Интервјуто на рускиот претседател Владимир Путин со Такер Карлсон, американски коментатор кој се прослави со ширење теории на заговор и ја доведе во прашање поддршката на Вашингтон за Киев во неговата борба против руските сили, беше широко критикувано затоа што Карлсон му дал на рускиот лидер пропагандна платформа во неговото прво интервју со американски новинар откако почна руската инвазија врз Украина пред речиси две години.
Во интервјуто кое трае повеќе од 2 часа, објавено на веб-страницата на Карлсон рано на 9 февруари, Путин повторно тврдеше дека Украина е закана за Русија, бидејќи Западот ја вовлекува земјата во НАТО - тврдење што воената Алијанса го нарече лажно, додека во исто време избегнуваше теми како што се бруталното казнување на граѓанското општество и слободата на говорот во Русија.
Интервјуто доаѓа во период кога Путин се надева дека западната поддршка за Киев ќе опадне и моралот кај Украинците ќе биде падне до точка каде што неговите воени цели се остварливи. До ова исто така доаѓа, бидејќи американската воена поддршка за Киев е доведена во прашање откако републиканските законодавци го блокираа пакетот помош од 60 милијарди долари предложен од американскиот претседател Џо Бајден, како и отпуштањето на главниот командант на украинските вооружени сили, откако контраофанзивата беше далеку од успешна.
Путин ги повика Соединетите Држави да извршат притисок врз Киев да престане да се бори и да склучи договор со Русија, која окупираше околу една петтина од територијата на Украина.
Карлсон ретко му опонираше на Путин, кој пак, одржа долго предавање за историјата на Русија и Украина, не успевајќи да ги спомене веродостојните обвинувања од меѓународните групи за права дека Русија извршила воени злосторства во Украина (на самиот Путин му беше издаден налог за апсење од страна на Меѓународен кривичен суд за незаконска депортација и трансфер на деца за време на конфликтот или затворањето на опозициските фигури како Алексеј Навални и Владимир Кара-Мурза по измислени обвиненија кои изгледаат политички мотивирани).
„Путин ја пренесе својата порака онака како што сакаше“, рече Иан Бремер, политиколог од Њујорк и претседател на Евроазијагруп.
Дури и пред објавувањето на средбата, Карлсон се соочи со критики за интервјуирање на Путин кога неговата влада ги држи во затвор новинарот на Волстрит журнал, Еван Гершкович и другата американска новинарка, Алсу Курмашева од Радио Слободна Европа, поради обвиненијата поврзани со нивното известување што и двајцата жестоко ги негираат.
Случајот на Курмашева не беше ниту спомнат во интервјуто, додека Карлсон го налути Вол Стрит Журнал сугерирајќи дека Путин треба да го ослободи американскиот новинар дури и ако „можеби на некој начин го прекршил вашиот закон“.
Стејт Департментот на Соединетите Држави официјално го назначи Гершкович како незаконски приведен од Русија.
„Еван е новинар и новинарството не е криминал. Секое прикажување на спротивното е тотална фикција. Еван беше неправедно уапсен и незаконски приведен од Русија речиси една година поради вршење на својата работа, а ние продолжуваме да бараме негово итно ослободување“, се вели во реакцијата на весникот на интервјуто.
Путин рече дека „може да се постигне договор“ за ослободување на Гершкович и се чини дека сугерира размена за „патриотски“ руски државјанин кој моментално отслужува доживотна затворска казна за убиство во Германија. Веројатно сугерира на Вадим Красиков, поранешен полковник од Руската шпионска организација осуден за атентат на поранешен чеченски борец среде бел ден во Берлин во 2019 година.
„Не постои табу да се реши ова прашање. Ние сме подготвени да го решиме, но има одредени услови кои се дискутираат преку каналите на специјалните служби. Верувам дека може да се постигне договор“, му одговори Путин на Карлсон.
Карлсон е поранешен водител на Фокс њуз, кој се прослави со ширење теории на заговор и ја доведе во прашање поддршката на САД за Украина во нејзината борба против инвазијата на руските трупи. Интервјуто беше прво на Путин со медиум од Западот од почетокот на руската инвазија на Украина.
Путин за време на интервјуто рече дека Русија нема никаков интерес да ја нападне Полска, членка на НАТО, додавајќи дека тоа може да се случи во еден случај: „Ако Полска ја нападне Русија“.
„Ние немаме интерес за Полска, Латвија или кое било друго место. Зошто би го направиле тоа? Едноставно немаме никаков интерес. Тоа е само подметнување закани. Апсолутно не доаѓа предвид“, додаде Путин.
Објаснувајќи ја неговата одлука да го интервјуира Путин во соопштението објавено на платформата X на 6 февруари, Карлсон тврди дека американските медиуми се фокусираат на украинскиот претседател Володимир Зеленски, но дека гласот на Путин не се слуша во Соединетите Држави бидејќи западните новинари не се „помачиле“ да го интервјуираат него од почетокот на целосната инвазија.
Карлсон се стекна со репутација дека го брани рускиот лидер, откако еднаш трвдеше дека „мразењето на Путин стана централна цел на надворешната политика на Америка“.
Бројни западни новинари го отфрлија тврдењето, велејќи дека тие постојано барале да го интервјуираат Путин, но биле одбиени.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, подоцна го потврди тоа, велејќи дека неговата канцеларија добива „многубројни барања за интервјуа со претседателот“, но дека повеќето западни медиуми што прашуваат се „традиционални ТВ канали и големи весници кои дури и не се обидуваат да изгледаат непристрасни во нивното покривање. Се разбира, одговори Песков, Путин нема желба да комуницира со ваков вид на медиуми“.
Ингеренциите на Карлсон како независен новинар беа доведени во прашање, а во 2020 година, Фокс њуз го доби случајот за клевета против него, при што судијката во нејзината пресуда рече дека при презентирањето стории, Карлсон „не ги наведува вистинските факти“ за темите што ги дискутира и наместо тоа, честопати ги „преувеличува работите “ и употребува „неаргументирани коментари“.
Карлсон беше еден од највисоко оценетите водители на Фокс њуз пред ненадејно да ја напушти мрежата минатата година, откако Фокс доби тужба за клевета поради неговото известување за претседателските избори во 2020 година. Фокс се согласи да плати 787 милиони долари на компанијата за гласачки машини Доминион, откако компанијата поднесе тужба во која се тврди дека мрежата шири лажни тврдења дека нејзините машини се „наместени“ против поранешниот претседател Доналд Трамп.
Карлсон понекогаш имаше лош однос со поранешниот претседател, но за време на претседателствувањето, Трамп ја имаше целосната поддршка на Карлсон, кој го поддржа и во неговата трка за враќање во Белата куќа на изборите 2024 година.