Достапни линкови

Хана Миленковска, режисерка: Чесноста не е особина, туку одлука


Плакатот за претставата „Одлука“
Плакатот за претставата „Одлука“

Во деновите од претстојниот викенд, на 5 и 6 март во 20 часот, во МKC – Скопје, премиерно ќе биде прикажана претставата „Одлука“. Станува збор за уметничко истражување за носењето одлуки чиј автор, драматург и режисер е Хана Миленковска, а коавтори и актери Мартин Ѓоргоски и Чедомир Митевски.

Одлука“ е уметничко истражување за носењето одлуки, чиј краен исход е театарска претстава. Секојдневно сме соочени со низа избори кои мора да ги направиме, некогаш мали и бенигни, некогаш непријатни. Во ова дело, ние, авторите, решивме тргнувајќи од себе од различни агли да ги набљудуваме сопствените ограничувања, начините на кои сме условувани да размислуваме, препреките што сами си ги создаваме.

Да се создаде чисто гледливо парче театар без никаков материјален влог освен нашето време, здравје и волја, се покажа како поголем предизвик од очекуваното. За среќа налетавме на одлични сојузници по пат.Тргнавме од тоа дека ќе ги анализираме одлуките што сме ги донеле досега, како поединци, но и како општество, па можеби ќе разбереме што отсега. Не сме сигурни што разбравме, но знаеме дека ни е важно тоа што го направивме. Не сме убедени во исходот, но важно ни е некој ова да го види и чуе.

Се боревме да бидеме разговетни и смели кон себе и светот. Сфативме дека сме способни да сме кохерентни онолку колку што светот во кој живееме има смисла.
И одлучивме дека тоа е во ред.

Ова ќе го запишат во своето обраќање до јавноста во пресрет на премиeрните изведби на „Одлука“, в петок и сабота, на 5 и 6 март во 20 часот во Младински културен центар Скопје, авторката, драматургот и режисерката Хана Миленковска и нејзините соработници, ко-автори и актери Мартин Ѓоргоски и Чедомир Митевски. И, кога сме тука информацијата да ја заокружиме уште со податокот дека продуцент е Дино Чупевски, графички дизајнер Матеја Николиќ, а логистичката поддршка е на КСЦ – Јадро. И, уште дека како стручни соработници се јавуваат Дамјан Дуковски, Владимир Лукаш, Евгенија Здравевска, Владимир Димовски, Калија Киселички, Драган Теодосиев и Јоана Ристевска.

И, толку околу набројувањето. Разговорот, пак, подолу е правен во еден здив. Со многу технички потешкотии и интернет клинови, но со огромна желба да се стори навреме и онака како што прилега. Чисто како потреба да се фрли зрак светлина повеќе на магијата или инаетот да се прави театар овде и сега. Да се живее културата на мускули и во вакви времиња. Посебно уметноста што ја креираат оние што допрва доаѓаат и на кои несомнено им е потребен простор за да се размавнат. Широко да ги рашират крилјата и со полн здив да ја густираат слободата на творење.

Миленковска од каде потребата, колку долго и како всушност се роди „Одлука“ како уметничко истражување и потоа како театарска претстава?

Во сите досегашни дела, на еден или на друг начин, се занимавам со прашањето на слободната волја. Една бессона ноќ, пред околу година и пол, разговарајќи со себе, сфатив дека поради начинот на живот кој сум решила да го прифатам и наративите кои ги сметам за блиски, во секојдневната интроспекција не се прашувам баш често како доаѓам до одредени одлуки. И решив тоа да го истражам . Идејата се избруси со тек на време а и околностите во кои е развивана ја скастрија во она што ќе го гледа публиката викендов.

Како автор, драматург и режисер што им беше целта на Хана и на нејзините соработници со овој проект?

Да бидеме чесни кон себе во работата е она што најчесто го повторувам како одговор на ова прашање врзано со секој нов процес и им го повторувам и на моите соработници.

Она што се изведе од тој постулат во овој процес на работа е дека чесноста не е особина, туку одлука. Одлучуваш да бидеш чесен и одговорен или не, секој ден.

Во моментов барем, мислам дека тоа е нашиот најважен консензус при создавањето на ова парче театар.

На ова би додала и дека сакавме и другите да уживаат во нашата несовршеност, како што научивме и самите да правиме низ процесов.

Обично кај нас и не само во последно (пандемиско) време се* се одвива на мускули. Од идеја до реализација. Како течеше процесот и за каков предизвик всушност се работи? Што се моравте да победите во вас и околу вас за тој да излезе на виделина?

Би рекла на мускули, но и на нерви.

Освен време и волја, друго немавме кога започнавме. Сега имаме претстава и тоа е она што е важно. Како дојдовме до тоа се гледа и во самата претстава на некој начин. Можам да зборувам дека не е лесно да се создава уметност денес, без ресурси, но сметам дека да се зборува за потешкотии при создавање театар во време како ова подразбира одредена привилегија.

Колку со „Одлука“ влегувате во сржта и модалитетите на времево во кое живееме? Или „живуркаме“ – сеедно. Се изборивте ли со себе и со демоните што лебдат над сите нас?

Во себе победувавме се‘ што ни пречи и околу нас. Да се победи инертноста и безволието во нас и вон нас е возможно само во мигот кога создаваме и само тогаш сме слободни од нив.

Се изборивме да дојдеме до сознанија кои допрва ќе треба да ги процесираме, сознанија кои ни е важно да ги кажеме иако можеби сеуште не знаеме да се справиме со нив.

Демоните се тука со нас, нив гледавме да ги ставиме во функција на создавањето убавина.

Колку оваа претстава го следи ракописот на Хана Миленковска како автор, режисер, драматург – како потписник на претстави од типот „Што е силеџија“, „Како се прави човек“, „Гига мега бајка“, „К“... Каков театар си пожелувате да правите? Кон што се стремите како автор?

Мислам дека со оваа претстава затварам еден циклус во сопствениот израз и печат. Циклус кој започна со „Како се прави човек“. Во последните три претстави се занимавав со докажување на себеси дека можам да истуркам процес како автор со сопствена идеја, да зборувам на јазикот на моето време, а сето тоа да е читко и необременето со украси.

И понатаму ќе се стремам кон истите цели но, мислам дека ми се потребни туѓи зборови, нови зборови со кои можам да влезам во костец, нови логички структури и ликови, така што ќе направам мала пауза од авторски дела. Ми треба време за нов животен багаж, овој го распакував.

Институционален или вонинституционален театар? Каде да се фаќа патот? Каде вистинските творци уживаат поголема творечка слобода?

Не знам. Мислам дека немам доволно искуство за квалитетна диференцијација.

Удобноста, стабилноста и условите за работа кои ги нуди институцијата се одлична околност и важно е за еден уметник, особено млад уметник да знае дека може да се потпре на тим на професионалци кои се тука со истата цел и кои имаат сериозна пракса зад себе. Во идеални услови, тоа би требало да ја храни творечката слобода.

Но секоја сериозна институција треба да има програмска политика и цели, па не секогаш авторските проекти влегуваат во тој план, што е разбирливо.

Јас имав среќа да наидам на одлично разбирање и поддршка за развој на авторски текст и негово поставување во мојот матичен театар, Театар за Деца и Младинци, за што сум многу благодарна и можам да кажам дека не почувствував стеги во поглед на комплетно реализирање на она што сакав да го постигнам.

Сметам дека независната сцена е одличен пат за проширување на полето на дејствување, на опсегот на публика до кој можеш да дојдеш, како и да „тестираш“ нови формати на творење.

Премиерата на „Одлука“ ќе биде во МКЦ. Има ли шанси претставата да живее на други сцени, на фестивали... дома или уште подобро во регионот?

Искрено се надевам. Претставата е технички совршена за адаптација, нема сценографија, реквизит, па дури ни некаков дизајн на костим. Ќе кажеме дека тоа е така намерно, за да можеме да патуваме со рацете в џеб и да играме каде сакаме, а не поради фактот дека избегнувавме да правиме естетски компромиси бeз буџет.

И, конечно во очекување на премиерата го сонува ли Хана својот иден проект, текст, претстава...Kаде би се фокусирала во догледен период?

Во образовниот процес ни повторуваа дека секогаш треба да имаш барем пет идеи во фиока. Во преговори сум со нови млади автори/авторки за проектите што следат. Мислам дека ми доаѓа времето да поставам и некој класик во блиска иднина, како и да отпатувам некаде надвор во нова средина за создавање, да ми се исфилтрира малку душата од контекстов во кој сум сега.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG