Достапни линкови

Вести

Рускиот суд им го продолжи притворот на осомничените за нападот во концертната сала во Москва

Осомничените лица од Таџикистан за нападот врз концертната сала во Москва, 16 мај 2024
Осомничените лица од Таџикистан за нападот врз концертната сала во Москва, 16 мај 2024

Рускиот суд им го продолжи притворот до 22 ноември на четворицата Таџикистанци осомничени за нападот во концертната сала Крокус во Красногорск, во близина на Москва, најсмртоносниот терористички напад на руска територија во последните две децении,

Повеќе од 140 луѓе беа убиени кога вооружени лица упаднаа во местото на градското собрание Крокус на 22 март пред да ја запалат зградата.

Четворицата обвинети беа изведени пред судот облечени во затворска облека и оковани раце и нозе.

Рускиот истражен комитет претходно објави дека вкупно четири лица се уапсени во близина на границата со Украина во областа Брјанск.

Што знаеме за осомничените напаѓачи во Москва?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:19 0:00

Шефот на руската Федерална служба за безбедност тврдеше дека нападот бил планиран и финансиран од Исламска држава-Хорасан, со вмешаност на Украина. Украина негираше каква било вмешаност во овој напад.

Одговорноста за нападот ја презеде екстремистичката група наречена „Исламска држава“, која на Телеграм наведе дека нејзини членови „извршиле напад во голем собир кој се одржувал во преградие на руската престолнина Москва“.

Советот за безбедност на Обединетите Нации, Европската Унија, ОБСЕ, САД, Франција, Велика Британија и други земји остро го осудија нападот.

види ги сите денешни вести

Марш за жртвите во Кочани, 60 минутен молк во Охрид

Охрид, 60 минутен молк во знак на почит кон жртвите од трагедијата во Кочани
Охрид, 60 минутен молк во знак на почит кон жртвите од трагедијата во Кочани

Граѓаните на Кочани утринава маршираа на градските улици во Кочани барајќи одговорност за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во која загинаа 59 млади луѓе, а се повредени повеќе од 200.

Говори немаше но во рацете голем број луѓе носеа транспаренти со пораки да се најде и казни виновникот за оваа незапаметена трагедија.

И во Охрид во организација на младинската и ученичките заедници, заедно со Студенските собранија и Локалниот младински совет, денеска на пладне на Градскиот плоштад во Охрид се одржа 60-минутен молк во знак на почит кон жртвите од трагедијата во Кочани.

Граѓани на Охрид на дождливо време одадоа почит на настраданите во кочанската трагедија, искажувајќи поддршка на нивните и на семејствата на сите повредени во најголемата несреќа во историјата на независната македонска држава.

Инаку, Општина Охрид за престојната седмица најави свикување седница на Советот, на која ќе одлучува за доделување финансиска помош за семејствата на починатите и за повредените лица во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

За утре во 18.59 движењето „Кој е следен“ најави протест на плоштадот „Македонија“ и објави повеќе барања до властите.

Шестмина повредени од „Пулс“ со изгореници од трет степен се оперирани

Илустрација
Илустрација

На Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје во моментов се лекуваат десет пациенти од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, од кои на шест веќе им е направена трансплантација на кожа поради степенот на изгореници, информираше денеска директорот на Клиниката, Небојша Настов на заедничката прес-конференција со портпаролите на Владата, Марија Митева и Венера Љатифи Азизи, како и градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

Како што посочи Настов, шесте пациенти на кои им е направена трансплантацијата се со трет степен на изгореници, додека кај останатите пациенти продолжуваат редовните преврски и веќе во текот на наредната недела се очекува да бидат пуштени на домашно лекување. Но, како што рече, ситуацијата е флуидна и може да се смени од час во час.

„Во однос на актуелната здравствена состојба на пациентите од болницата од која што доаѓам, а тоа е Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје, во моментов се хоспитализирани 10 пациенти, од кои на шест е веќе направена трансплантација на кожа заради тоа што тие беа пациенти со највисок степен на изгореници, односно трет степен. Кај останатите пациенти продолжуваат редовните преврски и веќе во текот на наредната недела според плановите кои што ги имаме, иако морам да повторам дека ситуацијата е многу флуидна и може да се смени од час во час, се планираат првите испусти за дома, рече Настов

Во врска со пациентите кои се лекуваат во странските држави, Настов посочи дека тие до одредена фаза ќе се лекуваат таму, но, како што рече, во одредена фаза ќе треба да се вратат и повторно да бидат сместени во хоспиталните капацитети во земјава, за што, рече, се прават протоколи и координации како ќе оди враќањето на пациентите во зависност од темпото со кое ќе бидат испишувани.

„Пациентите кои се лекуваат надвор од земјава до одредена фаза ќе се лекуваат во странските држави кои ни излегоа во пресрет, но во одредена фаза истите тие ќе дојде време кога ќе треба да се вратат во нашата држава и кога ќе треба повторно да бидат сместени во болниците, односно во сите хоспитални капацитети во државата. За таа цел, се прават протоколи и координации меѓу Министерството за здравство, Министерството за надворешни работи и Службата за општи и заеднички работи на Владата во која координација ќе оди враќањето на пациентите во зависност од темпото со кое ќе бидат испишувани од болничките установи од странство, рече Настов.

Прашан за тоа каква е состојбата на шесте пациенти кои се лекуваат во странство и се во критична здравствена состојба, Настов посочи дека ќе има информација по денешниот состанок на Кризниот штаб, бидејќи, како што рече, болниците од странските држави за состојбата на пациентите брифираат еднаш дневно.

„Во моментот ги немам тие информации заради тоа што имаме состанок на Кризниот штав од 14 часот, а тогаш обично ги добиваме вестите и верувајте дека болниците еднаш во денот брифираат за состојбата, а не на еден час или пола час, посочи Настов.

Се очекува подоцна попладнето да биде објавена и нивната состојба.

Граѓани протестираат против владејачката партија во Белград

Граѓаните ги опколија штандовите на СНС на пазарот Калениќ, Белград, 23 март 2025 година.
Граѓаните ги опколија штандовите на СНС на пазарот Калениќ, Белград, 23 март 2025 година.

Околу стотина граѓани се собраа на 23 март во близина на пазарот Калениќ во Белград на протест против активистите на владејачката Српска напредна партија (СНС) кои поставија партиски штандови.

Како што јави новинарот на Радио Слободна Европа (РСЕ) од местото на настанот, граѓаните скандираат „Крадци, крадци“ и прават врева со свирежи и вувузели.

Досега немало никакви инциденти.

Меѓу активистите на СНС е и Горан Караџиќ, поранешен кошаркар на Сојузна Република Југославија. Тој се појави обвиен во српското национално знаме, со кренати три прста.

Граѓаните протестираа и во белградската општина Звездара, каде што активисти на СНС поставија и партиски штандови. Трибините беа поставени на аголот од улиците Вељко Дугошевица и Ѕвездарских Јелки, а меѓу двете групи беше поставен полициски кордон.

Како што јавува теле визијата N1, во еден момент дошло до физички контакт, кога еден од насобраните граѓани турнал активист на СНС, но немало поголеми инциденти.

Граѓаните свират и меѓу другото скандираат „Ѕвездара не те сака“ и „Спакувај се“.

Како што јави N1, во 11:52 часот граѓаните со 16-минутен молк им оддадоа почит на жртвите од уривањето на настрешницата во Нови Сад.

Од новосадската трагедија на Железничката станица на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица, а едно беше тешко повредено, ширум Србија се одржуваат масовни студентски и граѓански протести на кои се бара кривична и политичка одговорност.

Студентите блокираа повеќе од 60 факултети низ земјата од крајот на ноември, а организираа и неколку масовни протести. На 15 март, на повик на академици, во Белград се одржа еден од најмасовните протести во последните неколку децении.

Граѓаните, сепак, се собираат и во помалите градови, каде протестираат пред зградите на локалната самоуправа или пред седиштето на владејачката Српска напредна партија. Во Ниш, Обреновац и Краљево локалните функционери беа гаѓани со јајца.

Во израелските напади загинаа најмалку 19 луѓе во Газа

Илустрација
Илустрација

Во израелските воздушни напади низ јужниот дел на Појасот Газа загинаа најмалку 19 Палестинци во текот на ноќта меѓу 22 и 23 март.

Меѓу убиените има и висок политички лидер на Хамас - палестинската група прогласена за терористичка организација од Соединетите Држави и Европската унија, а загинаа и неколку жени и деца.

Израелската армија им нареди на луѓето да евакуираат делови од градот Рафа, кој се наоѓа на границата со Египет. Армијата соопшти дека наскоро ќе преземе акција против милитантите во областа Тел ал Султан - која претрпе голема штета поради претходното гранатирање - во Рафах. Сепак, се уште не е јасно дали наредбата за евакуација сигнализира нова израелска копнена операција.

Израел започна голема офанзива во Рафах во мај минатата година, кога ја презеде контролата врз стратешкиот коридор долж границата со Египет и важен премин.

Во меѓувреме, Хамас соопшти дека Салах Бардавил, член на неговото политичко биро и на палестинскиот парламент, бил убиен за време на нападите во Маваси. За време на нападите била убиена и неговата сопруга.

Бардавил беше добро познат член на политичкото крило на радикалната палестинска група, кој исто така даваше интервјуа за различни медиуми во последните години.

Во меѓувреме, две болници во јужниот дел на Газа соопштија дека ги примиле телата на 17 Палестинци убиени во нападите во текот на ноќта, вклучувајќи жени и деца.

Израел минатата недела го заврши примирјето со Хамас и започна бран воздушни напади во кои загинаа стотици Палестинци во Газа.

Прекинот на огнот, постигнат во јануари, ги прекина тешките борби што беа предизвикани од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Хамас уби речиси 1.200 луѓе и киднапираше речиси 250 други.

Како резултат на израелската офанзива во Газа, загинаа 49.747 Палестинци, а според Министерството за здравство на Газа, повеќе од половина од жртвите се жени и деца. Израел, во меѓувреме, без да обезбеди докази, тврди дека убил речиси 20.000 милитанти.

Фатени превозници со неправилности при превоз на патници

Илустрација
Илустрација

Од 138 контроли за вршење превоз на патници и стоки кои во претходните три дена ги направиле инспектори за патен сообраќај, неправилности се утврдени кај 21 правно и физичко лице и им се изречени соодветни казни.

Министерство за транспорт –Државен инспекторат за транспорт денеска информира дека инспекциските надзори биле спроведени согласно нивниот Акциски план и дека за утврдените неправилности ќе бидат информирани Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, со цел нивно натамошно постапување.

Инспекторатот ги соопшти 11-те правни лица за кои е констатирана неправилност и за кои се изречени казни: Дурмо турс од Гостивар; Дени интернационал од Илинден; Свис мак алигега од Гостивар; Зем промет – компани од Сарај; Словин Билјана од Охрид; Бис од Охрид; Пештер ДОО од Чаир, Димитриоски од Гази Баба; Хисари-ГД од Дебар; Инком бизнис од Куманово и Палас експорт-импорт од Гостивар.

Покрај овие 11 правни лица, биле констатирани и неправилности кај 10 физички лица кои вршат дејности за превоз на патници и стока.

Министерство за транспорт – Државен инспекторат за транспорт информира дека согласно донесениот Акциски план за инспекциски надзори при превоз на патници и стока, од утре инспектори ќе спроведуваат секојдневни интензивни инспекциски контроли над превоз на патници и стока, проверка на документи (лиценци, изводи од лиценци, дозволи, сертификати за професионална компетентност на возач, тахографи), надзор на безбедноста во сообраќајот и спречување нелегален превоз.

Украина и Русија разменуваат напади

Украина, напад врз Киев
Украина, напад врз Киев

Во руските воздушни напади врз Украина рано во неделата загинаа цивили, објавија властите во Киев, додека светот расправаше за можен прекин на огнот, еден ден откако тричлено семејство беше убиено во напади во регионот Запорожје.

Остатоци од беспилотно летало уништено од украинската противвоздушна одбрана предизвикаа пожар во стан во киевскиот кварт Днипровски, при што една жена загина, а околу 30 луѓе се евакуирани, соопштија официјални лица.

Во меѓувреме, украинските власти објавија дека едно лице е убиено во напад во текот на ноќта во областа Холосивски во Киев, иако деталите за нападот се уште не се јасни.

Во исто време, вршителот на должноста гувернер на руската област Ростов изјави дека во напад со дрон загинало едно лице додека биле во автомобил на автопатот Морозовск-Цимлјанск. Вршителот на должноста гувернер Јуриј Сљусар изјави дека цел на нападот била и станбена зграда, но дека нема жртви.

Извештаите за напади на бојното поле засега не можат независно да се потврдат.

Само 24 часа претходно, бран од најмалку 179 беспилотни летала од типот Шахед од Русија во текот на ноќта погоди четири украински региони, при што уби тричлено семејство во Запорожје, а рани најмалку 12 лица.

Украинските воени извори соопштија дека собориле 100 руски беспилотни летала, но повеќето од нив успеале да погодат цели во регионите Запорожје, Суми и Харков, како и во регионот на Киев.

Околу Киев се откриени 52 руски беспилотни летала, а силите за воздушна одбрана соопштија дека уништиле 36 од нив.

Последниот бран напади е дел од острата ескалација на конфликтот и нападите меѓу Русија и Украина, во напади со беспилотни летала што следеа по разговорите за прекин на огнот меѓу Украина, САД и Русија.

Русија користеше беспилотни летала, проектили и бомби во нападите, а тие го следеа ветувањето на претседателот Владимир Путин за време на телефонскиот разговор со Белата куќа на 18 март да ги запре нападите врз енергетската инфраструктура.

Неколку часа по тој разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, руски беспилотни летала ја погодија украинската енергетска и водна инфраструктура, училишта и болници.

Украинските власти и меѓународните организации овие напади ги нарекоа воени злосторства. Украина, од друга страна, ги нападна руските нафтени постројки и базата за стратешки бомбардери во Енгелс, предизвикувајќи огромен пожар.

Градоначалникот на Истанбул, Имамоглу во притвор до почетокот на судењето

Транспарент со ликот на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу за време на протестот против притворот, Истанбул, Турција, 20 март 2025 година.
Транспарент со ликот на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу за време на протестот против притворот, Истанбул, Турција, 20 март 2025 година.

Судот во Турција во неделата пресуди дека градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу треба да остане во затвор до почетокот на неговото судење.
Имамоглу беше уапсен претходно оваа недела под обвинение за корупција и помагање на терористичка група.
Масовни протести потоа беа одржани во повеќе од десетина турски градови, вклучувајќи ги Истанбул и Анкара.


Членовите на турската опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) во недела гласаат на партиските избори, а се очекува Имамоглу да биде избран за кандидат на следните претседателски избори.

ЦХП, исто така, ги повика непартиските членови да гласаат со цел да се зајакне отпорот на јавноста по приведувањето на Имамоглу.
Градоначалникот на Истанбул ги негираше обвинувањата.


Аналитичарите велат дека Имамоглу би можел да биде сменет и заменет доколку формално биде обвинет за врски со забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК), која Турција и нејзините западни сојузници ја третираат како терористичка организација.


ЦХП, која има повеќе од 1,5 милиони членови, постави 5.600 гласачки кутии во 81 турска провинција.
Следните избори се закажани за 2028 година.

Двајца повредени во пожарот се на механичка вентилација, двајца оперирани, известуваат од Белград

Кочани, Изгорената дискотека во која загинаа 59 млади луѓе
Кочани, Изгорената дискотека во која загинаа 59 млади луѓе

Седумнаесет лица повредени во пожарот во Кочани се лекуваат во Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија во Белград од кои две се на механичка вентилација, а двајца се оперирани, изјави др Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при УКЦС, јави дописникот на МИА од Белград.

Стојичиќ нагласи дека пациентите се во добра состојба и постоперативно се без проблеми.

„Нивниот постоперативен тек се одвива без проблеми. Наредната недела веројатно ќе бидат оперирани уште пет-шест пациенти. Имам и добри вести, неколку пациенти веројатно ќе можат да бидат префрлени на одделение бидејќи успешно се опоравува нивната респираторна функција, а раните од изгорениците се такви што не бараат престој на одделението за Интензивна нега“, изјави тој за РТС.

Тој наведе дека кај пациенти кои веќе се оперирани, процедурата опфаќа отстранување на девитализирано ткиво и покривање со автотрансплантација, што значи дека нивна сопствена кожа се зема од други региони и се пресадува на изгорените места.

На еден пациент ќе му биде извршена нова операција за околу пет денови (на другата рака).

Според него, за оние на кои им претстои операција, нема да бидат потребни донатори на кожа.

Што се однесува до опоравувањето на оние кои биле оперирани, Стојичиќ истакна дека конечниот резултат обично се забележува за 14 дена, а потоа следи фаза на опоравување со помош на физикална медицина.

Региони окупирани од Русија во Украина се клучни за крај на војната, вели американски претставник

Стив Виткоф во разговор со Такер Карлсон, 22 март 2025 година.
Стив Виткоф во разговор со Такер Карлсон, 22 март 2025 година.

Американскиот пратеник Стив Виткоф рече дека решавањето на статусот на украинските територии кои во моментов се окупирани од Русија е клучно за ставање крај на војната во Украина, што изгледа како отстапување од долгогодишната позиција на Вашингтон за отфрлање на анексијата на регионот од Москва.

Во опширното интервју со американскиот конзервативен медиум Такер Карлсон објавено на 22 март, Виткоф рече дека преговорите за украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје, Керсон и Крим најверојатно ќе го одредат решението на конфликтот, јавува сервисот на англиски јазик на Радио Слободна Европа.

Русија рече дека дел од причината поради која ја започнала инвазијата на Украина во февруари 2022 година била да ги „заштити“ руските говорници во источните региони, кои граничат со Русија.

Многу експерти не се согласуваат со таа оценка, велејќи дека империјалните амбиции на Русија го поттикнуваат конфликтот.

„Тоа е слонот во собата“, рече Виткоф. „Откако тоа ќе се реши, водиме многу, многу позитивен разговор.

Седум месеци по почетокот на инвазијата, Кремљ прогласи четири источни украински региони за анектирани и дел од Русија, по референдумското гласање за кое Кремљ инсистираше дека е израз на вистинската волја на гласачите.

Гласањето се одржа иако регионите беа само делумно окупирани од руските сили, управувани од прокси-администратори инсталирани од Русија, а неколку милиони потенцијални гласачи од регионот беа раселени и не можеа да гласаат.

Набргу по гласањето, Генералното собрание на Обединетите нации со големо мнозинство ја осуди руската анексија на регионот, додека тогашниот американски државен секретар Антони Блинкен го повтори ставот на Вашингтон дека САД никогаш нема да ги признаат „лажните“ референдуми.

Трамп и неговиот тим постојано изјавија дека Украина ќе мора да направи отстапки за прашањето за земјиштето за да обезбеди мировен договор за ставање крај на војната која трае повеќе од три години. Русија во моментов контролира околу 20 отсто од Украина, вклучително и големи делови од четири спорни региони.

Изгледа дека Виткоф се огради од позицијата на администрацијата на Бајден и меѓународната заедница во целина, велејќи му на Карлсон дека „имаше референдуми [организирани од Москва] каде што огромното мнозинство луѓе покажаа дека сакаат да бидат под руска власт“.

„Прашањето е дали светот ќе препознае дека тоа се руски територии?

Виткоф, кој е активно вклучен во дипломатските напори во врска со конфликтот во Украина, рече дека останува со надеж по неодамнешната рунда контакти на високо ниво, вклучително и телефонски разговори меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин и Зеленски.

„Јас сум многу, многу оптимист дека ќе успееме да ги зближиме двете страни“, рече тој.

Виткоф беше активно вклучен во дипломатските напори во врска со конфликтот во Украина и минатата недела беше во Русија за да се сретне со Путин.

Тие двајца разговарале неколку часа. Виткоф рече дека неговата порака до Путин е дека тој и Трамп „ќе бидат двајца големи лидери кои ќе го решат овој конфликт“.

Одделно, Виткоф рече дека е важно да се стави крај на политичката изолација на Путин за да се запре конфликтот. Западните лидери го прекинаа контактот со рускиот претседател набргу по почетокот на војната во февруари 2022 година.

„Како можеме да решиме конфликт со некој кој е на чело на голема нуклеарна сила ако не воспоставиме доверба и добри чувства еден кон друг“, рече Виткоф.

Тој рече дека за време на нивната средба Путин му подарил портрет на Трамп направен од врвен уметник. Тој исто така рече дека Путин му рекол дека се молел за Трамп откако тој за малку ќе беше убиен во обид за атентат во Пенсилванија во јули 2024 година додека водеше кампања за претседател.

Времето денеска променливо облачно со дожд

Илустрација
Илустрација

Денеска времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југозападните и јужните делови. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер.

Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен јужен ветер.

Времето утре исто така ќе биде променливо облачно со локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер.

Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен јужен ветер.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG