Достапни линкови

Втора шанса за стратешките инвестиции и покрај несогласувањата


Илустрација, централа за гас.
Илустрација, централа за гас.

Енергетските закони се во рацете на пратениците, по втор пат. Тие треба да одлучат дали во енергетски капацитети во државата ќе вложуваат странски партнери, а државата ќе им дава бенефиции. Експерти по енергетика и опозицијата критикуваат дека државата дозволува „плодовите“ да ги јаде друг.

Стратешките инвестиции во енергетиката добиваат втора шанса. Пред пратениците повторно се ставени четирите предлог – закони, според кои ќе треба да се градат енергетски централи и постројки, но со инвеститори од странство, на кои државата ќе треба да им даде одредени бенефиции, а струјата и топлината ќе ја откупува државата без јавни набавки. Пакетот закони беше повлечен по низата забелешки, но повторно е вратен во Собранието.

Техничкиот премиер Талат Џафери, кој ја предводи Владата три месеци до избори, потврдува дека имало несогласувања меѓу министрите.

„Владата ги има пуштено законите до Собранието. Така е, точно, не беа сите согласни. Принципот на одлучување во Влада не е консензусот како во ЕУ. Пуштени се во Собранието. Таму веќе кој како ќе постапи, нивна надлежност е“, одговори Џафери на 6 март, на првата негова прес-конференција како прв човек на Владата.

Инвестиции, бенефиции и обврски

Опозицијата и дел од експертите по енергетика, критикуваат дека државата ќе дава бенефиции, а плодовите ќе ги „јадат“ странските инвеститори.

Власта, пак, се брани дека подобро е да има некакви инвестиции, оти сега нема никакви.

Предлог законите предвидуваат четири странски инвестиции - грчката компанија Метилинеос да изгради когенеративна гасна централа, француска компанија Акуа енерги, преку македонската „Остро солар“ да гради фотоволтаична централа Стипион. Соларна централа во Пехчево треба да градат бугарски сопственици, а соларен парк, со гасна централа и опционално батерии треба да гради „АИМ Грин Тецх“ со белгиски сопственици.

Освен белгиската, останатите се познати големи компании во енергетскиот бизнис со искуство во такви проекти. Зад „АИМ Греен Тецх“, според истражувањето на Призма стои компанија на почесен конзул во Белгија, кој е почетник во бизнисот со струја.

Експертите по енергетика критикуваа дека странските инвеститори ќе добијат услови во кои ретко уживаат домашните фирми.

Митеилинеос, според предлог законот, ќе добие државна помош од 50 милиони евра и откуп на струја и топлина без јавни набавки. Откупот ќе му биде гарантиран по цени кои не се берзански. Компанијата ќе добие државно земјиште, што државата ќе треба урбанистички да го уреди. И од другите инвеститори, опфатени со овие закони, државата ќе ја откупува струјата и топлината без јавни набавки.

Предложениот закон за проектот со АИМ Греен Тецх е во времетраење од 30 години со можност рокот да се продолжи или да се раскине. Инвеститорот треба да инвестира 174 милиони евра. Државата ќе му гарантира откуп на струја, што ќе ја откупува ЕСМ, енергетската компанија во државна сопственост. Струјата ќе се откупува без јавна набавка, без тендер и избор на најниска цена. Инвеститорот во првите десет години има право да не плаќа данок, еколошки такси, давачки за приклучок на мрежа и комунални услуги. Евентуален спор меѓу двете стани би се решавал на меѓународен арбитражен суд.

Предлозите вратени во Собрание со сменети владини претставници

Во собраниска процедура предлог – законите се враќаат со речиси ист текст, но сменети се владините претставници како предлагачи.

Предлагач е Владата, но во првиот обид, како владини претставници беа потпишани министерот за економија, Крешник Бектеши, кој е од редовите на ДУИ и тогашниот премиер Димитар Ковачевски. Сега како владини претставници се потпишани вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерката за животна средина Каја Шукова, кои се од редовите на СДСМ.

Битиќи вели дека во сегашните варијанти интервенирале со договорите за сите четири инвестиции, а во законите за „Метилинеос“ и за „АИМ Греен Тецх“ по забелешките на Комисијата за заштита на конкуренција избришале одредени членови.

Министерот за економија, Бектеши, најави дека во партијата ќе разговараат за поддршката на Предлог- законите за стратешки инвеститори, за, како што вели, да знаат пратениците во детали што треба да гласаат.

Најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, вели дека овие закони служат за богатење на врхушката на СДСМ. Партијата ќе поднесе 40 амандмани на Предлог – законите.

„СДСМ без поддршка на останатите коалициски партнери турка закон со кој на грчка компанија ќе и се даде државна помош од близу 50 милиони евра, а дополнително и се гарантира откуп на произведената струја и топлинска енергија по цени далеку повисоки од реалните. Со останатите стратешки закони се дава плодна земјоделска почва за изградба на фотоволтаици каде повторно државата гарантира откуп на електричната енергија по високи цени“, рече пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

А зошто државата сама да не изгради енергетски капацитети?

Здружението на инженери, составено од група професори и инженери енергетичари, уште од самиот почеток негодува против плановите на државата енергетските капацитети да се остават во раце на странци. Тие сметаат дека Владата сака да потпише штетен договор со кој наместо долгорочно да остварува профит во буџетот со сопствено производство на електрична енергија, таа прави зделка со загарантиран откуп на странската компанија по нереални услови, кои значат откуп на струјата по цени повисоки од берзанските.

Тие ги повикуваат пратениците во Собранието да не го гласаат, како што велат, штетниот закон за „Митилинеос когенеративна постројка во Скопје.“

Професор Дејан Трајковски од Техничкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Битола е меѓу инженерите кои сметаат дека е лажно тврдењето на Владата дека Митилинеос ќе инвестира 290 милиони евра во централата и дека пресметки покажуваат дека капиталните трошоци на грчката компанија ќе изнесуваат 147 милиони евра. Македонската влада треба да му даде помош за инвестицијата на Митилинеос од 50 милиони евра.

Трајковски, анализирајќи го договорот вели дека тој предвидува грчката компанија да ја гради централата во Скопје со пари од кредит со почетно учество од 22 милиони евра, коешто според него, ќе биде преплатено со 50-те милиони евра помош од македонската Влада.

Трајковски вели дека државата треба сама да инвестира во постројката и ако го потпише договорот со Митилинеос ќе се лиши од најмалку 1,3 милијарди евра идни приходи во буџетот од сопствено производство на електрична енергија. Во спротивнио, сметаат тие, државата ќе овие профити ќе ѝ ги отстапи на странска приватна компанија.

„Митилинеос“ ќе стане 100 отсто сопственик со „0“ евра сопствени инвестирани средства, освен 5.000 евра основачки капитал, а државата ќе има 0 отсто сопственост при десетици милиони евра вложени средства“, вели Трајковски.

Ковачевски за експертите - теорија знаат, но не и пракса

Претседателот на СДСМ и доскорашен премиер, Димитар Ковачевски, пак ги критикува експертите. Тој како што вели, го почитува нивното теоретско знаење, но не и праксата.

„Законски решенија, посебно законски решенија коишто се однесуваат на стратешки инвестиции, ниту се догма, ниту се аксиома, меѓутоа ѝсе потребни на државата, со оглед на тоа што не сакаме да ни се повторуваат сценарија како во енергетската криза, кога зависиме од капацитети за производство на електрична енергија стари и по 45 години. Дополнително, што и дел од експертите што ги гледаме, и чие што мислење го почитувам, нивното теоретско знаење го почитувам, бидејќи во пракса никогаш ништо не работеле, дел од нив, не направиле нешто во своите кариери коешто ќе може да ни даде за право дека имаат идеја и имаат визија што треба да се прави“, рече Ковачевски.

Тој вели дека овие инвестиции ѝ се потребни на државата, за да не зависи од енергетски капацитети стари по неколку децении.

Што е досега изградено

Во Северна Македонија со децении не е изграден ниту еден грандиозен енергетски капацитет. За повеќе од три децении независност државата, преку државната компанијата ЕСМ, изградила нешто меѓу 140 и 150 мегавати. Се останато што се изгради во енергетскиот сектор, се приватни инвестиции од приватниот сектор, рече пред неполн месец во интервју за Радио Слободна Европа, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Тој вели дека државата ако можела и ако сакала досега ќе изградела енергетски капацитети. Тој стравува од корупција ако државата реши самата да ги гради, а смета дека приватниот инвеститор повеќе ќе се грижи за парите од државата.

„Државата во изминатите 30 години, заради кусогледи политики, заради евтин популизам, од аспект- не можеме да градиме, ако градиме ќе ни расте цената, ако направиш нешто да, тоа има влијание и на цената. И се доведовме во ситуација да потрошиме речиси 400 милиони евра со разни субвенции во најголем дел за домаќинствата и да го изгаснеме пожарот“, рече Бислимоски.

Предлог -законите кои се испратени во Собранието, ќе се носат по скратена постапка.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG