Достапни линкови

Вести

Марк Руте е нов генерален секретар на НАТО

Марк Руте и Јенс Столтенберг, 26 јуни 2024 година
Марк Руте и Јенс Столтенберг, 26 јуни 2024 година

Сојузниците на НАТО го избраа Марк Руте за нов генерален секретар на Алијансата.

„Во среда (26 јуни), Северноатлантскиот совет одлучи да го назначи холандскиот премиер Марк Руте за следен генерален секретар на НАТО, кој ќе го наследи Јенс Столтенберг“, соопштија од НАТО.

„Топло го поздравувам изборот на сојузниците на НАТО за Марк Руте за мој наследник. Марк е вистински трансатлантичар, силен лидер, кој ќе гради консензус. Му посакувам успех додека продолжуваме да го зајакнуваме НАТО за предизвиците на денешницата и утрешниот ден. Знам дека го оставам НАТО во добри раце“, изјави Столтенберг.

Руте ќе ја преземе функцијата генерален секретар од 1 октомври 2024 година, кога мандатот на Столтенберг истекува по десет години на чело на Алијансата.

види ги сите денешни вести

Експертски извештај на ОН: Украина неспорно беше нападната со проектил од Северна Кореја

Седиште на Обединетите Нации (ОН) во Њујорк, САД, илустрација
Седиште на Обединетите Нации (ОН) во Њујорк, САД, илустрација

Шефот на истражувачката организација која од 2018 година го бара потеклото на оружјето користено во руските напади на Украина, во Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) изјави дека организацијата „неспорно“ утврдила дека балистичката ракета чии остатоци биле пронајден во Украина оваа година се по потекло од Северна Кореја.

Асошиетед прес (АП) ја објави веста на 29 јуни.

Соединетите Американски Држави (САД) и нивните западни сојузници се судрија во петокот, 28 јуни, со претставниците на Русија и Северна Кореја на состанокот на Советот за безбедност на ОН, бидејќи тие тврдеа дека тие две земји го прекршуваат ембаргото на ОН за извоз на оружје од Северна Кореја.

Русија ги отфрли тие тврдења како „неосновани“, а Северна Кореја ја нарече дискусијата за „наводно нечиј трансфер на оружје“ како „крајно дрска“.

Јона Леф, извршен директор на организацијата Conflict Armament Research, на состанокот на Советот за безбедност презентираше детална анализа на проектилот што го погоди украинскиот град Харков на 2 јануари оваа година.

Тој рече дека организацијата го анализирала моторот на ракетата, опашката и околу 300 компоненти произведени од 26 компании од осум земји и територии и утврдила дека станува збор за ракета КН-23 или КН-24 произведена во 2023 година во Северна Кореја.

Таа ги донела своите заклучоци врз основа на уникатните карактеристики на ракетата, дијаметарот, траекторијата на потисок, анализата каде паднала, корејските букви на делови од ракетата и другите ознаки и делови кои датираат од 2023 година.

Леф рече дека тимовите испитале уште три идентични севернокорејски ракети што ги погодија Киев и Запорожје и оваа година. Тие забележале и конвенционално оружје, вклучително и артилериски ракети произведени во 1977 година, запленети на линијата на фронтот и претходно не биле видени на бојното поле во Украина, произведени од Северна Кореја и веројатно дел од неодамнешната поголема пратка ракети.

Советот за безбедност расправаше за нелегален трансфер на оружје од Северна Кореја на барање на Франција, Јапонија, Јужна Кореја, Велика Британија и САД.

Состанокот следуваше по руското вето на 28 март, со кое заврши мониторингот на тим експерти на ОН за спроведување санкции против Северна Кореја поради нејзината нуклеарна програма. САД и нивните европски и азиски сојузници ја обвинија Москва дека се обидува да го избегне надзорот додека наводно ги прекршила санкциите со купување оружје од Пјонгјанг за војната против Украина.

Американскиот заменик-амбасадор Роберт Вуд рече дека презентацијата на Леф со технички детали е многу убедлива и дека независните наоди на организацијата Леф ги потврдуваат извештаите и анализите од други извори.

„Како постојан член на Советот за безбедност, Русија има одговорност да го поддржи и зајакне меѓународниот мир и безбедност. А сепак Русија лансира балистички ракети илегално добиени од Северна Кореја против украинскиот народ“, рече Вуд.

Рускиот амбасадор Василиј Небензија ги обвини западните иницијатори на состанокот дека се обидуваат да го искористат Советот за безбедност за „антируски и антисевернокорејски тврдења“ и дека шират неосновани обвинувања со цел „да го одвлечат вниманието од сопствените деструктивни дејства кои поттикнуваат ескалација во регионот."

Тој рече дека тврдењата за руската употреба на севернокорејски ракети во Украина се „апсолутно лажни“ и ја доведе во прашање професионалноста и стручноста на оние што ги испитуваат остатоците од ракетите во Украина.

Реформистот Пезешкијан и тврдокорниот Џаили одат во втор круг претседателски избори во Иран

Гласање на 14-тите претседателски избори во Иран
Гласање на 14-тите претседателски избори во Иран

Реформистичкиот пратеник Масуд Пезешкијан и тврдокорниот Саид Џалили, поранешен ирански нуклеарен преговарач со Западот, ќе одат во вториот круг од претседателските избори во Иран откако ниту еден од кандидатите не го освои потребното мнозинство гласови на изборите одржани на 28 јуни.

Ова го соопшти ирански функционер, пренесува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Вториот круг од изборите е закажан за 5 јули.

Зошто претседателските избори во Иран се поважни од минатите гласања?
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:06 0:00


Прелиминарните резултати на претседателските избори во Иран покажаа дека реформистичкиот пратеник Масуд Пезешкијан има благо водство пред преостанатите тројца кандидати.

Податоците на изборната комисија објавени во утринските часови на 29 јуни покажуваат дека Пезешкијан освоил 43,5 отсто од гласовите, пред Џалили со освоени 37,7 отсто гласови.

Мохамед Бакер Калибаф, конзервативен поранешен претседател на парламентот, заостанува со 14 отсто од гласовите.

Четвртиот кандидат за претседател, Мостафа Пурмохамади (Пурмохамади), поранешен министер за правда и внатрешни работи, според прелиминарните резултати, многу заостанува зад другите кандидати.

Исходот од изборите веројатно нема да доведе до големи промени во политиката, но може да влијае на тоа кој ќе го наследи 85 годишниот Хамнеи, врховен лидер во земјата од 1989 година.

Претседателските избори во Иран се одржуваат откако претседателот Ебрахим Раиси загина во хеликоптерска несреќа на 19 мај, заедно со министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан и неколку други официјални лица. Многу Иранци го нарекуваат Касап на Техеран поради неговата наводна улога во масовното егзекуција на политички затвореници во 1988 година, кога тој беше заменик обвинител во Техеран.

Пет жртви во напад на украински дрон врз руско село, соопшти Русија

Украина - украински дрон „Вампир“, илустрација, 2 февруари 2024 година
Украина - украински дрон „Вампир“, илустрација, 2 февруари 2024 година

Пет лица загинаа, меѓу кои две деца, во напад на украинско беспилотно летало врз руско село во близина на границата на двете земји, објави на 29 јуни гувернерот на руската област Курск, пренесе АФП.

Гувернерот Алексеј Смирнов на Телеграм напиша дека беспилотно летало удрило во куќа во селото Городише, во руската област Курск, на неколку километри од границата со Украина.

Нападот е изведен со „коптер“ беспилотно летало, додаде гувернерот. Станува збор за мало летало кое може да носи гранати и други експлозиви и да ги фрли на целта.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, двете завојувани страни масовно користат беспилотни летала, вклучително и поголеми авиони, чиј дострел може да биде неколку стотици километри.

Украина ги засили нападите на руска територија оваа година, а се насочени кон енергетската инфраструктура за која вели дека ја снабдува руската војска, како и градови и села во близина на границата.

Минатиот месец, рускиот претседател Владимир Путин почна нова голема копнена офанзива во регионот Харков, во североисточна Украина, со цел да создаде „тампон зона“ и да ги потисне украинските сили, со цел да се заштити руската област Белгород, која граничи со Украина, од артилериски напади.

Регионот Курск, каде се случи нападот утринава, се наоѓа на север, наспроти украинскиот регион Суми, кој е под контрола на Киев.

Сообраќајот по суви коловози, нема подолги задржувања на граничните премини

Илустрација
Илустрација

Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопштија од АМСМ.

Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.

Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Временска прогноза - сончево и топло, температури над 30 степени

Северна Македонија - Скопје, јули 2023 година
Северна Македонија - Скопје, јули 2023 година

Времето денеска ќе биде сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, соопштија од Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).

Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19 целзиусови степени, а максималната ќе достигне од 29 до 37 целзиусови степени. УВ индексот ќе изнесува 8.

Времето во Скопје ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност и со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 целзиусови степени.

Во понеделник времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Дневните температури насекаде ќе бидат над 30 целзиусови степени.

Во вторник се очекува повторно дестабилизирање на времето со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме.

МНР: Ги почитуваме обврските од меѓународните договори

Македонското министерство за надворешни работи
Македонското министерство за надворешни работи

Македонската влада во целост ги отфрла обвинувањата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за наводно прекршување на Договорот од Преспа, обвинувања искажани на состанокот на Советот на Европската Унија.

Во соопштението од македонската Влада е наведено дека државата продолжува да ги почитува превземените обврски од Договорот од Преспа во сите негови аспекти, вклучувајќи го тука и употребата на името “Македонија”, како и името “Северна Македонија” во соодветни формати и прилики утврдени со Договорот и Уставот на државата.

Во него е посочено дека превземените обврски се двонасочна улица, и треба да се земат предвид и обврските кои ги има соседна Грција а кои не се исполнети.

“Исто така, сакаме да нагласиме дека процесот на европски интеграции продолжува да биде наш важен приоритет. Ние сме уверени дека нашиот напредок и придонес кон регионалната стабилност и безбедност, како и нашата посветеност на реформите, ќе бидат правилно оценети и вреднувани од страна на Европската унија.“се вели во реакцијата на Владата.

Оваа реакција доаѓа по соопштението од грчкото министерство за надворешни работи во кое се наведува дека македонската влада се враќа на минатите постапки кои укажуваат на иредентизам и целосно непознавање на историјата.

Покрај Мицотакис и бугарскиот вршител на должноста премиер Димитар Главчев на Самитот на ЕУ во Брисел го отворил прашањето за почитувањето на преземените обврски од страна на Северна Македонија на патот кон ЕУ.

Главчев, во Брисел, ја отворил темата во врска со случувањата во државава во последните недели. Тој, како што пренесува БТА, укажал на „сериозните предизвици што се појавуваат во однос на европската перспектива на земјата кандидат за членство во ЕУ“.

Со Договорот од Преспа од 2018 година уставното име на државата се смени од Република Македонија во Република Северна Македонија. Со тој договор се отвори патот за членството во НАТО.

Сиљановска Давкова го разреши Муслиу, тој ја обвини дека попуштила пред политичките притисоци

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова
Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова денеска донела одлука со која се разрешува досегашниот директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу кој на оваа позиција е втор мандат. На негово место е назначена Габриела Јаковлева, која, според соопштението од Кабинетот, доаѓа од редовите на Агенцијата.

„Очигледно е дека претседателката попушти пред партиските притисоци“, реагира досегашниот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу.

Тој вели дека нема да навлегува во политичката логика и автономија при носењето на ваквата одлука од страна на шефицата на државата, но, како што пишува во реакцијата, во случајот со неговото разрешување отсуствуваат законската оправданост и мерит-системот, за кој, како што вели, Сиљановска Давкова постојано зборувала во јавноста.

„Посебно сум разочаран од постапката и начинот кој го избра при моето разрешување, не покажувајќи доблест да се сретнеме на прва информативна средба на која би добила брифинг за природата на работата на Агенцијата и за безбедносното опкружување и актуелната состојба во регионот“, е наведено во писмената реакција на Муслиу.

Во соопштението од Кабинетот на претседателката нема детали зошто е разрешен Муслиу. Тој на местото директор на Агенцијата по втор пат беше назначен на 19 мај 2023 година од поранешниот претседател Стево Пендаровски со мандат до 2027 година.

Според законот за Агенција за разунавање, директорот го именува и разрешува претседателот на Република Северна Македонија.

„Основи за разрешување на директорот пред истекот на мандатот се ако не постапува согласно со закон, ако нестручно и несовесно ја извршува функцијата или ако престане да исполнува некој од условите од ставот 1 на овој член“ е наведено во законот за работата на Агенцијата за разузнавање.

Претседателката денеска ја разреши и заменичката директорка во Агенцијата за разузнавање Александра Бакреска Додовска и ја именуваше Ивана Стојановска. Повеќе детали за нив не се наведени во соопштението.

„Претседателката Сиљановска Давкова овие одлуки ги донесе согласно нејзините уставни и законски надлежности“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателката.

Путин најави обнова на производството на нуклеарни ракети со краток и среден дострел

Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин на 28 јуни изјави неговата земја ќе продолжи да произведува нуклеарни ракети со краток и среден дострел поради, како што рече, потезите на Соединетите држави со кои распоредат такви ракети во Европа и Азија.

Соединетите држави формално се повлекоа во 2019 година од историскиот Договор за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ) од 1987 година со Русија, наведувајќи дека го прекршуваат договорот. Кремљ го негираше ова.

Русија потоа воведе мораториум на сопствениот развој на ракети кои претходно беа забранети со Договорот . Станува збор за ракети со дострел од 500 до 5.500 километри.

„Познато е дека САД не само што ги произведуваат овие ракетни системи, туку веќе ги донесоа во Европа на вежби во Данска“, рече Путин на состанокот на Советот за безбедност на Русија.


„Неодамна беше објавено дека тие се на Филипините. Не е познато дали од таму ги зеле проектилите или не“, додаде тој.

Путин рече дека Русија на тој начин била принудена да одговори.

„Очигледно треба да почнеме да ги произведуваме овие ударни системи и потоа, врз основа на фактичката ситуација, да донесеме одлуки за тоа каде ќе ги поставиме - доколку е потребно за да се обезбеди безбедност“, додаде рускиот претседател.

Тој го суспендираше учеството на Москва во договорот за интерконтинентални балистички ракети СТАРТ во февруари 2023 година, велејќи дека Русија не може да дозволи американски инспекции во време кога Вашингтон и неговите сојузници во НАТО отворено го прогласија поразот на Москва во Украина.

Опсежни меѓусебни инспекции на локациите за нуклеарно оружје беа предвидени со Новиот договор СТАРТ, кој тогашните претседатели Барак Обама и Дмитриј Медведев го потпишаа во 2010 година.

Инспекциите беа прекинати во 2020 година поради пандемијата на корона вирусот и никогаш не продолжија.

Москва, сепак, нагласи дека не се повлекува целосно од пактот и дека ќе продолжи да ги почитува ограничувањата за нуклеарното оружје утврдени со договорот.

Со новиот СТАРТ, беше предвидено ограничување на секоја земја на не повеќе од 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави и 700 распоредени проектили и бомбардери.

Тој договор истекува во 2026 година, а недостатокот на дијалог за воспоставување договор за наследник ги загрижува меѓународните институции кои се занимаваат со контрола на оружјето.

Србија ја нарече „скандалозна“ пресудата за убиството на Оливер Ивановиќ

Илустрација, протести во Србија во јануари 2022 година, по повод одбележување на годишнина од убиството на политичарот Оливер Ивановиќ
Илустрација, протести во Србија во јануари 2022 година, по повод одбележување на годишнина од убиството на политичарот Оливер Ивановиќ

Српската Влада ја нарече скандалозна пресудата на Основниот суд во Приштина против четворица државјани од српска националност за учество во криминалната група која го организираше убиството на Оливер Ивановиќ.

„Денешната скандалозна пресуда против четврица Срби, која судството на Курти на секој можен начин се обидува да ја поврзе со убиството на Оливер Ивановиќ, е политички мотивирана и инструирана“, се вели во соопштението на Српската Влада.

Се додава дека пресудата е донесена „без конкретни докази, под значително политичко и медиумско политиканство од Приштина“, и дека „Србите беа осудени уште пред самиот судски процес, а обвинението било трипати менувано во текот на самото судење“.

Судот во Косово на 28 јуни осуди четири лица на затворски казни за соучесништво во атентатот во 2018 година на етничкиот српски политичар Оливер Ивановиќ.

64 годишниот Ивановиќ беше убиен на 16 јануари 2018 година, со четири истрели во грбот при пристигнувањето во неговата партиска канцеларија во северниот дел на Митровица, град поделен меѓу мнозинските етнички Албанци во Косово и малцинските Срби, кои доминираат во северниот дел на градот.

Ивановиќ стана познат како релативно умерен за дијалог и компромис меѓу етничките Срби и Албанци откако Косово прогласи независност од Србија во 2008 година.

Основниот суд во Приштина ги осуди жителите на Северна Митровица Марко Росиќ на 10 години затвор, поранешниот полицаец Неделко Спасојевиќ на 4 и пол години затвор а двајцата други поранешни полицајци, Драгиша Марковиќ и Жарко Ивановиќ, беа осудени на по четири години затвор за злоупотреба на службената положба.

Берзата во Париз со најголем пад во последните две години

Илистрација
Илистрација

Париската берза во јуни го претрпе најголемиот месечен пад во последните две години, пад од 6,4 отсто, додека француските гласачи се подготвуваат за изборите за викендот за кои предвидуваа силни придобивки за екстремната десница.

Индексот CAC 40 заврши на најниското ниво од 25 јануари во петокот, додека јазот помеѓу приносот на француските и германските 10-годишни државни обврзници се зголеми на највисокото ниво од 2012 година.

Францускиот претседтел Емануел Макрон го распушти парламентот откако неговата партија освои само 15,7 отсто од гласовите на изборите за Европскиот парламент на почетокот на јуни, а Националната алијанса освои 32 отсто.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG