Достапни линкови

Растот на платите во сенка на инфлацијата, слаб ефект од државните мерки


Граѓани во Скопје.
Граѓани во Скопје.

Избори се ближат, а власта ветува покачување на платите. Синдикатите алрмираат дека животниот стандард опаѓа, со трошоци кои ги надминуваат приходите на граѓаните. Оние граѓани со кои разговараавме, велат дека цените се толку високи што платите и пензиите се доволни само да можат да преживеат.

Со влегувањето во изборна година во која ќе се гласа на претседателски и парламентарни избори, власта се повеќе се фали дека платите растат, додека истовремено податоците на синдикатите покажуваат зголемување на потрошувачка кошничка на 56.522 денари за едно четиричлено семејство. Сега месечните трошоци на едно семејство се зголемени за 13.359 денари во однос на декември 2022 година.

Оваа бројка ја доби Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) според нова методологија за пресметување на синдикалната потрошувачка кошничка. Новите пресметки покажуваат дека две минимални плати не се доволни за да се покријат основните месечни трошоци на едно семејство. Освен вработените, месечните примања не се доволни за голем број пензионери чии пензии не стигнуваат ниту за храна.

Недостоен живот за пензионерите

Мица Тодосовска е пензионерка која месецот го поминува со пензија од 14 илјади денари. Таа ни раскажа дека од минатиот месец добива плус 2.000 денари месечно како дел од деветтиот пакет економска помош на Владата. Таа помош ќе ја добива пет месеци.

„Тие пари добро ми дојдоа, да ми дадат уште толку добро ќе биде. Инаку и јас и мажот ми сме пензионери. Мојата пензија половина оди за сметки, половина за лекови. Ние пензионерите навистина живееме недостоинствен живот. Ние со нашите пензии само преживуваме“, вели таа.

Пензионерите и вработените во администрацијата повеќе од минатото лето наваму повеќе пати протестираа поради ниските плати и пензии, а незадоволството кај нив особено се зголеми откако функционерите своите плати ги зголемија за 78 отсто.

Цените постојано растат

Емилија од Скопје ни раскажа дека чувствува оти постојано растат месечните трошоци за храна, особено кај одредени производи и покрај воведените антикризни мерки на Владата со листата на производи со „гарантирана цена“ кои беа продолжени до 31 јануари.

Секое влегување во продавница се трошат минимум 1.000 денари за неколку производи, требаат минимум 6.000 денари за храна за една недела, додава таа:

„Забележувам дека цената на кашкавалот е иста и кај некои безалкохолни пијалаци, но месото постојано се покачува, некои салами, некои видови на сирења. Секој ден имаме поскапувања, не само во однос на храната, туку буквално се“, вели Емилија.

Владата со нов закон ќе спречува нефер трговски практики

Владата деновиве го усвои законот за заштита на потрошувачите на предлог на Министерството за економија и наведе дека ако некои права на потрошувачите се повредени со користење на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики од страна на трговецот, законот треба да овозможи тие да имаат право на надоместок на штета која ја претрпеле, како и на сразмерно намалување на цената, а за трговците добијат глоби и санкции за забрана за вршење на дејноста.

Министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за Радио Слободна Европа смета дека пратениците во Собранието ќе успеат да го донесат законот до 31 јануари бидејќи, до кога важат мерките за производите, бидејќи законот е предложен со европско знаме. Ако законот биде усвоен, мерките ќе бидат укинати, додава Бектеши.

Бектеши за Законот за нефер трговски практики: Што ако не биде усвоен?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:09 0:00

Министерот за економија смета растот на платите во изминатава година просечно поголем од растот на цените.

„Ако се прави споредба на растот на платите во последната година, на просечна или минимална, или во различни категории, тој е поголем од инфлацијата“, вели Бектеши.

Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека растот на инфлацијата во 2023 година бил 9,4 отсто во однос на 2022 година, а индексот на цените на мало е 7 проценти.

И покрај тешкотиите поради високите цени на храната со кои се соочуваат граѓаните, власта смета дека спроведува успешни економски политики велејќи дека со тоа растат платите во сите сектори, како што наведува владејачката партија СДСМ.


Инфлацијата ги јаде покачувањата на платите

Но, спротивно на тврдењата на министерот за економија Бектеши, економскиот аналитичар Арбен Халили смета дека животниот стандард на граѓаните се намалува особено поради континуирано високата стапка на инфлацијата.

„Ветувањата на државните претставници дека ќе има зголемување на платите секако е за поздравување, но споредбено со тоа колку инфлацијата им зема на вработените, гледаме дека сме во длабока негатива и не може од тоа да се земаат политики поени за изборите што следат“, вели Халили.

Синдикалната потрошувачка кошничка покажува дека само во период од една година минималните месечни трошоци на едно семејство се зголемени за 13.359 денари, споредено со сумата која требале да ја потрошат во декември 2022 година.

За оние четиричлени семејства кои плаќаат кирија, синдикалната кошничка изнесува 78.846 денари. Тоа е за 21.324 денари повеќе од оние 56.522 поради трошоците за станарина, вода, струја и греење, според новата методологија на пресметување којашто ја изработиле двајца универзитетски професори и поранешни министри за финансии Никола Поповски и Драган Тевдовски, објави Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

ССМ бара повисоки плати

Од ССМ велат дека новата пресметка на синдикалната кошничка е силен аргумент дека платите на работниците треба да бидат зголемени. Тие велат дека пратениците го игнорираат нивното барање за зголемување на платите на вработените, но и на пензионерите.

„Ниту една политичка партија, ниту еден пратеник не се одважи на нашиот предлог за измени на законот. И позицијата и опозицијата сложно молчат кога станува збор за нивните плати. Нас работниците и пензионерите тоа не лути, односно дека нема зголемување за нас, а за нив има“, изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов. Од ССМ велат дека повисоки плати треба да добијат и вработените во приватниот сектор.

Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека просечната изнесува речиси 39.000 денари. Минималната плата е 20.175, а ако се зголеми од април ќе изнесува 23.000 денари.

Од владејачката СДСМ деновиве се пофалија дека нивните политики се успешни и дека растат платите. Од партијата велат дека за над 100 проценти биле зголемени месечните приходи на војниците, а дека на вработените во МВР платите им се зголемени за 35 проценти.


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак ја обвинува власта дека долго време не може да се справи со високата инфлација.

„Сведоци сме дека имаме 50 проценти поголема инфлација од еврозоната, каде се наоѓаат нашите најголеми трговски партнери. Додека во Македонија се живее полошо од пред 7 години. Денес во Македонија се живее полошо од сите земји во соседството од БИХ до Албанија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

И покрај растот на платите, во измината две години имаше енормно зголемување на цените на храната, со што вредноста на приходите значително се намали. Инфлацијата го достигна пикот во ноември 2022 година кога се искачи на скоро 20 проценти. Повисоките плати имаат помала вредност, бидејќи граѓаните можат да купат помалку производи споредено пред една или две години.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG