Достапни линкови

Тензиите на Црвеното Море погубни за глобалната економија


Проектил истрелан од воен брод на коалицијата предводена од САД врз позициите на бунтовниците Хути во Јемен, 12 јануари 2024 година.
Проектил истрелан од воен брод на коалицијата предводена од САД врз позициите на бунтовниците Хути во Јемен, 12 јануари 2024 година.

Ударите на американските и британските сили врз позициите на јеменските Хути дополнително ја влошија ситуацијата на Блискиот Исток, што ќе има и економски последици со оглед на тоа што Црвеното Море е една од главните трговски артерии во светот.

Преку оваа рута се транспортираат 12 отсто различни стоки на глобално ниво, вклучително нафта, како и 30 отсто од контејнерската стока: од делови за автомобили, до папучи Crocs во вредност од илјада милијарди долари годишно.

Продолженото затворање на водениот пат кој е поврзан со Суецкиот канал, може да ги загрози глобалните синџири на снабдување и да доведе до повисоки цени на различни производи во клучен момент во борбата со инфлацијата.

Премиите за осигурување се речиси двојно зголемени во последните денови. Шест од десетте најголеми компании за транспорт на контејнери: Maersk, MSC, Hapag-Lloyd, CMA CGM, ZIM и ONE - во голема мера или целосно го избегнуваат Црвеното Море поради заканата од милитантите Хути.

Maersk соопшти дека ќе ги избегне Црвеното Море и Суецкиот канал, пренасочувајќи товар во вредност од околу 200 милијарди долари.

Преминот низ Црвеното Море е тежок уште од ноември, кога бунтовничките Хути ги нападнаа бродовите што пловеа кон Израел како одмазда за неговата инвазија врз Газа. Сепак, на удар се сите бродови.

Ова во голема мера влијае на глобалната економија.

Така, компанијата Tesla (TSLA) привремено го прекина поголемиот дел од производството во својата огромна фабрика за електрични автомобили во Германија поради нарушено снабдување со делови.

Цените на нафтата исто така пораснаа за околу четири отсто. Така нафтата од типот „брент“ достигна 80,75 долари за барел.

Пазарите на енергија веќе беа потресени во четвртокот на 11 јануари, откако Иран заплени танкер во Оманскиот залив. Имено, 12 отсто од нафтата и осум отсто од течниот природен гас (ЛНГ) се транспортираат преку Црвеното Море и Суецкиот канал.

„Ова е проблем и за Европа и за Азија“, рече Џон Стаперт - менаџер во Меѓународната комора за бродови која претставува 80 отсто од светската комерцијална флота.

Тој истакна дека 40 отсто од трговијата меѓу Азија и Европа се одвива по морски пат.

Најзагрозени Египет, Грција, Јордан, Шри Ланка, Бугарија

Грција, Јордан, Шри Ланка и Бугарија се меѓу најпогодените економии од овој проблем, наведува Блумберг.

Оваа состојба има катастрофални ефекти за Египет, кој во 2023 година заработи 9,4 милијарди долари од наплатата на даноците за минување на бродови.

Во јануари годинава даночните приходи се за 40 отсто помали во однос на истиот период минатата година, изјави Осама Рабие од Каналската управа, бидејќи бродскиот сообраќај е намален за 30 отсто во периодот меѓу 1 јануари и 11 јануари.

Бројот на бродови што поминале низ Суецкиот канал во овој период паднал на 544, од 777 во истиот период во 2023 година, рече Рабие, пренесе Ројтерс.

Светската банка предупреди дека прекинот на клучните транспортни рути „ги интензивира прекините во мрежите за снабдување и ја зголемува веројатноста за инфлаторни тесни грла“.

Околу 400 комерцијални бродови во секој момент во нормални околности минуваат низ јужниот дел на Црвеното Море кој е во рамките на дострелот на Хутите, изјави висок воен претставник за АП. Годишно низ Суецкиот канал минуваат 17 илјади бродови.

Суецкиот канал е една од петте најважни поморски патишта во светот и најкратката врска меѓу Азија и Европа, заедно со Ла Манш, Панамскиот Канал, Ормутскиот теснец и Малајскиот теснец.


Подолго и поскапо пловење околу ’Ртот на Добрата Надеж

Опасноста за екипажот, товарот и бродовите ги принуди превозниците да ги пренасочуваат бродовите околу ’Ртот на Добрата Надеж во југот на Африка, одложувајќи ги испораките до три недели.

Така, рутата е продолжена за околу три и пол илјади наутички милји (околу шест илјади километри) за бродови кои пловат меѓу Азија и Европа, наведува холандската банка ИНГ.

На пример, бродовите што пловат од Холандија или западноевропскиот регион преку Суецкиот канал и Црвеното Море до Тајван или Кина, патуваат околу 18.500 километри. Тој пат околу ’Ртот на Добрата Надеж е продолжен на 25.000 километри.

Сепак, повеќе од 150 комерцијални бродови ја избраа оваа подолга рута од ноември.

Се проценува дека пренасочувањето на бродовите чини до 1 милион американски долари дополнително гориво за секое повратно патување меѓу Азија и Европа, додека премиите за осигурување за бродовите што го користат Црвеното Море се зголемија речиси десет пати од почетокот на нападот на Хутите, известува американската јавна радиодифузна служба (PBS).

Францускиот CMA CGM, вториот најголем превозник во светот по уделот на пазарот, неодамна објави дека ќе ги удвои цените за превоз од Азија во Европа.

„Вкупната цена“ од пет до осум илјади долари по контејнер за главните трговски патишта што поаѓаат од Азија е од 2,5 до четири пати повисока од „нормалните нивоа“ за овој период од годината, според проценките на Џуда Левин, шеф на истражувањето во логистичката компанија Freightos.

Сепак, тоа е сè уште 45-75 проценти под нивниот врв во времето на пандемијата кон крајот на 2021 година, истакна Левин. Потоа, зголемената побарувачка за стоки од домашните потрошувачи доведе до создавање на тесни грла во снабдувањето - од недостиг на контејнери до метеж во пристаништата.

Доцнење во испораките и воздушниот транспорт

Трговците на мало, како што е шведската компанија за мебел Икеа, предупредија на доцнење на испораката и можен недостиг на одредени производи.

Слично на тоа, британскиот продавач на облека Next минатата недела соопшти дека „доколку продолжат тешкотиите со пристапот до Суецкиот канал, веројатно ќе предизвикаат одредени одложувања во испораките“.

Crocs исто така објави дека за пристигнувањето на производите наменети за Европа трае две недели подолго од вообичаеното.

Компанијата не очекува „материјално влијание“ врз своето работење, но за Си-Ен-Ен изјави дека „ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата“.

Abercrombie & Fitch (ANF) планира да користи карго авиони секаде каде што е можно за да избегне одложувања, се наведува во електронските пораки до добавувачите видени од Блумберг.

Ситуацијата би можела да се влоши во наредните недели бидејќи шпедитерите брзаат да испраќаат нарачки од Кина пред да се затворат фабриките за лунарниот новогодишен празник во земјата.

„Следните пет недели до кинеската Нова година на 10 февруари ќе бидат многу тешки за шпедитерите и превозот“, рече Филип Дамас од Drewry Supply Chain Advisors.

Суецкиот канал е дополнително оптоварен бидејќи низ него се пренасочуваше дел од сообраќајот кој порано се вршеше преку Панамскиот канал, но сега е ограничен поради големата суша.

Некои превозници кои вообичаено го користат Панамскиот канал ги пренасочувале пратките низ Суецкиот канал пред да ескалираат нападите на Црвеното Море, соопшти логистичката компанија C.H. Робинсон.

Ризик од пиратерија

Еден од дополнителните ризици што ги предизвикуваат другите рути околу Африка е растечката пиратерија во Гвинејанскиот Залив и на други места долж југозападниот африкански брег.

Според Меѓународното поморско биро (IMB) на Службата за комерцијален криминал (ICC), нигериските пиратски напади се во пораст и на највисоко ниво од 2008 година.

Од вкупно 51 пријавени напад, 31 се случиле во регионот на Западна Арика. Тоа е 19 отсто од сите пиратерски инциденти ширум светот.

Исто така, патувањето по подолги поморски патишта го зголемува ризикот од загадување на животната средина.

Нормализацијата може да трае со месеци

Извршниот директор на компанијата Maersk, Винсент Клерк, изјави за Фајненшл Тајмс дека повторното воспоставување на безбеден премин низ Црвеното Море може да потрае „месеци“.

„Тоа потенцијално може да има прилично големи последици за глобалниот (економски) раст“, додаде тој.

Потпретседателот на C.H. Robinson, Метју Барџис, изјави за Си-Ен-Ен дека глобалниот капацитет за испорака ќе биде ограничен уште некое време.

„Ќе има метеж меѓу Азија и Европа најмалку во следните осум недели поради дополнителното време потребно за користење на рутата преку ’Ртот на Добрата Надеж “, истакна Барџис.

Досега, влијанието на кризата во Црвеното Море врз главните пристаништа во Европа и САД, вклучително Ротердам, Лос Анџелес, Њујорк и Њу Џерси, беше ограничено. Но, тие се во состојба на висока готовност за потенцијални последици.

„Тоа е уште едно нарушување во синџирот на снабдување“, изјави за Си-Ен-Ен, Џин Серока, извршен директор на пристаништето во Лос Анџелес.

„Овој проблем нема да исчезне за три или четири недели“, додаде тој.

Дури и ако нападите престанат денес, што ќе им овозможи на повеќето бродови да минуваат низ Црвеното Море, ќе биде потребно долго време да се отстранат прекините и одложувањата, според C.H. Robinson.

Ризик од инфлација

Светската трговија падна за 1,3 отсто од ноември до декември, објави германскиот институт за светска економија Кил, додавајќи дека „ова е последица на нападот на товарните бродови во Црвеното Море“.

Oxford Economics очекува дека инфлацијата ќе продолжи да се намалува, но дека се уште постои ризик од пораст на цените.

Ако трошоците за транспорт со контејнери останат на сегашните нивоа - речиси двојно повеќе од она што беа на почетокот на декември, тоа би можело да ја зголеми глобалната инфлација за околу 0,6 процентни поени, рече Бен Меј - директор за глобално макроекономско истражување во компанијата, во белешка на 4 на јануари, пренесува Cи-Ен-Ен.

Продолжувањето на нарушувањето на пловидбата во Црвеното Море би било голем удар за глобалната економија, која сè уште се опоравува од различни шокови од 2020 година, почнувајќи од пандемијата „Ковид-19“, преку руската инвазија врз Украина.

Најмногу ќе страдаат регионите кои увезуваат енергија, особено во земјите со ниски приходи и Европа, која е на работ на рецесија.

Иако војната меѓу Израел и Хамас сè уште не влијаеше на цените на енергијата, прекините во транспортот преку Црвеното Море може да предизвикаат нивно зголемување.

Зголемувањето на цените на нафтата и гасот би ја одржало високата инфлација, комплицирајќи ги напорите на централните банки да ја намалат.

Нападите на Хутите на Црвеното Море од 2016 година

Нападите на Хутите се само најновите во низата нарушувања кои ја истакнаа меѓусебно поврзаната природа на поморскиот транспорт и неговата клучна улога во глобалната економија.

Во 2019 година, Иран нападна неколку танкери за нафта во Ормутскиот теснец, што поттикна многу компании да транспортираат стоки преку многу подолгиот ’Рт на Добрата Надеж.

Потоа, во 2021 година, бродот „Ever Given“ се насука во Суецкиот канал, поради што стоката на други бродови вредна десет милијарди долари беше блокирана шест дена.

Неодамна сообраќајот низ Панамскиот канал, преку кој се транспортираат пет проценти од стоката во светот, беше во голема мера блокиран поради сушата.

Пред нас турбулентни води

Откако Хутите нападнаа комерцијални и американски воени бродови во 2016 година, Вашингтон возврати со оружје, што ги натера јеменските бунтовници да се повлечат.

„Ако Соединетите Држави сакаат да ја заштитат слободата на пловидба во и околу Црвеното Море, ќе мора директно да се борат против Хутите“, рече Стивен Кук од Советот за надворешни односи.

Сепак, таквите удари може да го зголемат ризикот од регионален конфликт во кој ќе биде вклучен Иран.

Според PBS, Хутите „отворено уживаат“ во идејата за војна со Соединетите држави и за разлика од 2016 година, тие повеќе не се заглавени во конфликт со нивниот северен сосед, Саудиска Арабија.

Затоа, секоја опција што може да ја преземе Западот има „сериозни недостатоци“, пишува Брус Џонс од Институтот Брукингс.

„Има изобилство на тензии и лоши опции во Црвеното Море - но тие се исто така предвесник на тешки избори и бурни води пред нас“, вели Џонс.

XS
SM
MD
LG