Во мај 2024 година, московски суд забрани неколку интернет огласи за вработување што бараа кандидати со “словенски изглед” како нелегални, според руските закони за анти-дискриминација и анти-екстремизам, нарекувајќи го нивното објавување “нелегално и кривично санкционирано.”
Оваа пресуда следеше по слична одлука од друг московски суд во истата година за огласи кои велат “само за Словени,” барање кое често се појавува во огласите за недвижности од страна на руски сопственици кои бараат станари.
Но, државни институции продолжуваат да користат сличен дискриминаторски јазик во јавни тендери, според наодите на Система, истражувачкото одделение на РСЕ/РЛ на руски јазик, кое исто така открило дека таков јазик се користи од страна на владата на еден голем индустриски град.
“Сè повеќе гледаме напади на луѓе со не-словенски изглед, а на државно ниво, наместо да се бори со ксенофобијата, се даваат расистички изјави,” изјави Стефанија Куљаева, експерт од реномираната организација за човекови права Меморијал.
“Самите власти провоцираат омраза со изјави на официјални лица и безбедносни сили.”
Во Ѕержинск, град во централниот регион на Нижни Новгород, градската власт објавила најмалку четири тендери за услуги за чистење во кои стоело дека потенцијалните изведувачи треба да бидат “со словенски изглед,”а еден од нив минатиот месец откри Система.
Московскиот огранок на Федералниот центар за хигиена и епидемиологија објавил тендер во ноември за услуги за чистење и барал “словенски изглед.”
Ниту администрацијата на градот Ѕержинск ниту московскиот огранок на Федералниот центар за хигиена и епидемиологија не одговорија на барањето за коментар до објавување на текстот.
“Зголемување на расистичкото насилство”
Рускиот закон експлицитно забранува дискриминација врз основа на националност или етничка припадност, меѓу другото и при вработување. А Уставот вклучува клаузула која гарантира еднакви права и слободи за граѓаните, без оглед на националност или етничко потекло.
Претседателот Владимир Путин редовно го промовира различниот етнички и верски состав на земјата, иако го поддржува она што го нарекува “доминација на руската култура” меѓу овие групи, а критичарите го обвинуваат неговиот владин систем за отворено вклучување на ксенофобични десничарски групи за политички цели.
Во извештај објавен минатиот месец, реномираните набљудувачи за екстремизам, Центарот Сова тврди дека Русија забележала “брзо зголемување на расистичката насилство” од пролетта 2023 година.
Human Rights Watch, пак, изјави во извештај оваа недела дека економските мигранти од Централна Азија се соочуваат со “зголемено ксенофобично вознемирување, говор на омраза и насилство” откако се случи смртоносниот терористички напад на концертната сала Крокус Сити Хол во близина на Москва на 22 март 2024 година.
Дискриминаторските практики при вработување не се нови за руските државни институции.
Во 2018 година, монополот за погребни услуги на московската градска власт му одговори на потенцијален изведувач за инсталирање клима уреди дека “само етнички Словени” треба да поднесат понуда.
Истата година, институција под покровителство на руската Национална гарда, позната како Росгвардија, отворено изјави во тендер дека влезот во нејзините објекти е забранет за странци и луѓе од “кавкаска етничка припадност” - општ термин кој опишува многу етнички групи кои потекнуваат од планинскиот Кавказ и вклучува делови од Русија и нејзините јужни соседи.
“Етничкото профилирање стана норма”
Куљаева изјави за Система дека ситуацијата со дискриминацијата во Русија се менува, но не секогаш на подобро.
“Ако ја погледнете ситуацијата како целина, забраните за вработување на мигранти се зголемуваат, а дискриминацијата на основа на националност останува честа практика на работодавците,” изјави Куљаева. “Овие барања се спротивни на законот, и теоретски можат да се оспорат во суд, ако има лице кое не било вработено само поради својата националност.”
Расизмот во Русија се манифестира не само во кадровската политика, туку и во секојдневниот живот, додаде Куљаева.
Полициски потполковник за Московската област изјави на брифинг со локалните официјални лица дека главната задача на полицијата е да ја “осветли” областа “за да не биде потемнета, така да се каже, од странски граѓани.”
„Во услови на руската сеопфатен војна против Украина “и пораст на национализмот, не е изненадувачки што етничкото профилирање стана норма,” додаде Куљаева.
Автори: Андреј Сошников, Полина Колесникова, Система
На текстот соработуваше Карл Шрек од РФЕРЛ