Достапни линкови

Вести

Смртоносни напади на руските сили во источна Украина

Илустрација
Илустрација

Во руски воздушен напад врз градот Купјанск во источна Украина загина едно лице, а десет други беа ранети, соопштија регионалните власти на 24 октомври.

„Непријателот удри во близина на продавница и на градскиот пазар“, рече регионалниот гувернер Олех Синјехубов во својата првична изјава за утринскиот напад врз градот во регионот на Харков.

Во руското гранатирање подоцна во текот на денот загинаа три лица во областа околу стратешкиот центар Покровск во источниот регион Доњецк, објави гувернерот Вадим Филашкин на Телеграм.

Филашкин рече дека Покровск и неговата околина се цел на руските војници и ги повика локалните жители да се евакуираат.


Генералштабот на украинската војска, исто така, соопшти дека најинтензивните руски напади долж линијата на фронтот се случуваат во областа Покровск, вклучително и во близина на градот Селидове, на околу 20 километри југоисточно од Покровск.

Претходно на 24 октомври, украинската противвоздушна одбрана собори 40 од 50-те беспилотни летала лансирани од Русија во 11 украински региони, додека други седум се изгубија поради електронско заглавување на нивните навигациски системи, се вели во соопштението на украинските воздухопловни сили.

Русија, исто така, лансираше две наведувани ракети и две крстосувачки ракети, кои ги промашија своите цели, соопшти војската.

види ги сите денешни вести

Холандија ќе ги ограничи дозволите за азил во обид да ја спречи миграцијата

Илустрација, архивска фотографија од мигранти кои со воз патуваат кон ЕУ
Илустрација, архивска фотографија од мигранти кои со воз патуваат кон ЕУ

Холандија ќе ги ограничи дозволите за барателите на азил на максимум три години и ќе воведе гранични контроли од следниот месец, како дел од поширокото ограничување на миграцијата за азил, изјави на 25 октомври холандскиот премиер Дик Шуф.

Мерката е дел од пакетот мерки насочени кон спречување на миграцијата за азил, цел на новата десничарска влада.

Освен што ќе ги укине отворените дозволи за престој откако некој ќе биде регистриран како барател на азил, владата ќе ги укине и повластените станови за оние баратели на азил на кои им е дозволено да престојуваат, наместо да нуди основни заеднички единици, истовремено ограничувајќи ги можностите за нивно повторно обединување со нивните семејства.

По истекот на трите години, дозволите ќе бидат повторно проценети за да се види дали некој треба да замине или да му се одобри продолжување.

„Ќе се прошират центрите за притвор за одбиени или без документи баратели на азил, со цел нивно брзо враќање во нивната земја на потекло“, најави холандскиот премиер Шуф.

По сличен потег на соседна Германија кој стана пракса минатиот месец, Холандија ќе воведе насочени гранични контроли од крајот на ноември со цел да се справи со илегалната миграција.

„Целиот овој пакет без сомнение ќе влијае на тоа колку луѓе ќе дојдат во Холандија и бројот што ќе заминат“, им рече тој на новинарите.

Ветувањата на Вилдерс дека ќе биде строг во однос на миграцијата за азил му донесоа голема победа на изборите во ноември минатата година, иако барањата за азил по глава на жител во Холандија не се повисоки од просекот на ЕУ.

Фон дер Лајен: Иднината на Србија е во ЕУ

Српскиот претседател Александар Вучиќ на средба со претседателската на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен
Српскиот претседател Александар Вучиќ на средба со претседателската на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен

Брисел бара од Белград „многу поголема усогласеност со декларациите за надворешна политика на ЕУ“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со претседателската на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен. Но, Вучиќ додаде дека Србија е на европскиот пат, но и дека ќе одржува традиционално добри односи и со другите земји.

Меѓу другото, Србија одбива да се приклучи на санкциите против Русија за агресија врз Украина, а српските власти одржуваат врски со Русија. Од земјите кандидати за членство се очекува усогласување на надворешната и безбедносната политика со Европската Унија. Во моментот на пристапување во Унијата, усогласувањето треба да биде завршено.

На средбата главните теми биле геополитичката ситуација, косовското прашање и за пристапувањето на Србија во Европската унија (ЕУ).

По средбата, Вучиќ изјави наскоро ќе биде отворена мбасадата на Србија во Киев, а на отворањето на амбасадата, како што додаде, ќе присуствува и министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ.


Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен по средбата изјави дека нејзиното присуство во Белград, како и доаѓањето на премиерите на Грција и Полска во Србија, „говорат сами“ кога станува збор за заминувањето на српската делегација во Казан на самитот на БРИКС.

„Моето присуство овде денес, мојот четврти престој во Западен Балкан, е јасен знак дека верувам дека иднината на Србија е во ЕУ“, рече таа.

Претседателот на Србија најави и дека е можно до крајот на годинава да се отвори кластерот 3 во пристапот на Србија во ЕУ.

„Тоа би бил значаен сигнал дека Србија напредува на европскиот пат“, рече Вучиќ.

Фон дер Лајен изјави дека Србија е „една од најнапредните земји во пристапниот процес“ и дека има „цврста основа да стане членка на ЕУ“. Отворањето на поглавјето во пристапните преговори на Србија со ЕУ стартуваше во декември 2021 година. Поглавјата се поделени во шест тематски целини, а со отворањето на „кластерот 4 - зелена агенда“, Србија отвори 22 поглавја во преговорите од вкупно 35. До сега само две поглавја се привремено затворени.

Урсула фон дер Лајен пристигна во Белград од Сараево како дел од четиридневната турнеја во Западен Балкан на која ќе се разговара за Планот за раст на Европската унија вреден шест милијарди евра и напредокот во европската интеграција.

Премиерите на шесте земји од Западен Балкан на самитот на Берлинскиот процес на 14 октомври потпишаа нов акциски план за единствен регионален пазар, како составен дел од Планот за раст на Европската унија (ЕУ) за Западен Балкан.

Тинејџерот кој уби полицаец во БиХ извршил терористички чин

Босанска Крупа, Цвеќе во спомен на убиениот полицаец во терористички напад, 25 октомври 2024 година.
Босанска Крупа, Цвеќе во спомен на убиениот полицаец во терористички напад, 25 октомври 2024 година.

Тинејџер со нож уби полицаец и рани друг полицаец во град во западниот дел на Босна и Херцеговина е терористички чин, соопшти на 25 октомври Министерството за внатрешни работи на земјата. И двајцата полицајци биле на должност кога се случил нападот.

Нападот на 24 октомври го извршил 14-годишно момче во близина на полициската станица во Босанска Крупа. Ранетиот полицаец е хоспитализиран и е во во стабилна состојба, соопштија властите.

„Немаше никакви закани упатени до локалната полиција во Уна-Сана и властите немаа претходни сознанија за нападот на полициската станица Босанска Крупа“, соопштија полицијата и обвинителството на заедничката прес-конференција на 25 октомври.

„Овој напад врз јавна институција беше терористички акт со цел да се заплаши јавноста“, рече Мерима Мешановиќ, главен обвинител на Уна-Сама на прес-конференцијата.

Властите ниту ги потврдија ниту ги демантираат извештаите на локалните медиуми во кои се тврди дека осомничениот малолетник, чиј идентитет не е откриен поради неговата возраст, е верски екстремист. Тие не дадоа дополнителни информации бидејќи истрагата се уште е во тек.

Мешановиќ рече дека домот на осомничениот бил претресен и земени се некои предмети во врска со истрагата. Неговите мотиви остануваат непознати.

Мешановиќ додаде дека казната за убиство се движи од најмалку 10 години затвор до доживотен затвор, но, бидејќи осомничениот е малолетник, тој може да биде испратен во поправен дом на период од пет години, доколку биде осуден.

Началникот на кантоналната полиција Амел Козлица рече дека нивото на безбедност во градот и неговата околина е подигнато, со вооружена полиција која патролира по улиците.

Имаше и претходни напади врз полицијата во Босна. Во јуни 2010 година во Бугојно, во централниот дел на државата, во напад на полициска станица беше убиен еден полицаец, а уште шестмина беа ранети. Во април 2015 година, во Зворник, во источна Босна, напаѓач уби еден полицаец и рани двајца други пред да биде застрелан за возврат.

Запрена изградбата на белорускиот воен камп во близина на Украина

Местото на изградба на воен објект кај Гомел.
Местото на изградба на воен објект кај Гомел.

Запрена е изградбата на нов воен камп во регионот Хомел во Белорусија, за кој некои аналитичари предупредија дека може да се користи како база за напад насочена кон Украина, дознава белорускиот сервис на Радио Слободна Европа.

Активноста на местото на објектот „Чајка“, кој беше поранешен детски камп за одмор од времето на комунизмот лоциран на само 40 километри од границата со Украина, се чини дека е сопрен без причина, велат локални извори за РСЕ. Оваа информација е потврдена и со сателистки слики кои ги обезбеди белорускиот сервис на РСЕ.

Според владините планови, проектот требаше да биде финансиран од државната инвестициска програма. Очекувањата според владините планови, беа тој да биде готов до 2027 година.

На почетокот на годината, локацијата беше исполнета со градежна опрема, а локалните жители изјавија за РСЕ дека изградбата започнала.

Сателитската снимка од 10 октомври покажува дека на територијата на поранешниот камп не се појавиле нови згради.

Русија ја искористи Белорусија како област за да започне целосна инвазија на Украина, но Минск вели дека не им дозволила на белоруските сили да учествуваат во конфликтот.

Руски министер во Белград: Москва ја цени „урамнотежената политика“ на Србија

Српскиот премиер Милош Вучевиќ архивска фотографија
Српскиот премиер Милош Вучевиќ архивска фотографија

Русија ја цени „урамнотежената политика“ на Србија и нејзиниот однос кон санкциите против Русија, е наведено во соопштението на српската влада посредбата во Белград на 25 октомври на српскиот премиер Милош Вучевиќ со рускиот министер за економски развој, Максим Решетников.

Тие на денешната средба разговарале за натамошно зајакнување на економската и севкупната соработка меѓу двете земји. Решетников е еден од бројните функционери од Москва кои се под санкции од Западот поради инвазијата на Украина.

Србија го поддржа територијалниот интегритет на Украина, но иако е кандидат за членство во Европската унија, одбива да се приклучи кон санкциите против Русија воведени од ЕУ поради нејзината инвазија на Украина.

Во соопштението на Владата на Србија, се наведува дека премиерот, говорејќи за санкциите кон Русија, рекол дека Србија „и покрај големите притисоци“ води слободна и независна политика и дека има добра соработка и со Русија и со Европската унија, Кина и други земји.

Вучевиќ во разговорот истакнал дека Србија е подготвена да разговара за продолжување на договорот за испорака на руски гас, а дека договорот од Санкт Петербург за дополнително снабдување со гас во текот на зимската сезона е од големо значење за Србија, се вели во владиното соопштение.

Од почетокот на руската инвазија на Украина, Србија почна да работи на изнаоѓање други извори на снабдување, но сепак гасот најмногу доаѓа од Русија.

Вучевиќ и се заблагодарил на Русија што ја покани Србија да учествува на самитот на БРИКС, група предводена од Русија, Кина и Индија, меѓу другите.

Српските власти продолжија да ги одржуваат односите со руските претставници, а четиричлена делегација од Владата на Србија учествуваше на самитот на БРИКС во Казан, Русија, од 22 до 24 октомври.

Вучевиќ изјави дека разговорот меѓу претседателите на двете земји Александар Вучиќ и Владимир Путин претставува „нов моментум за севкупните билатерални односи меѓу Србија и Русија“.

Во телефонскиот разговор на 20 октомври, Вучиќ му се заблагодари на Путин за „она што го направи за Русија да обезбеди доволно количества гас за Република Србија оваа зима“.

Тропската бура Дана донесе ризик од поплави во Индија

Невреме во Индија
Невреме во Индија

Тропската бура Дана донесе силни ветрови и обилни дождови на источниот брег на Индија во петокот, корнејќи дрвја и зголемувајќи го ризикот од поплави откако речиси 600.000 луѓе беа евакуирани.

Невремето пристигна во четвртокот навечер во државата Одиша со максимални постојани ветрови од околу 110 километри на час, велат од Индискиот метеоролошки оддел.

Невремето погоди некои области во Одиша и соседната држава Западен Бенгал со обилни врнежи од дожд, објавија локалните медиуми.

Речиси 600.000 луѓе беа евакуирани од зоните со висок ризик во Одиша на почетокот на неделата, а екипи на спасувачки и хуманитарни работници беа распоредени во подготовка за невремето. Училиштата беа затворени, а повеќе од 200 возови беа откажани.


Властите беа во состојба на зголемена готовност за штети во три области во Одиша, каде што метеоролошкиот оддел прогнозираше наплив на море од околу еден метар, што може дополнително да ги поплави ниските области.

Климатолозите велат дека силните бури стануваат се почести во Јужна Азија. Глобалното затоплување предизвува тие да станат поекстремни и непредвидливи.

Источните брегови на Индија долго време се подложни на циклони, но бројот на интензивни бури се зголемува долж брегот на земјата. Минатата 2023 година беше најсмртоносната сезона на циклони во Индија во последниве години, убивајќи 523 луѓе и чини околу 2,5 милијарди долари штета.

Молдавската полиција обвини проруски олигарх за купување гласови

Илан Шор
Илан Шор

Молдавската полиција го обвини осудениот избеган олигарх Илан Шор дека префрлил 39 милиони долари на банкарски сметки на илјадници Молдавци во последните два месеци за наводно купување гласови за прорускиот табор на минатонеделниот референдум и првиот круг од претседателските избори.

„Инспекторите рекоа дека откриле околу еден милион банкарски плаќања кои отишле на лични сметки на молдавски граѓани преку руската банка Promsvyazbank (PSB) во септември и октомври“, изјави началникот на молдавската полиција Виорел Чернаутеану на прес-конференција во Кишињев.

Тој додаде дека околу 500 луѓе веќе се казнети за „пасивна изборна корупција“, без да појасни што значи тоа. Не се објавени директни докази за купување гласови, но според молдавскиот закон незаконски е да се примаат големи суми пари од странство за политички цели, објави молдавскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Шор, кој има и руско и израелско државјанство, беше осуден во отсуство од молдавскиот суд во април 2023 година на 15 години затвор за банкарска измама вредна милијарда долари. Се верува дека е во Русија.

И покрај очекувањата дека опцијата „да“ ќе победи убедливо на референдумот на 20 октомври за интеграцијата на Молдавија во ЕУ, таа страна победи со помалку од еден процент, по што проевропската претседателка Маја Санду упати обвиненија за масовно купување гласови и дезинформации кои беа објавени од странски криминални групи поддржани од „странски сили“.

Референдумот се одржа истовремено со претседателските избори, на кои победи претседателката Санду со околу 42,5 гласа. Таа во вториот круг на 3 ноември ќе се соочи со прорускиот поранешен јавен обвинител Александр Стојаногло.

На 21 октомври, Санду посочи дека прорускиот табор поминал подобро од очекуваното во двете изјави поради, како што рече, нападот без преседан од „криминални групи“, кои според неа се обиделе да купат до 300 000 гласови со десетици милиони евра во обид да се „поткопа демократскиот процес“.

Русија негираше вмешаност, а портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков ја повика Санду да „прикаже докази“ за да ги поткрепи своите обвинувања.

Началникот на молдавската полиција Виорел Чернаутеану рече дека полициските истражители и обвинителите утврдиле дека исплатата на средствата започнала најдоцна во април. Тој рече дека парите од Русија доаѓаат или преку банкарски трансфери на PSB или преку курири кои директно им плаќаат на луѓето.

Се верува дека Шор основал мрежа на доверливи луѓе во Молдавија на кои наводно им испраќал средства за различни општествени активности.

Муртезани ќе дели црвени, жолти и зелени картони на министрите за спроведените реформи

Орхан Муртезани, министер за европски прашања
Орхан Муртезани, министер за европски прашања

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, купил картони во црвена, жолта и зелена боја и ќе им ги дели на неговите колеги во Владата. Каква боја ќе добива секој министер ќе зависи дали ги доцнат, имаат проблеми или ги спроведуваат реформите утврдени со реформската агенда.

Реформската агенда е дел од Планот за раст на Западен Балкан што го подготви Европската комисија (ЕК). Секоја земја имаше задача да подготви план за реформи до 2027 година, кои доколку ги спроведе за возврат од Брисел етапно ќе добива пари - дел во форма на заеми, дел како грантови. За целиот регион предвидени се шест милијарди евра од кои Северна Македонија ќе добие околу 750,4 милиони евра, а до крајот на годинава очекува да добие авансна исплата од 52,5 милиони евра.

За тоа како изгледа реформската агенда на Северна Македонија, денеска (25 октомври) министерот Орхан Муртезани одржа брифинг со новинарите.

Дел од планирате проекти, според него, личат на „листа на желби“ и за да станат реални проекти мора да „созреат“ од аспект на документација, стратегија итн. Уште еден предизвик кој го наведе Муртезани е што во дел од институциите има слаб капацитет.

Инаку, реформите се поделени во пет групи: управување со јавните финансии и реформи на јавната администрација, зелена енергија, дигитализација, деловно опкружување и владеење на правото. Најмногу од 750-те милиони евра, 25 отсто, се условени со реформи во областа на деловното опкружување.

За исплаќање на парите, посочи Муртезани, услов не се уставните измени со кои треба бугарската заедница да се вметне во Преамбулата од Уставот.

Тоа останува услов за отворање на првиот кластер од преговорите со ЕУ, но по вчерашната посета на претседателката Урсула фон дер Лајен, министерот гледа промена во реториката од аспект на тоа што немало одбивање на предлогот на актуелната власт за одложено дејство на уставните измени - нивно стапување во сила од моментот на зачленување на земјава во ЕУ.

Во рамки на нејзината турнеја на Западен Балкан, претседателката на ЕК вчера беше во Скопје каде на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски порача дека уставните измени треба да се направат, но немаше конкретни одговори од двајцата дали е прифатливо ниво „одложено дејство“.

Таа се осврна и на реформската агенда и на Планот за раст велејќи дека Северна Македонија завршила добра работа и оти Планот „ќе испорача конкретни резултати за луѓето“.

Инаку, реформските агенди за пет земји од Западен Балкан - Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово, Европската комисија ги усвои на 23 октомври.

Откако тие беа усвоени, се очекува сега Европската комисија да започне со потпишување договори со сите земји од регионот.

Средба меѓу Додик и Путин во Казан

Претседателите на Република Српска и Русија Милорад Додик и Владимир Путин на самитот на БРИКС во Казан, Русија, 24 октомври 2024
Претседателите на Република Српска и Русија Милорад Додик и Владимир Путин на самитот на БРИКС во Казан, Русија, 24 октомври 2024

Прорускиот претседател на Република Српска, Милорад Додик, кој е на списокот со санкции на САД и Обединетото Кралство, се сретнал со рускиот претседател Владимир Путин на самитот во Казан, Русија во четвртокот вечерта, на 24 октомври.

На својот официјален профил на Твитер, Додик напиша дека разговарал за доизградба на српско-рускиот храм во Бања Лука и за зајакнување на туристичкиот потенцијал на Србија и Русија.

„Секогаш е посебно задоволство да се сретнам со голем светски лидер и искрен пријател на Република Српска“, напиша Додик.

На самитот, чиј домаќин беше рускиот претседател, меѓу другите се собраа и лидерите на Кина, Индија, Бразил, Јужна Африка и други земји кои се членки или се стремат кон членство во БРИКС.

Ова е петта средба на Додик со Путин од почетокот на руската инвазија на Украина и единаесетти разговор од 2014 година. Тој е еден од ретките функционери кои се состануваат со руски и белоруски официјални претставници од почетокот на руската инвазија на Украина.

Меѓународната заедница постојано укажува дека Босна и Херцеговина се обврза да ги следи безбедносните и надворешнополитичките насоки на ЕУ, како земја кандидат за членство во Европската унија (ЕУ).

Проруската реторика и блискоста со руските лидери не покажуваат никаква конкретна корист за РС. Инвестициите од 27 земји-членки на блокот на ЕУ сочинуваат 64 отсто од вкупните странски инвестиции во БиХ, додека руските инвестиции изнесуваат помалку од четири отсто.

Во РС, Русија е петта на листата на инвеститори, по Србија, Италија, Австрија и Велика Британија.

Неколку големи проекти, кои Владата на РС ги иницираше во овој ентитет со руски компании и олигарси, доведоа до повеќемилионски загуби.

Шест нови авионски дестинации од Скопје и Охрид следната година

илустрација
илустрација

Шест нови авионски линии со Дубаи, Барселона, Лион, Штутгард, Базел и Истанбул ќе бидат отворени следната година, најави министерот за транспорт, Александар Николоски, на денешната прес-конференција во Владата на Република Северна Македонија.

Како што информираше министерот Николоски, четири нови авионски линии се однесуваат на скопскиот аеродром, каде два пати неделно ќе се лета на релација Скопје-Дубаи-Скопје (од 30 март), исто како и Скопје-Барселона-Скопје (од 30 јуни), додека, по три пати неделно ќе се лета Скопје-Лион-Скопје (од 30 јуни) и Скопје-Штутгард-Скопје.

На охридскиот аеродром, новина се линиите Охрид-Базел-Охрид која ќе лета два пати неделно и редовната линија Охрид-Истанбул-Охрид (од 30 март) која ќе лета четири пати неделно.

Виз Еир е авионската компанија задолжена за новите летови за Штутгард, Базел, Барселона и Лион. Флај Дубаи за Дубаи и Туркиш Ерлајнс за Истанбул.

Министерот информираше дека државата субвенционира 12 евра по патник на доаѓање на охридскиот аеродром и 9 евра по патник на доаѓање на скопски аеродром. Тој рече дека се очекуваат 200 000 патници плус со новите линии.

„Овие шест дестинации се прекрасна вест за македонските граѓани. Директно поврзување со Дубаи, Барселона Штутгард, Лион, Базел и Истанбул се прекрасна вест која ќе донесе бројни нови туристи и полесно патување за македонските граѓани“, рече министерот.

Дополни дека се во процес на подготовка на втор повик кој треба да се објави кон крајот на ноември и да донесе нови дестинации.

Во моментов, на скопскиот аеродром во лето оперираат 47 дестинации, а на охридскиот осум, додека, во зимскиот период 38 од скопски и четири од охридски аеродром.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG