Достапни линкови

Како најновиот обид за атентат врз Трамп може да влијае на изборната кампања во САД


Доналд Трамп
Доналд Трамп

Последниот обид за атентат би можела да му ја врати на Трамп наклонетоста од јавноста. Поддржувачите на Трамп веројатно сè уште ќе го гледаат како жртва на политичко насилство, а неговите противници би можеле да посочат на обидот за атентат како доказ за поделеноста што ја предизвикува Трамп.

Доналд Трамп е безбеден, според неговиот изборен штаб, а осомничениот напаѓач е уапсен по, како што рече ФБИ, очигледен „обид за атентат“ врз поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат на терен за голф во Флорида на 15 септември.

Инцидентот се случи само два месеци откако Трамп преживеа обид за атентат на митинг во Пенсилванија.

Со уште многу нејаснотии, се поставува прашањето,какво влијание би можело тоа да има врз претседателската кампања во Соединетите Држави(САД), додека гласачите се упатуваат на гласање на 5 ноември?

Наплив на симпатии кон Трамп?

Вестите не беа добри за Трамп во последно време, особено по неодамнешната дебата со Камала Харис, потпретседателка на САД и претседателска кандидатка на демоктратите.

Неоснованите тврдења на Трамп за домашни миленици кои ги јаделе мигрантите од Хаити во град во Охајо брзо станаа храна за широко распространет потсмев. Сепак, овој последен очигледен обид за атентат би можела да му ја врати наклонетоста од јавноста.

Менување на фокусот на дебатата

Изборниот штаб на Трамп би можел да се обиде повторно да ја фокусира дебатата на прашањата за законот и за редот и на заканата од политичко насилство, можеби дури и обидувајќи се да ги обвини противниците дека барем индиректно се одговорни за поттикнување клима на непријателство.

По првиот обид за атентат во Пенсилванија, членовите на Републиканската партија ја повикаа Кимберли Читл, директорка на тајната служба на САД, која е одговорна за заштита на американските политички лидери, да се повлече на сослушувањата кои беа широко проследени од медиумите.

Иако во овој последен инцидент се чини дека тајната служба дејствувала брзо за да го фати наводниот вооружен напаѓач, може да се засили контролата над нивото на заштита што им се дава на претседателските кандидати.

Телевизијата „Фокс њуз“, која во голема мерка е наклонета кон Трамп и кон Републиканската партија, не се фокусираше на спречувањето на обидот, туку на фактот дека наводниот напаѓач успеал да впери пушка низ оградата пред наводно да пукаат агентите на Тајната служба.

Можно е инцидентот да предизвика Трамп да ги намали јавните политички настапи и повеќе да се фокусира на дигиталната кампања.

Продлабочување на поларизацијата

САД се веќе длабоко политички поларизирани, а со партизирано медиумско известување, овој инцидент само ќе ја влоши состојбата.

По инцидентот на 15 септември, претседателот Џо Бајден и потпретседателката Харис побрзаа да го осудат она што и двајцата го нарекоа „политичко насилство“. Сепак, поддржувачите на Трамп сè уште веројатно ќе го гледаат поранешниот претседател како жртва на политичко насилство, а неговите противници, исто така, би можеле да посочат на очигледниот обид за атентат како доказ за поделеноста што ја предизвикува Трамп.

Враќање на Украина во центарот на вниманието

Наводниот напаѓач беше идентификуван како Рајан Весли Рут (58) од Хаваи. Тој имаше повеќедецениска криминална историја, која датира од 1990-тите години.

Тој беше критичен кон Трамп на социјалните мрежи, иако рече дека го поддржувал во 2016 година.

Се чини дека Рут имал про-украински ставови, според објавите на социјалните мрежи. Тој отпатувал во странство во 2022 година со очигледна цел да се бори за Украина против Русија, меѓутоа, претставник на украинската Легија на странски борци за Си-Ен-Ен изјави дека тој „никогаш не бил дел од Легијата и не соработувал со нас на кој било начин“.

Рут ги повика другите да земат оружје за Украина и беше интервјуиран од неколку медиумски организации, вклучувајќи ги Њујорк Тајмс и Семафор 2023.

XS
SM
MD
LG