Вести
Седница на СБ на ОН за ситуацијата во Газа

Советот за безбедност на Обединети Нации на денешната седница (13 август) ќе дебатира за Газа по израелскиот воздушен напад врз училиште, што се користеше како засолниште, а при што, според палестинските власти, загинаа најмалку 100 луѓе.
Израелската војска го призна нападот, тврдејќи дека погодил команден центар на Хамас во училиштето. Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, негираше дека го користел училиштето како команден центар.
По нападот од 10 август, Алжир побара итен состанок на Советот за безбедност.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш нападот го оцени како „погубен“ и ја осуди „континуираната загуба на животи во Газа“.
Министерството за здравство во Појасот Газа соопшти дека најмалку 100 луѓе биле убиени во нападот, додека Израел соопшти дека во нападот загинале 31 милитант.
види ги сите денешни вести
Почнува судскиот процес против францускиот актер Депардје

Судскиот процес против француската филмска ѕвезда Жерар Депардје по обвинението за сексуален напад треба да започне на 24 март во Кривичниот суд во Париз, откако беше одложено поради здравствени проблеми на актерот.
Случајот се однесува на наводите на две жени дека Депардје ги допирал во нивните интимни области против нивна волја за време на снимањето на филмот „Зелени Капаци“ (Les Volets Verts ) од 2021 година на режисерот Жан Бекер.
Првата жена го обвини актерот дека ја заробил во ходник, ја допирал по градите, задникот и гениталиите и давал развратни коментари. Таа поднела тужба против него во февруари 2024 година за сексуален напад, вознемирување и сексистички навреди.
Друга жена, асистент режисер, исто така го обвини Депардје дека на филмскиот сет и ги допирал градите и задникот и дека претходно ја малтретирал. Таа поднела тужба во март 2024 година.
„Доколку биде прогласен за виновен, Депардје се соочува со петгодишна затворска казна и парична казна од 75.000 евра“, соопшти јавното обвинителство во Париз.
Во октомври судот го одложи судењето поради здравствената состојба на актерот. Актерот, кој има 76 години, има дијабетес повеќе од 25 години и доби четирикратен бајпас. Депардје мораше да приложи лекарски уверенија пред судењето, кое ќе трае два дена. Судските денови сега не треба да траат подолго од шест часа и мора да бидат одделени со 15-минутни паузи.
Депардје, кој се појавил во повеќе од 200 филмови, ги негира обвинувањата.
Неговиот адвокат тврди дека наводите се „целосно измислени“, велејќи дека немало директни сведоци на инцидентите.
Ветеранот на француската кинематографија во последните години се соочи со бројни обвинувања за сексуално недолично однесување. Тој беше обвинет за силување на актерката Шарлот Арнолд во 2020 година во случај кој останува отворен. Депардје го негира и ова обвинување.
Мицкоски го поддржува изразувањето револт преку протести, но нема оправдување за „политичките лешинари“

Премиерот Христијан Мицкоски денеска (24 март) изјави дека има разбирање за оние кои решиле преку демократската алатка како што е протестот да го изразат својот гнев, но не ги оправда, како што рече, политичките глодари и лешинари кои сакаат да добијат почитички поени
„Апсолутно се придружувам на изразувањето на револт и гнев, затоа што уште многу работи останаа пред нас да се решат. Но, ќе се бориме со последниот атом енергија да исправиме нешто во името на идните генерации. Преку ноќ не може ништо да се направи, иако направивме многу работи изминатиот период. Поразивме неколку мафијашки здруженија кои, за жал, функционираа во државата. Ќе продолжиме и во периодот што следува. Но, од сега па натаму, само би посакал сите да останеме фокусирани и обединети во решавањето на проблемите“, рече Мицкоски.
Премиерот Мицкоски посочи дека протестите се демократска алатка на изразување на незадоволство.
„И јас сум нервозен, а верувам и дека и вие сте незадоволни. Сите ние сме незадоволни, во сето тоа што се случува и не треба да имаме дилема. Работите ги решаваме и ќе продолжиме да ги решаваме“, рече Мицкоски.
Во Скопје за денеска во 18:59 часот се најавува протестен марш за одговорност и безбедност, во врска со трагедијата во Кочани, но и сите трагедии со човечки жртви низ годините назад.
Протестниот марш кој ќе се одржи под слоганот „Доста бевме ние, системот е следен“ е на иницијатива на граѓанското движење „Кој е следен“ кое се формираше по смртта на младата Фросина Кулакова која беше прегазена во сообраќајна несреќа на 29 јануари годинава.
Движењето „Кој е следен“ организираше низа протести барајќи правда за Фросина, а го иницира и последниот масовен собир во Скопје на 18 март на кој се оддаде последна почит за 59-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
ДКСК почна проверка на законите за угостителска дејност, заштита и спасување, инспекциски надзор и локална самоуправа

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) почна антикорупциска проверка на Законот за угостителска дејност, на Законот за заштита и спасување, на Законот за инспекциски надзор, на Законот за локалната самоуправа како и на други материјални закони, со цел, како што велат оттаму, да се овозможи откривање и спречување на потенцијални ризици од корупција при спроведување на соодветните постапки поврзани со издавање на одобренија и лиценци за работа, дозволи за работа на угостителски објекти, како и во делот на вршење надзор над истите.
Како што соопшти денеска ДКСК, антикорупциската проверка на законите како процес подразбира целосна и систематска проценка на правните прописи за да се идентификуваат можности за злоупотреба, конфликт на интереси, нејаснотии и празнини во законите кои би можеле да поттикнат коруптивни практики.
„Како основни резултати од антикорупциската проверка очекуваме зајакнување на превентивниот пристап и наместо да се реагира на коруптивните практики пост-фактум, да имаме проактивност со што ќе се овозможи законите да бидат ослободени од коруптивни ризици. Преку постапката ќе се направи и проценка на ризиците и ќе се анализираат специфични одредби кои може да создадат услови за фаворизирање, дискреционо одлучување или недостаток на транспарентност“, се наведува во соопштението.
Од ДКСК велат дека ќе вклучат повеќе засегнати страни преку соработка со релевантни институции и граѓанското општество, за да се обезбеди независност и објективност при анализата.
„Укажуваме дека ДКСК како одговорна институција за антикорупциската проверка на легислативата, главно за законите во фаза на изготвување, мора да биде во постојан контакт со надлежните министерства кои доставуваат предлози за усвојување на закони и изготвуваат нацрт закони и законодавни предлози за кои овластен предлагач е Владата на Република Северна Македонија, како и да биде навремено информирана во случај на можни иницијативи за изготвување на нова законска регулатива или за измени на постојните закони од друг овластен предлагач на закони“, се наведува во соопштенито од ДКСК.
Сите резултати, како што истакнуваат од ДКСК, ќе бидат јавно достапни и целиот процес ќе биде транспарентен и јавен, а извештатите и препораките ќе бидат доставени до Владата и до Собранието, за да се подобрат овие закони, и со тоа да не се остава простор за коруптивни активности.
Северна Македонија ги доби првите 52,4 милиони евра од Инструментот за реформи и раст од ЕУ

Северна Македонија ги доби првите средства во износ од 52,4 милиони евра, од претфинасирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од ЕУ, од кои 24,4 за буџетска поддршка и веќе се уплатени на Министерството за финансии.
„Пристигнаа средствата од претфинасирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од ЕУ за земјава во вредност од 52, 4 милиони евра, односно седум проценти од вкупната вредност на финансиската поддршка која за нашата земја изнесува 750 милиони евра. Оваа исплата е врз основа на барањето за предфинансирање за кое во ноември лани известивме дека како национален координатор за реформската агенда го потпишав и го доствавивме до ЕК. Со ова, Северна Македонија стана првата земја во регионот која ги доби овие средства откако претходно ги заврши правните процедури, а тоа значи дека Договорот за заем и Договорот за грант се веќе стапени во сила“, информира денеска (24 март) на прес-конференција министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Втората важна вест поврзана со Реформската агенда, како што додаде министерот Муртезани, е што на 14 март, годинава, до ЕК во предвидениот рок земјава го доставила првото барање за ослободување на дополнителни средства во износ од 17,1 милиони евра за имплементација на реформските чекори со краен рок декември 2024 година, кој што потоа беше продолжен од страна на ЕК до февруари 2025 година.
Овие реформи вклучуваат усвојување на Закон за јавна внатрешна финансиска контрола, донесување на подзаконски акти од Законот за буџети, операционализација на структурите и донесување на План за 2025 година, измени во Законот за трговски друштва во делот на критериуми за избор на членови во надзорни и управни одбори и во делот на правосудството пополнување на испразетите места во судството и обвинителството.
Од 17,1 милиони евра, 7,96 милиони евра се за директна буџетска поддршка, а останатите 9,11 милиони евра за инвестициски проекти преку заедничкиот фонд на инвестициската рамка за ЗБ.
„Овие средства ќе бидат достапни, откако Комисијата ќе заврши со оценката за исполнувањето на реформите за што на располагање има 90 работни дена“, истакна Муртезани.
На новинарско прашање министерот за европски прашања истакна дека од сумата од 52,4 милиони евра 24,4 се веќе легнати на сметката на Министерството за финансии во Народната банка, 15 милиони се грант и се префрлени во Инвестицискиот фонд за ЗБ (WBF), а останатите 13 милиони евра се заем и се во процедура на исплата, а се исто така префлени во Инвестицискиот фонд за ЗБ.
Во протестите низ Турција приведени девет новинари

Турските власти приведоа девет новинари кои во текот на ноќта известуваа за протестите во неколку градови против апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, соопшти денеска Синдикатот на турските новинари.
Засега не е јасно зошто се приведени новинарите. Турскиот суд во неделата го затвори градоначалникот на Истанбул, Имамоглу, главен политички ривал на претседателот Таип Ердоган, до судењето за обвиненија за корупција, потег што ги предизвика најголемите протести во земјата во повеќе од една деценија.
И покрај забраните за улични собири во многу градови, синоќа петта последователна ноќ се одржаа главно мирни антивладини протести.
Главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) повикува на протести против одлуката на судот за Имамоглу, која тие ја опишуваат како политизирана и недемократска.
Владата негира дека истрагите се политички мотивирани и вели дека судовите се независни.
Имамоглу ги отфрли обвиненијата со кои се соочува, отфрлајќи ги како „незамисливи обвинувања и клевети“ и повика на протести низ целата земја.
Обраќајќи им се на демонстрантите во истанбулскиот кварт Сарачане пред зградата на општината, лидерот на ЦХП, Озгур Озел, синоќа (23 март) рече дека ќе продолжат со протестите додека Имамоглу не биде ослободен.
Меѓу приведените новинари е и фотограф од агенцијата Франс прес, соопшти синдикатот на новинарите на плаформата Х.
Осум пациенти треба да се вратат од странство неделава, четири се во критична состојба

Четири од пациентите од пожарот во Кочани кои се лекуваат во странство се во критична состојба, а очекуваме осум да се вратат неделава во државава, изјави денеска (24 март) министерот за здравство Арбен Таравари.
Како што соопшти, денеска се очекува да бидат испишани 16 пациенти од домашните болници, каде се лекуваат вкупно 46.
На Клинички центар се лекуваат 26 пациенти и по 10 во ГОБ 8 Септември и во Свети Наум Охридски, во приватните болници осум пациенти. На лекување во странство се 115 пациенти.
„Во фаза на инфекции сме, можни се компликации. Колегите даваат максимум. Се надевам барем половина од пациентите ќе се вратат за две недели“, изјави Таравари.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени.
Починатите, кои се на возраст од 16 до 48 години беа погребани во Кочани, Штип, Струмица и Скопје.
Украинското обвинителство тврди дека 604 деца загинале во Украина од почетокот на војната

Од избувнувањето на војната со Руската Федерација во Украина, загинаа 604 деца. Повикувајќи се на податоци на Државното обвинителство на Украина, украинските медиуми објавија дека 2.421 дете во Украина биле повредени во вооружени конфликти.
„Повеќе од 2421 дете се повредени во Украина за време на војната со Русија“, се вели во извештајот.
Најголем број жртви и повредени се забележани во Доњецката област- 633 деца, Харков-470, Херсон -202, Днепропетровск-203, Киев-136, Запорожје-170 и Миколаив-118, а петгодишно девојче беше убиено во руски напад со дрон на 23 март оваа година.
Во селото Марине, Сумиската област, на 22 март 2025 година, 17-годишно девојче и млад човек беа повредени во напад со дрон, додека во Запорожје на 21 март, 17-годишно девојче беше убиено, а 10-месечно бебе беше повредено.
Премиерот на Гренланд: Најавената посета на американската делегација е многу агресивен потег

Гренландскиот премиер Муте Б. Егед остро ја осуди најавената посета на американска делегација на земјата во која е и сопругата на потпретседателот на САД, Уша Венс. Егед тоа го нарече „многу агресивен потег“.
Уша Венс, сопруга на американскиот потпретседател Џ. Венс доаѓа на Гренланд оваа недела за да присуствува на националната трка на кучиња и „да ја прослави културата и заедницата на Гренланд“, се вели во соопштението на Белата куќа.
На Гренланд треба да отпатува и советникот за национална безбедност на Трамп, Мајк Волц, потврди извор запознаен со планот на патувањето.
„Што прави советникот за национална безбедност на Гренланд? Единствената цел на неговата посета е да ја демонстрира американската моќ над нас. Неговото присуство дополнително ќе ги охрабри Американците да веруваат во мисијата на Трамп, а притисокот ќе се зголеми, изјави Егед за гренландски весник.
Тензиите меѓу САД и Гренланд се зголемија откако американскиот претседател Доналд Трамп постојано изјавува дека САД имаат намера да ја анектираат автономната територија на Данска, доколку е потребно со сила или економски притисок.
„Мислам дека ќе го добиеме на еден или друг начин“, рече Трамп претходно овој месец во обраќањето пред Конгресот.
Гренланд, најголемиот остров во светот богат со ретки минерали важни за високотехнолошката индустрија, со години е предмет на стратешките интереси на САД, Кина и Русија. Заканите на Трамп дополнително ги влошија односите меѓу САД и Данска, која сè уште има контрола врз одбраната и надворешните работи на Гренланд.
Иако владејачката партија на Егед неодамна доживеа недоверба на парламентарните избори, тој останува на чело на владата до формирањето нова коалиција. Јенс-Фредерик Нилсен, кој се смета за нов премиер, исто така смета дека американскиот потег „покажал недостаток на почит кон Гренланѓаните“.
Данската премиерка Мете Фредериксен рече дека ја сфаќа посетата на американската делегација „сериозно“ и дека соработката со САД мора да се заснова на „фундаменталните принципи на суверенитет“.
Дури 85 отсто од Гренланѓаните се против американска анексија, покажа анкетата објавена во јануари.
Синот на Трамп, Доналд Трамп помладиот, неодамна предизвика контроверзии за време на посетата на Гренланд кога рече дека територијата на островот „ќе има голема корист“ од приклучувањето кон САД, со пораката „Направете го Гренланд повторно голем“.
Уставниот суд на Јужна Кореја го поништи импичментот на актуелниот премиер Хан Дак-Су

Уставниот суд на Јужна Кореја го поништи импичментот на актуелниот премиер Хан Дак-Су и со тоа му ги врати овластувањата на претседателот што ги презеде откако поранешниот претседател прогласи вонредна состојба.
Хан ја презеде функцијата од претседателот Јун Сук Јеол, кој беше отповикан поради кусо прогласување вонредна состојба во декември. Хан веднаш се врати на својата позиција по пресудата.
„Благодарен сум за мудрата одлука на Уставниот суд“, рече Хан по одлуката и им се заблагодари на членовите на владата за нивната напорна работа за време на неговата суспензија.
Прогласувањето на вонредна состојба од страна на Јун во декември доведе до најголемата политичка криза во Јужна Кореја во последните децении и создаде вакуум во власта во четвртата по големина економија во Азија.
Хан првично беше две недели претседател. Тој беше отповикан и суспендиран на 27 декември по судирот со парламентот во кој доминира опозицијата поради неговото одбивање да назначи уште тројца судии во уставниот суд.
Седум судии од тоа тело денеска одлучија да го поништат импичментот, додека еден се спротивстави.
Хан е 75-годишен политичар кој е на лидерски позиции повеќе од три децении, под пет претседатели, конзервативни и либерални.
Во една политички високополаризирана земја, Хан се сметаше за редок пример на функционер чија кариера ги надмина партиските поделби. Сепак, парламентот го обвини дека не направил доволно за да ја спречи одлуката на Јун да прогласи вонредна состојба, што тој го отфрла.
За време на суспензијата на Хан, претседателската функција ја презеде министерот за финансии Чои Санг-мок. Конечната одлука на Уставниот суд за Јун се очекува за неколку дена, а доколку биде потврден неговиот импичмент, во рок од 60 дена ќе се одржат претседателски избори.
Рубио и Нетанјаху разговарале за израелските напади врз Газа

Американскиот државен секретар Марко Рубио и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска телефонски разговарале за израелските операции во Газа, соопшти Стејт департментот.
Во вчерашниот израелски воздушен напад врз болница во Газа загинаа пет лица, меѓу кои и политички лидер на Хамас. Израел тврди дека цел на нападот бил клучен член на милитантната група. САД и ЕУ ја прогласија Хамас за терористичка организација.
Министерството за здравство во Газа соопшти дека е погоден хируршкиот оддел на болницата Насер во Кан Јунис. Израелската војска соопшти дека нападот следел по детални разузнавачки податоци и употреба на прецизна муниција за да се минимизира штетата.
Хамас соопшти дека е убиен член на нејзината политичка канцеларија Исмаил Бархуми.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац потврди дека тоа е Бархуми. Војската не ја именуваше целта, но го опиша како „клучен терорист“ на Хамас.
Израелските напади предизвикаа осуда кај светската јавност, а се проценува дека во последните израелски напади загинале стотици луѓе.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете