Достапни линкови

Антикорупциска бара кривична одговорност за распоредувања на 978 вработени во УЈП


Управа за јавни приходи (фотоархива).
Управа за јавни приходи (фотоархива).

Поранешната директорка на УЈП, Сања Лукаревска, смета дека не се прекршени законите бидејќи важноста на договорите на овие вработени не е по распишување на изборите туку е од 14 февруари, денот на распишување. Покрај за УЈП, Антикорупциска бара кривично гонење и на поранешниот заменик-министер во МВР од ДУИ, како и за двајца градоначалници.

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) смета дека 978 вработени во Управата за јавни приходи (УЈП) со нова систематизација биле распоредени незаконски во време на изборен период поради што донесе одлука да се покрене иницијатива за одговорност.

„За констатираното прекршување ДКСК ќе постапки во рамки на своите законски надлежности и согласно закон ќе иницира постапка пред надлежен орган“, рече членот на Антикорупциската комисија, Сервет Демири.

Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, за Радио Слободна Европа, посочи дека ваквата одлуката значи иницијатива до Јавното обвинителство за кривична постапка. Антикорупционерите ќе ги достават материјалите од предметот, а понатаму обвинителството ќе треба да утврди дали овде има простор за кривично гонење.

Одлуката беше едногласно изгласана од сите шест членови на ДКСК кои присуствуваа на седницата. Еден од членовите, како што беше посочено, оправдано е отсутен.

Пријавата до антикорупционерите била поднесена анонимно на 26 март годинава.

Анонимниот подносител во пријавата навел дека распоредувањата во УЈП со промена на договорите за вработување и склучување на нови договори биле направени по распишувањето на изборите, а според правилник за внатрешна реорганизација од 9 февруари.

Во објаснувањето на одлуката, Демири посочи дека утврдиле оти наводите од анонимниот подносител за прекршување на законските одредби во време на избори се основани затоа што „тоа се дејствија кои претставуваат ризик од корупција и политички влијанија во текот на изборниот процес“.

Лукаревска: Се е направено во законскиот рок

Станува збор за распоредувања во февруари и март односно во текот на изборниот процес за претседателските и парламентарните избори одржани на 24 април и 8 мај. Изборите беа распишани на 14 февруари од страна на тогашниот претседател на Собранието, Јован Митрески.

Во тој период, директорка на УЈП беше актуелната пратеничка Сања Лукаревска, која смета дека не бил прекршен Законот.

„Имавме измена на нова систематизација и сето тоа е направено во соодветен законски рок. Важноста на тие договори за распоредувања е од 14 февруари“, вели Лукаревска за РСЕ.

Со оглед дека станува збор за одлука изгласана денеска во ДКСК, ексдиректорката посочува дека нема информации за што конкретно станува збор за да даде повеќе детали.

Сепак, посочува дека за прашањето за новата систематизација во Управата работела и посебна работна група со Министерството за информатичко општество и администрација.

На седницата на ДКСК, пак, беше објаснето дека станува збор за распоредување на вработени кои биле со статус државен службеник и вработени кои вршат помошно-технички работи.

Според тоа што беше презентирано на седницата на Антикорупциска, за случајот постапиле и надлежни инспекторати кои исто така ги утврдиле неправилностите.

„За констатираните неправилности, по барање на ДКСК постапено е и од страна на друг орган и изречена е инспекциска мерка да се донесе акт со кој ќе се поништи одлуката за распоредување на работните места“, рече Демири.

За одлуката дека распоредувањата се противзаконски, ДКСК се повика на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (член 34) и од Изборниот законик (член 8а).

Во нив се наведува дека од денот на распишување на изборите до денот на завршување на изборите за претседател и за пратеници во Собранието и до денот на изборот на нова влада, меѓу другото, не може да се започнат постапки за вработување на нови лица или за престанок на работен однос во државни и јавни институции.

Проширена иницијативата за кривична одговорност за Буши

Седницата на која предметот со УЈП се најде на дневен ред пред антикорупционерите е осма по ред на новиот состав на ДКСК. Денешното заседание е второ продолжение на осмата седница. Во првото на 24 јули, Комисијата одлучи да покрене иницијатива за кривично гонење и за поранешниот заменик-министер во МВР, од редовите на ДУИ, Назим Буши.

И во овој случај антикорупционерите донесоа одлука за исти неправилности – незаконски распоредувања во време на изборен процес. Како што презентираше тогаш Димитровска, станувало збор за 189 решенија за распоредување што ги донел Буши.

Овој предмет, на денешното продолжение (1 август) беше надограден со уште 15 распоредувања што ги направил поранешниот заменик-министер, а за кој документацијата до антикорупционерите пристигнала во меѓувреме.

Вкупно, сега иницијативата за кривично гонење ќе се однесува на вкупно 204 распоредувања.

Во време на изборниот период, согласно Пржинскиот договор, со МВР раководеше кадар на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски. Од редовите на СДСМ, пак, имаше дополнителен заменик, Митко Бојмацалиев.

Меѓутоа, двајцата, согласно закон, ги напуштија функции откако ДИК ги објави конечните резултати, па со МВР остана да раководи Буши.

Тој го презеде раководењето на 31 мај и беше на чело на министерството до 23 јуни, кога беше избрана новата Влада. Решенијата за распоредување, како што констатираше ДКСК, биле донесени во овој период.

Се бара кривично гонење и на двајца градоначалници

Од осмата седница на Антикорупционерите произлегоа уште неколку иницијативи за кривична одговорност што ќе се поднесат до Јавното обвинителството.

Меѓу нив се и за двајца градоначалници. Едниот е од внатрешноста, а неправилностите кај него, според ДКСК, сè што именувал директор на училиште без положен директорски испит кој е законски услов.

Вториот градоначалник, пак, е на една скопска општина. Кај него се утврдени неправилности за две прашања – именување в.д. директорка на градинка која не ги исполнувала условите, но и ангажирање на 76 лица со договор на дело за потребите на Општината, а за што немало согласност од Министерството за финансии.

Ангажирање на лица без согласност од Министерството за финансии беше причина денеска ДКСК да покрене иницијатива за кривично гонење на актуелен директор на институција во рамки на Град Скопје.

Актуелниот состав на ДКСК, на чело со претседателката Татјана Димитровска, мандатот го започна на 8 февруари 2024 г.

Тројца од седумте члена на овој тим, вклучително и претседателката, се ревизори од Државниот завод за ревизија, двајца беа вработени во службите на Антикорупциската комисија. Има и една судијка, како и еден член кој претходно работеше во областа за ревизија на претпристапната помош за ЕУ.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG