Достапни линкови

Крвава војна во скопското подземје


Илустрација, крим техника на терен
Илустрација, крим техника на терен

Најмалку шест убиства на „босови “ на нарко-банди се случија во изминативе три години. Последна жртва на уличната „војна“ на бандите е татко на приведен за соучество во двојното убиство во „Шиша бар“ минатата година.

Само во изминативе три години во полициските билтени се заведени најмалку шест убиства на лидери на криминалните скопски банди во четири одделни инциденти.

Доминација во трговијата со дрога, во скопското криминално подземје, покажување политичка надмоќ, преземање на пазарот со „рекет“ (таканаречената „заштита на казина“) и крвна одмазда се главните мотиви за разгорувањето на крвавата војна во скопското криминално подземје, вели за РСЕ полициски инспектор, кој побара да биде анонимен, за да може, како што вели, пензионерските денови да ги помине во мир.

Според него во подземното „портфолио“ на двата најголеми нарко- кланови во земјава влегуваат филмски режирани убиства во земјава и соседството, изнуда и крвна одмазда, трговија со кокаин од Јужна Америка на европско тло. Станува збор, наводно, за стотици милиони евра „тежок“ нелегален бизнис со дрога која минува низ Северна Македонија како транзитна земја од балканската шверцерска рута.

Последна жртва на „војната“ меѓу најголемите нарко картели во земјава Грчец и Беланоца е убиството на 56 годишниот Зељќиф Туша, татко на Гани Туша, притвореник за соучество во двојното убиство во „Шиша бар“ во март минатата година.

По минатогодишните убиства, во март 2023 година скопскиот обвинител Гаврил Бубевски, посочи дека мотивите за ликвидациите во скопското подземје ги гледа во борбата за нарко пазарот.

„Органите на откривање и органите на прогон работат на повеќе аспекти и повеќе размислувања – зошто е дојдено до тој настан од аспект и на тоа кои се лицата кои се жртви, зошто некој би имал мотив овие лица да ги лиши од живот и криминалистички се обработува во повеќе насоки“, изјави лани Бубевски.

Поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на Демократски сојуз, Павле Трајанов, вели дека криминалните банди отсекогаш успевале да се поврзат со партиите, особено со функционери што се на власт. Тој посочува дека криминалните банди поради политичката моќ и поддршка се чувствуваат заштитени и силни, па слободно тераат војна со ликвидации сред бел ден.

„Мислам дека во последните неколку години, да не испадне сега дека откако е СДСМ со ДУИ на власт, ама се поклопува овој период со зголемено класично мафијашко дејствување на овие групи, со голем број на ликвидации, се работи за инволвираност во нарко- бизнис со раширени канали до Турција, Шпанија и јужноамериканските држави од каде што ја носат дрогата. Се работи за метастаза на овие криминални групи, и државата мора што побрзо да се справи со нив“, објаснува Трајанов.

Владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштенија си ја префрлаат вината за тоа дали МВР има капацитет да ги расчистат случаите со криминалните пресметки.

„Дали се работи само неспособност на кадрите на Мицкоски во МВР или структури блиски на ДПМНЕ се обидуваат да се вмешаат во нелегалните бизниси со дрога?“, е наведено во соопштението на СДСМ по убиството на таткото на приведениот Гани Туша, притворен за убиството во Шиша бар.

Во „војна“ се два сојуза сочинети од неколку банди

Од едната страна е групата Грчец- Дуќанџик, која според последните информации што полицијата ги соопшти увезува кокаин од Јужна Америка и до неодамна го „држеше “ пазарот со кокаин. Лидер на оваа група е Шеваљ Муареми кој според тоа што го објавувал на социјалната мрежа „Инстаграм“ е во Дубаи, откако побегна пред полициска акција именувана како „Планина“ во Грчец во март 2021 година.

Во втората голема акција на 25 јануари годинава во Грчец полицијата соопшти дека привела петмина од вкупно 16 осомничени за дејствување во меѓународна организирана криминална група за набавка на кокаин од Перу и Бразил.

Од Кривичниот суд Скопје за РСЕ велат дека на овие петмина приведени, им е продолжена мерката притвор од 24 март годинава.

Тие се осомничени и за три убиства и еден обид за убиство на територијата на Северна Македонија. Организатор на групата е Муареми, соопшти на прес-конференција тогашниот прв полицаец Оливер Спасовски.

Но, за „босот“ Муареми кој е во бегство на страницата на Министерството за внатрешни работи не е објавена потерница, иако министерот Спасовски најави дека ќе биде распишана за тие што не се во земјата.

Од МВР за РСЕ велат дека тие вршат проценка кога ќе побараат јавна помош за добивање на информација во врска со лицата за нивно лоцирање и тогаш ги објавуваат на увид на јавноста.

„Не претставува обврска дека секое лице кое е предмет на потерница треба да биде објавено на ВЕБ сајтот. ВЕБ сајтот не е институционален оперативен систем за потраги, ниту меѓународен интерпол систем за потраги по лица и предмети каде се распишуваат потерници по лицата“, се вели во одговорот на МВР на прашањето зошто не е објавена потерница по Муареми на страницата на Министерството.

Додека не е во земјата, Муареми на своите профили на социјалните мрежи објавуваше видеа од Дубаи и снимки од тоа како се забавувал во Шпанија во друштво на познатиот фудбалер Лионел Меси.

Полицијата тогаш покрај Муареми како организатори ги посочи и сега веќе починатите О.Б и Ј.К. Иницијалите О.Б. му припаѓаат на Орхан Бајрами – Оки кој во јуни лани беше убиен во грчкото туристичко место Ханиоти на Халикидики.

Иницијалите Ј.К пак му припаѓаат на Јетон Кривањева -Жила, кој заедно со неговиот соработник Есен Исеинов – Љаци беа убиени на 6 март во чаирското кафуле „Шиша Бар“. Според полицискиот билтен кон нив биле испукани 40 куршуми. Тие беа шефови на кланот „Дуќанџиќ“, кој името го добил по старата турска населба во скопски Чаир, која се наоѓала на денешна Пластичарска улица.

Според дел од медиумите осомничен за нивното убиство бил Бљерим Даци, чаирчанец кој по еден месец од двојното убиство, беше убиен во Приштина, а неговото безживотно тело пронајдено во автомобил со македонски регистерски таблици.

Ривалот од другата страна е пошаренолик, вели пензионираниот полициски инспектор. Тој објаснува дека според неговите сознанија сојузот е составен од неколку помали банди од кои најпозната е кланот „Беланоца“ со база во Сингелиќ и Арачиново. Во оваа група влегуваат и криминалните банди именувани како Барон, по сега веќе опожареното чаирско кафуле Барон, потоа дел од кланот Бундес и кланот од Кондово познат по Агим Красниќи кој пред неколку години побегна од затворот Идризово.

Скопје- Министерството за внатрешни работи распиша меѓународни потерници за Агим Красниќи и Сехат Рамадани, 07.02.2020
Скопје- Министерството за внатрешни работи распиша меѓународни потерници за Агим Красниќи и Сехат Рамадани, 07.02.2020

Називот „Беланоца“ доаѓа од името на селото Белановце, кое се наоѓа на само 25 километри северно од Скопје и во близина на границата со Косово од каде што потекнуваат дел од „босовите“ на оваа група.

Главниот „кум“, на кланот Беланоца, кој исто така е дел од сојузот, е семејството Ајети, односно синот на убиениот Џељо Ајети, Фатљум Ајети- Тоте кој е во затворот Идризово каде издржува 11 годишна казна. Но, кога се случи двојното убиство во „Шиша бар“, тој бил на слобода, откри неделникот „Фокус“.

Последна жртва на „војната“ меѓу Грчец и Беланоца е убиството на таткото на Гани Туша, 56 годишниот Зељќиф Туша. Гани Туша заедно со убиениот во Косово Бљерим Даци беа осомничени за убиствата на „босовите“ на Дуќанџиќ. Дел од медимите повикувајќи се на полициски извори објавија дека и двајцата се припадници на картелот Барон, сојузник на Беланоца, кој името го добил по сега веќе опожареното кафуле во Чаир. Според полициски извори тоа место било „свртувалиште“ на повратници од боиштата од ИСИС.

Во меѓувреме имаше два обида за убиство на Раде Трајковски - Штекли во скопскиот трговски центар „Ист Гејт“, кој според дел од медиумите се смета за близок до картелот Беланоца.

Полицијата им објави неселективна војна на бандите

Тогашниот министер Спасовски соопшти дека полицијата им објавила неселективна војна на криминалните структури кои што некој ги создавал 30 години. Според него, пукањето во „Ист гејт“ е криминална пресметка, а на полицијата ѝ е познат бекграундот на лицето во кое е пукано.

Но, и Штекли, како и Муареми ги нема во полициските потерници, иако министерот тврди дека им е познат нивниот криминален бекграунд.

Според изјавите на поранешниот министер за внатрешпни работи, Спасовски, но и на поранешната обвинителка Вилма Русковска „босовите “ на нарко - картелите во Скопје имаат доушници во државниот систем кои им овозможуваат „работа од слобода“. Спасовски на последната негова прес конференција како министер, изјави дека веќе има многу податоци и утврдени се лица од институциите на државата кои биле соработници на криминалните активности. Ова, нагласи министерот, е „почеток на чистење на тие криминални структури во институциите на системот“.

Но, од Обвинителството до објавувањето на овој текст не одговорија до каде е најавената истрага за „доушници на криминалнците во системот“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG