Достапни линкови

Пратениците се разработија пред крај на мандатот


Собрание на Северна Македонија.
Собрание на Северна Македонија.

Собранието ќе одржи уште неколку седници до распишувањето на изборите и неговото распуштање. Уште е неизвесно дали ќе бидат увоени измените на Изборниот законик. Овој пратенички состав ќе го инаугурира и новиот претседател на државата доколку нема жалби за изборниот резултат.

Собранието продолжува со работа и ќе одржува седници до моментот кога новиот собраниски спикер Јован Митрески од СДСМ ќе стави потпис за распишување на двојните избори, претседателски и парламентарни, кои по подолго време ќе се одржат во редовен термин.

Откако на 28 јануари во Собранието беше избрана техничката „Пржинска влада“ со мандат да ги организира изборите, за денеска (30 јануари) се закажани неколку собраниски комисии со повеќе закони на дневен ред. Пленарна седница, пак, е закажана за 7 февруари исто така со низа закони на дневен ред кој дотогаш може да биде и дополнет со други точки.

„Во зависност од динамиката којашто ќе доаѓа од Владата и од пратениците, планот е да имаме уште три до четири седници. Принципиелно како досега, со оглед дека во Уставот пишува - Собранието е во постојано заседавање, ние ќе работиме до 4 април кога ќе почне изборната кампања. Нема да работиме во изборниот процес според досегашната пракса, за да не се злоупотребува говорницата до конституирањето на новиот парламент“, вели за Радио Слободна Европа потпретседателот на Собранието Горан Мисовски од НСДП.

Претседателските и парламентарни треба да бидат распишани најдоцна до 28 февруари, а најрано на 8 февруари, што е рокот од 70 до 90 дена пред закажаните двојни избори на 8 мај, според она што го договорија најголемите партии.

На 24 април ќе се одржи првиот круг од претседателските избори. За датумите за изборите имаше широк консензус меѓу партиите, како што објавија лидерите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски.

Избори организира техничка влада која започна да се формира според таканаречниот „Пржински модел“ првпат применет на изборите во 2016 година по тогашната политичка криза.

Серија закони, но и државен обвинител пред пратениците

До расишувањето на изборите, пред овој пратенички состав се серија закони кои треба да се донесат, но, како што посочува и претседателот на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Марко Трошановски и да се пополни една од најважните функции за борба против корупцијата - државен јавен обвинител.

„Мислам дека е многу важно да се поднесе и донесе итно законот за раководна служба кој се уште се чува во фиока после четиригодишниот мандат на оваа влада. Тој не е ни поднесен, но приоритет е. Потоа, законот за државни службеници секако, овој пакет на закони од Министерството за информатичко општество и администрација. Изборниот законик би требало да се донесе во пресрет на изборите иако се доцни со истиот. Тој не ги регулира проблемите со медиумското финансирање, но сепак е важно тој да ги подобри условите за натпревар во изборниот процес“, вели Трошановски за Радио Слободна Европа.

Изборот на државен јавен обвинител, како што посочува тој, е под ризик да се случи во мандатот на оваа влада, но со оглед на важноста оваа функција не треба да остане со в.д. шеф.

„Имајќи ја предвид корупцијата и напластените случаи на истата, многу е важно оваа институција да има што помалку поминат период без лидер“, вели Трошановски.

За потсетување, мандатот на претходниот државен обвинител Љубомир Јовески заврши на 25 декември 2023 година. Владата распиша оглас на кој првично се пријавија тројца кандидати, но единствен кој доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители беше Љупчо Коевски. Обвинителката Лидија Раичевиќ не доби позитивно мислење, додека за Фатиме Фетаи не се расправаше.

Коцевски, како единствен со позитивно мислење, според медиумите, како предлог од Владата бил испратен во собраниска процедура, но засега не е ставен на дневен ред во законодавниот дом.

Милошоски очекува распишување избори во крајниот рок

Кога и што ќе се најде на дневен ред во Собранието веројатно најмногу ќе зависи од владејачкото мнозинство. Со оглед што тоа ќе ја одредува динамината, пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски за Радио Слободна Европа вели дека очекува мнозинството да ги распише изборите до крајниот рок на 28 февруари.

„Ќе одат колку што можат подоцна до крајниот рок да ги распишат изборите, бидејќи откако ќе се распишат изборите, не може да има вработувања, законски измени или некои поголеми проекти. Со распишувањето на изборите следуваат други правила каде што државата треба да функционира, но условно кажано не треба да биде злоупотребувана за некои предизборни цели“, вели Милошоски.

Откако новиот претседател на Собранието Митревски ќе ги распише претседателските избори, Собранието, Владата и сите други државни институции ќе треба да го намалат интензитетот на работа поради периодот на предизборието.

Митрески стапи на оваа функција по оставката на досегашниот собраниски спикер Талат Џафери кој беше избран за технички премиер за да ја предводи техничката Влада 100 дена пред изборите.

За денеска во Собранието се закажани седници на три комисии – за европски прашања, за прашања на изборите и именувањата и законодавно правна комисија.

На двете седници за европски прашања и за законодавно правна комисија на дневен ред се четири предлог закони по скратена постапка за административните службеници, а на изборите и именувањата е утврдување предлог за избор на судија на Уставниот суд.

На седницата закажана за 7 февруари на дневен ред, меѓу другите закони, се и законите за игри на среќа, закони од правосудството и конфискација на имот.

Изборниот законик е готов, треба да го предложат група пратеници

Во Собранието стојат и низата закони кои низ четиригодишниот мандат беа блокирани од опозицијата, а неизвесно е и дали ќе бидат донесени измените на Изборниот законик – кој е еден од поважните закони што пратениците треба да го донесат пред одржувањето на изборите.

Милошоски смета дека владејачкото мнозинство премногу ја задоцнило процедурата за унапредување на Изборниот законик.

„Веројатно со некоја задна намера, како на пример некомплетираната Државна изборна комисија, тема која е суштинска за изборите, но СДСМ и ДУИ не сакаат да биде дискутирана во Собранието. Сепак официјален став треба да се побара од Министерството за правда, доколку министерот и заменичката имаат усогласени ставови“, вели Милошоски.

Од Министерство за правда за Радио Слободна Европа велат дека Изборниот законик е готов и изработен според препораките на ОБСЕ/ОДИХР и дека е пратен во Собранието, но договорот бил да го предложат група пратеници. Партиите се согласни за препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но неизвесно е дали за партиите е прифатливо укинувањето на платеното политичко рекламирање кое е предвидено во новите измени.

Во однос составот на Државната изборна комисија (ДИК), се уште не е избран ниту членот кој треба да биде номиниран од Алтернатива и БЕСА како опозициони партии кои учествувале на претходните избори.

Пратениците со кои разговаравме сметаат дека овој парламентарен состав ќе го инаугурира и новиот претседател на државата. Така ќе биде со оглед на тоа што трае пратеничкиот мандат, а изборниот процес се одржува редовно и пратениците на овој состав ќе работат до конституирањето на новиот парламент. Мандатот на актуелниот шеф на државата завршува на 12 мај, а до тогаш нема да има време да се конституира новото собрание. Затоа на 12 мај ќе има седница за инаугурирање на новиот претседател, само доколку не бидат поднесени жалби кои би можеле да го променат изборниот резултат.

Последните претседателски избори се одржаа во 2019, а парламентарните во 2020 година. Изборите во мај ќе бидат 11 парламентарни од осамостојувањето на државата, додека претседател ќе се бира по седми пат, вклучувајќи го и првиот од двата мандата на Киро Глигоров кој беше даден врз основа на избор од страна на Собранието согласно тогашните уставни решенија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG