Достапни линкови

Граѓаните може само да се сликаат, за пасоши ќе почекаат


Шалтер за издавање лични документи во МВР
Шалтер за издавање лични документи во МВР

За термини за нов пасош се чека со месеци, фалат и обрасци, па за патување во странство ќе се чека долго. Функционерите се растрчаа, но се чини доцна. Министерот Тошковски добил допис од Брисел дека ЕУ нема да прави проблем доколку македонски граѓани патуваат со пасоши со старото уставно име, но нема да можат да излезат од земјата ако дојдат дома.

Хаосот со пасошите продолжува, со стотици граѓани заглавени во неможност да ја напуштат Северна Македонија бидејќи патните исправи им се со важечки датум, но со старото име на државата Република Македонија.

Термин за сликање се добива, но оние кои утрово телефонски закажале сликање за пасош, термин добиваат за најмалку четири месеци.

„По повеќе од 100 повици на телефонскиот број за закажување во МВР, конечно добив оператор којшто ми закажа сликање за пасош на 3 јули во МРТВ“, ни раскажа Драган К. од Скопје.

Ако биде испочитуван процесот од минимум 20 работни дена за издавање, Драган пасошот ќе го добие во август, а дотогаш како и илјадници други граѓани нема да може да помине преку границите на Северна Македонија.

Но, дури и да се сликате за пасош, дополнителен проблем е што недостасуваат обрасци со новото име, па може чекањето да биде подолго од предвиденото.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) ни одговорија дека во моментов околу 100.000 пасоши се во процес на производство.

„Во однос на набавката на нови обрасци, од страна на МВР се прават континуирани напори фабриката доставувач со поголема динамика и во поголем обем да ги достави обрасците“, велат од МВР.

Со месеци се чека пасош и во конзулатите

Со проблеми се соочуваат и македонските граѓани кои живеат во странство, како Ненад Г. - иселеник во Германија кој ни раскажа дека терминот што го добил за сликање во конзулатот во Минхен е за првата половина на август.

Поради тоа тој летово нема да се врати во Македонија, ниту пак да оди во Шпанија на одмор како што планирал.

„Се надевам дека во септември ќе ми стигне пасошот за да можам да го искористам годишниот одмор“, вели Ненад кој живее во германскиот град Улм.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека некои од конзулатите отсега ќе работат во две смени за да се намалат барањата на македонските државјани во странство, како на пример Конзулатот во Венеција.

„Има бројни предизвици, но мора да се организираме на најдобар можен начин. Ова е вонредна состојба“, рече Османи при посетата на Генералниот конзулат во Венеција на 19 февруари.

Османи велат дека институциите се организираат „да им излезат во пресрет“ на граѓаните и да го скратат нивното време за чекање. Но тоа почнаа да го прават по 12 февруари кога истече рокот според Преспанскиот договор.

Некои држави дозволуваат влез со стари пасоши, но со нив не може да се излезе

Граѓаните веќе најавија дека ќе тужат бидејќи нема да можат да ја напуштат државата по 12 февруари.

Министерот за внатрешни работи во техничката Влада Панче Тошковски изјави дека е срамота што Македонија „ги зароби граѓаните“ на својата територија, додека слободно можеле да се движат со македонскиот пасош со старото име во Швајцарија, Албанија, Косово, и за Германија.

Сепак, по неговата изјава Дојче веле цитираше дипломатски извори кои велат дека со пасошот без уставното име не може да се влезе во Германија.

Иако пасошите со старото име можеби се уште се во употреба во некои од европските земји, на пример од унгарската амбасада за Радио Слободна Европа ни посочија дека се уште немаат официјална одлука за ова прашање, односно дека нема известувања од владата во Будимпешта и дека чекаат известување и од македонска страна.

Тошковски денеска рече дека добил допис од Брисел дека Европската Унија нема да прави проблем доколку граѓани на Република Северна Македонија треба да патуваат со пасоши со старото уставно име.

„Ми беше најавено од белгискиот амбасадор. Ќе имаат разбирање за проблемот и ќе бидат максимално коректни и воздржани во однос на нашите граѓани. Нашите граѓани кои се надвор од Македонија, 70 000 се со старото име во Германија, тоа го имаат Германците како податоци, ние го немаме. Тие без проблем ќе може да отидат во Унгарија и Чешка, но нема да можат да излезат од Македонија, ако дојдат дома. Европскиот комитет дава мислење до земјите да имаат разбирање. А ние што правиме - само Македонија, освен Грција, ќе крши основно човеково право на слобода и движење, заради тоа што пратениците од владеачката структура - од СДСМ и ДУИ, не сакаат да стиснат едно копче“, рече тој.

Може ли законски измени да го решат проблемот?

Тошковски откако стапи на функцијата во техничката Влада, објави дека МВР нема доволно обрасци за нови пасоши. Тој на 19 февруари рече дека пристигнале нови 20 илајди обрасци, но посочи дека решението на проблемот треба да се бара во Собранието.

Тој ги повика пратениците да ги изгласаат измените на Законот за патни исправи којшто вели дека го доставил во Собранието уште минатиот понеделник, истиот ден кога беше усвоен законот за продолжување на важноста на возачките дозволи.

Според него, така би се продолжил рокот на пасошите со старото име да важат до крајот на декември годинава, наместо до 12 февруари според предвиденото во Договорот од Преспа со кој државата ја доби обврската во рок од пет години да ги промени личните документи на граѓаните од денот на промената на Уставот.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски потврдува дека законот стигнал во Собранието, но вели дека се уште не е ставен како точка на дневен ред.

Од Кабинетот на претседателот на Собранието Јован Митрески не добивме одговор дали предложените измени на Законот за патни исправи ќе биде ставен во собраниска процедура.

Според Милошоски, ако владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ ги прифати предложените измени на овој закон, тие треба да ја изгласаат потребата да биде ставен на дневен ред и потоа да влезе на разгледување во матичната комисија, па на пленарна седница.

Милошоски вели дека ова законско решение би било исто како и за возачките дозволи, и покрај тоа што станува збор за документи кои треба да важат во странство, а не за домашна употреба.

„Ако тесно се толкува Преспанскиот договор може да се каже дека е прекршување, но ова реално е прилагодување на настанатиот проблем кон обврските“, вели Милошоски.

Државите во странство, смета Милошоски, ги интересира дали пасошот на некој граѓанин кој стигнал на нивните граници е со валиден датум, соодветна слика и дали граѓанинот е на листата на Интерпол, а не кое е името на неговата држава.

Треба да се изработат 800.000 пасоши

Пратениците на 12 февруари оваа година по брза постапка ги изгласаа измените во законот за безбедност на сообраќајот, со што се овозможи датумите со важност на возачките дозволи со старото име на државата, наместо 12 февруари, да продолжат да важат до 31 декември 2024 година.

На 12 февруари оваа година истече периодот од пет години според одредбата од Договорот од Преспа потпишана во 2018 година, со која престануваа да важат патните исправи и документите за меѓународна употреба што го содржат старото име на државата.

Државата нема да ги извести другите земји дека престанува важноста на старите пасоши, но очекува флексибилност заради за проблемот со издавање нови пасоши, како што изјави неодамна министерот на надворешни работи Бујар Османи.

Пасошите не се единствениот документ кој граѓаните треба да го сменат. Тука се и возачките и сообраќајните дозволи бидејќи тие влегуваат во категоријата меѓународни документи.

Личните карти со старото уставно име важат за домашна употреба. Тие се засега се користат и како патен документ во земјите од регионот – Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Според МВР, од јуни 2021 кога почнаа да се издаваат лични документи со новото име, до 7 февруари годинава биле направени 1.297. 447 пасоши. Ако се земат предвид бројките од последниот попис кој покажаа дека вкупното население, вклучително и дијаспората, изнесува 2.097.319 лица, речиси 800.000 граѓани се уште немаат патни исправи со Република Северна Македонија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG