Достапни линкови

Западните сигнали за испраќање на Грузиски сон во опозиција


Милијардерот Бидзина Иванишвили, лидер на владејачката партија Грузиски сон, на митингот во Тбилиси, април 2024
Милијардерот Бидзина Иванишвили, лидер на владејачката партија Грузиски сон, на митингот во Тбилиси, април 2024

Во текот на повеќедецениското цврсто партнерство на Грузија со Соединетите Држави и Европа, западните партнери на оваа кавкаска земја обично немаа фаворити во внатрешната политика на земјата.

Но, по неодамнешното „свртување“ на владејачката партија Грузиски сон кон антизападна реторика и авторитарни практики, сега има се посилни сигнали од западните партнери на Грузија дека би сакале партијата да не биде изгласана на парламентарните избори во октомври.

Сигналите се индиректни, зошто западните официјални лица инсистираат на тоа дека изборите треба да ги решаваат грузиските гласачи, но за многумина во Грузија пораките од Соединетите Држави и Европа во изминатите неколку недели беа видливи.

Грузиските меѓународни партнери го зацврстија својот пристап по усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“, кој наметнува строга контрола врз медиумите финансирани од странство и невладините организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство. Русија ја искористи истата ознака за да ги „запре“ опозицијата и независните медиуми.

Амбасадорот на ЕУ во Грузија рече дека пристапувањето на Грузија е стопирано како резултат на активностите на владата на Грузиски сон и дека се надева оти Грузијците ќе го направат „вистинскиот избор“ на претстојните избори.

Европската Унија официјално објави дека има намера да ги намали политичките контакти со грузиските владини претставници и да ја зголеми соработката со граѓанското општество, кое се мобилизираше со цел да го порази Грузиски сон наесен. Пентагон објави дека ги одложува редовните заеднички воени вежби на САД и Грузија закажани за ова лето, но дека се надева дека соработката би можела да продолжи следната година.

Претставниците на Грузискиот сон реагираа претпазливо, сугерирајќи дека во најмала рака овие потези создаваат впечаток на фаворизирање.

„Тоа не и помага на Грузија“, изјави за РСЕ, Мака Бочоришвили, пратеничка од Грузискиот сон.

Таа рече дека се „шпекулации“, информациите дека Западот има намера да ја „поттикне“ опозицијата на изборите.

„Но, исто така е факт дека опозицијата ја игра таа улога овде во Грузија“, рече таа.

Многу од сојузниците на владејачката партија не беа толку внимателни.

Одложувањето на воените вежби од страна на Соединетите Држави „служи само за една цел: да изврши притисок врз грузиското гласачко тело да гласа за партиите кои слепо ќе се вклучат во каква било војна што ќе ја побараат нивните покровители“, рече Созар Субари, пратеник од партијата Народна власт, во телевизиско интервју.

Оддалечување од Западот

Партијата Грузиски сон дојде на власт во 2012 година со ветување дека ќе ја задржи западната траекторија на земјата, а истовремено се обидуваше да ги намали тензиите со Русија, која ја нападна земјата четири години претходно. Претставниците на Грузиски сон ја обвинија претходната влада на Михаил Саакашвили за провокација на рускиот напад во 2008 година со започнување офанзива во отцепениот регион Јужна Осетија, а една од нивните клучни точки на разговор беше дека тие, за разлика од нивните претходници, успеаја да ја задржат земјата надвор од војна.

Напорите за усогласување со Русија поттикнаа редовни обвинувања од опозицијата дека Грузиски сон е во „џебот“ на Кремљ. Тие обвинувања станаа погласни по целосната инвазија на Русија на Украина во 2022 година, кога Грузија зазеде претпазлива и повремено антиукраинска позиција.

До неодамна, западните функционери беа сочувствителни на ранливата позиција на Грузија во однос на Русија и на напорите на Грузиски сон да се справи со последиците од војната во Украина. ЕУ дури и го додели на Грузија долго посакуваниот кандидатски статус во декември 2023 година.

Но, таа симпатија, веќе ја снема.

Реториката на партијата во последно време стана повеќе антизападна и конспиративна. Тие редовно обвинуваат дека мрачна „глобална воена партија“ се обидува да ја вовлече Грузија во војната во Украина. А владата презеде сè повеќе антидемократски чекори, меѓу нив и усвојувањето на законот за „странски агенти“, на кој остро се спротивставија САД и ЕУ.

Додека владата на Грузиски сон се обложуваше дека би можела да си игра „опасна“ игра со ЕУ, постигнувајќи напредок во пристапот, дури и кога им пркоси на барањата на блокот, тоа веќе не е остварлива стратегија, вели еден западен дипломат во Тбилиси кој сакаше да остане анонимен за да зборува поотворено.

Дипломатот укажа на неодамнешната изјава од ЕУ дека дејствијата на грузиската влада резултирале со „де факто запирање на процесот на пристапување“, потег без преседан за блокот и истакна дека таа изјава е потпишана дури и од Унгарија, поранешниот најсилен бранител на Грузија во ЕУ.

„Ако се коцкаат овој пат, нема да може да летаат. Законот за странски агенти беше последната капка“, рече дипломатот.

Само пријателски совет?

Прашањето за вмешаноста на САД и Европа во изборите е чувствително прашање. Стана уште повеќе сега кога наративот на Грузиски сон околу законот за „странски агенти“ е сконцентриран околу критиката на Западот дека се обидува да влијае на внатрешните работи на Грузија преку невладини организации и медиуми финансирани од странство и нивните сојузници во опозицијата.


И западните функционери се трудеа да покажат дека не заземаат страна.

„САД не поддржуваат една политичка партија над друга“, рече американскиот државен потсекретар за цивилна безбедност, демократија и човекови права Узра Зеја во интервју за информативниот сајт Civil.ge.

„Ние, сепак, очекуваме нашите партнери да обезбедат вистински конкурентен демократски процес. На грузискиот народ е да одлучи“, порача таа.

Во самата грузиска опозиција, официјалните претставници долго време се жалат на, како што велат, претерано почитуваната позиција на САД и ЕУ кон Грузиски сон и пркосот на партијата кон западните престолнини. На последните избори, во 2020 година, амбасадорите на САД и ЕУ се соочија со остри критики од опозициските партии за прифаќање на легитимноста на гласањето. Грузиски сон победи на реизборот по трет пат, но опозицијата тврдеше дека гласањето било нарушено со измами и многу нерегуларности, што предизвика протести во главниот град Тбилиси и во други градови низ земјата.

Опозициските лидери сега ја поздравуваат „поцврстата“ линија од Западот и очекуваат таа да им ги зголеми шансите наесен, истовремено отфрлајќи ги обвинувањата дека тоа е несоодветно мешање.

„Јасно е дека има промена на политиката од САД, како и од Европската Унија, каде на европските и американските политички лидери им беше јасно дека под оваа влада не гледаат никакви изгледи за унапредување на евроатлантската интеграција на Грузија“, изјави за Радио Слободна Европа, Тина Бокучава, лидерка на партијата Обединето национално движење, најголемата опозициска сила во Грузија.

„Никој не кажува никому, надвор од земјата, за кого да гласа.Само им е јасно на перспективите што би ги имала нашата земја под оваа влада. И тоа е фер и тоа е неопходно, бидејќи грузискиот народ не треба да биде доведен во заблуда“, уверува таа.

„Јас не ја ставам одговорноста на рамениците на нашите западни пријатели. Наша одговорност е да ги промениме работите овде“, се согласува и Гига Бокерија, претседател на опозициската партија Европска Грузија.

„Но, некои политики се корисни, некои не се. А политиката на минимизирање на траекторијата на Грузија не беше корисна за домашната демократија и за западните интереси, исто така. Реакцијата на слободниот свет е природна“, смета Бокерија.

Западните влади останаа повеќе или помалку неутрални за внатрешната политика „се додека не може повеќе да се негира дека курсот на Грузиски сон е таков каков што е“, рече Соња Шиферс, директорка на канцеларијата во Тбилиси на германската фондација Хајнрих Бол.

„ЕУ и сите западни партнери на Грузија би сакале да соработуваат со демократска и прозападна влада, тоа не е тајна“, смета Шиферс.

Додека западните одговори се прават имајќи ги предвид изборите, „би рекла дека одговорот на Западот би бил сличен дури и да нема избори“, додаде таа.

„Тоа е избор што треба да го направат Грузијците. Но, тие исто така треба да разберат дека земјата не може да смета на исто ниво на поддршка доколку постои автократизација и ја прегратката на Русија“.

Што ги предизвика масовните протести во Грузија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:48 0:00

Вклучувањето на Западот најверојатно ќе остане ограничено доколку владата не преземе драматични антидемократски чекори, тврди Шиферс.

„Не би рекла дека ЕУ и САД целосно застануваат на страната на опозицијата. Тоа не е нивна работа, строго кажано, и се додека нема големо изборно местење или државно насилство, мислам дека тие експлицитно нема да ја поддржат опозицијата.Или ќе ја започнеш војната, или ќе ја напуштиш власта“, истакнува таа.

Останува нејасно каков ефект ќе имаат европските и американските акции на изборите. Грузискиот сон се обиде да ги мобилизира гласачите со порака дека тие се залагаат за независност и суверенитет на земјата против опозицијата контролирана од Запад кој не ги има на ум најдобрите интереси на Грузија.

На официјалниот почеток на партиската изборна кампања на 16 јули, основачот на Грузиски сон и сè уште де факто лидер на партијата Бидзина Иванишвили ја обвини како што рече „глобалната воена партија“, дека дејствува преку „европската и американската бирократија“, за да ја промовира опозицијата.

„Тие сили „одлучија да ја вратат на власт унијата на луѓе без татковината“, колективното Обединето национално движење“, рече Иванишвили, користејќи го фаворизираниот епитетот на партијата за опозицијата.

„Или ќе ја започнете војната, или ќе ја напуштите власта“: Ова е неприфатлив предлог и грузискиот народ ќе даде јасен одговор на тоа на 26 октомври“, рече Иванишвили.

„Изгледот дека ЕУ и Соединетите Држави се обидуваат да влијаат на изборите овде може да има спротивен резултат. Тоа нема да и помогне на опозицијата и нема да го оштети Грузиски сон, но она што ќе биде уништено е перцепцијата која грузиското општество ја има кон САД и Европската Унија“, рече Бочоришвили од Грузиски сон.

Но, Бокучава од Обединетото национално движење е уверена дека поострата линија на Западот ќе помогне да се привлечат гласачи кои можеби го поддржувале Грузиски сон, но се загрижени за односите на Грузија со Западот.

„Мислам дека тоа значително ќе влијае на гласањето“, заклучува лидерката на грузиската опозиција.

XS
SM
MD
LG