Достапни линкови

ПАНФИЗ – како огледало на животот, мечтите и соништата


Илустрација ПАНФИЗ
Илустрација ПАНФИЗ

Со премиерната изведба на претставата „Некое друго време“ во кореографија и режија на Ирена Лозинска, овој четврток на 28 април, на Големата сцена во Македонскиот народен театар, започна јубилејното 15-то издание на Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар ПАНФИЗ

На македонската културна сцена по 15-ти јубилеен пат ќе и се случи Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар ПАНФИЗ, манифестацијата која буквално деценија и половина опстојува „на мускули“. Која се вози на идејата на неколкумина врвни актери и вљубеници во пантомима и физички театар за овој вид на уметничко творештво и едукација на кадри во дадениве услови на образование, нивното до бесконечност „разбирање“ на приликите и на вродениот инает дека страста и не може да биде стивната.

Дека уметноста и потребата за едно поинакво изразување кое е глобална и ценета реалност не треба да бидат фрлени на буниште. И, толку. Без било каква посериозна потреба во ресорните институции во земјава во која културата беше и сеуште е (до кога?) само монета за партиско пазарење. И, така еден повеќе од пристоен временски период кој наместо конечно да ја донесе реалната видливост ПАНФИЗ, за жал, го сведе единствено на случување кое сепак го има предзнакот „интернационално“ но на кое како по обичај треба да му се фрлат само трошки од масата... и одиме натаму.

ПАНФИЗ 2022
ПАНФИЗ 2022

Арно ама, за чудо неговите идејни творци и потписници, се чудна сорта и за среќа не се подготвени да потпишат „капитулација“ и фестивалот ( кој рака на срце и тоа како влегува во редот на оние кои го чинат и нашиот и не само културен идентитет) да му го предадат на минатото. Напротив.

Ете, затоа и сега го имаме и актуелното јубилејно издание со повеќе од пристојна програма. А, на него најнапред ни се случи фестивалската промоција. На големата сцена на МНТ, овој четврток, беше прикажана претставата „Некое друго време“ во кореографија и режија на Ирена Лозинска. Во неа играат актерите Ана Левајковиќ, Миа Кантарџиева-Петровска, Ева Скендеровска и Исидор Јовановски.

„Некое друго време“ претставува физички театар со танцови елементи. Самата претстава е огледало на нашиот живот. Нашите надежи, мечти, соништа, нашиот вечен копнеж по нешто кое се чини на дофат, а сепак e далеку. Свесни за времето кое минува, гледаме четири лика кои својата среќа ја оставаат во рацете на „подоброто утре“, заглавени во секојдневието. Времето поминува, а тие остануваат во својот „затвор“, препуштајќи се на милоста на судбината. Инспирацијата за овој перформанс лежи во обичниот човек, во секој од нас кој чезнее за подобро, за повеќе од само здодевен, секојдневен живот, вели кореографката и режисерка Ирена Лозинска.

Таа и со дополна дека заедно со актерите ќе се обидат „Некое друго време“, по фестивалската премиера, да го продолжи животот на некоја од домашните сцени или, пак, на некое од претстојните летни изданија на културните манифестации во земјава.

ПАНФИЗ 2022
ПАНФИЗ 2022

Ќе се потрудиме со „Некое друго време“ да гостуваме и во другите градови од нашата земја затоа што би било жално претставата да остане само на една изведба. Многу труд е вложен во подготовката од целава наша екипа, ќе рече Лозинска.

Инаку, во пресрет почетокот на јубилејното издание на манифестацијата беше отворена и изложба на плакати од досегашните изданија на ПАНФИЗ, а за сабота на 30 април, во периодот од 15 до 17 часот, е предвидено одржување на онлајн тркалезна маса со досегашните учесници на Фестивалот на тема „Пантомимата и физичкото во иднината“.

Неколку часа подоцна, од 20.30 часот во Балетската сала на МНТ, ќе биде прикажан буто перформансот „Дистанци“ на старите познаници на македонската публика – уметниците од Културниот центар „Нектан Арт“ од соседна Србија. Овој перформанс се обидува преку јазикот на буто танцот да фрли светлина врз сето она што му се случувало на еден уметник во текот на пандемијата и наметнатата изолација од светот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG