Достапни линкови

Секоја партија на свој начин вработува во администрацијата


УЈП - Администрација, шалтери и работа со странки.
УЈП - Администрација, шалтери и работа со странки.

Партиите ги користат изборите за вработувања во јавната администрација, но работа во државно веќе не е така атрактивно за оние кои бараат работа. Националниот демократски институт и организацијата ЗМАИ анализираат како партиите ги употребуваат државните ресурси за време на избори

Изборните циклуси значајно влијаат врз тековите на постојаните и привремените вработувања во јавната администрација, како и врз ангажирањето на луѓе за консултантски и други услуги.

Истражувањето на Националниот демократски институт (НДИ) и Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ), покажува дека постојаните вработувања растат во период од една година откако одредена политичка гарнитура ќе ја преземе власта, но потоа се намалуваат.

Така е бидејќи работните места во јавната администрација веќе не се толку привлечни за работниците, главно поради конкурентноста и мобилноста на работната сила. Таквиот тренд се очекува и во иднина, на што големо влијание има и иселувањето.

НДИ и ЗМАИ во моментов работат на следење на можни злоупотреби на државните ресурси во изборниот период. Организациите заклучиле дека во зависност која партија е на власт, едни преферираат да вработуваат привремено, а други повеќе да ангажираат луѓе за консултантски услуги.

Така, владата на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ до 2016 година повеќе ангажирала лица за консултантски услуги, додека по 2017 година власта на СДСМ и ДУИ повеќе вработувала привремено.

„Во периодот од 2010 до 2016 консултантските услуги имаат многу поголемо значење во однос на привремените вработувања, а со промената на власта (2017 година) привремените вработувања го земаат приматот. Ова ни кажува дека различни политички гарнитури преферираат различен начин на времено ангажирање на лица“, вели Виктор Митевски – извршен директор на ЗМАИ.

Кога растат постојаните вработувања?

Во однос на постојаните вработувања во јавната администрација трендот на раст се забележува во период од една година по промена на власта, наведуваат организациите, што доведува до заклучок дека на секоја нова влада потребен и е толкав период за нови постојани вработувања.

Во јавниот сектор во моментов се вработени 128.879 луѓе, според Регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација. Бројката достигнува до околу 160 илјади со оние кои се вработени со договор на дело.

Најголем број на редовно вработени лица во јавната администрација имало во 2019 година, кога бројот достигнал приближно до 133 илјади вработени, според анализите на НДИ и ЗМАИ. Бројката на редовно вработени во 2015 година била над 128 илјади луѓе, по што во 2016 се искачува на над 129 илјади. Растот до 133 илјади се случува од 2018 година и бројките се повисоки до 2021, со што потоа повторно се намалуваат до сегашните скоро 129 илајди.

Сепак, јавната администрација во Северна Македонија не е обемна ако се спореди со земјите во регионот, но и со светските трендови, покажале податоците на Светската банка.

Истражувачите на НДИ и ЗМАИ сметаат дека причините за тоа може да бидат дека администрацијата не е голема, но и поради релативно ниските примања. Сепак, според нив, ова не е причина јавниот сектор дополнително да се зголемува.

Ангажман на лица за „други договорни услуги“

НДИ и ЗМАИ ја анализирале и ставката која во системот се користи за голем број активности, а тоа е ангажман на лица во рамки на „други договорни услуги“.

Резултатите покажале дека големи трошоци за оваа ставка се вратиле во нормала со згаснувањето на институции како Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и Советот за јавни набавки.

„После 2016 година забележано е десеткратно зголемување на овој дел во „други договорни услуги“ за ангажирање на лица и по нивното згаснување трендот повторно се враќа на некое ниво пред 2016 година“, вели Митевски.

Во јавниот сектор во моментов активни се 1.371 институција, вклучително министерствата. ВМРО-ДПМНЕ, која се очекува периодов да формира нова влада откако на парламентарните избори на 8 мај освои најмногу мандати, најави реформа во јавниот сектор.

Партијата вети дека ќе ја зголеми ефикасноста на јавната управа преку намалување на бројот на јавни институции за 10 проценти и реорганизација на министерствата. Тоа значи дека ќе треба да укине над 130 државни институции или да отпушти околу 16 илјади вработени или да ги префрли во приватниот сектор.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG