Достапни линкови

Родот преполовен, увозот зголемен - земјоделството под закана


Илустрација - Поле со ориз
Илустрација - Поле со ориз

Покрај намаленото домашно производство, статистиките покажуваат - земјава полека станува земја зависна од увоз. Минатата година Северна Македонија увезла храна во вредност од речиси 900 милиони евра, за разлика од 2021 година, кога во земјава се извршил увоз на храна во вредност од 700 милиони евра

Катастрофална е состојбата. По оризот годинава удираше и од небо и од човечка рака, се жали земјоделецот Тони Максимов. Тој со децении произведува ориз, но годинава резултатите се неповолни.

Родот на оризот е преполовен. Оризопроизводителите по жетвата сумираа разочарувачки резултати – наместо очекуваните 800 до 900 килограми оризова арпа од посеан декар, земјоделците едвај собраа од 400 до 450 килограми. За нив пак, ова ќе значи дека тие веќе работат со загуба, а оризопроизводителите со кои разговаравме велат причина за двојно намалениот род годинава се неповолните временски услови, но го посочуваат и човечкиот фактор.

„Годинава прво имавме временски неприлики поради кои не можевме навремено да посееме, а на крајот кога веќе се создадоа услови родот да созрее уште малку, влијаеше и човечкиот фактор, односно „АД Водостапнство Брегалница“, од каде ја запреа водата предвреме. Значи требаше површините да се полеат со вода уште еднаш до два пати, но тие предвреме ја запреа водата, бидејќи не биле во можност да ги зафатат коритата на реките, па и тоа беше дополнителен проблем“, вели за РСЕ Максимов, оризопроизводител од Облешево.

Инаку Облешево влегува под кочанското поле, а Кочани е град кој е познат по производството на ориз, а токму оризот пак е првиот заштитен производ со ознака на потекло - Република Северна Македонија.

Преполовениот род пак објаснуваат води кон пониска откупна цена, па така годинава оризарите биле принудени да вршат откуп по цена од 26 денари за кило оризова арпа, наместо 40 денари како што тие бараат, што пак за нив значи дека полека станува неисплатливо да се занимаваат со производство на ориз.

Младите ги нема, ќе треба ли да се увезува ориз?

Ниската откупна цена, лошите услови и работата со загуба, се причини младите и воопшто да не се занимаваат со производството на ориз.

„Младите ги нема, ние сме малку повозрасна генерација. Имаше некои млади кои ги вклучивме со нас, но кога видоа дека не може да се опстане од оризот, а има многу работа, се откажаа. Оризот е таква култура што, површините се поставени, а кога ќе се пушти вода во еден дел од полето, потоа се поплавува цело, па мораме да ја обработуваме површината, бидејќи ако не ја обработиме се создаваат плевели и трски, кои потоа тешко се отстрануваат. Значи има многу работа, а веќе нема ќар и затоа млади немаме“, објаснува за РСЕ Здравко Арсов, оризопроизводител и земјоделец од Облешево.

Дека еден од најголемите проблеми во земјоделскиот сектор е стареењето на работната сила- се посочува и во последната владина стратегија за развој на земјоделството. Така, во 2016 година само 4 проценти од носителите на земјоделските стопанства биле млади на возраст под 35 години. Најголемиот дел, односно 62 отсто од нив, имале повеќе од 55 години.

Поради сите овие фактори се наметнува прашањето дали можеме да се доведеме до состојба дури да треба да увезуваме ориз. Дел од оризарите тврдат дека тоа веќе се случува.

„Ние имавме средби со поранешниот премиер Зоран Заев, потоа и со заменикот министер за земјоделство, па и со министерот Љупчо Николовски, и сите тие ветија дека ќе го стават оризот на државните листи на производи со заштитена цена за да нема увоз, но до ден денеска се увезува. Имаме информации дека се врши реекспорт од Грција, односно преку морињата од земји како Виетнам, и истиот ориз поминува и преку нас“, објаснува Максимов.

Од друга страна, земји во кои исто така доста се произведува ориз, како Италија, веќе забранија извоз, мерка која иако е побарана, до денеска не е усвоена од нашата влада.

До објавување на овој текст, ниту од Владата ниту од Министерството за земјоделство, не одговорија на нашите прашања зошто не се преземени мерки за заштита на оваа култура, посебно во време кога сите оризари и генерално земјоделци апелираат дека е крајно време тоа да се случи. Одговори не добивме ниту на прашањето со кои мерки се стимулираат земјоделците, во однос на тоа дека млади во овие гранки речиси и да нема, како и на тоа и дали се преземаат мерки за намалување на трошоците за производство.

Преполовен родот во сите земјоделски култури

„Не само што станува неисплатливо да се занимавате со одгледување ориз, туку проблем се и другите земјоделски гранки, еве пченицата на пример, исто така станува неисплатлива за работа, бидејќи имате производна цена од 20 денари, а откупната е 10 денари, и не ја откупуваат“, објаснува земјоделецот Здравко Арсов.

Дека годинава навистина е намален родот во сите земјоделски култури, а не само кај оризот, сведочи и Петар Стојковски од Асоцијацијата на земјоделци.

„Целото земјоделско производство годинава е намалено – и по основ на житни култури, но и по основ на тутунопроизводство, конкретно за Прилеп, и таму е најмалку за една четвртина намалено производството. Секоја година имаме околу 26 милиони килограми тутун, а оваа година не верувам да имаме повеќе од 15 до 16 милиони килограми“, вели Стојковски за РСЕ.

Дали ова значи дека во иднина фокусот ќе треба да ни биде ставен на поголем увоз на храна, Стојковски вели дека тоа не би требало да се случува доколку државата ги стимулира земјоделците.

„Во Македонија зборот увезување не треба да постои од следна причина – имаме доволно земја, доволно сонце во текот на годината, значи ние имаме основни услови нормални за работа. Имаме дел поддршка од државата, но не целосна. Еве сега предлагаме, заштитата од плевели на пченица, но и на другите земјоделските производи, да биде стимул од државата. Бевме критикувани дека не ставаме доволно заштита и немаме добра пченица, па сега бараме државата да ни ја плати таа заштита, бидејќи ние имаме најскапа заштита во регионот. Со вакви стимулации, ќе имаме подобри услови за работа и повеќе род, па нема да се помислува на увоз од страна“, објаснува Стојковски.

Увозот на храна сепак бележи пораст

И покрај добрите услови и плодната почва, податоците на Државниот завод за статистика го потврдуваат она што го зборуваат земјоделците, односно бројките за третото тримесечје од 2023 година, покажуваат дека откупот и продажбата на сите земјоделски производи во земјава е намален за 8,2 проценти.

Од друга страна пак, статистиките покажуваат дека Македонија полека, но сигурно станува земја зависна од увоз. Па така, минатата 2022 година сме увезле храна во вредност од речиси 900 милиони евра, за разлика од 2021 година, кога во земјава се извршил увоз на храна во вредност од 700 милиони евра. Ова значи дека за само една година, вкупната вредност на увезена храна во земјава се зголемил за 200 милиони евра.

Ако се анализира увозот на производи пак, статистиките покажуваат дека најмногу се увезувало месо, но вредноста на увезеното жито и житни производи за минатата година се зголемила за дури 19 отсто во однос на 2021 година.

Земјоделците и во време на намалено производство и тешки услови за работа, бараат поголем стимул од државата, но и повеќе грижа за одредени култури, како оризот, за кого најмногу предупредуваат дека е гранка пред изумирање, иако кочанскиот ориз е еден од најбараните на Балканот.

XS
SM
MD
LG