Достапни линкови

Голема е конкуренцијата за Оскар за политичка глума


Кирковски-Политичките шеги не го смеат народот
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:21 0:00

Кирковски-Политичките шеги не го смеат народот

Имаме доста политичари кои би можеле да добијат Оскар. Можеби би можел да ја издвојам последната градоначалничка и сиот сообраќаен хаос кој ни се случува во градот (Скопје) и овој „прекрасен воздух“ што го дишеме. Во конкуренција за Оскар влегуваат и Министерство за образование, Министерство за здравство, судството, вели актерот и стенд ап комичар Бојан Кирковски во интервју за Радио Слободна Европа

Кирковски, вработен сте во Театарот за деца и младинци, член на независниот театар „Артопија“, стенд ап комичар. Во која од овие три животни улоги најдобро се снаоѓате?

Ова снаоѓате ме потсетува на татко ми и мајка ми кога ќе ме испратеа порано со, оди снајди се некаде. Цел свет додека пробува да има успех во своите кариери, ние сѐ уште се снаоѓаме. Сакам да кажам дека можеби повеќе уживам во овие три професии, ако можам да кажам дека се различни професии.

Секоја има различна одговорност. Во Детскиот театар ја имам одговорноста за целата таа публика која треба да порасне, и која треба да однесе со себе некое образование и некоја култура за театар. Со Артопија го имаме оној политички или социјално ангажиран театар, каде што можеме да искритикуваме некои работи. И тука е стендапот каде што можеме да се забавуваме, да ги исмееме сите, да се исмееме себе си ѝ сиот овој апсурд што ни се случува.

Ако хипотетички сте дел од комисија која доделува Оскар или можеби ЕМИ награда за најдобра серија, кој македонски политичар или која македонска партија би ја освоила наградата за најдобра глума пред народот?

Голема би била конкуренцијата, бидејќи мислам дека имаме доста политичари кои би можеле да добијат Оскар. Не би можел некој конкретно да издвојам, бидејќи се плашам дека ќе ми се налути некој друг. Навистина добро се трудат сите да бидат на некој начин „искрени“. Можеби би можел да издвојам некој градоначалник, можеби последната градоначалничка и сиот сообраќаен хаос кој ни се случува во градот и овој „прекрасен воздух“ што го дишеме. Можеби би ги издвоил нив, за Оскар, а тука е голема конкуренцијата, влегува и Министерство за образование, Министерство за здравство, случајот „Онкологија“, судство. Мислам дека ќе има голема борба.

Тоа е во однос на глума пред народот, но како би ги поделил по категории македонските политичарите или партии во номинации за Оскар?

Сигурно би било по награда за харизматичен лажго, награда за брутален лажго, награда за „искрен“ лажго, награда за странски лажго, потоа за лажго од странско говорно подрачје. Тука има многу жанрови, од време на време имаме акциона демократија, од време на време имаме хорор демократија. Комплицирано е мислам дека треба да седнеме и убаво тоа пак да го разгледаме.

Кога сме кај стенд ап комедија, што ги смее најмногу луѓето – политичките шеги или шеги за секојдневието?

Тоа баш го размислувам и забележувам во последно време, политичките шеги не се оние што многу го смеат народот. Сакаат да слушнат, ама не се опуштаат да се насмеат, некако проверуваат кој е тука, да не има некој од страна. Некако повеќе се возбудува народот ако исмееш некој пејач, ако исмееш некоја нормална работа, или некој покутар карактер, да го фатиш од човек. Како луѓето да сакаат да се смеат на послабиот, чудно е. Не се смеат толку често на политичари, и не знам дали е тоа од страв или од тоа што им е дојдено преку глава, ама мислам дека повеќе се смеат на шеги за секојдневниот живот.

Во јавноста се добива чувство дека живееме во еден вид на политичката сатира, па колку таквиот хумор како производ во ова општество може да се продаде?

Ние живееме во една ситуација на апсурд, Кафка кога би дошол сега да пишува и да го ставиме во некоја македонска институција, на пример во Матично, човекот ќе рече ова е премногу и за мене, мислам дека ќе ја фрли тетратката и ќе рече ова е премногу и за мене. Ова не знам колку е хумор, колку е трагедија и колку е апсурд, но мислам дека материјалот е сосем доволен, има доволно „месо“ за да се работи.

Целото интервју со актерот Бојан Кирковски може да го погледнете во видето на почетокот на текстот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG