Европската народна партија предупреди дека олеснувањето на визните ограничувања воведени од Будимпешта за посетителите од Русија претставува ризик за „националната безбедност“, пишува Фајненшл тајмс.
Имено, Унгарија неодамна донесе одлука за олабавување на визните ограничувања за посетителите од Русија, „што ја отвори вратата за шпиони и ЕУ треба веднаш да преземе контрамерки“, објави најголемата политичка партија во блокот.
Во јули Унгарија објави детали за новиот систем за „брза работна виза“ за граѓаните на осум земји: Босна, Северна Македонија, Молдавија, Црна Гора, Србија, Украина, Русија и Белорусија, кој дозволува влез без безбедносни проверки или други ограничувања и подолг престој Унгарија.
Манфред Вебер, претседател на Европската народна партија, во писмото цитирано од Фајненшл тајмс, вели дека потегот на Унгарија ќе им овозможи на „непроверените“ Руси слободно да патуваат низ поголемиот дел од ЕУ, што како што вели, би претставувал „сериозен ризик за националната безбедност“.
Будимпешта соопшти дека многумина ќе бидат вработени во изградбата на нуклеарна централа што е договорена со руската компанија Росатом.
Руските граѓани не се соочуваат со забрана за влез во ЕУ и во Шенген зоната без гранична контрола, која ги вклучува и Норвешка и Швајцарија кои не се членки на ЕУ, доколку поседуваат валидна виза и немаат врски со рускиот претседател Владимир Путин.
Но, западните санкции како одговор на целосната инвазија на Русија на Украина вклучуваат забрана за авиокомпании во сопственост на Русија да работат во воздушниот простор на ЕУ, што го отежнува патувањето на руските државјани во блокот. Во исто време, правилата за издавање работни дозволи се работа на секоја земја-членка на ЕУ посебно.
Во писмото, Вебер ги повика лидерите на ЕУ „да ги усвојат најстрогите мерки за веднаш да го заштитат интегритетот на Шенген зоната, да го ограничат безбедносниот ризик што веќе се појавил и да ги спречат земјите-членки да преземаат слични иницијативи во иднина“.
Вебер бара од претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел да го покрене ова прашање на следниот самит на лидерите на ЕУ во октомври.
Инаку унгарскиот премиер Виктор Орбан предизвика бурни реакции кај лидерите на ЕУ претходно во јули кога отпатува за Москва за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин по претходната посета на Киев, наводно во обид да посредува во мировните преговори меѓу Русија и Украина.
Многу земји оттогаш одбија да ги испратат своите министри на состаноци одржани во Унгарија, поради што тие беа презакажани во Брисел.
Раса Јукневичиене, член на Европскиот парламент и поранешен министер за одбрана на Литванија, во интервју за Current Time ги критикуваше постапките на Орбан.
„Многу луѓе се „вратени назад“ со одлуката на Унгарија, иако не треба да бидеме затоа што Унгарија и акциите на Орбан ја уништуваат ЕУ одвнатре. Но, нашето трпение порано или подоцна ќе истече“, рече Јукневичиене.
Иако многумина се надеваат дека унгарската влада ќе се промени преку демократски процес, „дотогаш никој не сака да ја избрка целата унгарска нација од ЕУ“, рече таа.
За време на војната на Русија во Украина, Орбан беше „во кавга“ со другите лидери на ЕУ со тоа што одбиваше да му обезбеди оружје на Киев за одбрана од руските сили и рутински ги одложуваше, намалуваше или блокираше напорите за испраќање финансиска помош во Киев и воведување санкции кон Москва.
Лидерот со најдолг стаж во ЕУ, Орбан стана икона за некои конзервативни популисти поради неговото цврсто противење на имиграцијата и правата на ЛГБТК+ припадниците. Тој, исто така, презеде остри мерки против печатот и судството во Унгарија и беше обвинет од ЕУ за кршење на стандардите за владеење на правото и демократијата.