Достапни линкови

Кратење на 130 институции и отпуштања во администрацијата?


Администрација, шалтери и работа со странки.
Администрација, шалтери и работа со странки.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да укине над 130 државни институции за да го исполни ветувањето за реформа на јавниот сектор, а тоа значи да отпушти околу 16 илјади вработени или да ги префрли во приватниот сектор. Најавена е и реорганизација на министерствата, но правни експерти сметаат дека тоа ќе зависи од апетитите на коалиционите партнери во идната влада.

Иако партиите пред секои избори ветуваат реформа на јавниот сектор, досегашната пракса покажува кога се на власт се случува спротивното – повеќе партиски вработувања во државните институции, слаба ефикасност, нетранспарентност и корупција.

Реформа на јавниот сектор најави и ВМРО-ДПМНЕ - партијата која освои најмногу мандати на парламентарните избори на 8 мај. Нејзиното ветување е дека ќе ја зголеми ефикасност на јавната управа преку намалување на бројот на јавни институции за 10 проценти и реорганизација на министерствата.

Во јавниот сектор активни се вкупно 1.371 институции, вклучително министерствата, во кои активно се вработени 128.879 луѓе, според Регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација. Бројката доаѓа до околу 160 илјади со оние кои се вработени со договор на дело.

Намалување на 10 проценти на јавниот сектор, како што ветува ВМРО-ДПМНЕ, во пракса треба да значи укинување на 137 институции и околу 16.000 вработени.

Во моментов вкупно 16 министерства и 20 министри ја сочинуваат актуелната Влада. Освен намалување на бројот на јавни институции, ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе ја зголемува функционалноста на работењето на државните институции преку реорганизација на постојните министерства, а исто така планира и укинување на позицијата заменик директор и намалување на управните и надзорни одбори.

Или реформи или исполнување на партиски желби

Правните експерти со кои разговараме сепак се скептични дека може да биде спроведено она што е напишано во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

Реформите се неопходни за да се промени 30-годишната пракса, како што вели професор Борче Давитковски од Правниот факултет во Скопје. Но според него, за тоа е неопходна силна политичка волја, особено за реформата да биде усвоена на почетокот на мандатот на новата влада.

Тоа, како што вели Давитковски, многу ќе зависи од желбите и апетитите на коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ во владата, особено бидејќи досега се покажало оти партиите на почетокот на мандатот вработуваат свој партиски кадар во јавната администрација.

За трансформација на Владата треба да се смени Законот за организација и работа на органите на јавната управа, за што е потребно гласање со двотретинско мнозинство во Парламентот.

„Ако обезбедат мнозинство од 80 пратеници јас мислам дека на Македонија не ѝ требаат повеќе од 12 до 13 ресори. Англиската влада има 13 ресори, а ние имаме 16, плус министри без ресор и заменици министри. Реформа ќе има ако бројот на ресори се намали, а ќе биде лошо ако на овие 16 ресори се формираат нови и тогаш нема да има реформа“, вели професор Давитковски за Радио Слободна Европа.

Планот на ВМРО-ДПМНЕ е Министерството за економија да прерасне во Министерство за економија и труд. Сегашното Министерство за труд и социјална политика да стане Министерство за социјална политика, демографија и млади, а во Министерството за култура да се додаде и секторот туризам. Нови министерства да бидат Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и Министерство за дигитална трансформација.

ВМРО-ДПМНЕ во програмата има мерка за префрлање на вработените од јавен во приватен сектор, со што фирма која ќе земе вработен од јавен сектор во приватен нема да плаќа придонеси за вработениот.

„Тоа е еден начин за ослободување на превработеноста и препартизираната администрација, која што е кочничар на сите реформи. 800 милиони евра годишно одат за плати на тие 160 илајди луѓе,“ вели Давитковски.

Дигитализацијата може да е добар старт

Реформите во јавниот сектор одат бавно, што е забележано скоро во сите извештаи на Европската Комисија за напредокот на земјава. Во последниот извештај е наведено дека е потребна итна акција, вклучително усвојување на нови закони и дигитализација. Новата рамка треба да го подобри управувањето со човечките ресурси во администрацијата и да помогне за вработувања, унапредувања и отпуштања засновани на заслуги на сите нивоа, вклучително и високото раководство, се вели во извештајот на ЕК.

Наведено е дека законодавството се уште не ги прифатило препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата за непотизам, кронизам и политичко влијание при вработувања во јавниот сектор и при именувањето на членовите на надзорните и на управните одбори.

Новата рамка треба да го подобри квалитетот на услугите кои ги добиваат граѓаните во јавниот сектор, како што вели Искра Белчева Ристовска од Центарот за управување со промени. За реформата што ја најавува ВМРО-ДПМНЕ, таа гледа дека во неа има тенденција за намалување и нејзина оптимизација.

„Тука има заложби дека ќе се дигитализираат сите процеси во јавниот сектор секаде каде што може. Се зборува за дигитализација на сите интерни процеси, а со тоа неминовно ќе дојде до дигитализација на услугите кон граѓаните. Се зборува за унапредување на интернет пристап за сите домаќинства, за електронски идентитет на секој граѓанин, така што ова се добри мерки кои би требало да се донесат за поголема ефикасност во испораката на услугите. Не е доволно амбициозно да се рече дека во правата година ќе бидат дигитализирани само 12 електронски услуги кои се приоритетни за Европска комисија, но е добар чекор“, вели Белчева Ристовска.

Неколку клучни закони за реформа на јавниот сектор не ги усвои ниту претходниот собраниски состав чии мандат истекува деновиве, а кои ги наведува и Европската Комисија. Меѓу нив се Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор, како и Законот за висока раководна служба којшто е клучен за деполитизација на работата на јавните институции.

Клучно - донесување на законот за раководна служба

Законот за раководна служба предвидува дека треба да се воспостават транспарентни постапки врз основа на одредени критериуми за да обезбедат стручни директори во агенциите и институциите.

„Со законот треба да има процес на транспарентен избор и транспарентни огласи за да може да се пријават најкомпетентните кандидати, иако потоа ќе се дозволи дискреција на министерот да назначи директор од најдобрите кандидати. Но, сепак да помине некаков процес да се обезбеди најдобрите кандидати биле во потесниот круг“, вели Белчева Ристовска.

Законите беа подготвени со помош на земјите од ЕУ, а Давитковски смета дека токму поради тоа Северна Македонија ќе добие „најнегативен извештај“ од Европската Унија во однос на реформата на јавната администрација.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG