Достапни линкови

Повисоки пензии со нови заеми или зголемување на старосната граница


Пензионери во Скопје - архивска фотографија
Пензионери во Скопје - архивска фотографија

Пари за покачувањето на пензиите оваа година владата ќе може да најде, но за следната најавениот заем од Унгарија може да биде само почеток, велат експерти. Повеќе пари во Фондот за пензиско може да дојдат и преку зголемување на старосната граница за пензионирање, но главно е да зголеми соодносот меѓу вработените и пензионерите

Двајца пензионирани пилоти со договор на дело ќе бидат ангажирани да управуваат со авионите за гаснење на пожар. Оваа одлука ја донесе владата доцна синоќа додека секој ден избувнуваат по неколку пожари заради високите температури.

Дали недостигот на кадар во многу сектори значи дека е време да се зголеми старосната граница за пензионирање, со што ќе се овозможи и повеќе пари да се влеваат во пензискиот фонд?

Зголемувањето на старосната граница за одење во пензија е непопуларна мерка, како што велат експерите, но државата освен кадри ќе мора од некаде да обезбеди и пари во фондот за најавените покачувања на пензиите.

Околу 164 милиони евра годишно треба да издвои Владата од буџетот за да го обезбеди линеарното покачување од 2.500 денари месечно за сите приматели на пензии во Северна Македонија.

Ако покачувањето од март биде удвоено на вкупно 5.000 денари според ветувањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш ќе бидат потребни над 330 милиони евра. За да се реализира оваа мерка државата или ќе мора да се задолжи со кредити, или пак, ќе треба да биде зголемена и старосната граница за пензионирање.

Ова според експертите со кои разговаравме се само дел од опциите за да се обезбедат повеќе пари во фондот за пензиско осигурување (ФПИОМ). Државата треба ги обезбеди парите во ситуација кога Буџетот за 2024 година е проектиран со дефицит од 545 милиони евра.

„За оваа година нема да биде проблем да се најдат пари за ова, затоа што станува збор само за три месеци и околу 40-50 милиони евра. Но за наредната година, мислам дека или владата ќе ретерира од најавата за покачување на пензиите за нови 2.500 денари, или едноставно ќе се задолжи за да може да го реализира ова. Најавениот заем од Унгарија се чини дека ќе биде само прва во една долга низа“, смета економскиот аналитачр Бранимир Јовановиќ.

Пари за повисоки пензии може да се добијат со ново задолжување, со зголемување на старосната граница за одење во пензија, со зголемување на процентот на придонес за пензиско осигурување или да се зголеми соодносот меѓу вкупниот број на вработени и пензионери во државата.

Непопуларни мерки

Со 337 илјади приматели на пензии на 687 илјади вработени, сегашниот сооднос меѓу вработени и пензионери е 2 спрема 1, според официјалните статистички податоци на Државниот завод за статистика и на Министерството за труд и социјална политика.

Со други зборови на секој пензионер има 2,04 вработени. Соодносот може да се зголеми ако се намалува невработеноста или, пак, во јавниот сектор да добијат решенија за вработување оние кои се вработени со договор на дело.

Поранешната директорка на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ) Билјана Јовановска вели дека бројот на осигуреници (вработени) треба да биде најмалку 3:1, бидејќи тоа е многу важно за полнење на буџетот на ФПИОМ.

За редовна исплата на пензиите, додава таа, важно е да се искорени и сивата економија, но и да се зголеми процентот што се уплаќа за пензиски придонес.

„Владата носи одлука дали ќе ја зголеми старосната граница за пензионирање, што за мене не е добра одлука, бидејќи не е во интерес на работниците, посебно оние што се вработени во реалниот сектор: индустрија, градежништво, земјоделие, производство. А, исто така Владата одлучува дали ќе го зголеми процентот на придонес за пензиско што не е популарно кај работодавачите“, вели Јовановска.

Во моментов старосната граница за пензионирање е 62 години за жени и 64 години за мажи и најмалку 15 години стаж. Просечната пензија изнесува 21.287 денари, што е 346 евра и е помала од минималната плата од 367 евра.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ретерира

ВМРО-ДПМНЕ во програмата за парламентарните избори кои се одржаа на 8 мај вети зголемување на пензиите од 5.000 денари, но откако формираше влада донесе одлука пензиите да бидат зголемени само за 2.500 денари од септември оваа година, а од март идната година да има уште едно покачување од 2.500 денари.

Иако владата донесе ваква одлука, премиерот Христијан Мицкоски рече дека буџетот во моментов се наоѓа во лоша состојба и дека недостасуваат 2,5 милијарди денари за редовна исплата на пензиите „наспроти ова што претставува дополнително зголемување што го најавивме и ветивме“, рече тој.

Јовановиќ гледа „големо ретерирање“ на ВМРО-ДПМНЕ во однос на ветувањето од 5.000 денари за покачување на пензиите, бидејќи како што вели „2500 денари покачување се само малку повеќе од редовното септемвриско прилагодување за растот на платите и за инфлацијата.“

Пензискиот фонд (ФПИОМ) делумно се полни преку трансфер на средства од централниот буџет кои се предвидени и планирани со воведувањето на двостолбниот пензиски систем во 2003 година.

Тогаш државата се обврза да го дополнува буџетот на Фондот, бидејќи 6 проценти од пензискиот придонес ПИОМ го префрла на приватните фондови, а тие се уште немаат обврска да исплаќаат пензии.

Покачувањата да ги диктира економијата

Според економскиот аналитичар Висар Адеми покачувањето на пензиите и платите треба да го диктира економијата, а не да биде со политичка одлука, особено не на почеток на мандатот на Владата.

„Зголемување на плати се прави кога има раст на Бруто домашен производ (БДП), или кога има економски развој, нови работни позиции, a не со политичка одлука. Бидејќи целиот трошок го прават политичарите ќе биде на товар на покачување јавниот долг“, вели Адеми.

Јовановска вели дека меѓу предизвиците околу менаџирањето на фондот, дигитализацијата треба да биде приоритет, на севкупното работење и на давањето услуги кон граѓаните. На пример, граѓаните за кратко време да можат електронски од дома да поднесат барање за пензија и електронски да можат да го извадат решението, притоа да можат да го следат процесот и да знаат на кој начин дошле до нивниот износ на пензија.

Какви реформи и да се направат, пари од централниот буџет ќе мора да се влеваат во Фондот, барем до 2035 година. Така беше предвидено со законите кои се донесени во 2003 година: фондот да има трошоци кон приватните фондови и трошоци за здравството за пензионерите кои се двојно повисоки од здравственото осигурување кое се плаќа за вработените. Со реформата пред 21 година беа воведени приватните фондови и државата се обврза дека ќе го полни буџетот на фондот, односно оние 6 проценти месечно што државниот фонд го префрла кон приватните фондови.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG