Достапни линкови

Двојно гласање ја става на тест европската иднина на Молдавија


Молдавија - гласање на молдавската претседателка Маја Санду, 20 октомври 2024 година.
Молдавија - гласање на молдавската претседателка Маја Санду, 20 октомври 2024 година.

Молдавците во ист ден гласаат за реизбор или отфрлање на проевропската претседателка на државата и на референдум за евентуална измена на Уставот за пристапување на Молдавија кон ЕУ. Има обвинувања за поткуп на гласачите против ЕУ, а од друга страна, и видлива дипломатска поддршка за проевропската кауза.

Молдавците почнаа да гласаат на 20 октомври на тензично двојно гласање за реизбор или отфрлање на проевропската претседателка на државата и евентуално внесување на нивните европски амбиции во Уставот, со охрабрување од Западот и покрај наводното мешање од Москва.

Молдавските и странските предупредувања за наводно руско мешање, кои се движат од дезинформации до купување гласови и канализирање пари за поттикнување немири по изборите, го истакнаа значењето што Кишињев и меѓународната заедница го даваат на важноста на слободното, фер и мирно гласање.

Актуелната претседателка на Молдавија, Маја Санду, се соочува со десет противкандидати за претседател предводени од прорускиот социјалист Александр Стојаногло и популистичкиот поранешен градоначалник Ренато Усатии, на третите директни претседателски избори во сиромашната поранешна советска република.

Референдум за ЕУ

Референдумот, кој го предложи Санду, поставува прашање пред 3,3 милиони молдавски гласачи дома и во странство дали „поддржуваат измена на Уставот со цел пристапување на Република Молдавија во Европската унија“.

Резултатот од гласањето на референдумот ќе обезбеди вредни лекции за сојузниците на Санду и за опозицијата пред парламентарните избори следното лето, кои ќе бидат референдум за четиригодишно владеење на Партијата за акција и солидарност (ПАС) што таа ја основа пред осум години.

Еден од најамбициозни потези на молдавската претседателка Санду е елиминирањето на зависноста на Молдавија без излез на море од рускиот природен гас по целосната инвазија на Украина, но тоа придонесе за инфлација и други економски тешкотии за многумина од 2,4 милиони жители на Молдавија.

Анкетите покажуваат водство на Санду

Неодамнешните анкети покажаа дека претседателката Санду има поддршка од 30 до 35 отсто, што е многу пред поранешниот генерален обвинител Стојаногло, кого таа го разреши минатата година, кој има поддршка од 9 отсто и поранешниот градоначалник Усати, кој вели дека сака поголема рамнотежа меѓу Истокот и Западот во надворешната политика. Поддршката за него во анкетите е 6 отсто.

Доколку ниту еден кандидат не добие повеќе од 50 отсто од гласовите, на 3 ноември ќе се одржи втор круг меѓу двајцата противкандидати со најголем број гласови.

Освен остри предупредувања од страна на локалните власти, вклучително и од министерот за надворешни работи на Молдавија, американските и другите западни официјални лица во јули вперија прст кон Русија, наведувајќи ја „многу јасната акција на Русите за поткопување на претстојните избори и референдум“.

Русија, која има стотици војници во поранешна советска база во молдавскиот отцепен регион Трансдњестар, каде многу се зборува руски, негира дека упаднала во гласањето на Молдавија.

„За“ и „против“ пристапување во ЕУ

Откако неговата партија беше забранета од владата, а потоа и од Уставниот суд на Молдавија минатата година за наводно поттикнување државен удар, осудениот олигарх Илан Шор е обвинет за мултимилионска шема за поткуп на гласачите против ЕУ и е поврзан со други шеми од неговиот руски егзил за да ја промовира Русија меѓу Молдавците и да поттикне незадоволство од молдавската влада.

Неколку дена пред гласањето, властите соопштија дека уапсиле четири лица и предупредија дека десетици други биле обучени во Русија и на Балканот за да ја „дестабилизираат“ земјата по гласањето.

Последните недели видовме наплив на видлива дипломатска поддршка за проевропската кауза во Молдавија, нагласена со најавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за речиси 2 милијарди долари инвестиции од ЕУ за да се помогне „двојно да се зголеми големината на вашата економија во тек на една деценија. "

„Ваш суверен избор е што да правите со вашата земја и никој не може да се меша. Се разбира, зборувајќи како претседател на Европската комисија, верувам дека местото на Молдавија е во нашата Европската унија“, рече фон дер Лајен при посетата на Кишињев на 10 октомври.

Денис Сенуса, аналитичар од Универзитетот во Гисен, на настанот на Центарот за анализа на европската политика (ЦЕПА) минатата недела рече дека референдумот е обид да се надополнат годините поминати „осцилирајќи меѓу два вектори“ - еден кон членството во ЕУ и друг за побалансиран меѓународен ангажман што речиси сигурно ќе доведе до поблиски односи со Москва.
Амандманите за кои станува збор на референдумот ќе вклучат потврда во преамбулата на Уставот на „европскиот идентитет“ на Молдавцит и интеграцијата како национална „стратешка цел“.

Најмалку 1,1 милион гласачи мора да учествуваат на референдумот за да биде успешен.

Гласањето „против“ на референдумот нема да го спречи идното членство во Унијата, но ќе им нанесе сериозен удар на Санду и нејзините проевропски сојузници и речиси сигурно ќе ги спречи напорите за пристап во годините што доаѓаат.

Официјалните резултати се очекува да бидат објавени утрото на 21 октомври.

XS
SM
MD
LG