Достапни линкови

Поранешни министри, лекари и директори се новите пратеници


Распоред на пратенички мандати во Собранието по парламентарните избори 2024
Распоред на пратенички мандати во Собранието по парламентарните избори 2024

Идната владејачка коалиција на десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата од албанскиот политички блок, Влен засега тежат најмалку 72 пратенички мандати. На првата конститутивна седница следната недела пратеничка заклетва ќе дадат поранешни министри, доктори и директори.

Кандидатката за пратеник од коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ, досегашната заменик министер за надворешни работи Фатмире Исаки од ДПА нема да биде дел од новиот пратенички состав. Со вчерашното прегласување во село Ларци, општина Желино од шестата изборна единица, коалицијата на ДУИ го загуби пратеничкиот мандат на Исаки и на нејзиното столче ќе седне пратеничката од коалицијата Влен, Имрлије Салиу Фетаи.

Со прогласувањето во шесте избирачки места во петтата изборна единица не настанаа промени во пратеничките сили, односно кандидатот од коалицијата на ДУИ Исмаил Јахоски, татко на сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, го задржа освоениот пратенички мандат.

Идната владејачка коалиција на десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата од албанскиот политички блок Влен стана помоќна во Собранието за еден пратеник. Заедно тежат 72 пратенички мандати, без при тоа да се вбројат тројцата пратеници за кои лидерот на партијата Христијан Мицкоски тврди дека ќе им се приклучат од противничките табори. Нивните имиња се уште официјално не се соопштени.

Дополнително пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски по вчерашното прегласување за парламентарните избори објави дека во владејачкото мнозинство ќе влезе и Движењето ЗНАМ со своите 6 освоени мандати, со што бројот на пратенички мандати ќе порасне на 78.

Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ брои 58 пратеници, додека нивниот партнер Влен од претходно освоените 13 сега ќе брои 14 пратенички мандати.

Партнерот на СДСМ во Коалицијата за „Европска иднина“, ЛДП не освои еден пратенички мандат како што очекуваа и нивниот првичен резултат од 18 пратеници остана непроменет.

Коалицијата предводена од ДУИ од 19 пратеници, по прегласувањето во седум избирачки места падна на 18 освоени мандати, покажуваат податоците од Државната изборна комисија.

Списокот пратеници ќе се измени со избор на владата

Конститутивната седница во Собранието е закажана на 28 мај (вторник) при што новиот пратенички состав ќе има задача во рок од три дена да изберат Претседател на Собранието и членови на верификационата комисија. Според Деловникот за работа, со неа ќе претседава највозрасниот пратеник, а во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи Коџаџаку.

Според засега доделените мандати, првичната заклетва дека ќе им служат на интересите на граѓаните ќе ја дадат народните избраници од идното владејачко мнозинство. Меѓу нив прв пат е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој се очекува да биде мандатар и иден премиер. Мандатот за формирање на влада се очекува да му биде доделен идната недела и ќе има рок од 20 дена да го предложи новиот владин кабинет и програмата за работа.

По него на листата од првата изборна единица влегува потпретседателката на партијата Гордана Димитриеска-Кочоска. Колеги во Собранието ќе им бидат потпретседателите на партијата Александар Николовски, Ѓорѓија Сајковски и поранешниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски.

На пратеничко столче на првиот работен ден на новиот состав ќе седне и поранешниот министер за земјоделство од владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Љупчо Димовски. Друштво ќе му прават лекарот Синиша Стојаноски кој годинава освои втор мандат како и поранешната техничка министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.

По уште еден мандат освоија актуелните пратеници како Бети Стаменкоска- Трајкоска, Миле Лефков, Љупчо Пренџов, Иванка Василевска, Жаклина Пешевска, Бојан Стојановски, Драган Ковачки, Никола Мицевски и Тони Јарески. Меѓу нив со нов мандат е и лидерот на Демократската партија на Србите Иван Стоилковиќ.

За прв пат во пратеничка клупа ќе седнат поранешниот студентски лидер и досегашен советник во општина Кисела Вода, Иван Живковски и портпаролката на ВМРО- ДПМНЕ Марија Митева.

Коалицијата Влен со старо - нови кадри

Поранешниот министер за здравство Беким Сали кој беше дел од владината коалиција на СДСМ со Алтернатива, и поранешниот градоначалник на Чаир Изет Меџити ќе седнат во централниот дел на пленарната сала.

Во собраниската клупа ќе седне и Мерита Колчи Коџаџику, која минатото лето ја напушти ДУИ и им се придружи на „Огнените“. До неа од коалицијата Влен во мнозинството ќе седи и лидерот на Алтернатива Африм Гаши за кој во јавноста се шпекулира дека цели кон спикерското столче.

Градоначалникот на Тетово, лидерот на Беса Биљал Касами, како носител на листа освои пратенички мандат, но најави дека ќе го предаде во коалицијата и дека ќе остане на актуелната функција. Доколку Касами го предаде пратеничкиот мандат, следен од кандидатската листа кој ќе влезе во Собранието е Аднан Азири. Од „петката“ во Собрание влегува и поранешниот член на ДУИ, а сега на Беса, Фатмир Лимани кој беше и заменик директор на а.д ЕСМ. Пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците освои втор мандат, и ќе биде дел од владејачкото мнозинство откако му пружи поддршка на кандидатот за претседател Арбен Таравари.

Поранешни министри и вицепремиер стануваат опозициски пратеници

Од поранешните функционери од актуелната влада во Собранието влегоа малкумина. На пример од СДСМ во донесување на закони ќе учествува поранешниот премиер Димитар Ковачевски кој вчера во партијата си поднесе оставка од лидерската позиција. Неговата коалициска колешка од првата изборна единица, претседателката на ЛДП Моника Зајкова, ќе остане во опозиција, но нема да влезе во пратеничката група на СДСМ, туку ќе дејствува независно, а така ќе постапат и двајцата пратеници од НСДП, Горан Мисовски и Соња Мираковска.
Од „двојката“ во собраниската сала ќе седнат и поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот колега вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

На пратеничка клупа ќе седнат и шест други министри од последната влада и тоа од ресорите земјоделие, култура, одбрана и транспорт и врски Љупчо Николовски, Бисерка Костадиновска Стојчевска, Славјанка Петровска и Благој Бочварски. Во новиот пратенички состав ќе биде и хирургот и поранешен министер за здравство Венко Филипче и поранешната министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска која заедно со директорка на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

Друштво во опозицијата ќе им прави и актуелниот претседател на Собранието Јован Митрески кој треба да ја закаже конститутивната седница на 28 мај.

Нивната поранешна сопартијка и пратеничка Весна Бендевска, во новиот пратенички состав, доаѓа од движењето Знам.

ДУИ со помалку пратеници
ДУИ на овие избори освои десет пратенички мандати, останатите 8 мандати им припаѓаат на нивните партнери во коалицијата „Европски фронт“.

За споредба на минатите избори во 2020 година ДУИ во соло настапот освои 15 пратенички мандати, од кои во 2023 изгуби два, откако пратениците Изет Меџити и Мерита Коџаџику ја напуштија партијата, затоа што не им беше исполнето барањето за реформи.

Во Собранието повторно влегува лидерот на партијата Али Ахмети, заедно со техничкиот премиер Талат Џафери и долгодишниот сопартиец Муса Џафери, коалицискиот партнер, лидерот на ДПА Мендух Тачи, лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, како и поранешниот претседател на Уставниот суд Сали Мурати и министерот за здравство Илир Демири.

Во опозициските пратенички столчиња ќе седнат и поранешниот министер за правда и актуелен градоначалник на Сарај од ДУИ, Блерим Беџети и неговиот колега, поранешниот заменик министер за здравство Илир Хасани.

Друштво во Собранието од „двојката “ ќе им прават сопартијците Садула Дураку и Дијана Тоска. Првиот поранешен министер за животна средина, а втората директорка на Театарот за деца и младинци.

Другите два мандата што ги освои коалицијата „Европски фронт“ во „двојката“, ги доби лидерот на партијата Алтернатива, Скендер Реџепи и Елми Азири од Алијанса за Албанците.

За парламентарни избори, Северна Македонија е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници при што, според таканаречениот Донтов модел, се пресметува која партија колку пратенички места ќе добие.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG