Достапни линкови

Интерконекторот за спојување со гасоводот во Грција заглави во тендерот


Илустрација
Илустрација

Стопиран е проектот за изградбата на интерконекторот кој треба да ги спои гасоводите на Северна Македонија и Грција. Првиот оглас за изведувач на работите пропадна, а ЕИБ им предложила на македонските власти распишат нов. Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека е против распишување на нов.

Изградбата на интерконекторот меѓу Северна Македонија и Грција заглави во изборот на тоа кој ќе го гради. Европската инвестициска банка (ЕИБ) ја води теднерска постапка и таа се води во согласност со нејзините правила. Според последните изјави на директорот на државното претпријатие НОМАГАС кое стопанисува со гасоводот извештајот од евалуација бил испратен во банката и се чекало одобрување од таму.

Но, од банката за Радио Слободна Европа велат дека тендерот е поништен. Причината не е прецизирана освен дека тендерските постапки се спроведуваат во целосна согласност со Водичот за набавки на ЕИБ, што подразбира отворен конкурс, правичност и избор на економски најповолна понуда.

Според добро упатени извори во целата постапка причината е што банката пронашла услов во тендерот кој не е во согласност со нејзините правила. Тоа било дека меѓу другото пишувало дека изведувачи на работите може да бидат и домашни компании, што на еден начин било ограничувачко.

Во одговорот до РСЕ, ЕИБ вели дека треба да обезбеди користењето на средствата доделени за овој проект но да се во целосна усогласеност со стандардите наведени во финансиските договори.

Зошто гасоводите станаа предмет на интерес во Обвинителство?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:13 0:00

„Со оглед на тоа што ЕИБ неодамна го отфрли исходот од тендерот, можно решение, доколку владата и Номагас одлучат да ја следат оваа препорака, е тендерот да се обнови“, велат од ЕИБ.

Дека има таков проблем со тендерот потврди и Премиерот Мицкоски во телевизиско интервју во кое кажа дека не се согласува со ретендерирање.

„Очекувам наместо да се пролонгира или ретендерира да се реализира проектот. Сега од финансиската институција велат дека треба ретендерирање. Зошто? После 9 месеци констатирале пропусти во тендерската документација. И сега моментално тој е со една цена, а што доколку после ретендерот се изгубат година или две. Што доколку после ретендерирање најповолната понуда е за 15 до 20 милиони евра поскапа. Како ќе излезам јас пред граѓаните што ќе кажам, поништивме тендер со Х вредност сега прифативме тендер со Х+20 милиони евра. На што ќе личам јас?“, рече Мицкоски.

Интерконекторот битен за целиот регион

Во истото интервју премиерот Мицкоски потенцираше дека проектот за интреконекторот е многу битен бидејќи ќе го поврзе регионот. Најави дека ќе промовира интерконектор кој ќе го поврзе гасоводот и со Србија но не откри детали. И покрај дополнителните прашања на РСЕ до Владата одговор од таму за детали нема.

Неодамна Србија и Романија потпишаа меморандум за соработка за изградба на интерконектор кој ќе ги поврзува националните гасоводи.

Тогаш рекоа дека освен што Србија ја намалува сопствената зависност од рускиот гас, со новото поврзување станува важна транзитна земја за транспорт на гас до централна Европа.

„Изградбата на овој гасовод првенствено ќе придонесе за диверзификација на патиштата за снабдување, што ќе доведе до обезбедување на безбедно снабдување со гас на српскиот пазар“, изјавија за РСЕ од Министерството за енергетика на Србија.

Оттаму додаваат дека поврзувањето со Романија ќе создаде можност за транспорт на гас од тој правец до Босна и Херцеговина, со која Србија е веќе поврзана со гасоводи, „како и до пазарите кон кои се планирани гасни интерконекции, а тоа е пред се Северна Македонија“.

На овој начин, како што претходно најавија од министерството, Србија „станува незаменлива транзитна земја и важен партнер во обезбедувањето на енергетската безбедност на земјите од Централна и Источна Европа“.

Инаку, почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година ја затече Северна Македонија целосно зависна од руските енергетски испораки. Исто како и Србија а и по примерот на земјите од Европската унија (ЕУ), кон чие членство се стреми, почна да бара алтернатива за рускиот гас.

НОМАГАС нема насоки како да постапува

Државното претпријатие Номагас кое стопанисува со гасоводот пак очекува да се заврши проектот со Грција бидејќи е од регионално значење.

„Изградбата на овој интерконтектор е од големо значење не само за нашата држава, туку и за целиот регион , заради диверзификација на нашите извори на снабдување со природен гас. Европската карта на снабдување драматично се менува и се поголем значај земаат јужните коридори за снабдување. Ова е многу битно за нас за да се заземе поголема улога во транзитот на природен гас и снабдувањето на централна и источна Европа. Придобивките од овој транзит ќе бидат огромни“, вели извршниот директор на НОМАГАС Бајрам Реџепи.

Реџепи е оптимист дека може да се постигне изградбата да заврши навреме, бидејќи постапката за експропријација е скоро завршена, а тоа е нај проблематичниот дел во градбата и што може да ја одолговлекува реализацијата на градбата.

За тоа дали е можно да се зголеми финансиската конструкција која е предвидена вели дека е тешко да се предвиди, бидејќи зависи од повеќе фактори. Сепак, е оптимист дека нема да има таква потреба.

Инаку интерконекторот од македонска страна ќе биде во должина од 67км, од Неготино до границата со Република Грција. Во Грција пак ќе води до Неа Месимвриа со што вкупната должина достигнува до 123 километри. Проектот е финансиран преку грант од Европската инвестициска банка со очекувана вредност од над 83 милиони евра. Почетниот капацитет на гасоводот ќе биде 1,5 милијарди кубни метри годишно, но со можност за проширување до 3 милијарди кубни метри, додека се направени и студии за гасоводот да има соодветни спецификации за транспорт на зелен водород.

Грција подготвена за реализација на проектот

Грчките медиуми пишуваат дека за околу една година треба да биде испорачан гасоводот Грција-Северна Македонија, а нивни извори објаснуваат дека работата на проектот е во полн ек. Од таму убедуваат дека неговата испорака, , ќе биде според распоредот – односно во летото 2025 година, поточно во јуни.

На крајот на 2023 година, ДЕСФА што е грчки оператор на системот за пренос на гас, во кој третина од сопственоста е на грчката влада го доби тендерот за надзор на изградбата а ќе го гради и делот во Грција

ДЕСФА му доделила на „Коринт Пипеворкс“ , договор вреден повеќе од 27 милиони евра за изградба и набавка на приближно 56 километри челични цевки поврзани со грчкиот дел од интерконекцијата, пишуваат грчките медиуми.

Тие прецизираат дека целото количество челични цевки од 30 инчи сертифицирани за транспорт на водород ќе се произведува во капацитетите на грчката фабрика „Corinth Pipe Works“ во градот Тисви. Според медиумите, набавката вклучува и внатрешен и надворешен антикорозивен премаз во три слоја, кој ќе се изведува во истата фабрика.

Тамошните медиуми уште овој проект го оценуваат како од заеднички интерес но дека значително ќе ја зајакне безбедноста на снабдувањето на Северна Македонија. Гасоводот ќе и овозможи на Северна Македонија дополнително да ги диверзифицира своите извори на снабдување и да создаде дополнителни енергетски коридори, поставувајќи ги темелите за понатамошна интеграција на пазарот на природен гас, како во регионот на Западен Балкан, така и во ЕУ.

Mедиумите потенцираат и дека во исто време, со проектот дополнително се зајакнува улогата на Грција како енергетска порта на Југоисточна Европа, со транспорт на природен гас од грчкиот национален преносен систем за природен гас до Северна Македонија и оттаму до остатокот од Европа.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG