По прославувањето на 34. партиски роденден денеска (17 јуни), лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски утре до Собранието ќе го достави предлог владиниот состав и програмата за работа. Дискусијата и гласањето, пак, се очекува да биде до крајот на неделава.
Идната влада, вклучувајќи го и Христијан Мицкоски како премиер, ќе брои 24 членови.
Во неа ќе има пет вицепремиери, само три жени министерки, а речиси сите, со исклучок на четворица, веќе имаат искуство како функционери во извршната, законодавната или локалната власт. Дел од нив биле на функции и во време на влади на СДСМ. Покрај од двете најголеми заедници – македонската и албанската, во првиот ешалон од извршната власт ќе има и функционери од српската и ромската заедница. Северна Македонија ќе има и вицепремиер кој негува добри односи со Русија и додека беше пратеник, во периодот откако е започната руската инвазија на Украина, ја посетуваше и Москва.
„При изборот на кадровскиот потенцијал и решенија за состав на новата влада се водев од принципите за чесност, и посветеност, да бидат луѓе кои ќе дадат голема енергија во процесите и целосно ќе се вложат за реализација на амбициозните зацртани цели. Го немаме луксузот да не се успее“, рече мандатарот Мицкоски при синоќешното претставување на предлозите за министри од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Предлогот за Стоилковиќ ја „вознемири“ ДУИ
Опозицијата, пак, засега е тивка за кадровските решенија од првиот ешалон на новата власт. Меѓу ретките реакции е онаа што доаѓа од потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.
„Охридскиот договор за првпат по 2001 година во рацете на Србин со путинистички убедувања! Промената штотуку започна!“, искоментира Адеми.
Неговата реакција се однесува на предлогот Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија и коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, да биде вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците. На оваа позиција ќе се пресели од парламентот со оглед дека на изборите на 8 мај беше избран за пратеник од листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Стоилковиќ важи за политичар близок со српскиот претседател Александар Вучиќ и до претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој е под санкции на САД. А, негува и добри односи со Русија. Тој беше еден од тројцата пратеници, заедно со Реџеп Исмаил Хактан и Борислав Крмов од Левица, кои минатата недела се појавија како гости на државниот прием по повод националниот празник – Денот на Русија што во Скопје го организираше руската амбасада.
Во мај лани, Стоилковиќ учествуваше на меѓународниот безбедносен форум во Москва.
„Скапоцено искуство и многу нови сознанија, тоа е билансот на моето патешествие во Русија“, искоментира Стоилковиќ на Фејсбук по учеството на овој настан.
Место за уште двајца традиционални партнери
Од останатите партнери во коалицијата „Твоја Македонија“, столче на Илинденска бр.2 ќе има и за претседателот на Социјалистичката партија, Љупчо Димовски, кој ќе биде вицепремиер и министер одговорен за политички систем.
Тој е традиционален партнер на ВМРО-ДПМНЕ, беше и министер за земјоделство во претходните влади на Никола Груевски.
Димовски во минатото се најде и под кривичен прогон. Еден од случаите беше за упадот во Собранието на 27 април 2017 година за што потоа со останатите обвинети пратеници се спаси благодарение на Законот за амнестија. Поранешното СЈО, пак, го гонеше во случајот „Продуцент“ заедно со новинарката Ивона Талевска, за склучување договор за производство на телевизиски прилози вреден 50.000 евра, без јавна набавка. Но, со измените на Кривичниот законик и намалувањето на казните за делото злоупотребата на службената положба и овластувања, предметот застаре.
Третиот коалициски партнер што ќе добие министерско место е Шабан Салиу од Демократските сили на Ромите. Салиу јавноста го памети како долгогодишен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, а во владата на Мицкоски ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декада на Роми.
Најблиските соработници на Мицкоски ќе бидат министри
Од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, пак, сите четворица потпретседатели на партијата ќе седат во министерски фотелји. Александар Николоски во ресорот транспорт, а ќе биде и вицепремиер. Владо Мисајловски, кој претходно беше министер за транспорт и државен секретар во МНР, сега ќе го предводи Министерството за одбрана. Тимчо Муцунски, од градоначалничката позиција во Аеродром ќе се пресели во Министерството за надворешни работи, кое со реорганизацијата ги доби и ингеренциите за надворешна трговија.
Четвртата потпретседателка на партијата, Гордана Димитриеска Кочоска, пак, ќе биде министерка за финансии. Таа веќе беше дополнителна заменик-министерка во овој ресор во претходната техничка влада предводена од Оливер Спасовски.
Останатите две жени во владата на Мицкоски ќе бидат Весна Јаневска во Министерството за образование и наука и Сања Божиновска во новоформираното Министерство енергетика, рударство и минерални суровини.
Јаневска е поранешна пратеничка и претседателка на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ. Божиновска, пак, е една од четворицата која досега не била на државна функција. Таа е актуелен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а Мицкоски ја претстави како „експерт во енергетиката со огромно работно искуство во најголемите компании од пазарот на енергетиката и економските системи“.
И во уште едно ново министерство ќе седне личност која досега не била на државна функција. Поранешниот ракоментен голман Борко Ристовски ќе биде министер за спорт.
Актерот Зоран Љутков, пак, ќе стане министер за култура и туризам. Политичкиот ангажман за него не е нешто ново. Тој е актуелен претседател на Советот на Општина Велес.
На списокот и тројца функционери од техничката влада
Тројца функционери во техничката влада на Талат Џафери, исто така, наскоро ќе се вратат на Илинденска бр.2. Панче Тошковски, ќе продолжи да го води Министерството за внатрешни работи, a Стафан Андоновски ќе биде министер за информатичко општество и дигитална трансформација, сектор во кој има неколкумесечно искуство како дополнителен заменик. Цветан Трипуновски, исто така беше дополнителен-заменик, а наскоро ќе стане прв човек во Министерството за земјоделство.
На својот некогашен шеф на кабинет Златко Перински, Мицкоски ќе му ја довери улогата министер за локална самоуправа. Името на Перински беше експонирано во јавноста кога „пукна тиквата“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Арсовска го разреши од директор на скопски „Водовод“ прозивајќи го Мицкоски дека му го фатила директорот со „рачињата во медот“ во врска со тендерот за пречистителната станица. И покрај обвинувањата дека имало обид за влијание во целата постапката, сепак на крај беше потпиша договорот.
Поранешен генсек на СДСМ ќе биде министер за администрација
Идните владини партнери на ВМРО-ДПМНЕ, пак, своите предлози ги објавија претходно, а Мицкоски очекува официјално да ги добие во текот на денешниот ден.
Движењето ЗНАМ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски ќе има двајца министри. Едниот од нив е генералниот секретар на партијата Горан Минчев - предлог за министер за администрација. Тој беше генсек и на СДСМ, а ги извршувал и функциите пратеник (2008-2014) и директор на владината Служба за општи и заеднички работи за време на владеењето на СДСМ во периодот од 2003 до 2006 година.
Игор Филков, пак, е едно од четири имиња што не биле досега на државна функција. Него ЗНАМ го предложи за иден министер за правда. Тој е дипломиран правник и на државна функција ќе се пресели од приватниот сектор.
Шест места за Вреди – останува и функцијата прв вицепремиер
Албанската коалиција Вреди (ВЛЕН) прва почна со објава на имињата. На неа ќе и припадне и позицијата „прв вицепремиер“ за која имаше најави од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе се укине. Сепак, неа ќе ја извршува Изет Меџити, претседател на Демократското движење, кој е поранешен функционер на ДУИ и ексградоначалник на Чаир. Тој ќе биде и министер за животна средина.
Оваа коалиција ќе има уште едно вицепремиерско место – за добро владеење. Тоа ќе го врати Арбен Фетаи на работа од Брисел во Скопје. Станува збор за секретарот за надворешни работи на Алијанса на Албанците и шеф на кабинетот на Арбен Таравари.
На владините седници тој ќе присуствува заедно со неговиот досегашен шеф бидејќи Таравари одлучи да ја напушти градоначалничката позиција во Гостивар и да го преземе ресорот здравство. Таравари кратко беше министер за здравство и во првата влада на Зоран Заев.
На функција како резултат на коалицирањето со социјалдемократите беше и Орхан Муртезани. Тој беше директор на МЕПСО, а сега е предлог за министер за европски прашања од редовите на Алтернатива.
Беса, пак, како дел од Вреди даде две кадровски решенија – Фатмир Лимани за министер за социјална политика, демографија и млади и Бесар Дурмиши за министер за економија и труд.
Новата владина коалиција во парламентарниот состав формиран по изборите на 8 мај, ќе има мнозинство од 78 пратеници од кои 58 се од ВМРО-ДПМНЕ, 14 од Вреди и шест од ЗНАМ.
За изгласување влада потребни се 61 пратеник.
Ова ќе биде прв мандат на Мицкоски како премиер на Северна Македонија. ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција од 2017 година, кога по изборите во 2016 падна владата на Никола Груевски кој доби политички азил во Будимпешта откако во земјава се најде како осомничен и обвинет во повеќе предмети од Специјалното јавно обвинителство.