Претседателските и парламентарните избори што ќе се одржат годинава во Северна Македонија ќе ја чинат државата околу 12 милиони евра, вели претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски.
Во интервју за МИА, тој посочува дека оваа сума е со тенденција да се зголеми најмалку до 15 милиони евра.
„Ние кога се договаравме со министерот определивме една сума, меѓутоа после кога отиде буџетот во Собрание, многу се скрати. Не можам прецизно да ви кажам. Се надевам дека за некои дејствија ако биде потребно ќе се надополни Буџетот. Јас реков околу милијарда денари, сега е 600 и нешто милиони, меѓутоа најверојатно таа бројка ќе се зголеми. Сега тука многу е битно дали е сметана платената политичка кампања. Ако ја сметаме тогаш тоа ја зголемува бидејќи се работи за поголема сума, меѓутоа ние никогаш не ги земаме предвид тие бидејќи ние сме како сервис, како дистрибутери на таа операција“, вели Даштевски додавајќи дека дополнителни пари „влече“ и гласањето на дијаспората.
Според договорот од средбата на лидерите на политичките партии одржана во декември, првиот круг претседателски избори треба да се одржи на 24 април 2024 година, а две недели подоцна – 8 мај, ќе биде вториот круг. На 8 мај ќе се гласа и на редовни парламентарни избори.
Парламентарните избори во Северна Македонија ќе бидат 11-ти по ред од 1990 година. На претседателски, пак, македонските граѓани годинава ќе гласаат по седми пат откако првпат шеф на државата на непосредни избори се бираше во 1994. Првиот мандат на претседателот Киро Глигоров од 1991 година беше врз основа на избор од Собранието.