Достапни линкови

Политичарите насмеани „од високо“, дел од рекламирањето во сива зона


Колаж од билборди и мегаборд на претседателски кандидати во Скопје 09.04.2024 година
Колаж од билборди и мегаборд на претседателски кандидати во Скопје 09.04.2024 година

Вкупно 12 компании доставија понуди до ДИК за рекламирање на билборди и паноа на претседателските кандидати. Едни непознати, други етаблирани во јавноста, трети - сопственици со „бекграунд“. Сепак, останува нерегулирано друг вид на надворешно рекламирање - на автобуски постојки и со мегаборди на фасади на зградите, кое е надвор од Изборниот законик.

Со стартот на кампањата за претседателските избори (4 април) политичкото рекламирање достигна нови височини. Политичарите се издигнаа на билборди, а нивните пораки стигнуваат од „небо“.

Кандидатите за претседател на Северна Македонија веќе се сеприсутни меѓу граѓаните, пренесувајќи им ги изборните пораки преку билборди, рекламни паноа и мегаборди долж раскрсниците и булеварите во Скопје и другите градови во внатрешноста.

Мегаборд и билборд на територија на општина Центар
Мегаборд и билборд на територија на општина Центар

Кој го држи бизнисот со билборди? Од листата 12 компании кои доставиле понуди до ДИК, некои од нив се добро познати во бизнисот со огласување и од претходни изборни циклуси.

Таква е „ОК Медиа ДООЕЛ“. Оваа фирма е во сопственост на друга компанија „О.К.ИДЕА ДООЕЛ“, односно на Наташа Савова-Салковска, која беше поранешна шефица на кабинетот на поранешниот претседателот Бранко Црвенковски и вработена во банката на Орце Камчев - Стопанска банка АД Битола.

Орце Камчев, кој заврши на црната листа на Соединетите Држави на 19 јули 2023 година, беше сопственик и на „ОК Медиа“ и „О.К ИДЕА“ до февруари 2024 година, од кога и неговата компанија „Орка Холдинг“ е избришана од сопственоста.

И друга фирма која е дел од понудувачите на ДИК, „Лид Комјуникејшнс“ се поврзува со Камчев. „Лид Комјуникејшнс “ е во сопственост на Ненад Јосифовиќ и „КАЛА МЕДИА ДООЕЛ Скопје“ која е исто така во негова сопственост.

Тој е долгогодишен бизнис-партнер на Орце Камчев и беше дел од случајот „Империја“, обвинет за перење пари и други приноси од казниво дело. Исто така беше дел и од случајот на обвинителството „Плацеви на Водно“.

Компанијата „Лид Комјуникешјнс ДОО“ низ годините променила голем број сопственици. Во 2022 година, еден месец во сопственичката структура бил заведен и бизнисменот Сергеј Самсоненко кој заедно со сопругата Ирена Самсоненко завршија на црната листа на САД на 16 ноември 2023 година.

Политичко рекламирање на билбордите пријавила и компанијата „Скрин Медиа“, која е во сопственост на „ЕУРОВИА ХОЛДИНГ ДОО Желино“, додека нејзин управител е Ељмедин Адеми.

Фирмата-ќерка на оваа компанија, „ЕУРОВИА ДООЕЛ ЖЕЛИНО“ беше избрана од Министерството за надворешни работи како најповолен понудувач за сума од 1,8 милиони евра на тендерот за адаптација на спортскиот центар „Борис Трајковски“ за потребите за Самитот на ОБСЕ.

Подоцна, „Еуровиа“ беше избрана и за подизведувач на „Бехтел и Енка“ за Коридорот 8. Медиумите, повикувајќи се на извештаите на Државниот завод за ревизија објавија и дека „Еуровиа“ во 2019 година била донатор на политичката партија ДУИ.

Историјатот на „Бизнис мрежа“ покажува дека „Скрин Медиа“ е основана во 2008 година. Во периодот од средината на јули 2012 година до април 2014 година како сопственик бил заведен и Филип Спасовски.

Во моментов, Спасовски е сопственик на „Акцент Медиа“, компанија која во неколку изборни циклуси и сега го нуди просторот за политичко рекламирање на партиите за време на избори до ДИК.

Во 2023 година со одлука на Комисија за заштита од конкуренција, Филип Спасовски добива амин за преземање, купувајќи ја фирмата за производство на електрична енергија „ЕУРОВИА СОЛАР ДООЕЛ Желино“ во мај 2023 година, која до тогаш е во сопственост на „Еуровиа Холдинг ДООЕЛ“.

Известување за концентрација со која Филип Спасовски ќе стекне целосна контрола над Друштво за дистрибуција и производтсво на електрична енергија ЕУРОВИА СОЛАР ДООЕЛ Желино.
Известување за концентрација со која Филип Спасовски ќе стекне целосна контрола над Друштво за дистрибуција и производтсво на електрична енергија ЕУРОВИА СОЛАР ДООЕЛ Желино.

Спасовски е сопственик и на „Полиестердеј“, компанија која беше дел од предистрага на ОЈО Скопје за претходните претседателски избори кои се одржаа во 2019 година. Тогаш, инспектори на МВР проверуваа документација во оваа и други две фирми поврзани со Орце Камчев, а во врска со долг од речиси 400.000 евра за финансирањето на политичката кампања на ВМРО-ДПМНЕ за тогашните претседателските избори.

Овие компании имаат официјално доставено понуди до ДИК за политичко рекламирање.

Мегаборди - ги нема во закон, ги има на згради

Но, за овие двојни - парламентарни и претседателски избори, останаа недефинирани аспекти кои не беа опфатени и дорегулирани во Изборниот законик, како што е надворешното политичко рекламирање преку мегаборди - односно големи билборди долж фасадите на зградите како и автобуските постојки.

Такви примери со мегаборди од претседателски кандидати веќе може да се забележат на одредени локации во центарот на Скопје.

Од Државната изборна комисија која ги спроведува изборите велат дека „немаат надлежност за ова прашање, туку постапуваат согласно Изборниот закон и имаат обврска да ја спроведува ждрепката за распределба на рекламните паноа и билборди соодветно на законските одредби“.

До Државната комисија за спречување на корупцијата досега не е доставена пријава поврзана со политичко рекламирање преку мегаборди, информираат од институцијата.

Од таму велат дека остануваат на ставот за неопходни измени на Изборниот законик во насока на допрецизирање на одредбите за начинот на кој партиите може да се рекламираат.

„Прашањето зошто тоа не е направено потребно е да го упатите до Министерството за правда како надлежен орган кој ја формира работната група за изготвување на измени и дополнувања на Изборниот законик“, одговорија од ДКСК.

РСЕ се обрати и до Регулаторната комисија за домување, барајќи одговори како ова прашање е регулирано согласно нивните прописи на работа.

Од институцијата велат дека согласно член 9 од Правилникот за нормите и стандардите за домување во станбените згради - поставување на плакати, излози, рекламни натписи на станбените згради можат да се поставуваат само доколку тоа е во согласност со закон.

„Надворешните архитектонско-конструктивни делови на зградата, служат за потребите на сите станари и се користат во согласнот со нивната намена. Може да се издаваат само со одлука на сопствениците. Висината на закупнината се утврдува со одлука на сопствениците“, одговорија од Регулаторна комисија за домување.

Неколкуте мегаборди се поставени на станбени згради на тероторија на општина Центар. Од општината за РСЕ објаснуваат дека прописите за поставување се дефинирани во Законот за градење.

„За поставување на опремата, инвеститорот поднесува барање за изведување односно поставување со потребна документација до општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје, на чие подрачје треба да се постави опремата и решението го издава градоначалникот на општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје. Формата и содржината на барањето за издавање на решение за изведување односно за поставување, потребната документација и образецот на решението ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите за уредување на просторот“, одговорија од општина Центар.

Политичарите „демнат“ на билборди на улиците

На 25 март Државната изборна комисија (ДИК) преку ждрепка одлучуваше кој кандидат на која локација ќе добие рекламен простор за билборди и рекламни паноа.

Од ДИК велат дека „општините, градот Скопје и правните лица кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди се должни во рок од пет дена од денот на распишување на изборите јавно да ги објават локациите и цените за закуп на рекламните паноа и билборди на своите веб-страници“.

Закупувањето простор за билборди се спроведува според утврдени правила. Градот Скопје и општините им доделуваат определени локации на компаниите. Тие на овој начин генерираат приходи, плаќајќи извесна сума како надоместок за закуп. За време на кампањата, концесионерите може да понудат само половина (50 насто) од вкупниот број на нивни закупени локации за билборди за платено политичко рекламирање.

Парите им се исплаќаат од трансакциските сметки на учесниците во изборната кампања, отворени исклучиво само за оваа намена. Понатаму, ДИК ги повикува компаниите кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди, да достават понуди со локации и ценовници до ДИК, согласно Упатството за распределба по пат на ждрепка. Политичкото рекламирање на рекламни паноа и билборди не се реализира со буџетски пари.

Партиите имаат право на закуп на политичко рекламирање преку паноа и билборди според моделот 40% за позицијата, 40% за опозицијата, 10% за оние кои немаат пратенички групи во Собрание и 10% за вонпарламентарни партии и независни кандидати. Но, рекламирањето во изминатите изборни циклуси покажало дека во пракса функционира поинаку.

Кампањата за претседателските избори започна на 4 април и ќе трае до 22 април, кога почнува предизборниот молк кој трае до 24 април - денот на гласањето.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG