Вести
Северна Кореја најави посета на Путин „во блиска иднина“

Северна Кореја на 21 јануари објави дека се согласила на понатамошна стратешка и тактичка соработка со Русија со цел да се воспостави „нов мултиполаризиран меѓународен поредок“.
Двете земји работат на градење обединет фронт пред се поголемите тензии со САД, пишува АП.
Севернокорејското Министерство за надворешни работи исто така соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин ја потврдил својата подготвеност да го посети Пјонгјанг и рече дека тоа би можело да дојде „во блиска иднина“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно оваа недела изјави дека Москва се надева дека посетата ќе биде договорена и дека Путин ќе отпатува во Северна Кореја „во догледна иднина“.
На продлабочувањето на врските меѓу Москва и Пјонгјанг од страна се гледа со сомнеж и загриженост.
Се верува дека Северна Кореја ја снабдувала Русија со муниција и балистички ракети кои биле користени во инвазијата на Украина.
И Пјонгјанг и Русија ги отфрлија обвинувањата на Вашингтон и Сеул за пренос на оружје од Северна Кореја во Русија.
Претходно оваа недела, Русија ја потврди својата блиска соработка со Северна Кореја за време на тридневната посета на Москва на министерот за надворешни работи Чое Сон Хуи.
Министерството за надворешни работи на Северна Кореја во неделата го осуди Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) за свикувањето итен состанок по најновиот балистички тест на земјата.
Севернокорејското министерство соопшти дека пробното пукање на 14 јануари е една од редовните активности на земјата за подобрување на одбранбените способности и дека тоа не претставува закана за нејзините соседи.
Јужна Кореја во четвртокот го повика Советот за безбедност на ОН да го „скрши молкот“ за ескалацијата на севернокорејските ракетни тестови и закани.
Русија и Кина, и двете постојани членки на Советот за безбедност, ги блокираа напорите предводени од Соединетите Држави за заострување на санкциите кон Северна Кореја поради нејзините неодамнешни тестови на оружје, нагласувајќи ги поделбите што се продлабочуваат околу војната на Русија против Украина.
види ги сите денешни вести
Израелскиот парламент го одобри клучниот закон од контроверзните судски реформи

Израелскиот парламент во четврток (27 март) го одобри клучниот закон кој е дел од контроверзната судска реорганизација на земјата. Критичарите велат дека со законот има за цел да се овозможи поголемо политичко влијание при назначувањето на судиите.
Правните експерти постојано предупредуваат дека реорганизацијата на судството што ја турка десничарската влада ја загрозува израелската демократија.
Новиот закон предвидува деветчлената комисија за именување судии, наместо двајца претставници на адвокатската комора, да биде составена од еден адвокат избран од власта и еден адвокат избран од опозицијата. Дополнително, предвидено е право на вето за претставниците на извршната власт при изборот на судии.
Вкупно 67 од 120 членови на парламентот, или Кнесетот, гласаа за предлогот по повеќечасовна дебата.
Опозицијата го бојкотираше гласањето и најави дека ќе го укине законот доколку ја формира идната влада на Израел. Против законот најавени се и тужби пред Врховниот суд.
Десничарскиот конзервативен премиер Бенјамин Нетанјаху и неговите сојузници долго време го критикуваат судскиот систем во Израел дека е премногу моќен и дека премногу се меша во одлуките на извршната власт.
Плановите на неговата влада за реорганизација на судството доведоа до повеќемесечни масовни протести и предупредувања за уништување на демократската рамнотежа во земјата.
Кина ја отфрли понудата на Трамп за царински олеснувања во замена за продажба на ТикТок

Кина денеска ја отфрли понудата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе и даде царински отстапки во замена за продажба на апликацијата TикТок, во сопственост на кинеската компанија „Бајтденс“ (ByteDance).
„ТикТок“ е под закана дека ќе биде забранет во САД, доколку нејзината кинеска матична компанија „Бајтденс“ не се согласи да го продаде својот удел во своите операции во САД.
„Кога станува збор за TикToк, Кина постојано го изразуваше својот став. Позицијата на Кина против наметнување дополнителни царини е исто така кохерентна и јасна“, рече Гуо Диакун, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа (26 март) изјави дека би можел да ги намали тарифите за Кина за да помогне во затворањето на договорот за продажба на TикToк, кој е под закана од забрана во САД.
„Кина ќе мора да игра улога (во продажбата на апликацијата), можеби тие ќе мора тоа да го одобрат, а тоа ќе го направат, можеби ќе им дадам мало намалување на царините“, рече Трамп синоќа, говорејќи во Белата куќа.
Тој ова го изјави вчера кога најави нови увозни тарифи од 25 отсто за сите автомобили и автоделови кои влегуваат во САД.
Судот ослободи од притвор двајца турски новинари и еден фотограф на АФП

Турски суд одлучи денеска (27 март) да го ослободи фотографот на новинската агенција АФП, Јасин Акѓул, кој беше уапсен неделава од турските власти под обвинение дека учествувал во забранетиот протест, што како новинар го следел во Истанбул, објави АФП, повикувајќи се на неговиот адвокат и Турската асоцијација за медиуми и правни истражувања за човекови права (MLSA).
Денеска беше донесена и судска одлука за ослободување на уште двајца од шесте други новинари приведени по истото обвинение во понеделникот во Истанбул, кои исто така беа уапсени. Станува збор за хонорарниот фоторепортер Булент Кулач и репортерката Зејнеп Курај.
Во текот на денешниот ден се очекува тројцата да бидат ослободени од притвор.
Новинарите беа уапсени во раните утрински часови во понеделникот во нивните домови под обвинение за учество во собири забранети од владата што ја зафатија земјата поради апсењето на опозицискиот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу на 19 март, пренесуваат француските медиуми.
Притворот на новинарите го осудија голем број новинарски организации.
Судот на БиХ нареди издавање меѓународни потерници за Додик и Стевандиќ

Судот на Босна и Херцеговина издаде наредба за распишување меѓународна потерница за претседателот на Република Српска, Милорад Додик и претседателот на Националното собрание на тој ентитет, Ненад Стевандиќ.
„Издавањето налог за апсење е во надлежност на Националното централно биро на Интерпол“, потврди Судот на БиХ за Радио Слободна Европа на 27 март лица.
Како основа за издавање на налогот за апсење, Обвинителството на БиХ наведе дека Додик и Стевандиќ „користејќи ги високите позиции во ентитетот Република Српска, ги избегнале законски пропишаните процедури за гранична контрола, ја преминале државната граница и ја напуштиле Босна и Херцеговина“.
Судот на БиХ изјави дека осомничениот Додик моментално се наоѓа во Израел, а дека осомничениот Стевандиќ, избегнувајќи ги законски пропишаните контроли, дури на 18 март 2025 година се вратил во БиХ од Србија.
„Сè укажува на веројатноста Додик и Стевандиќ да бидат во странство во секој момент“, соопшти Судот на БиХ.
Додик, Вишковиќ и Стевандиќ се осомничени за напад на уставниот поредок, а по нив е распишана централна потерница во Босна и Херцеговина. Секоја од 16-те полициски агенции во Босна и Херцеговина треба да ги уапси.
Каде е Додик?
Милорад Додик, претседателот на ентитетот Република Српска, е во Израел, каде што учествува на конференција за антисемитизам во Ерусалим во среда и четврток 26 и 27 март, додека за негово апсење е распишана потерница во Босна и Херцеговина.
Додик претходно пристигна во Израел со владин авион на РС од Белград.
Ден претходно, под сè уште неразјаснети околности, тој ја премина границата меѓу Босна и Србија, кога отиде во Батајница, во близина на Белград, да ја одбележи годишнината од бомбардирањето на НАТО.
Граничната полиција на БиХ соопшти дека води истрага за преминувањето на државната граница од страна на Додик, а на меѓународниот граничен премин Рача меѓу Босна и Херцеговина и Србија нема гранични порти.
Што му претходеше на барањето за притвор?
Барањето за приведување на највисоките функционери на РС доаѓа за време на турбулентниот период што уследи по првостепената пресуда на Додик на 26 февруари пред Судот на БиХ на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција поради непочитување на одлуките на високиот претставник.
Ден по пресудата, Националното собрание на РС усвои неуставни закони со кои се обиде да ја забрани работата на Судот и Обвинителството на БиХ, Државната агенција за истрага и заштита (СИПА) и Високиот судски и обвинителски совет во тој ентитет.
На 7 март Уставниот суд на БиХ донесе времена мерка и го запре спроведувањето на законите донесени од ентитетскиот парламент.
Потоа, властите на РС продолжија со своите неуставни активности, вклучително и разгледување на нов Устав на ентитет на парламентарната седница на 12 март, кој предвидува РС да биде „држава“, формирање ентитетска војска и укинување на Советот на народите на РС.
Во Париз се оддржува самит на „Коалиција на подготвените“ за мир и безбедност во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска (27 март) организира уште еден самит на „Коалицијата на подготвени “ за мир и безбедност за Украина, по низата состаноци одржани во Париз и Лондон во последните недели со цел да се воспостават безбедносни гаранции за Киев како дел од можниот иден мировен договор со Русија, што се обидуваат да го постигнат САД, предводени од Доналд Трамп.
Самитот, како што рече Макрон минатата недела, треба да овозможи „финализирање“ на работата на договорот за воена помош за Украина „на краток рок“, според „постојаниот и одржлив модел на украинската армија за спречување на руските инвазии“ во иднина и за „безбедносните гаранции што можат да ги донесат европските армии“, вклучително и копнено распоредување на украинска територија.
Проблематичното прашање за испраќање војници на украинска територија во случај на прекин на огнот со Русија ќе биде во фокусот на денешниот самит, наведува телевизијата БФМ.
Како што соопштија од француското претседателство, целта на состанокот ќе биде да се извлечат „оперативни заклучоци“, а агендата ќе се заснова на четири главни точки, од кои првата е натамошната воена поддршка на Украина и придонесите на секоја земја поединечно. Потоа ќе се разговара за модалитетите на „целосно примирје“, како и за подготовките за периодот што би следел по потенцијалното примирје.
Конечно, учесниците на самитот ќе разговараат за условите за распоредување на европските сили во Украина за гарантирање на мирот-иницијатива за која се залагаат пред се Макрон и британскиот премиер Кир Стармер. Оваа последна точка најверојатно ќе биде предмет на жестока дебата, со оглед на тоа што неколку европски земји веќе се спротивставија на идејата или покажаа значителни резерви во овој поглед.
Според дипломатски извор, на денешниот самит се поканети над 20 земји и од ЕУ и од НАТО, меѓу кои Велика Британија, Канада, Норвешка и Турција, а вчера во Париз пристигна и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На самитот ќе присуствуваат триесетина сојузнички земји, кои се подготвени да продолжат да и помагаат на Украина и да даваат безбедносни гаранции за евентуално примирје меѓу Москва и Киев, јавуваат француските медиуми.
Тоа ќе биде трета средба од ваков вид по состаноците во Париз на 17 февруари и во Лондон на 2 март.
Макрон вчера го прими Зеленски во Елисејската палата како подготовка за самитот на земјите од „Коалицијата на подготвените“, како што соопшти француското претседателство. Украинскиот претседател пред средбата изјави дека би сакал да знае „кој е подготвен“ да учествува во мировниот контингент во Украина.
Зеленски побара „поголема отпорност“ пред разговорите за европската одбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика украинските партнери да бидат „барем онолку отпорни колку што сме ние“ во однос на условите што Русија ги постави за спроведување на договорот за прекин на огнот во Црното Море.
Зеленски, зборувајќи за новинарите во Париз пред состанокот на европските лидери на 27 март, рече дека се согласил да продолжи со разговорите за прекин на огнот во Саудиска Арабија за да се обезбеди продолжување на американската помош и размена на разузнавачки информации.
Белата куќа соопшти дека разговорите резултирале со договор „да се развијат мерки за спроведување“ на неодамнешните обврски за запирање на нападите врз енергетските капацитети и прекин на огнот во Црното Море.
Но, Русија бара да се исполнат голем број услови, вклучително и олеснување на санкциите, во замена за придржување до договорот.
„Тие поставуваат услови за санкции на американската страна. Ако Америка остане силна, ние стоиме на сопствената земја и се браниме“, рече Зеленски и додаде:
„Ја покажавме нашата издржливост. И сега е многу важно нашите партнери да бидат барем толку издржливи како нас, иако имаат повеќе способности“, им рече тој на новинарите.
На прашањето дали верува дека Американците ќе останат силни, тој одговори:
„Се надевам дека е така. Бог да ги благослови тие“.
Зеленски, исто така, рече дека про-Кремљ коментарите укажуваат дека некои од американската страна биле „под влијание“ на руските наративи за конфликтот, што го ослабува притисокот врз Русија.
„Не можеме да се согласиме со овие наративи. Се бориме за себе и ќе се бориме против овие наративи каде и да се појават, бидејќи едноставно нема друг начин“, рече тој.
Тој ги наведе коментарите на американскиот претставник за Блискиот Исток Стив Виткоф, за кој рече дека „често ги повторува наративите на Кремљ“.
„Разговарав со претседателот Трамп многу пати и работиме на разузнавачко ниво за да размениме вистински, вистинити информации. Затоа што изјавите на Виткоф се главна пречка за нас“, вели Зеленски.
Тој се состана со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, кој на 27 март ќе биде домаќин на делегации од „коалицијата на подготвените“ - група сојузници на Украина кои сакаат да му помогнат на Киев и да обезбедат траен прекин на огнот со Русија.
„Ова е одлучувачка фаза за ставање крај на војната за агресија“, рече Макрон на заедничката прес-конференција со Зеленски на 26 март.
Макрон ја обвини Русија дека покажува „желба за војна“ и инсистираше на тоа дека Москва мора да го прифати 30-дневниот прекин на огнот „без предуслови“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека Вашингтон ќе ги процени условите на Москва.
„Ќе го оцениме тоа. Некои од тие услови вклучуваат санкции кои не се наши - тие припаѓаат на Европската Унија“, рече Рубио на прес-конференција во Јамајка на 26 март. Макрон, сепак, во Париз рече дека нема да ги укине санкциите бидејќи е „премногу рано“ за тоа.
Стејт департментот соопшти дека Рубио на 26 март разговарал со францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро за ставање крај на руско-украинската војна.
Рубио ја нагласи „одлучноста на Трамп да постигне траен мир преку преговори и нагласи дека Соединетите Држави ќе продолжат да работат со Франција кон таа цел“, рече портпаролката Тами Брус во изјавата.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент во интервју за Фокс њуз на 26 март рече дека верува оти Трамп „нема да се двоуми да ги заостри санкциите, доколку тоа му даде предност во преговорите“. Тој додаде дека заострувањето или олеснувањето на санкциите ќе зависи од понатамошните активности на руското раководство.
Бесент, исто така, рече дека САД и Украина би можеле да потпишат договор за природни ресурси следната недела.
„Дадовме завршен документ за економско партнерство. Тој во моментов се разгледува од страна на Украинците и се надеваме дека целосната дискусија ќе започне следната недела и можеби дури и ќе бидат ставени потписи“, рече Бесент.
Договорот требаше да биде потпишан на 28 февруари за време на последната посета на Зеленски на Вашингтон, но церемонијата на потпишување беше одложена по жестоката дискусија меѓу Зеленски, Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс во Овалната соба.
Поранешните градоначалници на Кочани, Димитриевски и Илијев одат во куќен притвор

Мерката ефективен притвор за поранешните градоначалници на Кочани, Ратко Димитриевски и Николчо Илијев е заменета со куќен притвор, а во куќен притвор оди и поранешна директорка на Државниот пазарен инспекторат. Ваква одлука донесе Основниот суд во Кочани постапувајќи по жалбите на 17 осомничени за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На останатите 14 лица одбиени им се жалбите и за нив е потврдена мерката притвор.
Од Обвинителството нагласуваат дека е поднесена жалба пред Апелицискиот суд во Штип на одлуката за двајцата градоначалници за кои се бара враќање на мерката ефективен притвор.
Во притвор останува актуелниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов кој по трагедијата поднесе оставка од функцијата.
Во пожарот што е случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март загинаа 59 лица, а околу 200 повредени се лекуваат во болниците во земјава и странство.
Кенија го призна Косово

Кенија, една од африканските земји, официјално ја призна независноста на Косово на 26 март, потврди косовската претседателка Вјоса Османи, наведувајќи дека признавањето е од нејзиниот колега Вилијам Руто.
Со ова признавање, бројот на земји кои ја признаваат независноста на Косово се зголеми на 118, покажуваат податоците на косовските власти.
„Република Косово ја поздравува одлуката на Република Кенија да го признае Косово како независна и суверена држава, преку одлука потпишана од претседателот Руто, која и официјално е упатена до Претседателството“, напиша Османи на својот Фејсбук профил.
Признавањето на Косово од страна на Кенија е прво во последните четири години.
Веста во јавноста претходно ја соопшти поранешниот косовски претседател Беџет Пацоли, наведувајќи дека признавањето од Кенија дошло „на незаборавна церемонија“ во средата.
Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, но официјален Белград не ја признава. Двете страни водат разговори за нормализирање на односите од 2011 година, со посредство на ЕУ.
Речиси немаше нови признавања на Косово во последниве години, а последното дојде од Израел во 2021 година како резултат на Вашингтонскиот договор за економска нормализација на Приштина и Белград.
Пацоли изјави дека признанието од Кенија е негова заслуга и дека „од 2009 година тој лично лобирал и разговарал со кениските власти овој ден да стане реалност“.
„Оваа победа не дојде случајно. Тоа е плод на долга, неуморна работа“, напиша Пацоли.
Претседателката Османи истакна дека особена благодарност за признавањето на Косово упатува и до Пацоли. Таа изјави дека односите меѓу Косово и Кенија ќе се продлабочат во различни области.
Четворица американски војници исчезнаа во Литванија по вежба во близина на границата со Белорусија

Околу 24 часа не е позната судбината на четворицата американски војници и нивното возило, кои исчезнаа по вежба на полигонот Пабрада во Литванија, на приближно 10 километри од границата со Белорусија.
Во соопштението на 26 март, литванската војска соопшти дека војникот бил пријавен за исчезнат во 16:45 часот. по локално време на 25 март, а официјалните известувања стигнаа до властите во Вилнус до 19:20 часот.
Во моментов е во тек операција за пребарување во која учествуваат војници, спасувачки служби и пожарникари. И литванската полиција покрена истрага.
Литванските власти дадоа малку детали, а Гинтаутас Цјунис, воен портпарол, потврди само дека станува збор за „странски војници“.
Американските власти не го коментираа јавно ова прашање.
Гедримас Јаглинскас, претседател на парламентарната комисија за национална безбедност и одбрана, за државното радио ЛРТ изјави дека знаел за исчезнувањата, но не даде дополнителни информации.
„Има барање од војската и од силите кои ги спроведоа вежбите во овој момент да ја задржат дискрецијата и да не даваат никакви коментари. Да го почитуваме ова, да дозволиме да се спроведат сите процедури. Вклучена е и полицијата и сите елементи кои треба да бидат вклучени, истрагата е во тек“, рече тој.
Претседателот Гитанас Наузеда им рече на новинарите дека „континуирано добива информации што сè уште не може да ги потврди“, додавајќи дека јавноста ќе биде целосно информирана штом ќе бидат проверени деталите.
Попов: Невладеење на правото и коруптивноста на системот резултираа со масовни несреќи

Редовното годишно собрание на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) почна со минута молк во слава на жртвите во трагедијата во Кочани, а претседателот на Академијата, Живко Попов, изрази сочувство во негово име и во име на членовите до семејствата на починатите во пожарот во Кочани.
„Во овие моменти на длабока тага, сепак, има и нешто светло, а тоа е навремената и компетентна реакција на здравствениот систем и државните институции, пред се МВР и Јавното обвинителство, кои покажаа дека во тешки, кризни моменти сепак имаат капацитет да реагираат соодветно. Тоа дава надеж дека оваа држава доколку продолжи да се менува на ваков начин, нејзините граѓани ги очекува многу посветла иднина“, рече Попов.
Во опсежното експозе по првата година од неговиот мандат, претседателот на МАНУ укажа на сеприсутност на партизацијата во институциите и „децениското невладеење на правото и коруптивноста на системот“ кои, како што рече, довеле до девастирана држава со нефункционални институции.
„Како резултат на тоа во последните години ни се случија неколку масовни несреќи, меѓу кои и последната голема трагедија во Кочани. Потребна е целосна поддршка на енергичните напори и заложби на институциите на државата за расчистување на истите. Верувам дека е возможно рестартирање на државниот систем и доколку успееме на институциите да им го вратиме барем нивото кое го имаа при осамостојувањето на земјата, навистина ќе постигнеме огромен успех. Со вака конципирани институции, Република Македонија многу тешко ќе се справи со предизвиците што ја чекаат при отворање на поглавјата за членство во ЕУ“, рече Попов.
Посочи дека партизираноста е „посебно видлива во јавната администрација, во агенциите, во регулаторните тела, кои треба да бидат независни“, што, рече, „перманентно го ослабува квалитетот и капацитетот на дејствување на институциите и самата држава ја прави нефункционална“.
„Партизацијата на општеството доведе до нефункционален правосуден систем. Вистина е дека се направени повеќе квалитетни реформи во правосудството со добри решенија, но тие имаат слаба имплементација. Тоа што најмногу ја бранува јавноста е Републичкиот судски совет и Академијата за судии и обвинители“, рече Попов, според кого Судскиот совет „во неговото досегашно делување не се покажа доволно силен, убедлив и компетентен да ги наметне своите одлуки.
Зборуваше и за „руиниран здравствен систем“ на кој, рече, најголем удар му е зададен со укинувањето на Законот за Медицински факултет, што довело до распад на Клиничкиот центар и негово политизирање.
Претседателот на МАНУ се осврна и на правичната застапеност и Законот за употреба на јазиците за што рече дека е „време да се направи нивно јасно и прецизно дефинирање пропратено со правни механизми со кои ќе биде оневозможена нивна злоупотреба“.
ЕУ е наша единствена опција, порача Попов
„Мора да се реагира мудро и навремено“, изјави Попов осврнувајќи се на надворешната политика на Северна Македонија. Посочи дека перспективата на евроинтеграциските процеси на државата е „комплетно блокирана со ирационалниот спор со нашите соседи“ и дека е има „битно подобрување на нашите односи со американската администрација предводена од претседателот Трамп“.
„Тоа на поголемиот дел од македонскиот народ му влева надеж дека може да добие одредена поддршка во решавањето на билатералниот спор со Бугарија и во подобрувањето на релациите со Брисел. Република Македонија не може да биде поштедена од последиците на војната во Украина и таа мора да си го најде своето безбедно место во светот и за тоа сведочат дипломатските усилби на Владата, земјата да биде поддржана од повеќе стратешки партнери, што само може да и донесе корист на државата. Во ваква ситуација мора да се реагира мудро и навремено. Европскиот пат, сепак, е наша единствена права и реална опција бидејќи ние сме пред се Европејци“, посочи претседателот на МАНУ.
Додаде дека европскиот пат на Западен Балкан „повторно е на испит и на раскрсница и покрај јасната волја и желба на скоро сите околни соседни држави“.
„Сега ветена година е 2030, и затоа потребни се реформи и покрај евроскептицизмот кој е во пораст поради неконзистентното однесување на ЕУ и честата дисонантност на Брисел и поедини европски престолнини, при што наспроти повеќедецениските подготовки и болни реформи на земјите од Западен Балкан, се нуди брз прием на Украина, Молдавија, Грузија и др. Работите на глобално ниво се менуваат од ден во ден, од час во час. Македонија е мала и сиромашна земја, поделена по повеќе основи и мора да реагира навремено, а истовремено да чува и одредена неутралност“, истакна Попов во експозето.
Во однос на спорот со Бугарија, смета дека е одличен предлогот за одложено дејство на уставни измени за кое, како што рече, „претставува солидна основа за компромис“.
„Контактите на научниците од двете страни, повторното воспоставување на научни проекти, соработката во културата, инфраструктурното поврзување и честите контакти и разговори на сите нивоа, се разбира со запазување на нашето национално достоинство, би можеле да бидат мост на кој ќе се сретнат политичарите од двете страни заради изнаоѓање на компромис, додаде Попов.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете