа 13 групи, вклучувајќи студенти од најмалку 13 грузиски универзитети.
Грузиската Централна изборна комисија (ЦИК) во саботата ги потврди резултатите од спорните избори на 26 октомври, и покрај повеќенеделните протести на опозицијата и обвинувањата за широко распространети нерегуларности и руско мешање.
Промосковската владејачка партија Грузиски сон освои 53,93 отсто од гласовите наспроти 37,79 отсто за опозициската алијанса, објави ЦИК за време на седницата што беше накратко прекината откако опозицискиот политичар Давит Киртадзе прска со црна течност врз шефот на ЦИК, Јорги Каландаришвили и го нарече „темен место“.
Протестот на Киртаџе имаше за цел да укаже на мастилото од гласачките пенкала што се гледаше низ тенка хартија од другата страна на некои гласачки ливчиња. Опозицијата вели дека ја нарушила тајноста на спорното гласање на 26 октомври.
Грузискиот сон, кој е на власт од 2012 година, е единствената партија која ги призна изборните резултати. Проевропската претседателка Саломе Зурабишвили сè уште одбива да го признае исходот од гласањето, за кое таа рече дека е под големо влијание на Русија.
Проевропската опозиција го бојкотира новиот парламент, откажувајќи се од своите мандати освоени на изборите на 26 октомври, наведувајќи ги широко распространетите неправилности, измами и руското мешање.
Официјални претставници на ЕУ и на западот изразија сериозни сомневања за изборите и забележаните нерегуларности.
Грузија е кандидат за членство во ЕУ од минатата година, но законот за „странско влијание“ и анти-ЛГБТ мерките ја ставија таа цел во прашање.
САД во јули објавија дека ќе суспендираат повеќе од 95 милиони долари помош за грузиската влада, предупредувајќи ја дека земјата доживува назадување во демократијата.
види ги сите денешни вести
Калас: Ако има „опиплив напредок“, ЕУ ќе ги намалува санкциите кон Сирија
Европска Унија може постепено да ги намалува санкциите против Сирија во случај на „опиплив напредок“ од страна на новите власти, објави шефицата на европската дипломатија Каја Калас на Икс.
Таа потсети дека учествувала на состанок со претставници од Германија, Франција, Италија, САД и од Велика Британија вчера во Рим, чија цел била „координација на напорите за транзицијата во Сирија“.
„Ја повторивме потребата од инклузивна влада која ги штити сите малцинства. ЕУ може постепено да ги ублажува санкциите доколку се постигне опиплив напредок“, наведе Калас.
Министрите за надворешни работи на ЕУ на 27 јануари во Брисел ќе разговараат за намалување на санкциите кон Сирија. За тоа има поддршка од Германија и од Франција, но потребно е едногласност од земјите-членки.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро пред два дена повика на брзо укинување на санкциите кои го попречуваат примот на хуманитарна помош и обновата на земјата.
СДСМ нема да ги поддржи интерпелациите против неколкумина министри
СДСМ нема да ги поддржи и нема да гласа за интерпелациите за неколку министри затоа што сметаме дека нема потреба од нови поделби по етничка основа и во однос на интерпелациите, изјави денеска (10 јануари) координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.
Според него, причините за интерпелациите не смееле во ниту еден случај да бидат поврзани со етнички контекст, туку единствено со аргументи и факти околу работата на одреден министер или функционер.
„Македонското собрание во ниту еден случај не смее да биде мета за поттикнување на било какви меѓуетнички тензии и отворање на можности за поделби помеѓу граѓаните. Доколку намерите на подносителите биле вистински, причините за интерпелации не смееле во ниту еден случај да бидат поврзани со етнички контекст, туку да бидат единствено со аргументи и со факти за работа на одреден министер или функционер. А, за жал аргументи и факти има колку сакате за да најдете причина за било каква интерпелација. Инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употреба на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме е за секоја осуда и претставува директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност, достоинството на Македонците и исто така и друг настан кој што се случува во смисла на сквернавење на други симболи, не одат во прилог на градење на меѓуетничките односи“, рече тој.
Од друга страна, Спасовски нагласи и наброја многу други основани причини за интерпелациите.
„Од друга страна постојат многу други основани причини за интерпелацијата, особено за министерот Тошкоски, но и за многу други министри во Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Кај нас се поставува прашањето зошто ДУИ не ги опфаќа сите овие основи за интерпелации на министрите. На пример немаме ниту еден збор зошто не се преземаат мерки за она што ни се случува со нечистиот воздух и немаме ниту еден збор за скандалите на косовската граница и бегствата на Рамадани и Груби, нема ниту збор за партиската чиста во безбедносниот сектор и отпуштањето на професионалците, нема ниту збор зошто е амнестиран бодигардот на Мицкоски кој нападна полициски инспектор. Во интерпелацијата не се опфаќаат многу настани од безбедносен аспект што ни се случуваат во сите градови“, рече Спасовски посочувајќи дека сето ова говори дека намерите се поинакви и отворање на нови димензии во однос на етничките прашања.
Околу интерпелацијата за пратеничката и претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути поднесена од Левица, во однос на предлог-законот за бранители, Спасовски нагласи дека нема да биде решение на проблемот, бидејќи, според него, проблемот е Африм Гаши, затоа што кога законот не беше ставен на седница на Комисијата, претседателот не овластил друг член на Комисијата и не ја закажал седницата со точката на дневен ред.
На новинарско прашање за обвинувања меѓу СДСМ и ДУИ изминатиов период за криминал и етнички тензии, Спасовски потенцира дека тие се две различни политички партии и сосема нормално е да имаат различни ставови по одредени прашања.
Тошковски повторно го повика Груби да се врати дома и да ја докаже невиноста
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски повторно го повика поранешниот вицепремиер Артан Груби да се врати во земјава за да ја докаже својата невисност во однос на обвинувањата дека тој и поранешниот директор Перпарим Бајрами проневериле околу осум милиони евра од Државна лотарија.
„За предметните лица МВР постапи согласно своите надлежности во делот на отпочнување со една кривична постапка. Поднесене е кривична пријава до надлежното ЈО, понатаму процесот се води од стрна на јавниот обвинител. Во однос на тоа дека истите се недостапни на органите на прогон, за жал тоа е така. Но, барем еден од нив изјавуваше дека е невин и дека ова не е согласно закон постапка, која се води од државните институции. За да го докаже тоа, јас по не знам кој пат би го повикал доброволно да се врати во Македонија и при тоа пред органите надлежни за спроведување ваков тип постапки да ја докаже својата невиност заедно со неговиот партнер, кој што исто така е недостапен на органите на прогон, а постојат и тоа како основани сомневања дека истите поприлично душмански го краделе својот народ во изминатите години“, изјави Тошковски.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали има нови моменти во однос на потрагата за овие две лица, Тошковски нагласи дека од надлежните институции се работи во насока на нивно откривање. Повтори дека е распишана меѓународна потерница и за двете лица.
„Доколку истиот не покаже доблест да се врати во државата која што го ранела повеќе од 40 гондини, ќе се постапи на друг начин за негово обезбедување пред надлежните институции“, рече министерот посочувајќи дека е јасно пропишана постапката за екстрадиција за одредени лица кои се недостапни на законот.
Тој при тоа одби да шпекулира каде се наоѓаат овие лица, бидејќи нема официјално потврдени информации до надлежните органи.
Министерството за внатрешни работи на 18 декември распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна Лотарија, Перпарим Бајрами, кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија, откако двете лица беа недостапни за органите на прогонот, а на кои Основниот кривичен суд им определи мерка притвор од 30 дена.
За Груби потоа беше објавено дека со дипломатско возило на еден познат стопанственик ја напуштил земјава и се упатил кон Косово, додека поранешниот директор на Државна Лотарија веќе подолго време не бил во земјава.
Стејт департментот на Соединетите Држави на 9 декември лани, соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција. Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да влијаат на судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање.
Вишиот суд во Нови Сад повторно одби да му одреди притвор на Весиќ
Високиот суд во Нови Сад го одби предлогот на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад да му одреди притвор на поранешниот министер за транспорт, градежништво и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, обвинет за падот на настрешницата, соопшти оваа судска институција на 10 јануари.
„Со одлуката на судот, меѓу другото, се посочува дека на 27.11.2024 година на тогаш осомничениот Горан Весиќ му бил прекинат притворот поради немање основано сомнение дека го сторил кривичното дело кое сè уште му се става во обвинението, дека обвинението сега е во фаза на мериторно испитување во смисла на член 337 од Законот за кривичната постапка, а дека предлогот на јавниот обвинител да определи притвор во оваа фаза од постапката, за обвинетиот Горан Весиќ, остана нејасен и необразложен, особено имајќи предвид дека обвинителот не наведува нови факти и околности кои би го поткрепиле неговиот предлог“, се наведува во соопштението на Вишиот суд во Нови Сад.
На 31 декември, Вишиот суд одлучи да не му одреди притвор на Весиќ, но на 8 јануари Апелацискиот суд во Нови Сад му наложи на првостепениот суд повторно да одлучува по ова прашање.
На 30 декември, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинителен акт против 13 лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт Горан Весиќ, неговата помошничка Анита Димоски и поранешната директорка на „Железничка инфраструктура на Србија“ Јелена Танасковиќ.
Меѓу обвинетите е Небојша Шурлан, поранешен генерален директор на „Инфраструктура железнице Србија“.
Од 13 обвинети, 10 се во притвор, додека Весиќ е на слобода, а Танасковиќ и Димоски се во домашен притвор.
Во падот на настрешницата од железничката станица во Нови Сад загинаа 15 лица, а двајца се тешко повредени.
Трагедијата се случи четири месеци по свеченото отворање на зградата на станицата, а по тригодишната реконструкција.
ЕУ и исплати три милијарди евра на Украина
Европската Унија денеска и исплати три милијарди евра на Украина, како прва транша од уделот на ЕУ во заемот договорен во рамки на групата Г7.
Според претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, овие средства ќе и дадат финансиска моќ на Украина да продолжи да се бори за својата слобода и да надвладее.
„Речиси три години од руската агресивна војна, Украина може да продолжи да смета на своите пријатели и партнери“, додаде Фон дер Лајен.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, пак, оцени дека Русија мора да ја плати цената за војната во Украина што таа ја започна.
„Денеска Украина ќе добие три милијарди евра од нашиот заем од Г7, кои ќе бидат исплатени од средствата од руските замрзнати активи“, нагласи Калас.
Според неа, овие средства ќе претставуваат поддршка за економијата на Украина и ќе и овозможат на земјата дел од своите пари да намени за одбраната.
Рекордно жешка 2024 година, научниците велат дека прагот на затоплување бил надминат
Минатата година беше најтоплата досега и прва што го надмина клучниот праг на глобалното затоплување од 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските температури, велат научниците.
Агенцијата на ЕУ за климатски промени Коперникус ги потврди претходните проекции дека 2024 година ќе биде најтоплата година забележана на глобално ниво и навистина е првата календарска година во која просечната температура надмина 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа.
Научниците велат дека климатските промени предизвикани од човекот се примарен двигател на рекордните температури, додека други фактори како временскиот феномен Ел Нињо во Тихиот Океан, кој ги зголемува глобалните температури, исто така имаа влијание.
Анализата на Метеоролошката канцеларија на Велика Британија, Универзитетот во Источна Англија и Националниот центар за атмосферска наука, исто така, покажа дека 2024 година беше најтоплата досега и веројатно првата година која надмина 1,5 Целзиусови степени.
Експертите за клима велат дека само една година со просечна температура од 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа, не значи дека светот го достигнал тоа ниво на глобално затоплување, иако тие издадоа предупредувања за тоа колку е блиску сега.
Правењето напори да се спречи глобалното затоплување да надмине 1,5 °C над прединдустриските температури е една од клучните обврски на глобалниот Париски договор што земјите го договорија во 2015 година, во обид да ги спречат најопасните влијанија од климатските промени.
Анализата покажа дека глобалната просечна температура во 2024 година била 1,53 °C над просекот од 1850-1900 година. Анализата исто така нагласува дека на глобално ниво, секоја од изминатите 10 години била една од најтоплите 10 години досега.
Кремљ: Бајден му остава отровно наследство на Трамп
Кремљ ја обвини администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден дека се обидува да му го остави на новоизбраниот претседател Доналд Трамп најтоксичното можно наследство и дека затоа Бајден би можел да воведе последен круг санкции кон Москва.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков овие коментари ги даде на денешната конференциска врска со новинарите (10 јануари).
Американски официјален претставник вчера рече дека Бајден неделава ќе претстави нови санкции насочени кон руската економија, како мерка за зајакнување на воените напори на Киев против Москва пред Доналд Трамп официјално да ја преземе функцијата на 20 јануари.
Соработниците на Бајден велат дека сакаат да ја стават Украина во најсилна позиција на бојното поле за да имаат предност во можните преговори со Русија оваа година.
„Засега нема детали за санкциите што Бајден би ги наметнал на Русија во своите последни денови како претседател, иако неговите соработници ги информирале соработниците на Трамп за чекорите што ги преземаат“, рече американскиот функционер.
За тоа кога би се случила средба меѓу рускиот претседател Путин и новиот претседател на САД Трамп, Песков не даде детали.
Запрашан за коментар околу најновиот пакет воена помош од САД за Украина, Песков рече дека Бајден е одлучен во своите последни денови власт да се осигура дека војната ќе продолжи.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на состанокот на земјите кои го поддржуваат Киев во Германија најави нов пакет воена помош за Украина од 500 милиони долари.
Русија води војна против соседна Украина од 24 февруари 2022 година. Западот го поддржува Киев во неговата одбрана.
Украинските власти стравуваат дека американската поддршка за Украина може да се намали откако Трамп ќе ја преземе функцијата.
По оставката на Трудо, Либералната партија ќе избира нов лидер на 9 март
Либералната партија на Канада (ЛПК) соопшти на 9 март ќе избира нов лидер откако Џастин Трудо најави повлекување од лидерската функција.
„Либералната партија на Канада на 9 март ќе избере нов лидер и ќе биде подготвена да се бори и да победи на изборите во 2025 година“, се наведува во партиското соопштение.
Името на новиот лидер на најверојатно ќе биде објавено на денот на изборите.
Трудо минатата недела соопшти дека се повлекува од партијата, која ја води од 2013 година. Сепак, тој посочи дека ќе продолжи како премиер и лидер на либералите додека не се избере неговиот наследник.
Трудо беше под силен притисок од пратениците на ЛПК кои бараа негова оставка поради пад на рејтингот на либералите во анкетите.
Канадскиот весник „Глоуб и мејл“ (Globe and mail) објави дека поранешната министерка за финансии Кристиа Фриланд и поранешниот гувернер на Банката на Канада, Марк Карни се подготвени да се приклучат на трката за нов лидер на партијата.
Трудо (53) ја презеде функцијата премиер во ноември 2015 година, а потоа двапати беше реизбран. Тој е канадски премиер со најдолг стаж.
Сепак, неговата популарност почна да опаѓа пред две години поради незадоволството на јавноста од високите цени и недостигот на станови.
Кос: Во наредните месеци ќе има важни одлуки за проширувањето на ЕУ
Европската комесарка за проширување Марта Кос најави дека во следните месеци на агендата ќе има многу важни одлуки за проширување на Европска Унија.
„Многу важни одлуки за проширувањето на ЕУ ќе бидат на нашата агенда во наредните месеци, а полското претседателство со Советот на ЕУ има големи амбиции. Ајде да работиме заедно за да изградиме посилна и пообединета Унија за да ги зачуваме мирот, слободата и безбедноста на нашиот континент“, напиша Кос на платформата Икс.
Таа додаде дека ќе разговара со полскиот министер за ЕУ Адам Шлапко и министерот за надворешни работи Радослав Сикорски како брзо и ефикасно да се унапреди процесот.
Новата еврокомесарка за проширување е од Словенија, а на функцијата го наследи Унгарецот Оливер Вархеји.
Мандатот на новиот состав Европска комисија ќе започне на 1 декември.
Најмалку 10 жртви во пожарите во Лос Анџелес, евакуирани 180000 луѓе
Бројот на загинати во застрашувачкиот бран шумски пожари што зафати неколку делови на Лос Анџелес се искачи на најмалку десет. Пожарот „проголта“ околу 10 000 куќи и други згради, а бројот на евакуирани граѓани се искачи на околу 180 000.
Пет пожари сè уште се активни во и околу овој град во американската сојузна држава Калифорнија.
Материјалната штета сега се проценува на 150 милијарди долари.
Американскиот претседател Џо Бајден, кој прогласи голема катастрофа на 7 јануари, два дена подоцна вети дека федералната влада целосно ќе ги покрие трошоците за опоравување од пожарот во следните 180 дена, што вклучува отстранување на остатоци и опасни материјали, изградба на привремени засолништа и плати за итните служби на терен.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас од редовите на Демократската партија, соочена со критиките на новоизбраниот претседател Доналд Трамп и другите републиканци за справување со катастрофата, изјави дека веќе размислуваат како брзо да го обноват градот.
Најголемиот пожар во Палисадес е локализиран само шест проценти. Досега изгоре речиси 20000 хектари. Итон изгорел 14000 хектари и не бил изгаснат. Последен избувна пожарот во Кенет, тој не е под контрола и зафатил 960 хектари. Во пожарот Херст изгореа 700 хектари, а десет отсто од пожарот е локализиран.
Агенцијата АП наведува дека областа зафатена од пожарот изгледа како да е бомбардирана.
Бројни авиони фрлаат противпожарни средства и вода на запалените ридови, а напорите се потпомогнати од ослабените ветрови, кои претходно дуваа со брзина на урагани. Во вторник на 14 јануари се очекува има нов бран силни ветришта.
Без своите домови во пожарите останаа и некои познати личности, како што се актерите Били Кристал, Џејмс Вудс, Адам Броди и наследничката на синџирот хотели Хилтон, Парис Хилтон.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете