Достапни линкови

Вести

Руте стапува на функцијата генерален секретар на НАТО

Марк Руте
Марк Руте

Поранешниот холандски премиер Марк Руте денеска (1 октомври) ја презема функцијата шеф на НАТО. Тој стапува на функцијата во критичен момент за развојот на војната во Украина и наближувањето на клучните претседателски избори во САД.

На церемонијата во седиштето на НАТО во Брисел, Руте ќе ја преземе функцијата генерален секретар од поранешниот шеф Јенс Столтенберг, кој ја надгледуваше организацијата во текот на турбулентната деценија обележана пред сè со руската инвазија на Украина во 2022 година.

Претставниците на НАТО и дипломатите очекуваат Руте да ги задржи приоритетите на Столтенберг во 32-члената алијанса, а тоа се поддршката за Украина, притискање на земјите од НАТО да трошат повеќе за одбраната и да ги задржат Соединетите Држави ангажирани во одржување на европската безбедност.

види ги сите денешни вести

САД мора да се подготват за „долгорочна“ конфронтација со Русија, вели Хелсиншката комисија

Претседателот на американската Хелсиншка комисија Џо Вилсон (десно) за време на посетата на Буча, Украина во 2023 година.
Претседателот на американската Хелсиншка комисија Џо Вилсон (десно) за време на посетата на Буча, Украина во 2023 година.

Соединетите држави мора да се подготват за „долгорочна“ конфронтација со Русија која нема да заврши кога авторитарниот претседател Владимир Путин ќе замине од политичката сцена, се вели во новиот извештај на двопартиската комисија.

Поразувањето на Русија од Украина на бојното поле е од клучно значење за победата во таа конфронтација, а Вашингтон треба да направи се што може за да обезбеди победа на Киев, наведе американската Хелсиншка комисија во својот извештај од 30 септември.

Комисијата, која беше формирана во 1975 година за следење на човековите права во советскиот блок, е составена од 18 пратеници рамномерно поделени меѓу Претставничкиот дом и Сенатот, како и тројца претставници на извршната власт.

„Нема да има надеж за мирна и стабилна Русија додека таа и понатаму е ангажирана во војна и окупација на своите соседи“, соопшти Комисијата.

Најмалку 8 загинати во руски напади додека Украина го одбележува „Денот на бранителите“

Последици од рускиот напад на Запорожје. 1 октомври 2024 година
Последици од рускиот напад на Запорожје. 1 октомври 2024 година

Најмалку осум лица загинаа, а неколку се ранети во руски напади врз украинските региони Херсон, Запорожје и Суми на 1 октомври, додека загрозената земја го одбележа Денот на бранителите среде се потешката ситуација на бојното поле на истокот, каде што офанзивата на Москва постигнува постепен напредок.

„Руски напад врз Херсон, токму во центарот на градот. Засега се потврдени 6 смртни случаи“, напиша претседателот Володимир Зеленски на X, додавајќи дека уште шест лица се ранети.

Луѓето загинале кога руски проектили погодиле пазар во центарот на Херсон, додека другите шест биле ранети во одделен напад на автобуска постојка во јужниот град, изјави регионалниот гувернер Олександар Прокудин на Телеграм.

Градот Херсон беше ослободен од украинските трупи во ноември 2022 година, принудувајќи ги руските војници да се повлечат кон исток преку реката Днепар.

Но, Русија продолжи да го напаѓа Херсон на редовна основа од другата страна на реката, оставајќи бројни цивилни жртви и оштетувајќи ја цивилната и енергетската инфраструктура.

Се стравува дека повеќе од 20 деца загинале во пожар во автобус во Бангкок

Илустративна фотографија - полиција во Тајланд.
Илустративна фотографија - полиција во Тајланд.

Се верува дека повеќе од 20 деца загинале во пожар во училишен автобус во предградие на Бангкок на 1 октомври, соопштија тајландските власти.

„Автобусот превезувал 44 ученици од основните и средни училишта и наставници од централната провинција Утаи Тани на училишна екскурзија во Ајутаја и Нонтабури“, изјави министерот за транспорт Сурија Јунгрунгруенгкит.

Соопштено е дека се работи за еден од трите автобуси кои превезувале ученици од училишен излет.

Министерот за внатрешни работи Анутин Чарнвиракул изјави дека властите не можат да го соопштат билансот на загинатите бидејќи истрагата на местото на несреќата не била завршена.

Тој рече дека возачот преживеал, но не бил пронајден бидејќи најверојатно побегнал од местото на настанот, а осум од 19-те луѓе кои успеале да излезат од запаленото возило биле пренесени во локалната болница.

Спасувачот Пијалак Тинкаев изјави дека 20 ученици и тројца наставници не се пронајдени и се водат како исчезнати.

АП известува дека спасувачите успеале да пристапат до автобусот неколку часа по гаснењето на пожарот.

Тајландските медиуми објавија дека спасувачите рекле дека автобусот се движел кон Нонтхабури кога пожарот избувнал околу пладне во северните предградија на главниот град на Тајланд.

Тие изјавија дека еден од спасувачите претпоставил дека пожарот најверојатно настанал откако една од гумите на автобусот експлодирала и потоа автобусот удрил во преградата на патот.

Тајландскиот премиер Паетонгтарн Шинаватра изрази сочувство, велејќи дека тајландската влада ќе ги сноси трошоците за медицинска нега и ќе ги обесштети семејствата на жртвите.

Болницата Пат Рангсит, која се наоѓа во близина на местото на настанот, на прес-конференција соопшти дека во установата биле примени три ученички со изгореници.

АП известува дека Тајланд има една од најлошите статистички податоци за безбедноста на патиштата во светот со околу 20.000 смртни случаи годишно.

Аеродромот Милано-Бергамо затворен откако на авион му пукнале четири гуми

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Аеродромот Милано-Бергамо е затворен откако пукнале гуми на патнички авион, јави агенцијата ДПА.

Се наведува дека пукнале четири гуми на авионот, а опремата за слетување ја оштетила пистата.

Се додава дека дефектот на гумата настанал во авионот кој од Барселона пристигнал во Милано со повеќе од 160 патници.

Сакбо, компанијата која управува со аеродромот Милано-Бергамо, соопшти дека тркалата на авионот оштетиле 450 метри од пистата поради пукнати гуми, која мора да се поправи пред повторното отворање.

Соопштено е дека авионот не е оштетен, но дека по слетувањето останал на пистата и ја блокирал, како и дека противпожарната служба ги растоварила патниците и екипажот, од кои никој не е повреден.

Аеродромот Милано-Бергамо е најмалиот од трите меѓународни аеродроми во близина на Милано на северот на Италија. Се наоѓа на 45 километри од Милано и го користат нискобуџетните авиокомпании.

Шест лица загинаа во напади во јужен Иран

илустрација
илустрација

Шест лица загинале во два напади во јужен Иран, јави иранската државна телевизија.

Се додава дека меѓу убиените се локалниот командант на Револуционерната гарда, двајца нејзини доброволци и претседателот на градскиот совет.

Првиот напад се случил по училишна прослава во Никшахар, 1350 километри југоисточно од Техеран, додека двајца полицајци беа убиени во напад во Каш.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападите.

Претходно во септември, четворица граничари беа убиени во два напади во Иран. Одговорноста за еден од нив ја презеде Џаиш ал-Адл, група која бара поголеми права за етничкото малцинство Балочи.

Провинцијата Белуџистан е еден од најнеразвиените делови на Иран, граничи со Авганистан и Пакистан и претежно населена со сунитски муслимани.

Тоа е место на повремени судири меѓу милитантните групи и шверцерите на дрога со иранските власти.

Германија уапси кинеска државјанка осомничена за шпионажа

илустрација
илустрација

Германските власти уапсија кинеска државјанка осомничена дека пренесувала информации за аеродромот во Лајпциг на човек осомничен дека шпионирал за Кина.

Како што соопшти федералното обвинителство во Германија на 1 октомври, Иаки Кси била уапсена во понеделник (30 септември) во Лајпциг под сомнение дека на кинеската разузнавачка служба и давала информации за летови, патници и товар, вклучително и воена опрема.

Се наведува дека таа е вработена во логистичка компанија која обезбедува услуги и за аеродромот Лајпциг/Хале, кој главно е центар за карго.

Соопштено е дека податоците на кои се однесува овој случај првенствено вклучуваат информации за транспорт на воена опрема и луѓе поврзани со германска одбранбена компанија.

Обвинителите тврдеа дека меѓу август 2023 година и средината на февруари, осомничената постојано му пренесувала информации на Џијан Гуо, германски државјанин уапсен во април, кој бил соработник на десничарскиот европратеник Максимилијан Крах.

Се вели дека Гуо бил обвинет дека работел за кинеската разузнавачка служба и пренесувал информации за преговорите и одлуките во Европскиот парламент, како и за следење на кинески дисиденти во Германија.

Во текот на истрагата е извршен претрес на станот и на работното место на осомничената, а судот и одреди мерка притвор до поднесување на обвинението.

update

Руте вети силна поддршка за Украина

Марк Руте, генерален секретар на НАТО
Марк Руте, генерален секретар на НАТО

Поранешниот холандски премиер Марк Руте вети силна поддршка за Украина откако денеска и официјално ја презеде функцијата шеф на НАТО. Тој застанува на чело на Алијансата во клучно време во историјата на воениот сојуз, односно додека руската инвазија на Украина се приближува до 1000-тиот ден.

Руте, најдолготрајниот премиер во историјата на Холандија, се сретна со генералниот секретар во заминување Јенс Столтенберг во седиштето на НАТО во Брисел, каде што положија венец на починатите припадници од Алијансата додека беа опкружени со знамињата на нејзините 32 земјите членки.

„Не може да има трајна безбедност во Европа без силна, независна Украина“, рече Руте во салата во својот прв говор на функцијата, потврдувајќи ја заложбата преземена од лидерите на организацијата во 2008 година дека „заслуженото место на Украина е во НАТО".

„Мораме да се погрижиме Украина да преовладува како суверена, независна, демократска нација“, им изјави Руте на новинарите потоа.

НАТО, основан во 1949 година за да одврати и да се брани од каков било напад врз нејзините членки во Западна Европа од страна на Советскиот Сојуз, повторно се најде во дипломатското внимание поради војната во Украина и Русија, предводена од нејзиниот претседател Владимир Путин.

Се чини дека Руте ужива блиски односи со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот лидер го поздрави преземањето на кормилото на Алијансата од страна на Руте, велејќи дека „со нетрпение очекува да работат“ заедно на зајакнување на евроатлантската безбедност додека Украина продолжува на својот пат кон полноправно членство во НАТО.

„Само заедно, Украина и нејзините сојузници, можеме вистински да гарантираме мирна, стабилна и безбедна Европа“, напиша Зеленски на платформата X.

Но, 57-годишниот политичар роден во Хаг, сега се соочува со незгодно прашање, а тоа е дали Украина ќе добие покана за членство во НАТО.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите во Москва изјави дека Путин добро го познава Руте од претходните состаноци и дека не се очекува промена во политиката.

„Нашите очекувања се дека Северноатлантската алијанса ќе продолжи да работи во истата насока во која работеше“, рече тој.

„Едно време постоеја надежи за можност за градење добри прагматични односи, барем се водеше таков дијалог, но знаеме дека Холандија зазеде прилично непријателска позиција, став за целосно исклучување на какви било контакти со нашата земја“, додаде тој.

Дополнително со улогата за балансирање, Руте го презема НАТО нешто повеќе од еден месец пред одржување на претседателските избори во САД, најголемиот извор на финансирање на Алијансата.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп беше критичен кон НАТО и не кажа дали сака Киев да излезе како победник во одбивањето на инвазијата на Кремљ. Харис го поддржува продолжувањето со испраќање оружје за да и помогне на Украина да го возврати ударот.

„Ги познавам многу добро и двајцата кандидати... Ќе можам да работам со двајцата. Каков и да е исходот од изборите“, рече Руте.

„Работев четири години со Доналд Трамп. Тој беше оној кој нè туркаше да трошиме повеќе (за одбрана) и тоа се постигна затоа што навистина, во моментов, сме на многу повисоко ниво на трошење отколку кога тој ја презеде функцијата, додаде Руте, истакнувајќи дека Харис има „фантастично досие“ како потпретседател и дека е „многу почитувана лидерка“.

НАТО, основан во 1949 година за да одврати и да се брани од каков било напад врз нејзините членки во Западна Европа од страна на Советскиот Сојуз, повторно се најде во дипломатското внимание поради војната во Украина и Русија, предводена од нејзиниот претседател Владимир Путин.

Турција повикува копнената офанзива на Израел во Либан веднаш да заврши

Последици од израелските воздушни напади на Либан, септември 2024 година
Последици од израелските воздушни напади на Либан, септември 2024 година

Турското Министерство за надворешни работи денеска (1 октомври) соопшти дека израелската копнена офанзива на Либан е нелегален обид за окупација што го нарушува либанскиот територијален интегритет и додаде дека операцијата мора веднаш да заврши со повлекување на израелските сили од Либан.

Во меѓувреме израелските падобранци, команданти и оклопни единици започнаа рации на почетокот на копнената офанзива во јужен Либан, додека во вторникот избија интензивни борби со милитантите на Хезболах.

Хезболах е и милитантна група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. Хезболах е означена како терористичка организација од страна на Соединетите Држави, додека Европската унија го става на црната листа неговото вооружено крило, но не и на политичка партија. Политичката партија на Хезболах има места во либанскиот парламент.

Во соопштението, Министерството за надворешни работи на Турција додава дека израелската офанзива е насочена и кон безбедноста и стабилноста на регионалните земји и дека е „многу веројатно“ дека по борбите ќе се појави нов мигрантски бран.

Министерството за надворешни работи на Турција го повика Советот за безбедност на ОН „да го направи она што е неопходно“ во согласност со меѓународното право.

Путин нареди регрутирање на 133 000 војници во есенската мобилизација

Руски војници (илустрација)
Руски војници (илустрација)

Рускиот претседател Владимир Путин нареди да се регрутираат нови 133 000 војници во есенската регрутација што започнува денеска и ќе трае до крајот на годината, а според шефот на канцеларијата за регрутирање, новите регрути нема да одат на боиштата во Украина.

Декретот на Кремљ, објавен вчера (30 септември) од рускиот државен весник „Росискаја газета“, повикува на мобилизација на граѓаните „на возраст меѓу 18 и 30 години, кои не се во резерва и се предмет на воена служба во согласност со федералниот закон), а станува збор за вкупно 133 000 лица.“

Шефот на руската канцеларија за регрутирање, вице-адмирал Владимир Цимлјански, рече дека условите за регрутирање остануваат исти - 12 месеци стаж во воените единици во Русија.

„Би сакал да забележам дека регрутите нема да бидат поканети да учествуваат во специјална воена операција во новите региони“, ги цитира весникот зборовите на рускиот вицеадмирал.

За Русија војната во Украина, што започна со инвазијата во февруари 2022 година, е специјална воена операција, додека Киев и неговите сојузници тоа го нарекуваат брутална агресија и неиспровоциран, империјалистички обид за заземање на земјата.

Британските медиуми потсетуваат дека во потегот што го осуди поголемиот дел од западниот свет, Русија кон крајот на 2022 година анектираше делови од југоисточна Украина, нарекувајќи ја земјата „нови региони“.

Наведувајќи ги зголемените закани на западните граници на Русија, Путин нареди во септември руската армија да се зголеми за 180 000 војници, на 1,5 милиони активни војници, што ќе ја направи втора по големина во светот, по кинеската.

Украина го одбележува „Денот на бранителите“ во услови на нови руски напади

илустрација
илустрација

Украина на 1 октомври го прославува Денот на бранителите во услови на нов бран напади со руски беспилотни летала и сè потешка ситуација на бојното поле на исток, каде што руската офанзива постепено напредува.

Во 9 часот по локално време низ целата земја се одржа едноминутно молчење во спомен на сите Украинци кои ги дадоа своите животи бранејќи ја независноста на својата земја.

Во порака на Телеграм, главниот воен командант на Украина, генералот Олександр Сирски, им честиташе на украинските војници, кои ги нарече „нескротливи воини“, кои ги презедоа напаѓачките руски сили и во изминатите 2 и пол години „се бореа со таканаречената „втора армија на светот“ и ја запреа“ во својата намера.

Министерот за одбрана Рустем Умеров, исто така, издаде изјава во која се заблагодарува на секој украински војник за нивното единство, храброст и издржливост.

„Знаеме за што се бориме: за нашиот дом, за нашите роднини кои сонуваат за мирно небо. За градовите и селата кои чекаат ослободување. За идните генерации кои ќе живеат на својата земја без страв. И за споменот на оние кои низ вековите ги дадоа своите животи за слободата на синовите и ќерките на Украина, кои ги жртвуваа своите животи за нашата држава“, рече Умеров во своето обраќање.

Први октомври беше прогласен за Ден на бранителите во 2014 година, неколку месеци откако Русија незаконски го окупираше украинскиот полуостров Крим и делови од источните региони Доњецк и Луганск.

Инаку „пригушените“ прослави се случија во време на обновени руски напади со беспилотни летала.

„Воздушната одбрана собори 29 од 32 беспилотни летала лансирани од руската војска во седум украински региони рано на 1 октомври“, соопштија од украинското воздухопловство на Телеграм.

Беспилотните летала беа соборени во регионите на Черкаси, Кировохрад, Миколајев, Херсон, Полтава, Суми и Дњепропетровск, соопштија од военото воздухопловство, додавајќи дека три други беспилотни летала „го изгубиле патот“ и не предизвикале било каква штета.

Последниот напад се случи еден ден откако украинската противвоздушна одбрана беше принудена да уништи повеќе бранови руски беспилотни летала насочени кон главниот град Киев.

На 30 септември, украинскиот претседател Володимир Зеленски уште еднаш ја призна како што рече, „многу тешката“ ситуација со која се соочува неговата војска на исток, каде што руските сили со месеци се обидуваат да го заземат логистичкиот центар Покровск во регионот на Доњецк.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG