Достапни линкови

Вести

Цела Куба остана без струја

Хавана, Куба, 18 октомври 2024 година
Хавана, Куба, 18 октомври 2024 година

Куба остана во мрак во петокот, на 19 октомври, откако главната електрана на островот откажа, што предизвика колапс на електричната мрежа во земјата, соопшти Министерството за енергетика на Куба.

„Системот остана без струја во целата земја по неочекуваното исклучување на електраната Антонио Гитерас“, изјави Лазаро Гуера, генерален директор за електрична енергија во Министерството за енергетика и рудници, за државната телевизија.

„Кога електраната се затвори, системот пропадна“, рече тој, додавајќи дека владата работи на враќање на услугата што е можно побрзо.

Во четвртокот, премиерот Мануел Мареро објави дека островот е во „вонредна состојба“, со сериозен недостиг на снабдување со струја, оставајќи некои провинции без електрична енергија до 20 часот.

Владата во четвртокот ги суспендираше сите несуштински активности на јавниот сектор за да им даде приоритет на домаќинствата во снабдувањето со електрична енергија.

Куба добива електтрична енергија од осум застарени термоелектрани, како и од седум пловечки централи изнајмени од турски компании.

види ги сите денешни вести

САД ќе истражуваат наводно објавување доверливи планови на Израел за напад на Иран

САД - Мајк Џонсон, претседател на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави
САД - Мајк Џонсон, претседател на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави

Соединетите Американски Држави (САД) наскоро ќе го истражат протекувањето високо доверливи разузнавачки документи кои ги опишуваат подготовките на Израел за одмазднички напад против Иран, изјави Мајк Џонсон, претседател на Претставничкиот дом на САД на 20 октомври.

Документите со датуми од 15 и 16 октомври, првично беа објавени на апликацијата за пораки Телеграм во петокот(18 октомври), објави редакцијата на англиски јазик на Радио Слободна Европа(РСЕ).

Документите се означени со „строго доверливо“ и имаат ознаки што укажуваат дека можат да ги видат само САД и другите членки на алијансата „Пет очи“ - Австралија, Канада, Нов Зеланд и Велика Британија, пренесе Си-Ен-Ен.

Се чини дека документите ги опишуваат израелските воени подготовки за напад врз Иран.

Во еден од документите се наведува дека материјалот е составен од американската Национална геопросторна разузнавачка агенција (НГА).

Претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон, потврди за Си-Ен-Ен дека истрагата е во тек и ќе биде информиран за неа за неколку часа.

Пентагон соопшти дека ги истражува извештаите.

Од НГА не се изјаснија за случајот.

„Њујорк тајмс“ објави дека американските власти „се обидуваат да го утврдат изворот на протекувањето, што ги опишува воените вежби и распоредувањето на оружјето и колку тоа може да биде штетно“.

„Документите, кои нудат интерпретација на сателитски снимки, даваат увид во потенцијалниот напад на Израел врз Иран во наредните денови“, пишува „Њујорк Тајмс“.

Владини функционери и набљудувачи ширум светот рекоа дека очекуваат Израел да го нападне Иран како одмазда за иранскиот ракетен напад претходно овој месец - за што Техеран рече дека самото е одмазда за претходниот напад на Израел.

Oфицијални лица изјавија за „Њујорк тајмс“ дека документите не се сеопфатна проценка на она што Вашингтон го знае за плановите на Израел и го претставува само она што може да го утврдат аналитичарите кои гледаат сателитски снимки.

Германската полиција уапси Либиец за планиран напад врз амбасадата на Израел

Германија - Амбасадата на Израел во Берлин, 20 октомври 2024 година.
Германија - Амбасадата на Израел во Берлин, 20 октомври 2024 година.

Во Германија е успсен државјанин на Либија, осомничен за врски со екстремистичката група Исламска држава, кој наводно планирал да ја нападне израелската амбасада со огнено оружје, објавија германските власти.

Полицијата и другите безбедносни сили го приведоа мажот во саботата вечерта во Бернау, мало гратче во близина на Берлин, и извршија претрес во неговиот дом, се вели во соопштението на федералното обвинителство.

Осомничениот е именуван како Омар А.

Во соопштението се наведува дека „обвинетиот разменил информации со припадник на ИСИЛ преку апликација за пораки“.

Безбедносните сили извршиле претрес и во домот на уште едно лице, кое е сведок, а не осомничен, се додава во соопштението.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесар изјави дека германските безбедносни власти „реагирале навреме за да спречат можни планови за напад“ врз израелската амбасада.

„Ова покажува дека заштитата на еврејските и израелските институции во оваа земја е од витално и од клучно значење за нас“, додаде Фезер.

Агенцијата ДПА јави дека израелскиот амбасадор Рон Просор им се заблагодарил на германските безбедносни агенции.

Во известувањето на германските медиуми за случајот, меѓу другото, беше наведено дека дојава за можен напад дошла од разузнавачка агенција.

Значително зголемување на антисемитските инциденти е забележано во Германија по 7 октомври 2023 година, кога Хамас, организација окарактеризирана како терористичка од САД и ЕУ, го нападна Израел.

Под здравствен надзор четворица вработени во скопската Зоолошка градина

Северна Македонија - работник во заштитна облека во ЗОО Скопје за време на ковид-пандемијата
Северна Македонија - работник во заштитна облека во ЗОО Скопје за време на ковид-пандемијата

Четворица од вкупно 15 вработени во скопската Зоолошка градина( ЗОО) ќе бидат ставени под здравствен надзор, изјави директорката на Институтот за јавно здравје(ИЈЗ), Марија Андоновска, откако на 20 октомври беше потврден случај на птичји грип кај угината гуска во Зоолошката градина.

Кај еден вработен во ЗОО, кој пројавил симптоми на покачена температура и дијареја ќе биде извршено тестирање за присуство на птичји грип.

„Здравствен надзор согласно протоколите не подразбира карантин и изолација, туку медицинско следење во текот на следните две недели дали ќе пројават било каков симптом кој понатаму би требало да се испитува дали се работи за птичји грип. Вработените секојдневно ќе бидат контактирани од епидемиолози и ќе се следи нивната здравствена состојба“, изјави Андоновска.

Едно од четирите лица за кои е завршена епидемиолошката анкета, на 18 октомври имал симтоми со температура и дијареја кои траеле еден ден. Според Андоновска, тоа не значи дека лицето има птичји грип и исто така ќе биде тестирано.

Андоновска рече дека нема опасност за посетителите кои биле во Зоолошката градина, доколку немале директен контакт со птиците заболени од вирусот.

Зоолошката градина 21 ден ќе биде затворена за посетители, потврдија од Агенцијата за храна и ветеринарство. ​

Последните случаеви на птичји грип во Северна Македонија беа во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, местото Селце во општина Штип и во близина на Злокуќани, општина Карпош.

Вирусот може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија и ограничувања во увозот и извозот на живи птици и производи од живина.

Вучиќ му се заблагодари на Путин за рускиот гас

Србија - Рускиот претседател Владимир Путин (лево) и српскиот претседател Александар Вучиќ(десно), Белград, 17 јануари 2019 година.
Србија - Рускиот претседател Владимир Путин (лево) и српскиот претседател Александар Вучиќ(десно), Белград, 17 јануари 2019 година.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ разговарал со рускиот претседател Владимир Путин и му се заблагодарил што „се погрижи Русија да обезбеди доволно количества гас за Република Србија оваа зима“.

Вучиќ на својот Инстаграм профил објави дека не разговарал со Путин „речиси две и пол години“, а на 20 октомври имале „добар, отворен, долг и значаен разговор“.

Како што наведе Вучиќ во видео објавено на Инстаграм, со Путин разговарал за билатерални, економски и политички прашања.

„Изразив надеж, исто како и пред две и пол години, дека Србија нема да воведе санкции кон Руската Федерација“, рече Вучиќ.

Повод за разговорот беше одбележувањето на 80 години од ослободувањето на Белград.

Србија ја дочека руската инвазија на Украина целосно зависна од гасот од Русија.

Во меѓувреме, по примерот на многу земји од Европската Унија (ЕУ), Србија почна да работи на изнаоѓање други извори на снабдување.

Сепак, и покрај повиците од ЕУ, чиј кандидат за членство, Србија одбива да воведе санкции кон Русија, а претставниците на властите во Белград одржуваат врски со Кремљ.


Украински беспилотни летала наводно целеле на руска воена фабрика во Москва

Илустрација
Илустрација

Украина лансирала бројни беспилотни летала во Москва и западните региони на Русија со напад на индустриска зона каде што е лоциран клучен производител на оружје, еден ден откако украинските беспилотни летала наводно целеле микроелектронска постројка која е од клучно значење за руската војска.

Пријавениот напад со украинско беспилотно летало доаѓа откако на 19 октомври министрите за одбрана на Групата седум (Г7), го поддржаа „неповратниот“ пат на Украина кон членство во НАТО.

Рускиот канал Астра на Телеграм објави видео во кое наводно се гледа моментот на нападот во индустриската зона во градот Џержинск во руската област Нижни Новгород.

Во зоната се наоѓа фабриката Свердлов, државно претпријатие кое произведува експлозиви, индустриски хемикалии, детонатори и муниција. Не е јасно дали фабриката, која е санкционирана од САД, била оштетена во нападот.

Гувернерот на регионот Нижни Новгород во објава на Телеграм напиша дека нападот бил одбиен со системи за воздушна одбрана, а четворица пожарникари биле повредени од шрапнели.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта биле соборени 110 беспилотни летала, од кои 43 над регионот Курск, 27 над регионот Липецк, 18 над регионот Ориол, осум над регионот Нижни Новгород, шест над регионот Брјанск и еден над Московската област.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, исто така потврди дека беспилотното летало е уништено над областа Раменское во главниот град.

Украинските власти не го коментираа пријавениот напад со беспилотни летала, кој доаѓа еден ден по информациите дека украинските беспилотни летала ја погодиле микроелектронската фабрика Кремни Ел во градот Брјанск во текот на ноќта меѓу 18 и 19 октомври.

Шефот на украинскиот центар за борба против дезинформации, поручникот Андриј Коваленко го призна извештајот за нападот и изјави дека фабриката произведува микроелектроника за руските системи за воздушна одбрана „Панцир“, ракети „Искандер“, радари, системи за електронско војување и беспилотни летала.

Александар Богомаз, регионален гувернер на областа Брјанск, на 19 октомври тврдеше дека остатоците од соборениот украински дрон погодиле и предизвикале пожар во „нестанбена зграда“ во областа Брјанск.

Трет колапс на електричната мрежа во Куба за три дена

Куба
Куба

Милиони Кубанци ја поминаа ноќта во мрак додека електричната мрежа претрпе трет колапс во минатите три дена и покрај напорите на властите да го обноват снабдувањето со струја.

Националната електроенергетска мрежа првпат се прекина во петокот околу пладне, откако најголемата електрана на островот престана да работи. Мрежата повторно падна во саботата наутро, објавија државните медиуми.

Властите известија дека е постигнат одреден напредок во обновувањето на електричната енергија до вечерните часови, но потоа објавија дека мрежата повторно крахирала пред полноќ по локално време.

„Во 22 часот и 25 минути повторно целосно е исклучен националниот електроенергетски систем“, соопштија од електродистрибутивната компанија „Хавана електрик“.

Министерството за енергетика на Куба соопшти дека работи на обновување на услугата и дека имало „уште еден прекин“ во „западниот потсистем“, кој го вклучува главниот град Хавана.

Куба ја добива својата енергија од осум застарени термоелектрани, како и од седум пловечки централи изнајмени од турски компании.

Најмалку 73 лица загинале во нови напади во Газа, Израел ги оспорува бројките

Беит Лахиjа во северна Газа по нападот од минатото лето, 12 јуни 2024 година.
Беит Лахиjа во северна Газа по нападот од минатото лето, 12 јуни 2024 година.

Најмалку 73 лица, меѓу кои жени и деца, загинаа во израелски напад врз градот Беит Лахија во северниот дел на Појасот Газа, според властите контролирани од Хамас, организација која Соединетите Американски држави (САД) и Европската унија(ЕУ) ја означија како терористичка организација.

Десетици други се повредени, а многумина сè уште се заробени под урнатините по бомбардирањето што се случи доцна во саботата, додадоа официјални лица, пренесува Би-би-си.

Израел изјави дека ги проверува извештаите за жртви, но посочуваат дека бројките што ги објавија властите во Газа се „претерани“ и дека не се совпаѓаат со податоците со кои располага армијата.

Имаше извештаи и за борби во јужен Либан, како и во јужен Бејрут во неделата наутро, а над градот се издигна чад.

Прес-службата под контрола на Хамас известува дека бомбардирањето во Беит Лахија погодило „преполни“ станбени области, при што загинале 73 лица, соопшти Агенцијата за цивилна одбрана на Газа.

Би-Би-Си не можеше независно да ги потврди овие бројки.

Според палестинската медиумска агенција Вафа, во нападите бил уништен целиот станбен комплекс.

Војната започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени приближно 1.200 луѓе, а 251 завршија во Газа како заложници. Како одмазда, Израел вети дека ќе го уништи Хамас.

Министрите за одбрана на Г7 го поддржуваат „неповратниот пат“ на Украина кон НАТО

Италија - Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето на Самитот на Г7 во Неапол, 19 октомври 2024 година.
Италија - Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето на Самитот на Г7 во Неапол, 19 октомври 2024 година.

Министрите за одбрана од Групата седум напредни економии (Г7) ветија дека ќе го поддржат „неповратниот пат“ на Украина кон евентуалното членство во НАТО и ветија континуирана воена поддршка „на краток и долг рок“ додека Киев се бори против руската инвазија.

Лидерите на Г7, исто така, ја осудија Москва за нејзината воена агресија, како и за употреба на „хибридна војна“ и „неодговорна нуклеарна реторика“, објави редакцијата на англиски јазик на Радио Слободна Европа(РСЕ).

„Ја нагласуваме нашата намера да продолжиме да обезбедуваме помош за Украина, вклучително и воена помош на краток и долг рок“, се вели во заедничката изјава на групата Г7 по Самитот во Неапол.

„Ја поддржуваме Украина на нејзиниот неповратен пат кон целосна евроатланска интеграција, вклучително и членство во НАТО“, се додава во изјавата.

Италија, која претседава со Г7 во 2024 година, беше домаќин на состанокот на кој учествуваа САД, Канада, Франција, Велика Британија, Германија и Јапонија и претставници на Европската унија и на НАТО.

Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеро, кој присуствуваше на настанот, „изрази благодарност за континуираната поддршка во борбата против руската агресија“, соопшти неговиот кабинет.

Од февруари 2022 година, кога испрати десетици илјади војници преку границата за да ја нападнат Украина, рускиот претседател Владимир Путин постојано навестуваше и се закануваше дека Русија е подготвена да го искористи својот нуклеарен арсенал -најголем во светот - за да се одбрани.

Црна Гора од денеска ги забрани пластичните кеси

Илустрација
Илустрација

Во Црна Гора од денеска е забранета употреба на пластични кеси и пластика за еднократна употреба, согласно Законот за управување со отпад.

Законот за управување со отпад стапи на сила на 20 април, а спроведувањето на неговите одредби беше предвидено шест месеци по неговото стапување во сила, јавија црногорските медиуми.

Покрај пластичните кеси, ќе бидат забранети и пластичните сламки, како и приборот за јадење и одредени кутии за пакување храна.

Трговците кои ќе го игнорираат законот може да бидат казнети од 1.000 до 40.000 евра. Казните за физички лица се од 500 до 2.000 евра.

Сообраќајот се одвива непречено, по суви коловози

Илустрација
Илустрација

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, соопштија од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).

На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.

Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG