Достапни линкови

Преку економска зависност од Кина до политичко влијание


Илустрација
Илустрација

Зависноста на Северна Македонија од Кина е видлива во три области - трговија, инвестиции и кредити за инфраструктура, покажува анализата на невладината „Естима“. Експертите предупредуваат дека економската зависност Кина може да ја искористи за политички цели, а на штета на националните стратешки интереси.

До крајот на 2022 година, Кина учествувала со 2,6% од вкупните странски инвестиции во Северна Македонија, што е 10 пати помалку од Србија. Од друга страна, надворешниот долг на Северна Македонија кон НР Кина до крајот на 2022 година изнесува 479 милиони долари. Тоа е 8,7 од вкупниот надворешен јавен долг и 3 насто од македонскиот БДП, покажуваат податоците кои ги презентираше невладината организација „Естима“.

Долгот е наталожен поради финансиски кредити од кинеските банки за изградбата на два инфраструктурни проекти – хидроцентралата Козјак и автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево - Охрид, покажуваат податоците на „Естима“. Според претседателката Ана Крстиновска, сумата може да се менаџира, но, договорот меѓу кинеската банка и Јавното претпријатие за државни патишта во голема мера е асиметричен.

„Во договорот стојат клаузули за заем кои предвидуваат дека Кина може еднострано и предвремено да го раскине договорот, да дозволи или пак не репрограмирање. Сите овие критериуми се арбитрарни да делува според нејзино управување и правила, а не се усогласени со меѓународните правила. Ако ние побараме измена или раскинување на договорот за заем или имаме спор, арбитражата за договорот е во Пекинг, примерно законодавство е кинеското“, изјави Крстиновска.

Целото истражување е содржано во публикацијата „Надеж за најдоброто, подгответе се за најлошото: Дали е Северна Македонија е ранлива на економски притисок од Кина“, изработена во соработка со Фондацијата Конард Аденауер и Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Анализата покажува дека кинеското присуство на НР Кина во Северна Македонија во поглед на инвестициите е маргинално. Кина не се појавува како инвеститор, туку обезбедува кредити за финансирање на државни проекти.

„Има тенденција на намалување на овие инвестиции, тоа е и пример во Албанија како и држави кои се членки на НАТО, а кои заземаат покритични ставови кон Кина. Ние немаме казнување за негативниот однос, ниту награда за позитивниот однос кон Кина, како што е случај во Србија. Во Србија, раководството е наклонето кон Кина и поради политички причини со ситуацијата кон Косово. Кина ја наградува Србија за таа политичка поддршка преку инвестиции“, вели Крстиновска.

Крстиновска, која е една од авторите на анализата посочува дека кинеското присуство во земјите во развој на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија има повеќе елементи. Помагање преку економско присуство во инвестиции и инфраструктура, со што ги задоволува своите потреби и интереси. На тој начин стекнува и држави сојузници, кои пак можат да ја поддржуваат Кина во меѓународните односи. Дополнително, Кина ги „извезува“ и идеолошките погледи кон светот, а од друга страна ја контролира критиката за таа земја.

„Кина нема потреба да мобилизира значителни ресурси за да обезбеди постојана присуство или зголемено влијание во Северна Македонија. Може да си дозволи да усвои чекање и да видиме, опортунистички став, предвидувајќи потенцијална промена во политиката во некој иден изборен циклус и поповолен средина за нејзините активности. За таа цел, тоа веќе успеа да го прошири своето присуство и влијание меѓу пошироката јавност, како што се гледа зголемувањето на поволните ставови кон Кина во последните анкети“, се наведува во публикацијата.

Одржливи односи, не по цена на ЕУ и НАТО

Кина презентира „розова“ слика за начинот на нејзиното функционирање во Северна Македонија. Медиумите објавуваат за економските иницијативи на Кина како главен партнер на земјите во развој, заговорите за заедничка иднина на човештвото, промоција на мултиполарниот свет.

Според Александар Спасов, професор на Правниот факултет и доскорешен надворешен соработник на претседателот на државата, кинеското прашање е потценето во надворешната политика и јавната дебата. Неговиот став е дека за Северна Македонија е најдобро да се позиционира како дел од веќе дефинирани надворешни политички стратегии и не смее да биде дел од дневната политика и партиските препукувања.

„Како мала држава не значи дека не треба да размислуваме во светски рамки. Треба да се адаптираме да можеме да извлечеме максимална корист од Кина, а да ги избегнеме штетните влијанија. Не постојат економски односи без надворешна политика, тие се поврзани. Нашата надворешна политика и односот со држави надвор од западна заедница треба да поаѓа од нашето членство во НАТО и дека треба да бидеме внимателни да не се приклучиме на типот на мислење од типот на неврзаните. Надворешната политика на Кина е дефинирана идеолошки, што е суверена одлука на Кина, како социјалистичко комунистичко уредување. Тоа треба да го имаме предвид во однос на градењето односи со Кина“, смета Спасов.

За Васко Наумовски, професор на Правен факултет и поранешен вицепремиер за европски прашања и екс амбасадор во САД, регионот треба да ги одржува економските односи со Кина, но, да се заштити од евентуални негативни влијанија. Тој смета дека главен фокус на Северна Македонија и нејзините западни и ЕУ партнери е дали државата е во блага опасност од центрите на моќ поради долгиот пат за влез во Унијата.

„Се лизга европската перспектива на државите од Балканот и ќе се појави потребата за алтернативи за членството во ЕУ. Во недостиг на европска перспектива, треба да се свртиме кон процесите кон нас, кои се методите сами да ги постигнеме додека влеземе во ЕУ. Не би требало да ги заборавиме и процесите на ширење на влијанието во други области, образование, здравството, социјални мрежи. Да бидеме подготвени како држава да ги спречиме сите ризици и тие влијанија да ги загрозат нашите стратешки ориентации. Може ќе биде потребен поширок регионален пристап и делување на некои држави, бидејќи и самото влијание не е секогаш директно, туку индиректно преку други држави“, смета Наумовски.

Кинеско влијание во изборниот процес

За време на предизборието, првиот човек на Агенцијата на разузнавање, Еролд Муслиу за РСЕ изјави дека во Северна Македонија има кинеска дезинформациска пропаганда која добива форма на кампања и продуцира евроскептицизам, а од друга страна им нуди алтернатива на граѓаните во членство на државата во БРИКС и Евроазиска унија.

Муслиу сепак не откри кои „актери“ - политички или медиумски ги става во оваа група.

Муслиу кажа дека Агенцијата за разузнавање препознала хибридна стратегија и селективна употреба на наративи кои побудуваат емотивни реакции, користејќи сензитивни прашања во регионот кои особено добиваат на интензитет при изборните циклуси.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG