Вести
Сиљановска по средбата со Гир: Нашата иднина е во ЕУ
Шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир денеска (14 мај) ја посети македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова во Вилата Водно. Таа на првата средба со Гир по нејзината инаугурација на 12 мај, изјави дека иднината на државата, несомнено е во Европската Унија, се вели во соопштението од нејзиниот кабинет.
Во разговорот со Гир, за пристапниот процес на државата, претседателката Сиљановска Давкова посочила на потребата за напредок во процесот кон членство во Европската Унија, како стратешка цел на државата и определба на мнозинството од македонските граѓани.
„Нашата иднина несомнено е во Европската Унија, а местото на нашата држава е на иста маса со европските земји со кои нѐ обединуваат историски, културни и морални традиции и вредности“, се вели во соопштението од кабинетот на Сиљановска Давкова.
Сиљановска Давкова истакнала дека и покрај високото ниво на подготвеност на македонската администрација и насобраното искуство, напредокот во исполнувањето на критериумите трпи поради политички околности и потези за кои се одговорни и одредени земји – членки на ЕУ.
Во тој контекст, таа посочила на потребата од враќање на вербата во мериторен процес на интеграција, со фокус на исполнување на копенхашките критериуми, се вели во соопштението.
Сиљановска Давкова предизвика низа реакции од меѓународната заедница, откако во заклетвата дадена на 12 мај пред Собранието не го користеше новото уставно име – Република Северна Македонија. Пораката е дека од почитувањето на Договорот од Преспа постигнат со Грција во 2018, како и Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017, зависи и понатамошниот пат на земјава кон полноправно членство во ЕУ.
Преспанскиот договор, со кој официјалното име на државата беше додадена „Северна“ е реалност и за партијата и за претседателката и за Радио Слободна Европа одговорија дека тие „нема да бегаат од тоа во официјалната употреба“.
Ова се ставовите на новата претседателка на државата и партијата која ја поддржа во трката за шеф на државата, ВМРО-ДПМНЕ, по реакциите од властите во Грција, Бугарија и Европска Унија (ЕУ) со потсетување да се почитуваат договорите што Скопје ги постигна со Атина и Софија.
Потпишувањето на Преспанскиот договор го реши речиси тридеценискиот спор со Грција околу името на државата со што се одблокира патот до полноправно членство во ЕУ и НАТО. Северна Македонија денес е членка на Алијансата, но чека отворањето на кластерите во преговорите со Брисел. За тоа да се случи, потребно е да се направат уставни измени со кои бугарската и други заедници ќе се внесат во Преамбулата од Уставот.
види ги сите денешни вести
САД се соочуваат со можно затворање на владата, отфрлен планот на Трамп за трошење
Владата на Соединетите Држави е на еден ден од останување без пари додека Конгресот се обидува да донесе краткорочен план за финансирање. Претставничкиот дом во четвртокот вечерта не успеа да го усвои ревидираниот план за трошење предложен од републиканците за да се избегне затворање на владата.
За усвојување беше потребно двотретинско мнозинство во Претставничкиот дом, но тој услов не беше исполнет. Дури 38 републиканци гласаа против, заедно со повеќето демократи.
Новоизбраниот претседател Доналд Трамп го поништи претходниот договор за финансирање што претседателот на републиканскиот Претставнички дом Мајк Џонсон го склучи со демократите. Осудата на Трамп на билатералниот договор следеше откако договорот беше силно критикуван и од технолошкиот милијардер Илон Маск.
Заменскиот закон одобрен од Трамп ќе го поврзе владиното финансирање со двегодишно суспендирање на лимитот на федералниот долг, што одредува колку владата може да позајми за да ги плати своите сметки.
Лидерот на малцинството во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис го нарече предлогот „смешен“.
Претседателот на Претставничкиот дом сега мора да излезе со нов предлог, а часовникот отчукува, пишува Би-Би-Си.
Џонсон и републиканците во Претставничкиот дом воведоа поедноставен предлог-закон во четвртокот, но и тој потоа не успеа да се изгласа.
Не е јасно што ќе прави понатаму.
Се очекува пратениците да се вратат на своите работни места во петок наутро по американско време, што значи дека ќе имаат помалку од 24 часа пред потенцијалното затворање на владата.
Федералните агенции се потпираат на годишно финансирање за да работат.
Кога Конгресот нема да ги усвои 12-те сметки за трошење што го сочинуваат буџетот за трошење, тие агенции мора да ги намалат несуштинските функции. Суштинските услуги - како што се заштита на границите, болничка медицинска нега, спроведување на законот и контрола на летање - продолжуваат со работа. Но, многу федерални вработени би можеле да останат без плата.
Едно дете загинало во напад со нож во училиште во Загреб
Едно дете загинало во напад кој најверојатно бил извршен од 15 - годишник во основно училиште во Загреб.
Засега нема потврда од полицијата за таа информација. Медиумот се повикува од свои извори во загребска болница.
Според ХРТ, напаѓачот влегот во училиштето со нож и почнал да напаѓа деца од прво одделение. Засега не се знае дали жртвата и повредените се од тоа одделение или има и од други.
Премиерот Андреј Пленковиќ претпладнево изјави дека на местото на инцидентот има министри и изрази жалење до семејствата на повредените деца.
За петардите, само прекршочна одговорност за Дрин Ахмети
Дрин Ахмети нема да одговара кривично за превезувањето на пиротехничките средства. Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) информираа дека против него ќе биде поведена прекшочна постапка. Оттаму појаснуваат дека тој со себе носел седум петарди и 15 кутии со ракети за огномет, а за таква количина не се налага кривична одговорност, туку поведување на прекршочна постапка.
„Предметниот пиротехнички материјал кој бил пронајден и одземен не е од поголемо количество кое може да иницира кривичен прогон и евентуална кривична одговорност, а во прилог на тоа говори и фактот што Министерството за внатрешни работи како надлежен орган за настанот достави известување, а не кривична пријава до обвинителството“, појаснуваат од ОЈО.
За случајот, издадена е Наредба до МВР-Биро за јавна безбедност-СВР Скопје со која Обвинителството побара поведување на прекршочна постапка против Ахмети согласно одредбите од Законот за заштита од експлозивни материи.
„За набавката на огнометот, Ахмети поседувал фактура од правно лице чија што дејност е продажба на пиротехнички средства, а за изведба на огнометот било ангажирано друго правно лице. Тој сепак не поседувал одобрение за пренос на пиротехничките средства како што налага Законот - нешто што претставува прекршок и за кои е предвидено да се води прекршочна постапка од страна на комисија во Министерството за внатрешни работи“, велат од Обвинителството.
Дрин Ахмети е внук на претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Тој беше фатен со пиротехничките средства во неговиот автомобил за време на полициска контрола на 30 декември 2023 година. Неколку месеци претходно јавноста го запозна како косопственик на Трговскиот центар „Соравија“.
Покрај купувањето на Соравија преку компанијата „Тор индустрис“ , Дрин Ахмети преку друга негова компанија, „Еверест ЏД“ поседува и активна концесија за експлоатација на варовник во Зајас.
Вработените во ЈП „Улици и патишта“ бараат исплата на плата и К-15
Вработени во Јавното претпријатие „Улици и патишта“, денеска протестираат поради неисплатена плата и К-15.
Протестот се одржува пред канцелариите на администрацијата на Град Скопје, а е организиран е од Независниот синдикат во јавното претпријатие, при Конфедерација на синдикални организации на Македонија, КСОМ.
На оградата пред бараките на Град Скопје се поставени транспаренти на кои пишува „Бараме плата и К-15“ и „Сметката да се одблокира“.
Тие упатија порака до градоначалничката Данела Арсовска да се одблокира сметката на претпријатието, како и да добијат К-15.
Од електронската адреса на претпријатието утрово е испратено соопштение до медиумите во кое се вели дека протестот е политички мотивиран, со цел да се прави криза во сите јавни претпријатија на градот.
„Мицкоски пред да почне да прави штета на скопските претпријатија и Градот Скопје би требало да ги информира граѓаните дека вработените во ЈП „Улици и патишта“ имаат земено плата, па оттаму е нејасно зошто Синдикатот протестира. Истовремено треба да ги информира дека за линеарно зголемување на плата и К-15, како барање на Синдикатот, одлука носи Управниот одбор на претпријатието, чии членови се избрани токму од ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението испратено од селекторската адресата на претпријатието.
Ова не е првпат вработените во ова претпријатие да реагираат на нередовната исплата на плати. Велат дека претпријатието има долг од 240 милиони денари кон добавувачите на материјали, но и дека се соочува со недостиг на основни средства за работа.
Ѓилас вели дека бил нападнат од активисти на Српската напредна партија, СНС го тврди спротивното
Опозициската Партија за слобода и правда (ССП) на социјалните мрежи објави дека лидерот на таа партија Драган Ѓилас и нејзиниот член Ѓорѓе Алексиќ биле физички нападнати во Белград.
ССП тврди дека Ѓилас и Алексиќ биле нападнати од активисти на владејачката Српска напредна партија (СНС).
Од друга страна, СНС го тврдат спротивното - дека Ѓилас ги нападнал нивните активисти.
Според ССП, Ѓилас и Алексиќ биле нападнати по полноќ на 20 декември во населбата каде што живее Ѓилас, кога се приближиле до група мажи кои лепеле навредливи плакати.
На плакатите пишувало „Ѓилас крадецот“.
ССП на социјалните мрежи објави видео од инцидентот.
Во изјавата што ја пренесе телевизијата Н1, Ѓилас вели дека тој и Алексиќ им пришле на група мажи за да ги прашаат зошто ги поставуваат тие плакати.
„До вечерва мислев дека тоа што сум пратеник и лидер на опозициската партија ме штити - очигледно тие не се воздржуваат од ништо“, додаде тој.
Ѓилас и Алексиќ по инцидентот биле прегледани во Ургентниот центар.
Алексиќ изјавил дека мажите ги нападнале, го собориле Ѓилас на подот и го клоцале.
„Легнав врз него, а тие продолжија да не клоцаат заедно. На видеото може да се види како луѓето паѓаат од силината на ударот, како и тоа дека никој не дошол да се пресмета со никого, можете да видите дека ги држам рацете горе, дека се обидував да спречам нешто полошо, но тие први се одбранија, тоа можете да го видите на видеото“, рече Алексиќ.
ССП тврди дека групата мажи ја предводел Лука Петровиќ, градскиот секретар за инвестиции во Белград и член на Претседателството на СНС.
На прес-конференцијата Петровиќ негираше дека активисти на СНС го нападнале Ѓилас и член на неговата партија.
Петровиќ изјави дека конфликтот се случил за време на „најнормалните партиски акции“ на лепење плакати извршени од младите на СНС. Тој тврди дека Ѓилас го нанел првиот удар и дека еден од активистите на СНС доживеал потрес на мозокот.
Петровиќ пред новинарите во просториите на партијата изјави дека инцидентот се случил 30 минути по полноќ на улицата „Војвода Степа“ во Белград.
Тој изјави дека младите од СНС „стоеле мирно“ на улицата и лепеле плакати „Ѓилас крадецот“ кога се појавил Ѓилас.
„Никого не допреа, никого не провоцираа, си ја завршија партиската работа“, додаде тој.
Тој ги отфрли тврдењата дека први нападнале активисти на СНС, наведувајќи го спротивното.
Премиерот на Србија и претседател на СНС, Милош Вучевиќ, реагираше на социјалните мрежи, велејќи дека „инцидентот го започнал Ѓилас“.
До објавувањето на веста, полицијата не одговори на барањето на РСЕ за овој инцидент.
Санкции од САД за правни лица, бродови и поединци вклучени во транспорт на иранска нафта
САД најавија санкции против правни лица, бродови и поединци вклучени во транспортот на иранска нафта или помагањето за финансирање на Хутите во Јемен, поддржани од Иран, јави ДПА.
Целта на санкциите е да го спречат Иран да ги финансира нивните „малигни активности“, рече американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Стејт департментот воведе санкции за четири субјекти кои превезувале иранска нафта и идентификувале шест бродови како нивна сопственост.
„Додека Иран ги пренасочува своите енергетски приходи за да ги финансира нападите врз сојузниците и партнерите на САД, да го поддржува тероризмот ширум светот и да продолжи со дестабилизирачки акции, ние ќе продолжиме да ги користиме сите алатки што ни стојат на располагање за да го повикаме режимот на одговорност“, рече Блинкен.
Министерството за финансии, исто така, санкционираше четири субјекти и идентификуваше три брода во врска со иранскиот нафтен или петрохемиски сектор.
Санкции се воведени и на 12 поединци и правни лица - вклучувајќи го и шефот на јеменската централна банка во Сана - за кои САД велат дека се поврзани со Хутите, поради нивната вмешаност во трговија со оружје, перење пари и транспорт на нелегална иранска нафта.
Најитните болнички интервенции непречено ќе се реализираат во сабота
По најавата од скопски „Водовод“ за прекин во водоснабдувањето од вечер (20 декември) во поголем дел од градот, од Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) и Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ информираат за МИА дека најитните интервенции утре ќе се реализираат непречено.
Директорката на ТОАРИЛУЦ, Марија Срцева вели дека во соработка со Службата за општи и заеднички работи при клиниките, во тек се подготвителни активности за непречено функционирање на клиниката ТОАРИЛУЦ, во однос на состојбата при прекинот на снабдувањето со вода.
„Најитните интервенции ќе се реализираат непречено. ТОАРИЛУЦ веќе направи план и организираше зголемен број медицински тимови кои ќе бидат ангажирани за време за викендов. Ги преземаме сите мерки за да продолжи континуитетот во работата, без притоа да има поголем застој во функционирањето“, појасни Срцева за МИА.
Директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, Небојша Настов утре не очекува проблеми во работата на оваа клиника.
„Не очекуваме проблеми, ќе работиме со итни пациенти како и секој викенд. Работното време кај нас е 24/7“, изјави Настов за МИА.
Според најавата, прекинот во водоснабдувањето ќе биде вечер по 22 часот, а ќе трае се до санирање на дефектот.
Без вода се очекува да бидат голем дел од скопските општини, освен Чаир, Бутел, Радишани, „Пластичарска“ до Американска амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда - висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско Поле, Новоселски Пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански Двор, Волково и Орман
Во ракетен напад врз Киев повредени најмалку двајца
Најмалку две лица се повредени и згради се оштетени во руски ракетен напад утринава (20 декември) врз Киев, главниот град на Украина, соопштија локалните власти.
„Нападот предизвика пожари во делови од градот“, изјави шефот на воената управа на Киев, Сергеј Попко.
Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека најмалку две лица се повредени во нападот.
„Украинските системи за противвоздушна одбрана одбиваат ракетен напад врз Киев“, соопштија градските власти и претставници на воздухопловните сили.
Очевидци изјавија дека слушнале повеќе експлозии по предупредувањето за ракетен напад врз градот.
Работниците на Амазон штрајкуваат во САД
Работниците во седум објекти на Амазон стапија во штрајк во четвртокот за да го принудат големиот онлајн трговец да потпише колективен договор за време на празничниот период.
Синдикатот Teamsters, односно синдикатот на транспортери и камионџии, кој воедно е и најголемиот синдикат во Соединетите Американски Држави (САД), соопшти дека работниците кои пред неколку дена го официјализираа штрајкот почнуваат со протести.
Тие рекоа дека тоа е чекор што решиле да го преземат откако Амазон го игнорирал рокот, кој истече минатата недела, за почеток на преговори за колективен договор.
Амазон верува дека штрајкот на работниците нема да влијае на неговото работење Синдикатот објави дека застапува речиси 10.000 работници во десет објекти на Амазон, што е само дел од 1,5 милиони луѓе што Амазон ги вработува во своите магацини и канцеларии.
Штрајкот, кој започна во четвртокот, влијае на еден магацин на Амазон во Сан Франциско, Калифорнија и шест центри за исполнување во Јужна Калифорнија, Њујорк Сити, Атланта, Џорџија и Скоки, Илиноис, соопштија Teamsters.
Беше наведено и дека работниците на Амазон во другите објекти се „подготвени да се приклучат“ на штрајкот.
Узбекистанец обвинет за тероризам за атентат на руски генерал
Судот во Москва го обвини узбекистанскиот државјанин Ахмат Курбанов на 19 декември за тероризам и други обвиненија за убиството на висок профил на генерал-полковник Игор Кирилов, кој ги предводеше руските сили за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана.
Освен за тероризам, Курбанов е обвинет и за убиство и нелегално поседување оружје и муниција, јави руската државна новинска агенција ТАСС.
Курбанов, роден во 1995 година, е обвинет дека на 17 декември активирал експлозивна направа што ја направил самостојно, сокриена во скутер паркиран во близина на станбена зграда во Москва.
Во експлозијата загинаа Кирилов и неговиот помошник. Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) го приведе Курбанов веднаш по нападот во соработка со Министерството за внатрешни работи и Истражниот комитет. Инспекторите тврдеа дека Курбанов бил регрутиран од украинските разузнавачки служби.
Руските власти објавија видео на кое маж кој зборува слаб руски се претставува како Ахмад Курбанов од Узбекистан и „признава“ дека го извршил нападот. Околностите во кои е снимено видеото остануваат непознати.
За време на судското рочиште на 19 декември, Курбанов побарал преведувач поради неговото ограничено познавање на рускиот јазик.
Амбасадата на Узбекистан во Москва е активно вклучена во случајот. Тоа го коментираше апсењето на Курбанов на Телеграм, велејќи дека бил во контакт со руските агенции за спроведување на законот.
ФСБ во соопштение на 18 декември соопшти дека осомничениот бил регрутиран и обучен од специјалните служби на Украина и ветил пари за да го изврши нападот.
И покрај тоа што официјално нема преземено одговорност за убиството, извор од украинската безбедносна служба СБУ за РСЕ изјави дека експлозијата била резултат на специјална операција на украинската агенција.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете